Submitted by Новица on
Tags:
Основниот аргумент против одлуката на Владата на РМ бесплатната компјутерска обука која е дел од кампањата „Македонија - земја на информатичари“ е тоа дека Владата не може за една ваква обука да одбере софтверски пакет од еден производител и да одлучи со него да ја спроведе обуката. Нема да навлегувам во објаснувања зошто е тоа проблематично. Наместо тоа ќе се занимавам со еден пример.
Да речеме дека (слично како што вели огласот) денталната хигиена во земјава не е на завидно ниво. Затоа Владата одлучила да направи кампања за луѓето почесто да си ги мијат забите, но и да научат како се прави тоа правилно. За таа цел Владата одлучила да спроведе обуки на кои луѓето ќе се обучат да користат Colgate пасти и четкици за заби.
Ако вакво нешто да се појави во новини, ќе скокнат сите можни субјекти во Македонија кои имаат нешто да кажат за било што. Зошто се одбрал Colgate, па што ако е најпопуларен, чива тетка била увозник на големо за пастите, кој е главен дистрибутер и со која марка комбиња вози низ град...
И видете, тоа се сосема легитимни прашања бидејќи Владата не може едноставно да одлучи дека со парите на граѓаните ќе промовира некаков и нечив производ. Така огласот за кампањата за денталната хигиена веројатно би изгледал скоро исто како замислениот текст погоре, само тоа Colgate би се избришало.
Проблематичниот избор на канцелариски пакет на страна (сите ќе пишуваме уште за тоа), до сега Владата беше критикувана од премногу луѓе дека пука ќорци. Во делот за ИКТ GoodBytes веќе пишуваше за бесплатниот dial-up. Последниов чекор, овој за бесплатните обуки, исто така ми се чини ќе биде утка.
Зошто?
1. Кампањата е со наслов „Македонија - земја на информатичари“.
Ми се чини под информатичари се подразбираат некакви стручни лица. На стручни лица во основа не им требаат основни курсеви за канцелариско работење. Ако треба да станеме земја на информатичари, веројатно потребни се други курсеви.
2. Компјутерската писменост е на ниско ниво.
Јас не знам ниту еден човек кој што нема основни познавања од Word и Excel (како да напише текст, па Bold, Italic, па Enter, Enter, нов ред и сл. а кој што има компјутер. Па дури и самиот оглас констатира дека „неписменоста“ се должи на неможноста да се купат компјутери. Сепак Владата одлучила да дава обуки. Каде е логиката тука? Ако човек нема компјутер дома брзите обуки од Владата ќе му траат не повеќе од 5 дена. Ако има компјутер дома, вакви обуки веројатно и не му требаат.
3. Ќе се делат дипломи!
И тие веројатно нема да имаат никакво значење ако се зема за точно тврдењето на голем број IT фирми дека факултетските дипломи не им значат многу кога вработуваат нови вработени, туку прво ги ценат нивните вештини. Така сигурно смешна ќе биде ситуацијата кога некој посетител на курсот после 6 месеци доаѓа на интервју, го примаат на работа и седнува да работи, а тој веќе не ни знае кај се вклучува Word-от.
Ете тоа може да се прочита од огласот на Владата, се разбира ако човек ги игнорира печатните грешки.
Слични текстови:
Мора ли обука за Microsoft Office? на GoodBytes,
Знај да направиш разлика на Игор Стаматовски.