Луѓето, медиумите и новите технологии. А во Македонија?

Tags: 

Деновиве во Скопје се одржува конференција каде медиумите се главна тема: врска. За жал, не стигнав да учествувам, а нема да стигнам ни да присуствувам, ама да не биде без ич, ќе прибележам нешто на блогов.

Вчера и завчера офлајн времето го поминав во читање на извештајот на KPMG „Влијанието на дигитализацијата...“: врска PDF. Клучните зборови во текстов, кој се надевам ќе ви биде доволно интересен да го прочитате, се: интернет, (стари и нови) медиуми, општествено вмрежување, генерации - baby-boomers, X, Y.

Извештајот говори за тоа какво влијание имаат новите технологии на различните генерации (и обратно), како тие ги доживуваат и користат медиумите, каква содржина е важна за потрошувачите/корисниците, што ќе се случи кога нашата генерација (Generation Y) ќе стигне до менаџерските функции (пример, дали ќе се случи некое големо поместување кога на влијателните позиции ќе дојдат луѓе на кои не им било многу гајле за авторските права) и сл. Се разбира сето ова е од перспектива на една корпорација, но во случајов тоа не влече многу негативни поени.

Она што мене ми е интересно е пренесување на приказната локално, овде во Македонија и идентификување на споменатите генерации и нивните минати, сегашни и идни улоги. Потоа, дали новите технологии можат да донесат некакви општествени промени во Македонија и дали тие некако (можат да) влијаат на воспоставената медиумска хиерархија, но и дали е тоа воопшто важно во севкупната светска размена на информации и креирање на содржина на Интернет.

Одговор на овие прашања немам, а претпоставките ми се мрачни. Сепак ми се чини дека ова е интересна тема за истражување. Ете, ова нека биде мојот придонес кон дебатите на конференцијата. :)