Submitted by Новица on
Tags:
Денес (14.03.2006) јас и Дамјан требаше да одржиме предавање на тема слободен софтвер and beyond на Правниот факултет за студентите од прва година студии по новинарство. Нашето предавање беше одложено. Причината беа двајца гости од САД, новинари кои зборуваа за слободата на говор и одговорноста на медиумите. Ние се сложивме да го преместиме предавањето за идниот вторник и отидовме да видиме што Рене Каплан од CNN и Том Дауни од NYTimes и Rollingstone имаат да кажат. По „службена должност“ на предавањето дојдоа и сите студенти кои требаше нас да не слушаат.
Американциве беа кратки. Зборуваа по околу 5 минути и потоа се надеваа на прашања од публиката - а тоа баш и не се случи. Јас си мислев дека младиве новинари ќе ги посипат со прашања луѓево. Дошле искусни новинари од странство, знаат полно работи за тоа како функционира тој бизнис, работеле сериозни работи и во влијателни медиуми - човек ќе си рече прилично добра прилика за да се ќари нешто повеќе знаење. Но, џагорот од публиката и фактот што јас, Дамјан и нашиот домаќин Миша поставивме 90% од прашањата (и ја спасивме дискусијата :)) некако ми ја потврди тезата дека најголем број од студентите и не се заинтересирани за студиите на кои се запишани.
Попладнево, ние тројца плус Игор млатевме прилично празна слама на темава: зошто луѓето одат на факултет, дали се добри студиите, дали електронската евиденција е оправдана, која е улогата на професорите и родителите итн. (и може некој од нив ќе блогува нешто околу ова).
Но, она што ме мотивираше мене за овој (по се изгледа долг) блогерски запис е коментарот/прашањето на една студентка кој откри некаков анти-американизам, ксенофобија, национализам или нешто слично и кој наиде на одобрување (аплауз) од публиката (или оној нејзин дел кој не си играше со мобилните телефони).
И мислам за ова последниве неколку часа колку што сум дома. Прво не се сеќавам дека на тие години (19) јас сум имал слични ставови (предрасуди?) за американци (или било кои други) иако секојдневието ми било веројатно подеднакво исполитизирано. Второ не можам да поверувам во прикажаната игнорантност и тоа на возраст кога љубопитноста би требала да биде на највисоко ниво. Трето, ова се идните новинари, на некој начин идните „opinion makers“. Каква иднина не чека тогаш?
Еве сме. Дрндаме по блогови, мафтаме со национални стратегии за е-ова и е-она, грабаме кон ЕУ и немаме поим што се случува во главите на нашите тинејџери затворени во плитката бара - македонското општество.
Како кец на десетка ми доаѓа една приказна која ја чув пред некое време. Во неврзан разговор еден ром жали за распадот на СФРЈ. Причината поради која тој жали е отсуството на војници од ЈНА од другите републики на нашава територија. Имено, вели човеков, кога тие биле тука во војска и кога ќе дошле до прашањето секс, изборот често паѓал на девојки од ромско потекло. Ова често водело до (веројатно несакана) бременост, но исходот и не бил така лош. Се мешале и се раѓале побелени деца вели човекот. Сега таа морфолошка карактеристика, очигледно значајна за носталгичниот ром, се изгубила.
Па, прашувам: кој е крив што граѓаните на Македонија седат затворени и не можат да се мешаат никако и со никого?
Не можеме да патуваме (ете, Дамјан ќе потврди дека не можеме ни до Хрватска да одиме). Но, зошто да не повикаме луѓе да дојдат овде? Сите земји имаат визи за нас? Зошто ние да не им возвратиме со укинување на нашите визи за нив? По секоја мерка сме премногу малечки и никако не можеме да си го дозволиме луксузот на самодоволност. И ова можеби е најдобрата причина зошто ни треба (ефтин) интернет и (ефтини) компјутери. Не за е-влада, не за е-услуги, туку за идеи, за проток на информации, за отварање на очите и ширење на перспективите.
Слично како поговорката со Мухамед и планината. Ако веќе не можеме да одиме никаде (од политички, економски или други причини), барем да работиме на тоа светот да доаѓа кај нас (сеедно дали преку влез на луѓе од сите страни или бајти од сите страни), и кога ќе дојде да зборуваме, да мислиме, да прашуваме - бидејќи вака, сами, дефинитивно ќе се изгубиме.