македонија

Undefined

Мухамед и планината

Tags: 

Денес (14.03.2006) јас и Дамјан требаше да одржиме предавање на тема слободен софтвер and beyond на Правниот факултет за студентите од прва година студии по новинарство. Нашето предавање беше одложено. Причината беа двајца гости од САД, новинари кои зборуваа за слободата на говор и одговорноста на медиумите. Ние се сложивме да го преместиме предавањето за идниот вторник и отидовме да видиме што Рене Каплан од CNN и Том Дауни од NYTimes и Rollingstone имаат да кажат. По „службена должност“ на предавањето дојдоа и сите студенти кои требаше нас да не слушаат.

Американциве беа кратки. Зборуваа по околу 5 минути и потоа се надеваа на прашања од публиката - а тоа баш и не се случи. Јас си мислев дека младиве новинари ќе ги посипат со прашања луѓево. Дошле искусни новинари од странство, знаат полно работи за тоа како функционира тој бизнис, работеле сериозни работи и во влијателни медиуми - човек ќе си рече прилично добра прилика за да се ќари нешто повеќе знаење. Но, џагорот од публиката и фактот што јас, Дамјан и нашиот домаќин Миша поставивме 90% од прашањата (и ја спасивме дискусијата :)) некако ми ја потврди тезата дека најголем број од студентите и не се заинтересирани за студиите на кои се запишани.

Попладнево, ние тројца плус Игор млатевме прилично празна слама на темава: зошто луѓето одат на факултет, дали се добри студиите, дали електронската евиденција е оправдана, која е улогата на професорите и родителите итн. (и може некој од нив ќе блогува нешто околу ова).

Но, она што ме мотивираше мене за овој (по се изгледа долг) блогерски запис е коментарот/прашањето на една студентка кој откри некаков анти-американизам, ксенофобија, национализам или нешто слично и кој наиде на одобрување (аплауз) од публиката (или оној нејзин дел кој не си играше со мобилните телефони).

И мислам за ова последниве неколку часа колку што сум дома. Прво не се сеќавам дека на тие години (19) јас сум имал слични ставови (предрасуди?) за американци (или било кои други) иако секојдневието ми било веројатно подеднакво исполитизирано. Второ не можам да поверувам во прикажаната игнорантност и тоа на возраст кога љубопитноста би требала да биде на највисоко ниво. Трето, ова се идните новинари, на некој начин идните „opinion makers“. Каква иднина не чека тогаш?

Еве сме. Дрндаме по блогови, мафтаме со национални стратегии за е-ова и е-она, грабаме кон ЕУ и немаме поим што се случува во главите на нашите тинејџери затворени во плитката бара - македонското општество.

Како кец на десетка ми доаѓа една приказна која ја чув пред некое време. Во неврзан разговор еден ром жали за распадот на СФРЈ. Причината поради која тој жали е отсуството на војници од ЈНА од другите републики на нашава територија. Имено, вели човеков, кога тие биле тука во војска и кога ќе дошле до прашањето секс, изборот често паѓал на девојки од ромско потекло. Ова често водело до (веројатно несакана) бременост, но исходот и не бил така лош. Се мешале и се раѓале побелени деца вели човекот. Сега таа морфолошка карактеристика, очигледно значајна за носталгичниот ром, се изгубила.

Па, прашувам: кој е крив што граѓаните на Македонија седат затворени и не можат да се мешаат никако и со никого?

Не можеме да патуваме (ете, Дамјан ќе потврди дека не можеме ни до Хрватска да одиме). Но, зошто да не повикаме луѓе да дојдат овде? Сите земји имаат визи за нас? Зошто ние да не им возвратиме со укинување на нашите визи за нив? По секоја мерка сме премногу малечки и никако не можеме да си го дозволиме луксузот на самодоволност. И ова можеби е најдобрата причина зошто ни треба (ефтин) интернет и (ефтини) компјутери. Не за е-влада, не за е-услуги, туку за идеи, за проток на информации, за отварање на очите и ширење на перспективите.

Слично како поговорката со Мухамед и планината. Ако веќе не можеме да одиме никаде (од политички, економски или други причини), барем да работиме на тоа светот да доаѓа кај нас (сеедно дали преку влез на луѓе од сите страни или бајти од сите страни), и кога ќе дојде да зборуваме, да мислиме, да прашуваме - бидејќи вака, сами, дефинитивно ќе се изгубиме.

Ефектот Дворак

Tags: 

Џон Дворак пишува колумни некаде на Интернет. Често тие колумни завршуваат како вест на Слешдот. Кога ќе завршат таму коментарите што се под тие вести во доминантен број се негативни. Слешдотерите не мислат добро за Дворак. Мислат дека пишува глупости. Мислат дека намерно го прави тоа за да привлекува посетители. Многу коментари, многу кликови до местото каде е колумната, многу промет, многу пари за Дворак. Некои слешдотери предлагаат вести за колумните на Дворак да не се појавуваат на Слешдот.

На македонските блогови актуелна е некоја песна од Неделно време од 05.03.2006 г. Го разгледував весникот кога излезе и не се сеќавам дека ја видов песната. Денес пак го разгледував весникот. Сега ја видов песната и ми текна дека и првиот пат сум ја видел, но во дел од секундата сум ја шкртнал како нешто нерелевантно. И, и денес не ја прочитав.

На македонските блогови во голема мера се дискутира со негативен тон за песната. (Може негде и со позитивен тон, ама ми се чини не видов такво место.) И додека сите дискусии за шовинизмот или правото на слободен говор се легитимни, не можам да не помислам на приказната за Дворак.

Ако е шунд, срање, лошо, зошто по ѓаволите му посветувате внимание и го правите релевантно во медиумската сфера?

Кој тргува со информации?!?

Tags: 

Денес се приклучив на групата луѓе кои ги познавам и кои добиле изненадувачки повици од некое од пензиските друштва.

Ми ѕвони телефон, ме бараат од КБ.

Прашање: од каде луѓето од КБ ППД знаат каде работам јас, за да ме побараат и да ме прашаат дали сакам да се приклучам во тој фонд?

Можни одговори: Фонд за здравствено или пензиско, завод за вработување?!?

Урбани гомна

Tags: 

Во топлите месеци во мое маало транзитираат запрежни коли од типот „Старо купујем“ и „Бостан благ“. Вториве се особено корисни за човек да не ака до пазар по лубеница. Лошата страна на коливе е што коњот што ги влече знае да направи куп гомна на улицата. Така, во лето на пример, пожелно е човек кога оди, комотен во влечки, често да гледа кон земјата, за да не се зашлапа во коњски измет. Ова особено важи пред оние комшиски дворови чии газди не се заинтересирани за тоа што смрди од улица.

За да стигнам на работа се симнувам на Ким. После низ зградите кај Бизар, до булевар и надоле (или нагоре) кон театар Центар. Вчера имаше гужва и автобусот застана кај пешачкиот премин. Се симнав и продолжив право по тротоарот, покрај Амбасадата/Канцеларијата на Р. Грција.

И така си одам, и во еден момент погледнувам надолу и пред мене куп гомна - пред големата црна грчка врата. Ако ја исклучам можноста коњ да шетал пред зградата ноќта, тогаш ако било куче, било некое куче големо колку Скуби-ду. За други опции воопшто не ми се зборува.

Веб страници

Tags: 

Значи Nextsense добил награда од Microsoft. Nextsense продаваат апликација која сами ја произведуваат, proprietary е, не знам како стои со стандарди, ама дефинитивно е многу бавна. Барем на мојот 56к Интернет, кој го имаат веројатно доминантен дел од граѓаните во земјава. Портфолиото им вклучува фирми/институции како: Алкалоид, Дневник, КИТ...

Логин системи не добиле награда. Сеедно. Тие заедно со Nextsense се главните во државава кога станува збор за правење веб-страници. Продаваат производ кој исто е proprietary, прашалник е за станарди, спор. Портфолио: Царина, Прилепкса пивара, Тутунски комбинат...

Двата прозиводи генерираат ужасни URL-a. Пример:

.....ItemID=450B44427687222F80EBTEF72B80E742 .....DesktopDefault.aspx?tabindex=11&tabid=92

Извинете, може да ми кажете каде да го видам вчерашниот број на Дневник? Да, ItemID=2148721448K9482432K89328KRE@&$!@. Лесно се памти.

Ние, во FLOSS светот, продаваме производи кои се побрзи, кои ги следат стандардите, кои можат да генерираат URL-а што личат на

/page/1

а можеби и

/broj675 или /ned.20.02.2006 (нели за Дневник).

Портфолиото на овие производи? Па да речеме НАТО, Интернационална астрономска унија, Унеско, Фолксваген.

Најдобро од се (за плиткиот ИКТ џеб), ги продаваме по цена еднаква на половина од таа што горните фирми ја нудат.

Кај нас блоговите се irc-от на 21 век!

Tags: 

Насловот кажува сѐ. Тоа е тоа што јас го мислам за подемот на блоговите во Македонија и македонската блогерска заедница и сл.

Кога бев средно ирцање беше главна фора (јас лично додуше не сум бил некој истакнат член на таа заедница :)). Денес за средношколците главна фора е (или многу наскоро ќе биде) блогирањето.

Ова не значи ништо лошо. Ирцањето беше, па помина. Сега ќе се блогира на големо. Само некој да смисли како да ги извлече квалитетните работи и да ги презентира пред интернет јавноста за да не мора да се копа по места како најди и блогерај за корисни работи.

П.С. До администраторот на планетава: Мислам да ги ширам содржините на мојов блог. Не знам во кој правец ќе оди, ама за секој случај направив нова страничка што е само за ствари кои ќе одат на планета. Затоа за овде земи фид од softver.org.mk/novica/planet и фала. :)

Приказни за мали деца

Tags: 

Еве да го завршам блогерскиот пост. Ме немало на Интернет од лани. Нити пожелив СНГ овде на блог, нити го напишав тој рекапитуларот што мислев да го напишам. Некако посакав да не им давам повеќе пари на МТНет + нема ни на кој друг да му давам пари и така, едноставно не немаше на Интернет. Јован цитирал некој тип што рекол дека проблемот не биле високите цени на Интернет услугите, ами ниските плати. Во економската теорија постои нешто што се вика willingness to pay. Ова накратко значи дека не е толку важно колку плата земам, т.е. колку пари имам, колку што е важна мојата подготвеност да платам одредена сума. Во пракса ова лесно се пронаоѓа во однесувањето на „сиромашните македонски потрошувачи“. Hint: мобилни телефони, од оние скапите.

Ова прашањево за Интернетот во државава се тегне како пуцвал. Моето силно убедување е дека единствен виновник за ситуацијата со Интернет е Владата на РМ. Ова не го кажувам дека ете сум ја фатил Владата на пик. Така е со сите добра кои се дефинирани со некакво „човеково право“ или нешто слично според ОН и други организации кај што РМ е членка. Ако Интернет навистина го третираат (третираме?) на нивото на водата, воздухот, струјата, основното образование, одбраната на државата или не знам што, тогаш апсурдно е да бараме виновници во било кој ентитет освен во Владата или друга надлежна државна институција. Јас додуше не сум на чисто дали треба или не треба Интернет да биде во ист кош со овие другите, ама мене и така нити некој ме прашал, нити сум правел стратегија за информатичко општество нити имам задача во краток рок да ја зголемам пенетрацијата на Интернет во државава.

Па зошто Интернет воопшто? Вчера Валентин Пепељуговски на некоја емисија на МТВ рече дека брзиот Интернет е виновен за ширењето на „пиратството“ (под пиратство се мисли на кршење на авторски права). АДСЛ линиите правеле некои центри за „пиратство“, а „пиратството“ да ти било еден од спонзорите на терористичките групи!

Да, авторските права се чини дека се уште еден buzz word во државава која патува кон ЕУ. Се наредиле Валентин и уште две госпоѓи од кои едната од царина и зборуваат за тоа дека буџетот губел до 20 милиони евра од „пиратството“.

Кога бев уште средно бев на некои предавања кои имаа врска со уметност. Таму меѓу другото научив дека бројките се моќна работа. Кога некој нешто ќе ти каже во бројки, те закопува и нема кај да одиш. Тоа е тоа. Сепак, секогаш ми сметало тоа што ваквите бројки никогаш не биле некако поткрепени. Некоја анализичка, табеличка, па да видиме дека навистина станува збор за такви цифри.

Ама она што мене особено ме интересира е следново: дали тие тројца луѓе кои ревносно зборуваа против злоупотебите на авторските права (и можеби уште нешто друго - не знам бидејќи после она со терористите отидов на FashionTV), се почитувачи на авторските права? Значи имаат ли дома тие луѓе „пиратско“ CD со музика или софтвер? Дали нивните деца својот „џепарац“ го трошат на оригинални дискови од нивните омилени поп икони?

Разбирам кога Бил Гејтс или некој друг од негов калибар ќе зборува против злоупотреба на авторски права, ама кога ќе ми текне на случката што ми ја раскажа еден пријател (дека го видел министерот за финансии Никола Поповски во CD-теката во подрум во ГТЦ како си купува дискови), едноставно изјавите на нашиве фаци ми се чинат смешни.

Денес се сретнав со една девојка која работи во АПЕММ. И со неа зборував за авторските права. Таа ми вели дека тие биле тие што ја скинале ХТВ2 од кабелска. Јас велам браво, и ја прашувам дали таа почитува авторски права, софтвер, музика, филмови... Таа одговара дека буџетот не и дозволувал, ама појаснува големите пари и така не се во „пиратските“ дискови, туку во телевизиите, филмовите и сл. Тоа ви е. Заштитниците на едни, кршат други права.

Абе лошо новинарство...

Tags: 

Пак Утрински весник. Не за друго, тоа читам. Денешниот (19.12.2005) Утрински има статија (не можам да најдам URL од неа на нивната веб страница) за Firefox 1.5. Полошо нешто ми се чини одамна не сум прочитал. Ај да не зборувам воопшто за тоа што има полно неточни работи во текстот... има еден куп печатни и слични грешки. Мислам насловот има „абдејт“... Ало? Не ли може да се напише „надградба“, „подобрена верзија“ или нешто слично?

Не ми се верува дека некои луѓе во државава за вака лошо пишување, и тоа во лидерски весници, добиваат пари. Јас на блогов подобро пишувам. По ѓаволите!

ФПИОМ може ли да ми подариш 60 евра + ДДВ?

Tags: 

Вчера (10.12.2005) на едукативната сесија на саем, како претставник на Слободен софтвер Македонија, зборував за замките на неслободниот софтвер за замките на неслободниот софтвер. Ја споменав и Националната стратегија за информатичко општество. Таа, уште на почетокот, во препораките за развој на информатичко општество чита:

За да можат граѓаните на Република Македонија да бидат чинители на информатичкото општество потребно е градење на кохерентни политики за да можат сите сектори да нудат е-услуги коишто ќе бидат унифицирани, стандардизирани, едноставни за користење, независни од софтверска платформа, достапни за сите граѓани без оглед на нивната локација и нивниот социјален статус, имајќи ги предвид потребите на граѓаните, а со помош на ИКТ-алатките граѓаните да партиципираат во целокупните општествени процеси, како и во процесот на донесување на одлуките на локално и на национално ниво.

Гледате: независни од софтверска платформа! Фондот за ПИОМ нуди некоја си е-услуга, дел од е-влада или не знам што. Услугата е софтвер за МППП.

Ќе видите дека овој софтвер не е независен од софтверската платформа. За да работи потребен му е Microsoft Windows 98 SE или понов и .NET Framework. Дали работи со Mono? Секако дека не. Па, што да правиме сега?

Да речеме имам фирма која мора според закон да доставува извештаи за МППП во електронска форма. (Искрено и ова ми е спорно. Не ми е јасно зошто да ме условува некој да ги доставувам податоците во електронска форма, кога можам на хартија. Значи мислам дека и овде треба да имам избор.)

Доставувањето во електронска форма во случајот на ФПИОМ и Р. Македонија значи дека јас немам право на избор. Јас не можам да одлучам каква софтверска платформа ќе користам. Можеби сакам да си користам Ubuntu или Mandriva, или можеби сум посветен корисник на Apple Mac OSX. Тоа не значи ништо. Морам да купам лиценца за Windows XP home (тоа е најевтиното што се продава во нашиве дуќани), за да можам да ги исполнувам задолжителните законски обврски во државава. Значи, трошоците ќе ми се зголемат, а јас не сакам. Сакам бесплатна лиценца за MS Windows XP.

Претпоставувам дека има некоја законска одредба која забранува вакви условувања од државата. Знам дека на времето, во лошиот социјализам, државата имала право да наложи што и од каде да се купува. Немало пазар, се било плански, бла, бла, бла. Во нашава, сега пазарна економија, државата пак сака да ме тера да користам нешто. Пазар бе.

Претпоставувам дека има и некоја законска одредба која забранува потпишување на договори против волјата на една од странките. Ова е многу поважно, ексик нека се парите. При инсталација на Microsoft Windows XP се појавува едно прозорче исполнето со End User License Agreement. Популарната EULA не е само лиценца. Тоа е нешто повеќе како договор кој што корисникот го склучува со производителот на софтверот, во овој случај Microsoft. Microsoft на крајот на EULA напишал дека ако не се сложувам со условите пропишани во неа можам да го вратам производот назад и да си ги добијам парите назад. Јас не се сложувам со EULA. Едноставно не сакам да го потпишам тој договор. Мислам дека ќе биде штетен за мене и мојата фирма. Смее ли некој (па макар тоа бил ФПИОМ?!?) да ме принудува да потпишам договор за кој сметам дека не е во мој интерес?

Се обидов да добијам одговор на прашањето што да правам ако не користам MS Windows. На веб страницата на ФПИОМ поставив прашање пред една недела на кое што сѐ уште нема одоговор. На телефонскиот број за поддршка (15215) љубезната* девојка не можеше ништо посебно да ми каже освен дека на сесиите за информирање било речено дека оние кои не можат да се снајдат треба да си најдат програмери кои ќе им завршат работа и дека за повеќе информации треба да го барам Атанас од ИКТ секторот на фондот. Го барав и Атанас, ама не успеав да го добијам.

Епа тоа. Стратегијата уште не заживеала, а веќе е сериозно поткопана. Е-не може вака!

* Да, во принцип се љубезни ваквите специјализирани служби во државава. Само една работа ме мачи. Разговорот најчесто почнува: „па дечко види вака...“, за кога ќе стане посериозно да се смени: „господине тоа можете да го видите...“. Надвор од темата, ама можеби погодно за некој друг текст.

ПС. Слободен софтвер Македонија има потреба од правен советник. Бараме некој човек што е заинтересиран за прашања поврзани со вакви работи, а кој сака некој дел од слободното време волонтерски да го посвети на промовирање на слободата во работата со компјутерите.

ИКТ за поефикасни локални самоуправи

Tags: 

На 10.12.2005 година на саемот за локална самоуправа и невладини организации имаше и едукативна сесија за ИКТ во единиците на локалната самоуправа. Мојот говор на овој настан се однесуваше на замките на неслободниот софтвер и предностите на слободниот софтвер. Презентацијата беше само еден слајд: извичник кој место точка на дното имаше знакче за copyleft. Не гледам причина и неа да ја закачувам на веб. Говорот следи подолу.

Слободен и неслободен софтвер: предности и замки

Добар ден на сите. Ви носам поздрави од широка мрежа на поединци, групи и организации кои работат децентрализирано во областа на софтверот и информатичките технологии.

Моето име е Новица Наков и денес, како претставник на непрофитната организација Слободен софтвер Македонија, пред вас ќе зборувам за замките на неслободниот софтвер и предностите на слободниот софтвер.

Веќе споменав два термина: слободен и неслободен софтвер. Разликата меѓу нив е лесно воочлива. Слободниот софтвер се однесува на слободата која корисниците ја имаат при неговото користење, променување, редистрибуирање и издавање на подобрени верзии. Ако софверот ви скратува некоја од овие дефинирани слободи тогаш тој е неслободен.

Неслободниот софтвер може да ви предизвика разни проблеми и штети или да ви наметне непотребни и строги ограничувања и обврски. Повеќето од овие веројатно сте ги искусиле.

Некои од нив се секојдневни и добро ви се познати. Тоа се разните видови на вируси и друг малициозен софтвер кои ви попречуваат во работата, ги оштетуваат вашите податоци или преку Интернет ги прават достапни за трети лица. Индустријата за неслободен софтвер нема вистинско решение за овие проблеми. Она што можете да го добиете од неа е утеха дека ќе можете да го исчистите вашиот компјутер по нападот. Тоа е индустрија која паразитира на вашите неволји. Ваквите авантури ја чинат светската економија стотици милиони долари годишно. Зошто да не заштедите?

Покрај тоа што треба да ги заштите вашите податоци, треба и да ја обезбедите нивната долготрајност. Ова е особено важно за сите нивоа на власт бидејќи голем дел од податоците со кои тие располагаат треба да бидат достапни во подолг временски период и за голем број корисници. Неслободниот софтвер ги складира податоците во неслободни формати. Ова ги прави нив неупотербливи не само за различни софтверски платформи, туку и за понови или постари верзии на една иста апликација. Сигурно, не е многу корисно голем број на лични податоци на граѓаните, информации за имотите или собраните даноци да останат заглавени во разни затворени формати.

Кога сте зависни од еден снабдувач, а тоа е начинот на кој функционира индустријата за неслободен софтвер, тогаш се наоѓате во негова милост и немилост. Од тој снабдувач зависи дали и кога ќе добиете поправки на грешките на софтверот што го користите или дали новите подобрувања ќе ги исполнат вашите желби и потреби. Во „несофтверскиот“ свет секогаш можете да избирате кој ќе ги поправи вашите автомобили, кој ќе кречи, кој ќе ве снабдува со канцелариски материјали. Во светот на неслободниот софтвер овој избор го немате. Таму, се зависи од еден снабдувач. Зошто да си ги ограничувате сопствените опции?

Како ова да не е доволно, сега ќе споменам уште една опасност. Различните нивоа на власта која се потпира на рамениците на граѓаните, мораат да се грижат и да ја обезбедуваат слободата на граѓаните. Понудувањето на софтвер или услуги на граѓаните или фирмите кои нив ќе ги обврзе да набавуваат софтвер од одреден снабдувач за да можат да ги користат тие услуги ограничува некои основни права како правото на слобода на избор. Никој не смее да наложува, имплицитно или експлицитно, користење на одредени софтверски производи. Ова се и заложбите во Националната стратегија за информатичко општество - документ кој помина и во Собранието на Р. Македонија. Овие заложби можат сериозно да се дискредитираат со употреба на неслободен софтвер.

Сите овие прашања се само мал дел од сликата која ги претставува опасностите на неслободниот софтвер, но сепак не ги издвоив без причина. Во овој момент значаен број на документи кои се достапни во дигитална форма на веб страниците на различните нивоа на власт се во затворени формати. Компјутерските корисници кои одлучиле да не користат Microsoft Office имаат тешкотии во отварањето, читањето и обработувањето на овие податоци. Исто така, голем број од истите веб страници не се прикажуваат правилно во прелистувачи кои не се Internet Explorer. Апликации кои се потребни за работењето на фирмите и нивната комуникација со државата се достапни само во верзии кои работат под оперативниот системи MS Windows. Очигледно ова ги принудува сите, кои од разни причини одлучиле поинаку, да ги променат своите лични и деловни одлуки за да се прилагодат на една нездрава пракса.

Тешко е да се биде сам свој газда во светот на неслободниот софтвер, но решение секако постои. Сите овие проблеми можат лесно да се надминат со користењето на слободен софтвер и отворени стандарди. Во светот на слободниот софтвер безбедноста е на високо ниво, има безброј снабдувачи кои нудат неограничени опции со голема конвергенција кон стандардите пропишани од светските организации како OASIS или W3C. Во светот на слободниот софтвер можете да одберете кој и како ќе ви изработи некакво решение исто како што можете да одберете од која пекара ќе купувате леб. Овие прагматични работи произлегуваат од гаранциите кои слободниот софтвер ги дава за негово користење, променување, редистрибуирање и издавање на подобрени верзии.

Со слободниот софтвер имате контрола на сопствената ИКТ инфраструктура и снабденост со врвни технологии по цени кои се формираат на слободен пазар. Јасно, со слободниот софтвер можете да заштедите полно пари од буџетите кои ќе можете да ги искористите за подобрување на училиштата или улиците. На пат да го направат ова се полно градски и сојузни власти: Масачусетс во САД, Берген во Норвешка, Минхен во Германија, многу други во Бразил, а во Перу - целата држава.

Конечно мошне важни се и етичките и општествените импликации на слободниот софтвер, кои ќе мора да ги разгледуваме во некоја друга прилика. Прашањето овде е слободата, а таа е многу важна за секое демократско општество.

Благодарам.

Pages