македонија

Undefined

Стари имиња на месеци

Tags: 

На маса ми фаќа прашина едно ливче со старите(?) имиња на месеците во годината.

Дамјан често ми мрчи дека било глупо да запишувам работи по ливчиња кога постојат компјутери, па еве едно ливче помалку:

Јануари - Коложег

Февруари - Сечко

Март - Цутар

Април - Тревен

Мај - Косар

Јуни - Жетвар

Јули - Златец

Август - Житар

Септември - Гроздобер

Октомври - Листопад

Ноември - Студен

Декември - Снежник

Никако да се сетам од каде сум ги препишал, ама еве ќе седат на блог ако некогаш притребаат за нешто.

investinmacedonia.com и web2.0

Tags: 

Па, страницата е крената на Интернет. Инвестирајте во Македонија. Сепак мислам дека утнале барем една работа. Интернет е во Web2.0 и потребни се разни банерчиња, налепници, светкави копчиња и слични џиџи-миџи. Па блогерите ќе ги земат тие, па ќе изповрзат и а-у со помош на општественото вмрежување ќе ги доведеме Google во Македонија. :)

Нема подобар пример од оној со автомобили

Tags: 

"Suppliers should give us choice. If I buy a Volkswagen car and the supplier demands that I use only Pirelli tires, I wouldn't accept it. In the software world, we all accept that the supplier limits our freedom. Software is an immature market."

Целата приказна за тоа како 10 холандски градови одлучиле да бараат отворени стандарди ја има на Newsforge: (мртва врска).

А Слободен софтвер Македонија и Метаморфозис имаат заедничко соопштение во врска со веќе надолго и нашироко пишуваниот оглас (и тендер) на Владата.

Проблемите на Владиниот тендер за обуки за MS Office

Tags: 

Имам потешкотии да го најдам тендерот за обуките на Интернет. Ако се појави во меѓувреме ќе го дополнам текстов.

Еве што вели Законот за јавните набавки* (Сл.весник на Р. Македонија бр. 19/04 од 30.03.2004 година.):

Содржина на тендерската документација
Член 36

(4) Во тендерската документација набавувачот не смее дадените технички карактеристики на предметот на набавката да ги специфицира на точно одредена марка, модел или тип, потекло на производството и слично.

(5) Кога набавувачот не може во тендерската документација да го опише предметот на набавката на начин спецификациите да бидат доволно разбирливи за понудувачите, наведувањето на елементите како што се заштина марка, патент, тип или производителот мора да биде означено со зборовите „или еквивалентно“.

А од друга страна, еве што вели Националната стратегија за развој на информатичко општество на својата 58 страница, во пиларот 2.6 Е-граѓани:

Потребно е да се поддржи употребата на слободниот софтвер и софтверот со отворен кoд како јавно добро кое е достапно за сите граѓани особено преку правото на избор на платформа во формалното и неформалното ИКТ-образование.

* Законот на страницата на Министерството за финансии е во YUSCII (па морав да го пречукам). Законот пак на онаа pravo.org.mk е во некое заштитено PDF од кое што не може да се копира текст. Ај може некогаш ќе им текне дека сите закони, подзакони и сл. (бидејќи се во јавен домен) треба да ги има на едно централно место обезбедено/одржувано од Владата/Собранието каде што сите граѓани ќе имаат пристап до нив.

Што кажува огласот на Владата на РМ за бесплатните обуки за MS Office

Tags: 

Основниот аргумент против одлуката на Владата на РМ бесплатната компјутерска обука која е дел од кампањата „Македонија - земја на информатичари“ е тоа дека Владата не може за една ваква обука да одбере софтверски пакет од еден производител и да одлучи со него да ја спроведе обуката. Нема да навлегувам во објаснувања зошто е тоа проблематично. Наместо тоа ќе се занимавам со еден пример.

Да речеме дека (слично како што вели огласот) денталната хигиена во земјава не е на завидно ниво. Затоа Владата одлучила да направи кампања за луѓето почесто да си ги мијат забите, но и да научат како се прави тоа правилно. За таа цел Владата одлучила да спроведе обуки на кои луѓето ќе се обучат да користат Colgate пасти и четкици за заби.

Ако вакво нешто да се појави во новини, ќе скокнат сите можни субјекти во Македонија кои имаат нешто да кажат за било што. Зошто се одбрал Colgate, па што ако е најпопуларен, чива тетка била увозник на големо за пастите, кој е главен дистрибутер и со која марка комбиња вози низ град...

И видете, тоа се сосема легитимни прашања бидејќи Владата не може едноставно да одлучи дека со парите на граѓаните ќе промовира некаков и нечив производ. Така огласот за кампањата за денталната хигиена веројатно би изгледал скоро исто како замислениот текст погоре, само тоа Colgate би се избришало.

Проблематичниот избор на канцелариски пакет на страна (сите ќе пишуваме уште за тоа), до сега Владата беше критикувана од премногу луѓе дека пука ќорци. Во делот за ИКТ GoodBytes веќе пишуваше за бесплатниот dial-up. Последниов чекор, овој за бесплатните обуки, исто така ми се чини ќе биде утка.

Зошто?

1. Кампањата е со наслов „Македонија - земја на информатичари“.

Ми се чини под информатичари се подразбираат некакви стручни лица. На стручни лица во основа не им требаат основни курсеви за канцелариско работење. Ако треба да станеме земја на информатичари, веројатно потребни се други курсеви.

2. Компјутерската писменост е на ниско ниво.

Јас не знам ниту еден човек кој што нема основни познавања од Word и Excel (како да напише текст, па Bold, Italic, па Enter, Enter, нов ред и сл. а кој што има компјутер. Па дури и самиот оглас констатира дека „неписменоста“ се должи на неможноста да се купат компјутери. Сепак Владата одлучила да дава обуки. Каде е логиката тука? Ако човек нема компјутер дома брзите обуки од Владата ќе му траат не повеќе од 5 дена. Ако има компјутер дома, вакви обуки веројатно и не му требаат.

3. Ќе се делат дипломи!

И тие веројатно нема да имаат никакво значење ако се зема за точно тврдењето на голем број IT фирми дека факултетските дипломи не им значат многу кога вработуваат нови вработени, туку прво ги ценат нивните вештини. Така сигурно смешна ќе биде ситуацијата кога некој посетител на курсот после 6 месеци доаѓа на интервју, го примаат на работа и седнува да работи, а тој веќе не ни знае кај се вклучува Word-от.

Ете тоа може да се прочита од огласот на Владата, се разбира ако човек ги игнорира печатните грешки.

Слични текстови:
Мора ли обука за Microsoft Office? на GoodBytes,
Знај да направиш разлика на Игор Стаматовски.

Интернет не е дел од MS Office

Tags: 

Пред да почнеме да ја напаѓаме Владата на РМ (а ќе почнеме сигурно) за нејзиниот непромислен потег да нуди бесплатни курсеви за MS Office, морам да ја закачам сликата од огласот:

Ако добро забележувате во набројувањето за тоа што вклучува пакетот MS Office стои и Интернет. Можеби некој прво треба да им објасни на луѓето во Владата дека Интернет не е дел од MS Office.

Владата замеси леб, опозицијата бара погача. Системот функционира.

Tags: 

Кибер котле известува за кршењето леб на Илинденска ББ (мртва врска):

Вечерва Владата традиционално ја кршеше Бадниковата погача. Но, како што дознаваме, оваа година паричето се паднало кај опозицијата, што внесе немир во редовите на Владата.

Повеќе институции веднаш побрзаа со свои изјави (што се покажа како целосно непријатно за новинарите кои едвај земаа здив и се надеваа дека на раат ќе ја варат сармата попладнево).

Од Антикорупциската комисија велат дека постојат сериозни сомневања дека тестото го месела вујна на еден од министрите. Не сакајќи да именуваат никого, тие рекоа дека ќе го тераат случајот до крај и дека нема да замижат пред уште еден пример за непотизам.

На заедничка прес-конфренција од Царината и МВР пак беа покажани фотографии од бело брашно тип 400 кое единиците на овие служби го фатиле веднаш по влезот во Македонија од соседна Бугарија. Тие се сомневаат дека брашното е дел од поголемите количини од кои бугарските власти сакаат да се ослободат, бидејќи во ЕУ не се јаде (толку многу) леб.

Портпаролот на главната опозициска партија и оваа прилика ја искористи да ја критукува Владата дека тера само по свое бидејќи не се консултирала со нив за изборот на паричката, иако таа паднала во нивното парче. Тој најави дека ако и за Василица биде исто, партијата нема да учествува повеќе на никакви прослави, па дури ни на 2 мај.

Вести од други места: Коледе пендрек на Вуна (мртва врска).

Вирус, грип, епидемија...

Tags: 

Макфакс ги има вестите дека 1. Куманово паднало болно од грип, 2. Во Македонија има грип, ама не и епидемија.

Вирусот кој одлучил да напаѓа ова зима е Инфлуенца вирус А. Брзо препребарување на Википедија открива дека во оваа група (тип?) припаѓа и опасниот/оспоруваниот H5N1 (Птичји грип) како и некои други типично човечки верзии.

Она зошто почнав да го пишувам ова беше следново. Не се сеќавам ниту еднаш во Македонија (Скопје) да се прогласи епидемија (во зима) или елементарна непогода (во лето), а секоја година според извештаите стигнуваме прилично блиску до границата. Или имаме премногу среќа па во последен момент вирусите/жешките бранови си одат, или информациите кои се пласираат за овие теми не се точни, или надлежните служби од разни причини одлучуваат да не прогласуваат ништо.

Било како било, ми се чини дека општиот пад на квалитетот на животот (пример: HDI од 2005 до 2006 сме паднале 7 места, поточно само 0,001 поен, но тоа веројатно е добар одраз и на стагнацијата) во РМ допрва ќе почне да се гледа токму на вакви некои појави со типичен предзнак на 19 век.

Како подарив 150 денари

Tags: 

Петокот навечер си го спремав за 103 журката. И ќе одев на журка (добра ли беше?) ако во Милениум играше нешто друго. Арно ама, играше „Како убив светец“ на Теона Митевска. Решив да го гледам филмот бидејќи е македонски филм. Читав негде добил награда за главната машка улога, па бил за нашава ситуација... па си реков не може да биде многу лош. Додуше и некој да ми кажеше дека е лош, ќе одев да го гледам, па и не ми е многу жал што ги подарив 150-те денари на така лош филм.

А да, оние од вас кои сакаат да го гледаат филмот, а го пропуштија во петокот, нека не го читаат текстов надолу. Исто извинете ако нешто е конфузно подолу -- таков беше и филмот. :)

Па да почнеме од почеток. Прво Теона и Лабина дадоа неимпресивна најава на филмот -- добија аплауз. Потоа газдите на Милениум не давеа 15 минути со реклами. Потоа претпремиерата на филмот почна. Чисто информативно, премиерата ќе биде на 1 ноември.

Она што го знам за филмовите е дека филмот мора да го држи вниманието на гледачот 90 минути, да го води за раче, и да не дозволува овој да си поставува премногу прашања (море ич!) од типот зошто ова?, како она? додека трае претставата. Работите кои се случуваат на платното мора да функционираат совршено, да има логика, да биде така како што треба. Ова важи за сите филмови: од големата холивудска продукција, до малата инди продукција. Ако филмот го нема ова, тој нема ништо.

Сега назад на „Како убив светец“. Вниманието ми го држеше мојата одлучност да видам што направиле македонските филм-мејкери. Мојот заклучок - не направиле многу. Ако сакам да ви ја раскажам приказната на филмот - онака на кратко - богами ќе треба да се помачам.

Приказната беше за една девојка - македонка која се враќа од САД во екот на воениот конфликт 2001-та. Зошто се враќа? Добро прашање. Претпоставувам се враќа за да си ја види/земе ќерката... (Претпоставувам додуше, дека Виола (Лабина) е главниот лик, па приказната е за неа.) Приказната може да биде и за младото момче Кокан - братот на Виола и неговиот гнев кон работите што се случуваат наоколу. Во филмот, тој е тој кој ќе го фрли оној каменот кој уби еден НАТО војник. Момакот е гневен нешто, па ќе одлучи и да го убие аташето на Американската амбасада. По играта на судбината, Виола била преведувачка на аташево, и види американецот да ти бил татко на нејзинотот дете. Нема сомнеж дека од ваква материја може да се извади добар филм. Холивуд вадел добри филмови и со помалку од ова. Но можеби Теона требала да поработи уште некоја година на сценариото и филмот. Негде прочитав дека 2-3 години и требале да го направи ова како што сега е.

Океј, можеби филмот и не е за судбината на овие два (и другите) неколку лика. Можеби е за ситуацијата во Македонија -- онака општо, најоптшо: дека е срање и тоа. Ама пак е фаличен, расштркан, нелогичен. Камерата не е ништо посебно. Фотографијата и режијата исто. Сценариото едноставно не чини.

Трета опција: Може филмот има некој мета-текст кој е недофатлив за моето гледачко око. Во ова сериозно се сомневам, ама ќе си повлечам се што реков ако е така. :)

Почнува филмот. Излегува Виола од авион. Си одат дома. Го запознаваме семејството. Нивниот роднина ги вози дома со службената кола - тој е шофер на оној аташето ако ви текнува. Стигаат дома. Кокан нешто се исфурува и си оди. Виола врти кај негде и зборува на англиски (подоцна дознаваме дека сака да прави муабет со својата ќерка). Оди кај својот дедо. Тој спие. Таа вика да го разбуди. Влегува татко и.

Реплика:

Таткото на Виола (тивко)

Шшшшшш, не слуша. .... .... (или нешто така)

Тука се насмеав прв пат. Добро, ако не слуша, зарем може да го разбуди со викање? Рез. Кокан со својот другар албанец кај некои криминалци. Треба да бркаат работа, да шверцаат нешто од Србија. Рез. Нешто подоцна, тие двајца се скаруваат. Рез. Журка во градот. Во диското Шоферот и вели на Виола дека „знае зошто е тука“ - и толку. Караница во тоалетот. Кокан се кара со девојката која е некоја водителка на ток-шоу. Ги крши огледалата во бес(?!?). Рез. Спијат кај албанецот и потоа налутено си одат(?!?). Рез. Одат за Србија. Вечарта додека се таму-ваму, мајката и таткото на Кокан и Виола имаат гости. Од за мене непознати причини постојано ги гледаме нив, меѓу сцени. Се веселат, играат оро. Каква поента имаше ова стварно не ми е јасно.

Значи одат во Србија, зема Кокан тоа што треба да земе. Таму, додека чекаат Виола му се исповеда на Кокан. Ахам, дознаваме што била финтата со зборењето англиски -- не вртела во Америка. И тука сеуште постои шанса филмот да тргне на добро. Ама не. Нема да биде така.

Сега се враќаат назад. Кокан свесен дека полицијава ќе го бара ја менува својата торба со онаа на сестра му. На граница, во автобусот полицијата ги гледа пасошите, го препознава и го носи Кокан на претрес. Во ташната му наоѓаат кармин, чешел, прслук (добро која девојка носи прслук во ташна?), и полицајциве мислат дека овој е педер или транвестит или нешто така. И додека цајканов му се курчи на угул-гол соблечениот Кокан, автобусот се спрема да си оди. Сестра му тропа на прозор и вика дека го бара брата си, дека не оди без него, тие ја качуваат во автобус. Е океј. Значи за полицајциве Кокан е осомничен за нешто. Имаат причина гол да го соблечат. Па добро, ако веќе е толку критично, зарем нема да им текне и сестра му да ја претресат? Ако ја пропуштија при читањето на пасошите (имаат исти презимиња и адреси на живеење), зошто ја пропуштија пак кога таа тропаше по прозорите? Ебати наивната полиција.

Автобусот си оди. Кокан трча пешки преку граница. Во автобусот Виола се расправа со возачот. Врати се назад, брат ми е таму - вели таа. Возачот вели не. Ама брат ми е таму, го држат на граница. Возачов - не. Се чувствува мал климакс. Сега ќе се случи нешто т.е. би требало да се случи нешто. Вилоа вели - значи не се враќаш назад? Возачов не. И таа си седнува на место. What the fuck? Камо акција. Крени ручна, сврти го воланот, почни да плачеш, скокни низ врата. Ништо. Си седнува на место, гледа дека брат и имал нешто „спорно“ во торбата. Ги става стварите во јакна, торбата е празна. Додека патуваат почнува да и се пушта еден Ром. Верните гледачи на Циркотека на БТР ќе го препознаат водителот. И ова беше тотално глупо. Некакво клише. Подоцна УЧК ќе го испразни автобусот. Ќе одат пешки до Скопје. И тука уште еден пропуст. Филмот јасно на почеток вика „Македонија 2001“, а крстот свети ли свети над градот ноќта кога ќе стигнат.

Во меѓувреме Кокан иде пешки преку граница. Наидува на, пазете сега, означено минско поле. Ги соблекува патиките и пешки го преминува целот поле, чекор по чекор, цела ноќ, и останува жив. One lucky motherfucker. Како да поверувам дека овој копиљ го помина минското поле? Аман. Океј е кога Џејмс Бонд ќе премине минско поле, али знаеме дека тој го може тоа. Тој е Бонд, Џејмс Бонд. Кој е овој Кокан?

Скопје. Шоферот-роднина го зема Кокан на негов повик. Го носи дома. Овој се дотерува. Спрема бомба. C4. Нема лабаво. Оди со својот роднина кај аташето да го земат и да го носат на некаков состанок. Пауза. Како побогу, шофер има овластување да качи трето лице во колата и да оди со него до резиденција на атеше? Зарем аташето нема телохранители или нешто така? Океј бидна. Стигаат таму. Кокан ја гледа ќерката на аташето. Му ја зема актовката и ја става во багажник. Таму за 30-тина секунди ја обива, го става -- пазете -- го става експлозивот внатре, магично го подесува да експлодира. Не знам како дали на отварање или на време. Попат во муабет собира два и два и дознава дека американецот е татко на детето на сестра му... Како до сега да требаше да прифатиме малку работи чисто „како такви“, сега треба да прифатиме и дека Кокан бачко, е некаков си експерт за правење бомби. Па по ѓаволте, од каде знае тој да прави бомби? Си одат од таму. Бомбата ќе експлодира во живо на телевизија.

Утрото, оној криминалецот од почетокот на филмот оди кај Кокан дома да си ги бара парите. Прави некој глуп филм со родителите. Кокан се враќа дома, па татко му му прави нему некој глуп филм... бла бла бла. И тука не ми е јасно зошто типов одлучи да го малтретира само Кокан. Мислам ајде, криминалец, должни му се пари и тој одлучува да малтретира еден од должниците? Албанецот другар на Кокан, лагано се шета низ градот и ја наоѓа Виола во парк. Таа токму таму одлучи да бара такси за да ја носи до граница. Ја носи во кафана и ја бара за жена. Хм, ова да беше на почетокот на филмот, па тука да се вртеше приказната, може и ќе бидеше нешто од филмот.

Виола одбива и си оди. Оди до резиденцијата. Не знае што се случило. Се шета околу оградата. Наоѓа буре. Го исправа, се прекачува. Ѕвони, се тегне со жената, го зема девојчето и си оди. Хм, хм, хм... од каде буре покрај оградата на резиденцијата? Зарем обезбедувањето на американецот не ги отстранило сите потенцијално опасни предмети околу резиденцијата? Нејсе. Само што извршија атентат на типов. Зарем нема обезбедување во куќата. Полицајци, војници, тепачи кои ќе ја заштитат женава? Аларм нешто? Си прошета момата како низ турски гробишта и си го зема детето. Да одиме сите утре да се прекачиме во америчка амбасада.

Во меѓувреме Кокан ја губи присебноста. Човекот кој ладнокрвно направи бомба, ладнокрно за пола минута ја смести во актовка... откачи и улета во студио во живата емисија на девојка му и кажа дека ја подметнал бомбата. Откачи, ух, можда бил луд. Јеби га... Али како го пуштија во студио? Како уопште влезе во зградата во телевизијата? Другар е со сите па се прошета низ просториите...

Потоа си отиде од таму и појде кај криминалецов. Таму се скара нешто со него и овој го уби. Не знам зошто не и се јави на сестра си, и не и ги зема тие работите што ги шверцаше. Јес да нејзе и паднаа (или барем торбата и падна) кога се прекачуваше преку оградата, али од кај па он го знае тоа?

Филмот заврши со сцена со уплашените мајка и татко, несвесни за патешествијата на своите деца, како седат во темна соба и ги слушаат бомбите во далечина. Надвор пред куќата седи Виола со својата ќерка (која спие?!?!). Доаѓа дедото. Вика дека утакмицата е одложена. Крај.

Крај. Стварно крај.

Е тоа е филмот. Ако дочитавте до овде, што да ви кажам, одете - гледајте го. ;-)

После ова можам само да си се запрашам кој беше шупакот од Министерство за култура кој оцени дека сценариото (а со тоа и филмот) вреди да биде финансирано. За филм-мејкерските способности на Митевски&Cо не вреди да се арчи бендвит. Искрено се надевам дека ќе прават бољи филмови во иднина, пошто се чини дека и така и вака ќе добиваат пари да ги прават.

П.С. Малку оф-топик, али патот патот ме одведе во ГТЦ, па да си се изнасмеам до крај. Во подрумот во ГТЦ има две продавнички за пиратска музика и софтвер. И тоа не е се! Продавничкиве имаат фискални каси и имаат залепено она „ве молиме земајте фискална сметка“. Значи луѓето од Министерството од економија дошле во ГТЦ и фискализирале две продавници што продаваат нелегални производи. Одлично. :)

Забелешка: Овој текст го објавив на Багра на 3 октомври 2004 год.

И Македонија го сака Firefox

Tags: 

Како follow-up на мојот запис дека Европа го сака Firefox, каде се прашував колку сурфери во Македонија го користат прелистувачот на Мозила, во сандачето ми стигна пошта со следнава содржина:

on.net.mk

MS Internet Explorer 61.3 %
Firefox 30.4 %
Opera 5.3 %
Unknown 1.6 %
Mozilla 0.5 %
Others 0.7 %
-----------------------------------------

*.blog.com.mk

MS Internet Explorer 47.3 %
Firefox 43.1 %
Opera 3.9 %
Непознато 3.6 %
Mozilla 0.5 %
Други 1.3 %
-----------------------------------------

rechnik.on.net.mk

MS Internet Explorer 50 %
Firefox 38.5 %
Opera 7.9 %
Unknown 2.2 %
Mozilla 0.4 %
Others 0.6 %

Македонија го сака Firefox. :)

Pages