македонија

Undefined

Зар поединецот автор не е народ?!

Tags: 

Денес, со неколкудневно задоцнување (еден блог запис подоцна :)), во раце ми падна книга за Александар Сариевски од Кирил Тодевски насловена „Од Галичник до легенда“, издадена од Дирекција за култура и уметност - Скопје во 2002 година.

Во неа, во поглавјето што го носи исиот наслов како овој запис може да се
прочита дека песната „Зајди, зајди, јасно сонце“ е авторско дело на Александар
Сариевски што е спротивно од она што го пишува на CD-то (врска).

Понатаму, според податоците во книгата „Зајди, зајди, јасно сонце“ е кант-авторска песна на Александар Сариевски, заведена во евиденцијата на ЗАМП под број I бр.33.

Да не се ашкам многу, еве го во целост поглавјето од книгата (нормалниот текст се зборови на Тодевски, а закосениот на Сариевски):

Авторската песна или популарно наречена „новокомпонирана“ во духот на народната песна долги години го немаше третманот на на програмите на тогашното Радио Скопје. Но, и покрај ова таа спонтано се создаваше, се пееше на концертите и се снимаше за дискографската продукција.

„Тогаш беше таква програмската политика на радиото. Штом на песната ќе се потпишеше авторот, работата беше готова. Беше тешко, не можевме да се пробиеме на тој план. Овој став на Радиото имаше позитивни и негативни работи. Имаше доста примери авторите да се откажат од авторството. Губиш некоја паричка од тантиемите, но што ти вреди тоа, ако не ја слушнеш песната на програмите. Кога на овој став ќе се навратам, во мене се буди мислата дека се што е испеано некој поединец го создал. Не се знае кој ја создал народната песна, но таа произлегла од некого на слава, свадба или во кој знае каква пригода. Песната ја чуле, им се бендисала, била прифатена и останала понатаму да живее. Тој што ја создал во тоа време, не бил свесен, односно не размислувал како денес за некој „ќар“ од неа. Нема песна што не ја создал некој поединец, надарен од Бога за тоа. Зар тој поединец не е дел од народот?

Ставот на тогашната програмска политика на Радиото бил таков и, како самиот Сариевски вели има позитивни и негативни работи. Но, процесот никој не можел да го сопре и многу од песните создадени во тоа време со текот на времето си го најдоа местото меѓу народот, на програмите на Радиото и Телевизијата. Некои од нив денес веќе се обнародени, народот ги знае како свои, пред се како неповторливи интерпретации, но и како комплетно осмислени музичко-поетски пораки, со потребните естетско-уметнички вредности. И Сариевски како многу автори од неговото време, кои го бараа потребниот третман, има создадено и испеано песни што денес претставуваат наши антологиски вредности. Една од тие песни е и „Зајди, зајди, јасно сонце“ за која со право ќе кажеме дека претставува и врвен авторски дострел.

Еве како тој си припомнува на настанувањето на оваа песна:

„Песната „Зајди, зајди, јасно сонце“ настана по примерот на народната „Чернеј горо, чернеј сестро“. Слушајќи ја таа песна и пеејќи ја понекогаш, од мене произлезе идеја да направам нешто слично по содржина, но со сосема друга мелодија. Така, полека ја испеав песната, која што набргу стана многу популарна секаде каде што ја пеев. Таа песна мене ми значи многу зашто ја прифатија многу луѓе што се занимаваат со народната музика, но пред се многу ми значи што ја прифати народот. Секогаш кога некаде ќе настапев мислам дека секој од присутните очекуваш оваа песна да ја испеам“.

Прашањата кои се поставуваат после ова во контекст на филмот „300“ и авторските права се:

1. Дали Сариевски (како и другите автори од тоа време) се откажал од авторството и ја оставил песната во јавен домен?

2. Дали народната „Чернеј горо, чернеј сестро“ е слична со „Зајди, зајди, јасно сонце“, па истата може да се користи така што ќе се добие впечаток дека се користи „Зајди, зајди...“?

3. За кое време станува збор, т.е. кога е напишана „Зајди, зајди...“ и дали тогаш имало Закон за авторски права според кој се регулирале вакви прашања?

4. Кога е регистирана песната во ЗАМП: дали веднаш по создавањето, или подоцна?

5. Како е регулирано прашањето за законите и авторските права во Македонија, во смисла дали новиот закон од РМ се применува наназад за дела објавени во СФРЈ?

6. Што велеле законите за авторски права од СФРЈ за вакви прашања?

И бонус прашање: Зошто никој од носителите на авторските права не се побунил што веќе споменатото CD ја прикажува песната како народна?

Пиратите од Вардарската долина

Tags: 

Значи чија е „Зајди, зајди...“? Ја прашав баба ми. Таа вели дека уште од турско ја пееле таа песна. Да не остане на нејзиното, јас направив увид во CD-то со песни испеани од Александар Сариевски издадено во Македонија:

Предна страна на CD

Задна страна на CD

Ако ја видите втора слика во нејзината поголема верзија (врската води до Flickr) ќе прочитате дека под „ZAJDI, ZAJDI, JASNO SONCE“ стои зборчето „traditional“. Не стои име на автор на текст нити на музика... значи и Сариевски кој ја отпеал знаел дека „Зајди, зајди...“ е македонска народна песна.

Што сега? Законот за авторското право и сродните права (најдете го некаде на http://www.pravo.org.mk + забелешка: не знам дали оваа верзија од законот што ја имам е најсвежата) во Член 6 вели:

Преработка на авторско дело, на друго дело или на дело од народното творешво (мое нагласување), што претставува индивидуална и интелектуална творба, е самостојно авторско дело.

А потоа во Член 58 објаснува:

Слободно е користење на народното творештво.

При користењето од став 1 на овој член, се наведува изворот и потеклото на делото. Неговото сакатење и недостојно користење не е дозволено. За остварување на правата од став 2 на овој член надлежен е Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје.

Казната за прекршување на овој член наведена подоцна во Член 196 е од 60.000,00 до 300.000,00 денари.

Значи, пенста е народно творештво, внукот на Сариевски нема што да тужи (освен ако не сака да докажува дека токму верзијата на неговиот дедо е таа што се користи во филмот „300“), Warner Bros. му должи на Институтот за фолклор некои 300.000,00 денари.

Ај сега да си склопам ogg-ови од CD-во кога веќе го имам при рака. :)

Во СССР листата се претплатува на тебе

Tags: 

Размислував долго за тоа дали да напишам уште еден follow-up а случајот
„поштенски листи“ - и очигледно одлучив да напишам. Пред тоа сепак неколку
пати ги прочитав претходните записи: мојот и тој на Филип.

Мене ми се чини дека прашањето што е пред нас е: небарана/несакана пошта или спам (ако грешам, поправете ме). Накратко, Филип во порака на листа чија архива веќе не е достапна за оние кои не се претплатници спорел за тоа дали некој смее да го претплатува на листа без негово знаење. Јас го искористив тоа за да потенцирам дека истото мене ми се случило со претплата на поштенска листа на организацијата каде што работи Филип. Тој потоа одговори со запис кој многу малку го третира ова прашање, туку повеќе се занимава со некои други работи (што може да биде тема за некое друго пишување).

Сепак, она што сепак може да се прочита од записот на Филип, а што е релевантно за дискусијата е дека постоела листа:

На таа мејлинг листа „на времето“ (далечната 2005 година)...

- за што нема ништо спорно (и јас ја чувам архивата).

Потоа дека листата била неактивна:

Мејлинг-листата во меѓувреме беше неактивна и никој од Метаморфозис не ја употребувал.

- за што исто нема ништо спорно (не сум добил нова порака од 10.01.2006 година).

Дека провајдерот правел надградба на софтверот:

Интернет-провајдерот каде што е хостирана мејлинг-листата баш денес инсталира/реконфигурира нови системи за е-пошта, што е веројатно причината за реактивација на листата - со автоматска порака.

Тезата на Филип е дека пораките кои што стигнаа во моето сандаче (важно бидејќи претходно никаде не пишувам дека стигнале на било кое друго место, како што тврди Филип во својот запис), се од истата таа поштенска листа, која постоеше 2005/2006 година, а која тој суден ден била надоградена од интернет провајдерот каде е хостирана.

Ова е тоа со кое што јас не се сложувам. Пораката што ја добив на 27.03.2007 год. е од друга поштенска листа (која можеби само во дел го преземала името од претходната). Како знам? Филтрите за е-пошта што ги имам ми кажаа - не ја ставија новата порака во иста папка со претходните (оние на кои се повикува Филип). Хедерите на пораките не се исти: пораките не доаѓаат од ист сервер (старите се од wsmg.sonet.com.mk [212.120.1.60], а новите од hamurabid.sonet.com.mk [212.120.16.70]. Софтверот на кој работи листата не е ист: стариот не ми е познат, а новиот е Mailman (X-Mailman-Version: 2.1.5), и колку што знам не е возможна некаква автоматска миграција од еден на друг ваков софтвер.

Значи, човечка рака веројатно била вклучена: некој ги земал адресите од едната листа и ги ставил во другата листа и некаде кликнал на „YES“ или „OK“ за да биде испратена автоматската порака. Ако тоа биле луѓе од Метаморфозис, тогаш да го цитирам пак Филип од неговата порака на НМП листата:

5. Тоа што мојата адреса е објавена на мојот блог или на официјалниот ми веб-сајт , не значи дека може да се приклучува во мејлиг-листи без моја согласност. Капиш?

Се надевам овде може да се додаде и тоа дека тоа што адресата е на една листа, не значи дека автоматски може да биде на друга листа.

Ако не биле луѓе од Метаморфозис, тогаш да не зборувам за тоа што јас адресата сум ја дал тогаш (во 2005) на Метаморфозис, а не на интернет провајдер кој ги хостира нивните листи (ама, признавам не знам дали и како ова е решено со Закон или што).

На крај, дури и да го прифатам тоа што Филип го вели - дека тоа е една иста листа само надградена, сепак мислам дека во рамките на некаков бон-тон е да се известат претплатниците во врска со тоа. Така направивме ние (Слободен софтвер Македонија, заедницата на корисници на слободен софтвер) на времето (во 2003 година) кога старата LUG листа (која веќе не е на Интернет - но и тие архиви ги чувам, па еве можам да проверам), поради технички причини ја заменивме со новата ossm-members листа.

Се друго е шум.

П.С. Можеби му должам извинување на Филип поради тоа што ја употребив неговата порака на НМП листата за да ги критикувам активностите организацијата каде што тој работи, но мислам дека тоа (заедно со насловот на мојот претходен запис кој може да предизвика мала забуна) беше важно за да им се даде контекст на работите. Се разбира, јасно ми е дека личните ставови на еден човек може да не бидат во согласност со ставовите на организацијата каде што истиот тој работи, иако веројатно може да се спори колку тоа е дел од приказната на непрофитниот сектор... но, сето тоа е надвор од темата (и можеби ќе биде згодно за некој друг запис). Впрочем јас никаде не велам дека Филип земал учество во оваа приказна со поштенските листи, така што - тоа е тоа.

Моите 2 ноти за Сариевски и 300

Tags: 

Читам на планета и на Он.нет за ова приказнава со „Зајди зајди...“ и мислам дека како прочуени пирати, како големи сркачи на музика, филмови и друг материјал кој подлежи на авторски права од Интернет, луѓето од Македонија (вклучително и носителите на авторските права за „Зајди, зајди...“), треба да му простат на Холивуд. Вака да си подадеме рака, па може и да се нагодиме да бидеме пата-пата со нив во врска со пиратирањето.

ПС. Тоа 300 да ти било филм за Спарта нешто? Јас го гледав постерот пред некое време и ми заличе на ЗОО - како зоолошка градина. Си реков нема што да гледам филм на таква тема. :)

Eat your own dogfood

Tags: 

Насловот на записов е чест во светот на софтверот. Во основа значи дека програмерите на некој софтвер и самите го користат софтверот што го развиваат.

И Википедија вели: „To say that a company "eats its own dog food" means that it uses the products that it makes.“ (Врска.)

Во нашата традиција веројатно попозната е една поговорка што ми се чини воглавно се однесува на поповите: „Не гледај што правам, слушај што зборувам.“, и што очигледно е со спротивно значење од оваа англискава.

Така, пред некое време Филип му зборувал на Дамјан за некој инцидент со некоја поштенска листа. Приказната, да не ја раскажувам, ја има на Интеренет (врска - update: 28.03.2007 - архивата на НМП листата веќе не е достапна јавно, т.е. достапна е само за претплатници на листата.), прочитајте ја. Станува збор за листата на link НМП на која Филип бил претплатен без да сака/знае. Цитат:

(...)

2. Мејлинг листи со опт-аут функција каква што сакаш да воведеш, не се препорачани од ЕУ. ЕУ препорачува опт-ин листи: членовите сами да изберат да влезат, а не некој да го направи тој избор за нив, па потоа да молат да излезат. Неследењето на препораките преточени во национални закони повлекува парични и затворски казни. Корисен линк <http://www.spamlaws.com>.

(...)

5. Тоа што мојата адреса е објавена на мојот блог <http://razvigormk.blogspot.com> или на официјалниот ми веб-сајт <http://filip.stir.org>, не значи дека може да се приклучува во мејлиг-листи без моја согласност. Капиш?

Дури ни на мајлинг листи од сајтови за кои сум се изразил пофално јавно, на пример во рецензија на „Сајт на денот" и слично.

Благодарам на вниманието,
Филип Стојановски
(своерачно)

Овие ми се двете поинтересни точки. :)

И, да се вратам во денешно време... палам компјутер денес и гледам сум добил порака од некоја нова поштенска листа:

Welcome to the Lokalizacija_metamorphosis@metamorphosis.org.mk mailing list!

To post to this list, send your email to:

lokalizacija_metamorphosis@metamorphosis.org.mk

General information about the mailing list is at:
http://mail.metamorphosis.org.mk/cgi-bin/mailman/listinfo/lokalizacija_m...

...итн.

Јас не сум се претплатил сам на листава која ја води Метаморфозис, организацијата каде што работи Филип. Претплата ми траеше неколку часа. Набрзо откако ја видов пораката ја откажав претплатата.

Сега размислувам за тужба против Метаморфозис, но си мислам и да им дадам неколку дена да одговорат со понуда за вонсудска спогодба. А за Филип, не знам зошто тој како свесен и одговорен граѓанин, но и како еден од поглавните луѓе во Метаморфозис, не обратил поголемо внимание на активностите на неговата организација и/или неговите колеги. Се надевам само дека тој лично не е вмешан во овие активности на Метаморфозис.

Update: одговорот на Филип.

Македонија не сака во ЕУ

Tags: 

Секогаш кога патувам кон Србија* гледам дека имаме се подобар и подобар граничен премин. Нови зградички, огради, куќарки... се инвестира на големо. И така, по последново патување ми дојде да се запрашам зошто толку инвестирање во нешто што „кај и да е“ нема да ни треба, бидејќи нели „сите одиме кон ЕУ“.

Чуму толку модерни премини кои ќе зјаат празни за пар години? Па, си мислам... веројатно нема да бидат во прашање пар години. :)

Балканов и така не е некое популарно место. А сега, кога уште ние од „западен балкан“ не сме во ЕУ, колку и да биде пократко од кај нас, србите и хрватите, сите патишта ќе одат низ безграничниот простор. Никој нормален не би се шлаел со џандари и цариници на 3 држави, па макар тоа му заштедило 500 км.

Гњаважата што треба да се претрпи на нашите граници зачудува особено кога се знае дека вистинскиот шверц и слични срања не се случуваат баш на официјалните гранични премини, исто како што се знае дека разни крими линии главниот тек го имаат низ „нашиве млади демократии“.

И се прашувам како тоа кога со маки стекнатите надлежности и права конечно и славно ќе ги предадаме во Брисел, сите сомнежи во врска со патувањата на обичните луѓе ќе исчезнат, па нема да се проверуваат ни пасоши ни бутур...

И пак заради тоа ми се чини дека Македонија (и некои нејзини соседи) не сака баш да оди во ЕУ. Инаку зошто толку би си ги малтретирале граѓаните?

*Опасно добра финта е тоа што иако најчесто патувам до нашиот северен сосед, излегува дека во последниве години всушност сум посетил 3 држави: СР Југославија, Србија и Црна Гора, и сега Република Србија. Топ! :)

Луѓето, медиумите и новите технологии. А во Македонија?

Tags: 

Деновиве во Скопје се одржува конференција каде медиумите се главна тема: врска. За жал, не стигнав да учествувам, а нема да стигнам ни да присуствувам, ама да не биде без ич, ќе прибележам нешто на блогов.

Вчера и завчера офлајн времето го поминав во читање на извештајот на KPMG „Влијанието на дигитализацијата...“: врска PDF. Клучните зборови во текстов, кој се надевам ќе ви биде доволно интересен да го прочитате, се: интернет, (стари и нови) медиуми, општествено вмрежување, генерации - baby-boomers, X, Y.

Извештајот говори за тоа какво влијание имаат новите технологии на различните генерации (и обратно), како тие ги доживуваат и користат медиумите, каква содржина е важна за потрошувачите/корисниците, што ќе се случи кога нашата генерација (Generation Y) ќе стигне до менаџерските функции (пример, дали ќе се случи некое големо поместување кога на влијателните позиции ќе дојдат луѓе на кои не им било многу гајле за авторските права) и сл. Се разбира сето ова е од перспектива на една корпорација, но во случајов тоа не влече многу негативни поени.

Она што мене ми е интересно е пренесување на приказната локално, овде во Македонија и идентификување на споменатите генерации и нивните минати, сегашни и идни улоги. Потоа, дали новите технологии можат да донесат некакви општествени промени во Македонија и дали тие некако (можат да) влијаат на воспоставената медиумска хиерархија, но и дали е тоа воопшто важно во севкупната светска размена на информации и креирање на содржина на Интернет.

Одговор на овие прашања немам, а претпоставките ми се мрачни. Сепак ми се чини дека ова е интересна тема за истражување. Ете, ова нека биде мојот придонес кон дебатите на конференцијата. :)

*Моите* пари

Tags: 

Прилично често ми паѓаат во очи пишувањата во весниците за тоа дека работодавците не плаќаат придонеси или други давачки. Исто така, неизбежни, посебно помеѓу младите, се муабетите за тоа дали да се работи за 10 или 20 илјади и „дали ќе ме пријави газдата“.

Оваа заебана перцепција всушност прави голем проблем во целото држ - не дај прашање за платата која вработените ја земаат.

Така, ако човек добива на рака/сметка 10.000,00 денари плата месечно, неговата плата всушност е 16.097,00 денари од кои 10.000,00 денари му остануваат да ги троши во месецот, а останатите 6097,00 денари ги дава за данок (946,00 денари) и придонеси (5151,00 денари)*.

Значи овие пари не се на работодавачот, па тој да ги плаќа или да не ги плаќа. Тоа се пари на работникот кои одат за неговото здравствено осигурување и за неговата пензија. Во нашиот систем само заради некои причини (и се надевам дека има такви) направено е работодавачите да ги плаќаат тие пари на државните служби.

Всушност, не гледам некој посебен проблем да си ја добијам целата плата од 16.097,00 денари и потоа сам тие пари да ги уплатам на соодветните жиро-сметки во ФПИОМ, УЈП и сл. Ќе биде тоа една обврска повеќе, но барем ќе знам дека тоа се мои пари на кои јас плаќам данок и од кои уплаќам за мојата пензија и за моето осигурување.

Владата, покрај онаа „каде се трошат моите пари“ за даноците, може да воведе и „колку вкупно се моите пари“ за конечно да се расчисти оваа збрка со платите.

* Бројките се со заокружени дени. Не знам зошто не ги укинаа тие дените до сега?

П.С. Еве зошто е важно да се знае бруто платата и договорите да се прават со неа:

Само што прочитав дека Владата размислува за намалување на придонесот и воведување на „здравствен данок“. И А. Салтировска во Вест си напишала:

По воведувањето на рамниот данок како мерка за растоварување на работодавците, во реформата на придонесите се планира и преполовување на придонесот за здравствено осигурување, кој паѓа на товар на газдите на фирмите.

Мене веќе ми личи дека ако ова се спроведе, ќе се случи оној трик како со ДДВ-то за земјоделците кое требаше, но како што пишуваа весниците, не ги намали цените на земјоделските репроматеријали. Овде, ќе испадне повеќе кеш за работодавците, а работниците ќе имаат уште поскапа потрошувачка заради повисоки (нови) даноци.

Значи, ако придонесот за здравство се намалува за 50%, тие пари треба да си ги добие работникот, т.е. неговата нето плата да се зголеми.

Чекајќи... и така.

Tags: 

Коља има некој текст денес во Утрински (врска). Во принцип не сакам да гњавам за вавки работи на блог, ама испадна го прочитав, па нешто ми текна и така...

Вака почнува текстот:
Животот овде ни минува во чекање на подобри денови.

И потоа продолжува за тоа како сите влади имале милион причини зошто не тргала работата на поарно. (Ќе прочитате впрочем - ако ве интересира.)

Што ми беше мене зборот? Кога човек чека автобус, а автобусот никако да дојде, а човеков сака да стигне некаде, на крајот ќе види ќе не види, ќе трнге пешки, ќе фати такси, ќе стопира... зошто тоа не го прават луѓето, наместо бесконечно да ја чекаат владата?

Се сложувам, сите влади требало и треба да направат некои (помалку или повеќе) важни работи. Некои прават и глупости, наместо да прават нешто корисно и виновни се за полно работи. (Ќе се воздржам од давање примери.)

Она со што не можам да се сложам е ова чекањево. Кој се тие луѓе што цело време чекаат и зошто?

Секако, може да се обвинуваат владите (а и други фактори) за разни работи, но голем дел од проблемите во Македонија се предизвикани од... граѓаните дома и на работното место. Уништеното здравство, образование, култура, медиуми, јавни служби... не е (нити може да биде) исклучиво дело на владеачките гарнитури.

Пример, комплетно сјебаното високо образование (корупција + не во тек со остатокот од светот) нема врска со ниедна влада. Комплетно растурените амбуланти, искршени, исшкртани, валкани исто така нема врска со ниедна влада (забележете како и постари стоматолошки столови во приватни ординации изгледаат попристојно од некои понови на клиника). Доволни се овие примери ми се чини.

Ете тоа ми падна на памет и сега ми останува уште да завршам со некоја шизичка мисла како Коља кој на крајот го цитирал Конески. Еве, така послободно ќе го цитирам Вадим Левитин (еден американец кој беше дојден со албанците кога ги правевме тие работилниците):

Владата (за Владата на САД говореше Вадим) е неспособна било што да направи. Им дозволивме војна да водат, но ни тоа не знаат да го направат како што треба. Од Владата сакам само да не ми стои на патот. Тоа е се.

За медиумите и политичките партии

Tags: 

Покрај повеќето работи што ми паднаа во очи минатава недела, а кои се поврзани со политичариве во земјавава, беше и текстот на Ерол Ризаов во Утрински весник: врска.

Не сакам да пишувам за тоа што рекол премиерот и што за тоа мисли главниот и одговорен уредник на Утрински, туку само да се потсетам на сите оние случаи на телевизија или во весници каде нашите новинари цитирајќи, обработувајќи или известувајќи за вести/настани/луѓе од странство често кажуваат „тој и тој весник“ близок до „таа и таа партија“, или „таа и таа телевизија“ блиска до „таа и таа партија“. Навистина не е атомска физика: можеби никаде не пишува, но секаде се знае дека FOX News нејчесто известува дека „All is well in Iraq“, во основа возејќи го филмот на владеачката републиканска доктрина во САД.

Тетка Вики (како што вели Жарко) во статијата за независни медиуми никаде не го споменува Руперт Мардок.

И сега некој во Македонија ќе тврди дека водечките, mainstream, big-bucks медиуми во земјава се независни? Признајте си луѓе јавно кој со кој си е другарче. Кого лажете?

Pages