Топла вода во јавниот сектор

Tags: 

Ја читав објавата за најновиот натпревар „Биди иновативен“ ги наградува бизнис идеите и помислив за тоа какви идеи ќе се појават на него и дали познатата „не измислувај топла вода“ ќе има некакво влијанија меѓу учесниците.

Мислам дека во општествово и стопанствово ни фали уште многу „топла вода“, па си реков која идеја што е „топла вода“ може некако да придонесе во земјава. Дали поради преголемото влијание на Берлин или поради нешто друго, првото нешто што ми текна беше автобуска линија до аеродром. Не е нешто сложено: ти требаат неколку автобуси, избор на 2-3 станици (пр. Бисер, Холидеј ин, Александар палас, последна 15-ка), договор за реклами со хотели и слично, возен ред според просечното време на полетување од аеродром (и слетување), и горе-долу тоа е тоа. Јасно е дека ова не би поминало на натпреварот, ако ништо друго, тогаш поради високите вложувања што се потребни од почеток за бизнисот да проработи.

Сепак, одлучив малку повеќе да се занимавам со идејата, и откако не успеав да сфатам зошто некој со повеќе пари или бизнис-храброст не го направил ова до сега, прашањето го поставив пред постарите и помудрите. Еве што прибрав како информација:

  • Порано (некогаш?) имало автобус до аеродром. Сега сѐ уште има автобус до селото што е (релативно) близу до аеродромот;
  • Некоја такси компанија (воглавно составена од жители на селото) го држи монополот за превезување на патници од аеродромот до Скопје. Монополот се одржува со насилство. Возачите од други компании биле бркани, а до сега имало бројни случаи на физичка пресметка меѓу „конкурентите“;
  • Затоа, најчесто, другите такси компании возат од Скопје до аеродром и потоа се враќаат празни назад;
  • Но, некои среќници, можат да возат и во обратна насока. Ако авио-патникот побара информација за превоз од некое од службениците во аеродромот, тие ќе повикаат пријател кој работи во некоја такси компанија, кој ќе дојде на аеродромот со таблата во багажник. Така ќе ги заобиколи „бариерите за влез“ на пазарот;
  • И на крај, непознато е дали е потребна посебна дозвола од градот (или друг надлежен) за сега да се воспостави нова редовна линија, но преовладува чувството дека некакви тесни интереси го менаџираат и овој хаос.