ИКТ за поефикасни локални самоуправи

Tags: 

На 10.12.2005 година на саемот за локална самоуправа и невладини организации имаше и едукативна сесија за ИКТ во единиците на локалната самоуправа. Мојот говор на овој настан се однесуваше на замките на неслободниот софтвер и предностите на слободниот софтвер. Презентацијата беше само еден слајд: извичник кој место точка на дното имаше знакче за copyleft. Не гледам причина и неа да ја закачувам на веб. Говорот следи подолу.

Слободен и неслободен софтвер: предности и замки

Добар ден на сите. Ви носам поздрави од широка мрежа на поединци, групи и организации кои работат децентрализирано во областа на софтверот и информатичките технологии.

Моето име е Новица Наков и денес, како претставник на непрофитната организација Слободен софтвер Македонија, пред вас ќе зборувам за замките на неслободниот софтвер и предностите на слободниот софтвер.

Веќе споменав два термина: слободен и неслободен софтвер. Разликата меѓу нив е лесно воочлива. Слободниот софтвер се однесува на слободата која корисниците ја имаат при неговото користење, променување, редистрибуирање и издавање на подобрени верзии. Ако софверот ви скратува некоја од овие дефинирани слободи тогаш тој е неслободен.

Неслободниот софтвер може да ви предизвика разни проблеми и штети или да ви наметне непотребни и строги ограничувања и обврски. Повеќето од овие веројатно сте ги искусиле.

Некои од нив се секојдневни и добро ви се познати. Тоа се разните видови на вируси и друг малициозен софтвер кои ви попречуваат во работата, ги оштетуваат вашите податоци или преку Интернет ги прават достапни за трети лица. Индустријата за неслободен софтвер нема вистинско решение за овие проблеми. Она што можете да го добиете од неа е утеха дека ќе можете да го исчистите вашиот компјутер по нападот. Тоа е индустрија која паразитира на вашите неволји. Ваквите авантури ја чинат светската економија стотици милиони долари годишно. Зошто да не заштедите?

Покрај тоа што треба да ги заштите вашите податоци, треба и да ја обезбедите нивната долготрајност. Ова е особено важно за сите нивоа на власт бидејќи голем дел од податоците со кои тие располагаат треба да бидат достапни во подолг временски период и за голем број корисници. Неслободниот софтвер ги складира податоците во неслободни формати. Ова ги прави нив неупотербливи не само за различни софтверски платформи, туку и за понови или постари верзии на една иста апликација. Сигурно, не е многу корисно голем број на лични податоци на граѓаните, информации за имотите или собраните даноци да останат заглавени во разни затворени формати.

Кога сте зависни од еден снабдувач, а тоа е начинот на кој функционира индустријата за неслободен софтвер, тогаш се наоѓате во негова милост и немилост. Од тој снабдувач зависи дали и кога ќе добиете поправки на грешките на софтверот што го користите или дали новите подобрувања ќе ги исполнат вашите желби и потреби. Во „несофтверскиот“ свет секогаш можете да избирате кој ќе ги поправи вашите автомобили, кој ќе кречи, кој ќе ве снабдува со канцелариски материјали. Во светот на неслободниот софтвер овој избор го немате. Таму, се зависи од еден снабдувач. Зошто да си ги ограничувате сопствените опции?

Како ова да не е доволно, сега ќе споменам уште една опасност. Различните нивоа на власта која се потпира на рамениците на граѓаните, мораат да се грижат и да ја обезбедуваат слободата на граѓаните. Понудувањето на софтвер или услуги на граѓаните или фирмите кои нив ќе ги обврзе да набавуваат софтвер од одреден снабдувач за да можат да ги користат тие услуги ограничува некои основни права како правото на слобода на избор. Никој не смее да наложува, имплицитно или експлицитно, користење на одредени софтверски производи. Ова се и заложбите во Националната стратегија за информатичко општество - документ кој помина и во Собранието на Р. Македонија. Овие заложби можат сериозно да се дискредитираат со употреба на неслободен софтвер.

Сите овие прашања се само мал дел од сликата која ги претставува опасностите на неслободниот софтвер, но сепак не ги издвоив без причина. Во овој момент значаен број на документи кои се достапни во дигитална форма на веб страниците на различните нивоа на власт се во затворени формати. Компјутерските корисници кои одлучиле да не користат Microsoft Office имаат тешкотии во отварањето, читањето и обработувањето на овие податоци. Исто така, голем број од истите веб страници не се прикажуваат правилно во прелистувачи кои не се Internet Explorer. Апликации кои се потребни за работењето на фирмите и нивната комуникација со државата се достапни само во верзии кои работат под оперативниот системи MS Windows. Очигледно ова ги принудува сите, кои од разни причини одлучиле поинаку, да ги променат своите лични и деловни одлуки за да се прилагодат на една нездрава пракса.

Тешко е да се биде сам свој газда во светот на неслободниот софтвер, но решение секако постои. Сите овие проблеми можат лесно да се надминат со користењето на слободен софтвер и отворени стандарди. Во светот на слободниот софтвер безбедноста е на високо ниво, има безброј снабдувачи кои нудат неограничени опции со голема конвергенција кон стандардите пропишани од светските организации како OASIS или W3C. Во светот на слободниот софтвер можете да одберете кој и како ќе ви изработи некакво решение исто како што можете да одберете од која пекара ќе купувате леб. Овие прагматични работи произлегуваат од гаранциите кои слободниот софтвер ги дава за негово користење, променување, редистрибуирање и издавање на подобрени верзии.

Со слободниот софтвер имате контрола на сопствената ИКТ инфраструктура и снабденост со врвни технологии по цени кои се формираат на слободен пазар. Јасно, со слободниот софтвер можете да заштедите полно пари од буџетите кои ќе можете да ги искористите за подобрување на училиштата или улиците. На пат да го направат ова се полно градски и сојузни власти: Масачусетс во САД, Берген во Норвешка, Минхен во Германија, многу други во Бразил, а во Перу - целата држава.

Конечно мошне важни се и етичките и општествените импликации на слободниот софтвер, кои ќе мора да ги разгледуваме во некоја друга прилика. Прашањето овде е слободата, а таа е многу важна за секое демократско општество.

Благодарам.