македонија

Undefined

Јавни набавки

Tags: 

Сурфам по Интернет во потрага на некои информации за тендерот за софтвер за ПИОМ што е дел од реформата на пензискиот систем во Македонија. (Можеби ќе пишам нешто повеќе за ова подоцна.)

Сега само (дел од) слика од пребарувањето на Google:

Патем, некој да не има дигитална верзија од изданијата на Службен весник и да е волен да пребара за тој тендер?

Зошто има (C) знакчиња на дното на страниците на државните/владините институции?

Tags: 

Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ 47/96) вели:

Член 5

Како авторско дело во смисла на овој закон, не се смета: идеја, концепција, отркитие, службен текст од законодавна, извршна и судска област и нивен превод, кога е објавен како службен текст (во натамошниот текст: друго дело).

Сурфам значи јас така на ujp.gov.mk и на piom.com.mk, па одам и на vlada.mk и секаде гледам по едно (C). Сега, јас не сум правник, ама колку ми се чини дека овие се од извршнава област и на своите веб страници објавуваат службени текстови.

Веројатно и програмите кои ги снабдуваат истиве т.е. нивниот изворен код се вбројува во службени текстови.

Ама кој следи закони деновиве (годиниве?).

Селективно новинарство?!?

Tags: 

Денешниот Утрински весник донесува текст за најавата на Microsoft дека ќе ги отвори своите формати. Наднасловот оптимистички гласи:

„Микрософт“ нуди формати на офис-документи за отворена стандардизација.

Што не чини со ова? Пред некое време организацијата за стандардизација OASIS поддржана од Европската Унија, Sun, IBM и целата FLOSS заедница, го претстави OpenDocument, отворен формат наменет баш за вакви канцелариски тракатанци. Ова беше главна вест на цел Интернет, главна вест во многу странски весници и други медиуми. Некои држави (како Масачусетс) веќе донесоа одлуки дека нивните јавни документи ќе се чуваат во ваков отворен формат кој го поддржуваат најголем број од канцелариските пакети што постојат денес.

Единствено Microsoft не го поддржува OpenDocument, единствено MS Office од сите релеванти канцелариски пакети во овој момент не работи со овој формат.

Јас лично немам ништо против сите ние да добиеме уште еден отворен стандард за чување на документи, но се прашувам зошто OpenDocument кој е веќе готова работа остана комплетно незабележан од нашите медиуми, додека свежата иницијатива на Microsoft која сеуште не потерала доби пола страница во рубриката Економија во денешниот Утрински.

Пристап vs. содржина: може ли Интернет да ја спаси Македонија?

Tags: 

Денес заврши и последниот дел од конференцијата Е-Општество.Мк. Тоа беше дебатата за Е-Образование која се одржа во Универзитетот ЈИЕ ака Штул.

Библиотеката на универзитетот е едно пријатно место: компјутери, интернет, книги, книги, книги... Вкупниот број на книги, според каталогот на библиотеката, е нешто повеќе од 16 илјади. Од нив преку 11 илјади се на англиски јазик, околу 3 илјади на албански, околу 700 книги на македонски јазик. И покрај ваквиот однос на јазиците на застапената литература (т.е. доминацијата на јазик кој не е мајчин - англискиот), студентите успешно се снаоѓаат во вршењето на своите задачи и си го бркаат факултетот. Зошто тоа не е така и со Интернетот - големата светска библиотека (море и повеќе од тоа!) каде доминира англискиот јазик?

1. Содржината на Интернет

Q: Дали недостатокот на содржина на Интернет на македонски јазик (и дргите јазици кои се зборуваат во државава) е главната причина зошто имаме толку малку сурфери?

A: Најверојатно не! Секако, содржините на мајчин јазик се битни, и тие можат да придонесат до уште поголемо користење на мрежата, но луѓето се способни да учат и тврдењето дека Интернет не се користи бидејќи луѓето не знаат јазик е навредливо. Зар луѓето не можат да научат јазик доколку имаат потреба од него? Ми се чини дека во Македонија и така и вака најголемиот број на квалитетни содржини се достапни на некој странски јазик. Ако тоа не е англискиот, тогаш тука се српскиот и хрватскиот.

2. Пристапот до Интернет

Q: Дали скапите цени на Интернетот се главната причина зошто имаме толку малку сурфери?

A: Веројатно да! И како што бројот на читатели на квалитетни печатени медиуми е ограничен заради нивната висока цена, така и бројот на сурфери е ограничен заради скапите даски. Скапиот бензин луѓето си го заменија со ефтин плин. За жал, сеуште некој не измисли „плинеста“ замена за Интернет.

3. Нешто трето?

Q: Дали нискиот развој на земјава едноставно не бара Интернет?

A: Најверојатно да! Од каква корист ми се мене услуги за е-банкарство (на пример) ако воопшто немам пари на сметката во банка (или воопшто немам сметка во банка!)? Интернет не може да ја спаси Македонија. Таа треба сама да се спаси. Интернет може да биде само добра потпора во закрепнувањето.

4. Случајот Естонија, приватниот сектор и државата

Не знам зошто Естонија е толку омилен пример на македонските гласноговорници за е-ова-она. Таму демек приватните банки од комшии и сл. запнале и од Естонија направиле Е-стонија. Истото требало нашите банки и не знам уште кој приватник да го направат тука и до Македонија да се изроди нешто ново. Па добро луѓе, комшии на Естонија и се Шведска и Финска, а нас Албанија и Србија. Што да правиме со ова? А банките ни се такви едни намуртени институции кои што едвај, со големи стравови и стискања, си ја работат примарната дејност (види каматни стапки), не па да промовираат Интернет.

Кога општата слика не чини, крив може да биде само еден. Погаѓате, тоа е Владата. Впрочем јас во мојата стратегија немам „Создавањето можности за широка (за сите граѓани) достапност на Интернет“, туку има Владата во нејзината (стр 75):

4. Создавањето можности за широка (за сите граѓани) достапност на Интернет исто така претставува поставување на битните претпоставки и предуслови кои се неопходни за отпочнување со развојот на информатичкото општество. При тоа, без запоставување на економската (т.е. финансиската) страна на оваа активност, базичната идеја во оваа смисла претставува реализирањето на идејата дека пристапот на Интернет во денешно време претставува дел од групата на човековите права, што всушност значи дека пристапот на Интернет има карактеристики на јавно добро.

Последен пат кога проверив во литературата, за јавните добра се грижеше Владата - на еден или друг начин. И јас би рекол дека ефтин Интернет ќе има тогаш кога така ќе сака таа, а се дотогаш ама баш никој од нас кои не сме Владата не може да ги натера приватните компании да вадат онолку профит од пазарот на Интернет колку што сакаат и можат.

5. Слободен софтвер

Додека бројам страници, слободниот софтвер во стратегијата сепак се споменува само на едно место, во една, но долга реченица (стр 58):

Потребно е да се поддржи употребата на слободниот софтвер и софтверот со отворен кoд како јавно добро кое е достапно за сите граѓани особено преку правото на избор на платформа во формалното и неформалното ИКТ-образование.

Но, и тоа е супер. Можеме ли да понудиме нешто? Веднаш! Еден клик на К-менито и стигам до Edutainment (или Весело училиште како што си го преведувам јас) - одлично место за деца до 4-то одделение. Едно пребарување на Google, и ете проект кој е слободен софтвер, а кој е наменет за образование.

Недостасува содржина? Што велите на мк.Википедија? Тоа е слободна енциклопедија на која секој може да придонесува. Сакате план за зголемување на содржината? Еве: на децата од помалите училишни клупи им треба содржина, на оние од поголемите им требаат семинарски работи за собирање ЕКТС кредити. Зошто универзитетите да не направат преведувачките насоки од јазичните групи за преводи за семинарски да работат на статии од Википедија? Ајде. Лесно е, легално е и ќе има користи за сите. Малите ученици ќе добијат содржина на македонски, албански, турски... големите ќе научат како се работи со некои Интернет технологии (како што на пример е Wiki-то). Е-образование до коска!

Софтвер (слободен се разбира) на македонски јазик? Секако! Не ви се допаѓаат преводите? Ајде помогнете, пријавете грешки, дајте предлози. Edubuntu може целиот да биде на македонски за дел од секундата.

6. KB и autorun

Вака на крајов, ми текнаа уште 2 работи. Добро ќе сурфам на скап интернет, добро ќе најдам локална содржина на Интернет. Измерил ли некој колку точно тежат веб страниците кои македонските сурфери ги имаат на располагање на своите јазици? Пример, на страницата на Претседателот на Р. Македонија и треба цела вечност да се вчита на мојот бавен и скап дајл-ап. Слично е и со страницата на Владата. Мора ли да има толку слики, чуда, на страниците? Лудило би рекол.

И последно, Метаморфозис делеше дискчиња со НСИО на нив. Земав едно, го ставам во cd-rom, mount и се по ред и таму гледам куп .bat датотеки, бла бла бла, ми треба Windows за да видам што направиле. А позади на опаковката стои грбот и Република Македонија. Технолошки lock-in, кој нели, немаше да се случи. Додуше има една светла точка, .txt + UTF-16LE се повеќето докуметни (cat вади чкртки-пртки, но во Firefox изгледаат OK), па упорните можат да копаат таму-ваму и да видат што пишува. Другите можат да си најдат некое PDF на веб-местото на КИТ - кое што веќе (во 2013) не работи.

Тоа е тоа.

Денес, конференција за е-Општество

Tags: 

Денес, јас и Арангел како претставници на Слободен софтвер Македонија бевме на конференција со име е-Општество.мк. Ќе почнам од крајот: ручекот беше добар. :) Така фино си поминавме, имаше интересни фаци, смешки, сеир, добри поенти и се друго што е потребно за една конференција да се нарекува себе си конференција.

Инаку текстов во кој што ја коментирам конференцијата и работите поврзани со неа ми е поделен на три дела: белешки за тоа, белешки за ова и белешки за она.

Белешки за тоа

Во последно време ми се чини дека сум бил на повеќе вакви слични настани и се повеќе ми се чини дека луѓето кои се наоѓаат зад микрофонот (поточно македонските претставници) не живеат во ист свет со остатокот од македонските граѓани, вклучително и со голем дел од публиката. И добро, ова можеби и не е толку лошо, ќе си помислите ете таму некој на говорницата има некаква визија, но луѓе ви се молам... мислам дека сето ова нема никаква смисла. Зошто? Во публиката едноставно немаше луѓе што можат да прашаат (дискутираат) нешто. За мене тоа е очигледен доказ дека овие прашања едноставно не допираат до луѓето, дека најпросто не се дел од нивниот свет. И тоа е тоа, а не дека немаше интересни теми, имаше. Додуше имаше и некои прилично досадни, но впечатокот останува.

Стандардно, ние (оССМ) се интересиравме за Законот за слободен пристап до информациите од јавен караткер. И тука нема што ново да се додаде, барем не сега за сега. Од другите поинтересни коментари од публиката вреди да се спомене оној на Ѓоко Јовановски (Злочко). Станува тој да праша го праша Јани Макрадули како мислат да го зголемат бројот на интернет корисниците во Македонија (како што е наведено во НСИО). Г-динот Макрадули одговара дека цените не се толку голем проблем, т.е. дека доколку има содржини и владини сервиси на нет, луѓето безразлика колку е скапо ќе си бркаат работа - демек поисплатливо било така отколку на шалтер. Искрено се сомневам во ова. Впрочем зголемената понуда на, на пример, скапи и полни со информации весници во трафиките не ја зголемува нивната читаност, безразлика на кој јазик се тие.

Мене особено добар впечаток ми остави г-динот Колин Вајтхаус од еGovUK. Прво човекот изгледаше дека точно знае што зборува. Второ мислам дека направи особено добра забелешка за од македонска страна презентираниот top-down пристап во прашањата поврзани со интернет воопшто - дека тој не чини. На другата страна, еден од нашите говорници, уредник на Време чие име го заборавив, ми остави впечаток дека не знае што зборува. Само како да склопил некој есеј, како домашна задача, кој го презентираше пред публиката.

Друга работа што особено ме загрижи беше некој спомнат закон за е-општество. Ова веќе неколку пати го слушам и никако не можам да замислам како тоа со закон ќе се спроведе, креира или не знам што... некакво општество. Како со закон се прави општество? Ќе чекам некој да ми го објасни ова.

Белешки за ова

Сеуште сме на конференцијата. Сега прашањето е зошто не сме ние (оССМ) таму. Не пишувам за ова со некакви лоши намери, но навистина ме зачудува тоа што Слободен софтвер Македонија немаше свој претставник меѓу говорниците. Впрочем Слободен софтвер Македонија е единствената оригинално македонска, неќерка, grass-root организација која има огромно искуство во работа со софтвер и работи врзани со него, која има значаен придонес во општествово, која изминативе три години направила огромни напори во промовирањето на некакви работи поврзани со е-* итн. Сигурен сум дека имаме што да споделиме со публиката (и јавноста), безразлика колку е таа незаинтересирана за ваквите прашања.

Друга работа што ме загрижи е употребата на терминот „софтвер со отворен код“ во неколку наврати од страна на презентерите. Последно што ми падна во очи беше она од г-динот Бардил Јашари од организаторите и некакви наши соработници во работата со слободниот софтвер. Навистина не ми е јасно зошто не се користеше терминот „слободен софтвер“ или пак конгломератот „слободен софтвер и софтвер со отворен код“. Впрочем, кога станува збор за некакви пошироки влијанија на софтверот во општеството и работи поврзани на пример со образование, единствен валиден термин е „слободен софтвер“. Знаете, постои битна разлика меѓу „слободен софтвер“ и „софтвер со отворен код“. Моралните, етичките, политичките импликации на првиот се она што го прави важен. Но, имајте на ум и дека некој софтвер може да биде со отворен код, а сепак да не биде слободен (иако ова е навистина редок случај), додека спротивното не е возможно.

Особено ме загрижи тоа што ова дојде од организација со која ние, Слободен софтвер Македонија соработуваме за работи, прашања и активности кои се поврзани со слободен софтвер.

Белешки за она

Добро, Метастазис навистина имаат проблем со нашето име. Името на организацијата е Слободен софтвер Македонија или на англиски Free Software Macedonia. Тоа не е Отворен софтвер, Слободен софтвер со цртка Македонија или на англиски па со цртка. Мислам, имаме судски документ во кој стои дека се викаме Слободен софтвер Македонија и ич не ми е јасно како ова може да биде тешко за паметење.

И, ве молам другари Метасинтезис, не сме активисти (не навлегувам овде во детали зошто не сме). Ако веќе мора да пишува нешто под моето име, секогаш може да се стави некаква друга ознака... и секако секогаш може да бидеме прашани што тоа може да пишува таму.

Се надевам дека одговорните од Метаморфикс ќе ги запаметат овие работи.

П.С. Знаете, најуспешните земји во е-сенешто се Ireland, Israel и India. Водечки IT производи се некои со името iPod... Гледате аналогија? Земјиве всушност се iReland, iSrael и iNdia. Дефинитивно тука во прашање е добра карма од i-то. Мислам дека вака на повидок е удар кој тепа две муви. Македонија треба да ја прекрстиме во Имакедонија. Така ем ќе ја добиеме кармата од i-то на почетокот на името, ем ќе го решиме спорот со грците. iMacedonia. Јес!

Е-грип

Tags: 

Пред некој ден пратив порака до Министерството за здравство на Р. Македонија. Имаат некоја форма за тоа на нивната веб страница. Пратив најобично прашање за овој птичјиов грип... тоа е тоа, загрижен сум, комшијата чува куп гулаби кои летаат таму-ваму, па можеби можат да закачат некој H5N1...

И еве, неколку дена потоа, сеуште немам добиено одговор. А само некои работи за е-влада слушам, па не знам каков пристап до информации. Тоа.

АДСЛ ово-оно...

Tags: 

По ѓаволите. Сите почнале да плачат за АДСЛ-от. Јас не плачам... немам АДСЛ, тоа е тоа. Јас бачковци си сурфам на дајл-ап, помал од 56к, нешто околу 33... ваљда. :)

Супер ми е. :)

DA @IVEE YUSCII!

Tags: 

Некако престанавме дома да купуваме весник кога ги направија 15 денари, без некоја, барем за мене, особено добра причина, а богами и без промена (квалитативна/квантитативна) во содржината.

Ама, ете од време на време, како денес, има тазе весник (Утрински) дома. И таму, во прилогот (Магазин), 6, 28 и 29 страница се со наслови од ваков тип:

TRAMP bara seksi yidari!

или

Pu{i i slabee

Не ми е јасно дали тоа програмите за ДТП за Виндоус се толку срање па не работат со UTF-8 (или windows-1251), или па 15-те денари се навистина премногу за нашите весници?

Рамстор рулз!

Tags: 

Се сеќавате на приказната што беше на Он.нет за писоарите што имаат нацртана мува на нив, за припадниците на машкиот пол да се занимаваат (т.е. да не прават беља) додека уринираат? Епа, такви писоари има во Рамстор. Што да пишувам уште? Одете на мо***е. :)

Зошто не го сакам Скопје?

Tags: 

Денес (т.е. вчера) бев на концерт на Т.Б. Трачери на програма на Скопско лето. Цената на билетот беше 150 денари. Стигам пред врата и таму некој тип бара дали е на список. Не е на список. Типот се оддалечува, ѕвони на мобилен и моли некого таму да го стават на список.

Почнува концерот, озвучувањето (пак) е срање. Ова чувство особено ми се засилува вака после Exit. Едноставно не ми е јасно како во толку години „независна Македонија“ никој во земјава не научи да поставува асално озвучување. Публиката мртва, ја мрзи да аплаудира. Трачери не знаат асално да го измешаат репертоарот и мрчат што публиката е мртва. Негде кон крајот озвучувањето тотално се заебува. Општа оцена од 1 до 5, 3 на стаклени нозе.

Во центарот на градот пак, е општа калакурница. Тие луѓето до кафаните (кафулињата) дури и клупите ги разместиле за да стават маси. Она што е особено интересно овде е што масите, зафаќајќи ја улицата, зафаќаат дел од шахтите. Шахтите, логично, мирисаат лошо (смрдат!). А луѓево сепак седат во кафаниве и плаќаат фини пари за пијачка.

Ај доста е. Ако продолжам да пишувам ептен ќе се изнервирам.

Pages