*Моите* пари

Tags: 

Прилично често ми паѓаат во очи пишувањата во весниците за тоа дека работодавците не плаќаат придонеси или други давачки. Исто така, неизбежни, посебно помеѓу младите, се муабетите за тоа дали да се работи за 10 или 20 илјади и „дали ќе ме пријави газдата“.

Оваа заебана перцепција всушност прави голем проблем во целото држ - не дај прашање за платата која вработените ја земаат.

Така, ако човек добива на рака/сметка 10.000,00 денари плата месечно, неговата плата всушност е 16.097,00 денари од кои 10.000,00 денари му остануваат да ги троши во месецот, а останатите 6097,00 денари ги дава за данок (946,00 денари) и придонеси (5151,00 денари)*.

Значи овие пари не се на работодавачот, па тој да ги плаќа или да не ги плаќа. Тоа се пари на работникот кои одат за неговото здравствено осигурување и за неговата пензија. Во нашиот систем само заради некои причини (и се надевам дека има такви) направено е работодавачите да ги плаќаат тие пари на државните служби.

Всушност, не гледам некој посебен проблем да си ја добијам целата плата од 16.097,00 денари и потоа сам тие пари да ги уплатам на соодветните жиро-сметки во ФПИОМ, УЈП и сл. Ќе биде тоа една обврска повеќе, но барем ќе знам дека тоа се мои пари на кои јас плаќам данок и од кои уплаќам за мојата пензија и за моето осигурување.

Владата, покрај онаа „каде се трошат моите пари“ за даноците, може да воведе и „колку вкупно се моите пари“ за конечно да се расчисти оваа збрка со платите.

* Бројките се со заокружени дени. Не знам зошто не ги укинаа тие дените до сега?

П.С. Еве зошто е важно да се знае бруто платата и договорите да се прават со неа:

Само што прочитав дека Владата размислува за намалување на придонесот и воведување на „здравствен данок“. И А. Салтировска во Вест си напишала:

По воведувањето на рамниот данок како мерка за растоварување на работодавците, во реформата на придонесите се планира и преполовување на придонесот за здравствено осигурување, кој паѓа на товар на газдите на фирмите.

Мене веќе ми личи дека ако ова се спроведе, ќе се случи оној трик како со ДДВ-то за земјоделците кое требаше, но како што пишуваа весниците, не ги намали цените на земјоделските репроматеријали. Овде, ќе испадне повеќе кеш за работодавците, а работниците ќе имаат уште поскапа потрошувачка заради повисоки (нови) даноци.

Значи, ако придонесот за здравство се намалува за 50%, тие пари треба да си ги добие работникот, т.е. неговата нето плата да се зголеми.