економија

Undefined

Стапиците и Македонија

Tags: 

„Милијардата на дното“ (The Bottom Billion) е последната книга што ја прочитав летово.

Книгата е поедноставено резиме на истражувањата на Пол Колиер и неговите студенти и соработници на универзитетот Оксфорд. Во неа се образложуваат причините за заглавувањето во сиромаштија и стагнација на голем број на држави и општества од Африка и Азија во кои живеат околу една милијарда луѓе, но и се нудат некои решенија за тоа како да се излезе од таа состојба и да започе развој. Книгата црпи информации од истражувања базирани на голем број статистички податоци што, освен ако не се водиме од „лаги, проклети лаги и статистика“, мене ми звучи поздраво од некои други наслови што исто така нудат лекови за овие држави.

Што е за право, во книгата не се споменуваат држави од Европа, освен две кратки референци за Босна и Косово. Сепак, ми се виде корисно да ги споделам стапиците што мислам дека се важни за Македонија. Стапиците се четири на број и објаснуваат во какви незгоди влегуваат овие општества: стапица на конфликт, стапица на природни богатства, стапица на континентална држава (landlocked), стапица на лошо управување во мали земји.

Мислам дека лесно може да се види кои од овие ѝ прилегаат на Македонија. Среќа немаме многу природни ресурси инаку ќе имавме совршен резултат - 4 од 4.

Ако ми дозволи времето во следите неколку записи на блогов планирам да се занимавам со секоја стапица поединечно. Не знам колку тоа ќе биде успешно бидејќи и не знам дали некаде има јавно објавено статистички податоци за Македонија.

Пионерите на новото време

Tags: 

Да си ги довршам, барем засега, мислите околу идеологијата и економијата (1, 2 и 3).

Пионерите и младинските организации од времето на СФРЈ често се сметаат за дел од широката идеолошка подлога на тој систем (и другите слични на него).

Според en.wiktionary.org пионер, меѓу другото, е некој што (в)оди напред, на пример во дивината, за да го припреми патот што ќе го следат другите.

Во либералниот капитализам тие што водат напред се претприемачите. Тие вложуваат во нови бизниси и преземаат ризик кога остатокот (мнозинството) гледа како да ги задржи своите удобни работни места. Тоа го прават за своја корист (профит), но на крај за корист на целото општество, бидејќи новите бизниси, производи, услугу и технологии ќе создадат подобри услови за сите.

Да, ова, горе-долу, е официјалната мантра за претприемништвото.

А за да се осигура дека секогаш ќе има претприемачи кои ќе одат напред за да го припремат патот за другите, денешното општество, исто како и минатото, организира пионерски одреди. Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење и Претприемничкиот сервис за млади се два вакви примери кои често организираат натпревари за нови бизниси наменети за млади луѓе. Сеќавањето ми вели дека едно време беа актуелни и разни симулации за берза наменети за студенти, но сега не можам да најдам врска до тоа на интернет.

Среќно или не, јас ги фатив двата одреда.

Уште за економијата и идеологијата

Tags: 

Во „Современите економски системи“ книга на Никола Узунов и Љубица Костовска (всушност единствената книга што ја сметам (и сметав) за учебник од Економскиот факултет во Скопје - поради начинот и јазикот на кој што е напишана) на крајот на Глава III (Интеракција меѓу економскиоте и политичките системи) се вели:

Според тоа, трајни се врските ако се појават спонтано и ако постои природен афинитет меѓу елементите на системот. Со други зборови авторот вели дека административно цетралистичкиот систем (читај монистички систем Советски блок) т.е. врската 1-А, и само-управниот систем (читај СФРЈ) т.е. врската 3-С не се појавиле спонтано туку под влијанието на идеологии, и се одржувале вештачки; а пазарниот систем се појавил спонтано, како продукт на историјата и се одржува речиси како природна појава.

Воглавно имам проблем со објаснувањето на општествените појави преку некаква „природност“. Но нема да одиме натаму. Овој дел од книгата заклучува дека приватната сопственост и пазарната координација си одговараат со демократијата, т.е. тие два система се конзистентни бидејќи и двата се плуралистички. Се разбира конзистентност може да има и во неплуралистичките системи, но како што е опишано погоре тие не се „природни“ и оттука се неодржливи (како што и историјата покажала). Но одржливоста не е цел сама за себе. На крај, овие системи се тие што носат намногу корист, развој, пари, среќа итн. (Авторите не се без критика за капиталистичкиот систем, посебно во однос на социјалната праведност - но за тоа можеби друг пат.)

Двојниот плурализам е selling point-от на новиот систем. Ова е начинот со кој најлесно се објаснува преминот на Македонија кон овие системи, но дури и неизбежноста на таквиот премин која изгледа и историски детерминирана.

Fast-forward до доцните 2000 и ја имаме Кина со авторитарен-капитализам т.е. без политички плурализам, но плурализам во економскиот систем, со други зборови неприродна врска - неконзистентност на системите, а со извонреден раст што не изгледа дека ќе запре. Што сега за иднината на општествата? Дали поместувањето на другите ќе биде кон Кина со цел да не застане растот?

Славој Жижек, еден од водечките филозофи на денешницата, има неколку поенти за тоа:

The explosion of capitalism in China has many Westerners asking when political democracy—as the “natural” accompaniment of capitalism—will emerge. But a closer look quickly dispels any such hope.

The features we identify today with liberal democracy and freedom (trade unions, universal vote, freedom of the press, etc.) are far from natural fruits of capitalism. The lower classes won them by waging long, difficult struggles throughout the 19th century. Recall the list of demands that Karl Marx and Friedrich Engels made in the conclusion of The Communist Manifesto. With the exception of the abolition of private property, most of them—such as a progressive income tax, free public education and abolishing child labor—are today widely accepted in “bourgeois” democracies, and all were gained as the result of popular struggles.

1 мај 2010

Tags: 

Веќе е 1 мај и сакав да напишам нешто околу тоа, но некое светкаво веб2.0 срање ми го одзеде вниманието и мислата отиде.

Нејсе, лани сум пишувал за „Неолиберализмот и образованието“, што ми се чини е добра стартна точка за секој што би сакал да размислува зошто правата на работниците во Македонија се намалуваат. Современото сфаќање е дека човекот е само уште еден ресурс, па веројатно тешко е да се замисли ресурсите да добиваат некакви права (какво право има некоја машина?).

Дали е ова добро или лошо е друга дебата (или можеби е вистинската дебата?), но таа дебата не се случува (барем не во Македонија).

Па, среќен 1 мај.

Хакерска етика @ NYUS во Сарај

Tags: 

Да продолжам со неделата на заблогадарувања - благодарност до Дарко Булдиоски и проф. Дона Колар-Панов за поканата и отстапеното време да одржам кратка презентација на темата „Зошто хакерите хакираат“.

За мене тоа беше добра прилика да споделам некои нови работи со кои се сретнав, посебно преку читањето на „Хакерска етика“ - книга која ја има во библиотеката на 2с.мк. Презентацијата беше само врв од сантата мраз на голема тема за работната етика која доминира денес и можните промени кои хакерската може да ги донесе.

Но настрана од тоа, атмосферата на часот по Дигитални медиуми и сајбер култура беше нешто што не сум го видел на друго место во Македонија. Да беше пред 5 години, ќе се запишев таму на постипломски. Се разбира не знам дали сите часови се такви, но овој беше отворен и поттикнувачки за учесниците.

Ни требаат повеќе вакви студии.

Економските индикатори како одредница за платите на политичарите

Tags: 

Во економската теорија (и практика) познат и често применуван е системот на наградување на менаџерите на компаниите со опции за акции. Идејата е дека, кога интересите на менаџерите ќе се изедначат со оние на акционерите, менаџерите ќе имаат поттик да ја направат компанијата што е можно поуспешна, бидејќи така и тие ќе имаат корист (цената на акциите ќе расте и за нив).

Не знам како точно се определуваат платите на политичарите низ светот. За Македонија ми се чини дека се определени со некои закони или слични регулативи, така што износот се добива како производ на просечната републичка плата со некој коефициент.

Не знам зошто државните менаџери не добијат ист третман, така што нивните плати би се врзале со некои економски индикатори што ја изразуваат благосостојбата на луѓето. На пример, познат индикатор е Џини коефициентот. Овој коефициент е индикатор на (не)еднаквоста на расределбата на доходот или богатството во едно општество. Коефициентот се движи од 0 до 1 и повисока вредност значи поголема нееднаквост. Ако се сложиме дека од интерес на сите во општеството е да има поголема еднаквост во дистрибуцијата на доходот и дека тоа е една од задачите на политичарите, тогаш нивните плати можат да се пресметуваат по формула која ќе овозможи поголеми плати доколку коефициентот се движи кон нула.

Друг индикатор може да биде HDI. HDI исто така се движи од 0 до 1. Во 2009 највисок има Норвешка (0.971), Македонија е 72-ра со 0.817. Ако повисок HDI значи и повисока плата за политичарите, тогаш тие ќе имаат повеќе мотив да работат на трите компоненти кои го оформуваат индексот: очекување на животен век при раѓање, знаење и образование и животен стандард - кои што очигледно се категории кои токму спаѓаат во описот на нивните работни задачи, а секако се од интерес на граѓаните.

Ете идеја.

Починал Пол Семјуелсон

Tags: 

Вчера починал Пол Семјуелсон. Семјуелсон беше еден од водечките економисти. Автор е на Economics, најценетиот учебник по економија во целиот свет.

Зошто пишувам за ова?

Речиси ниту еден медиум во Македонија ја нема оваа вест. Google има линкови само до Сител и МИА од поглавните медиуми.

Но, поважно, Македонија е единствената земја од групата земји со кои сакаме да се споредуваме каде предметот економија не се учи од книгата на Семјуелсон (колку што ми е познато книгата воопшто не е ни преведена на македонски).

Семјуелсон некогаш рекол: „Не се грижам за тоа кој ги пишува законите во државата или кој ги составува нејзините договори, сѐ додека јас можам да ги пишувам нејзините учебници по економија.“

Тоа е Пол. Поздрав од Македонија.

Опортунитетниот трошок на Македонија

Tags: 

Според последните новинарски извештаи, се ближи денот Д за европската иднина на Македонија. Се вели дека исходот на тој ден целосно зависи од решението за проблемот со името.

Не знаеме колку што од ова е точно и каква сѐ политика е во игра, но за целите на овој текст ќе претпоставиме дека предлог е ставен на маса и дека Македонија може да прифати и одбие.

Значи, Македонија може да прифати промена на името и влез во ЕУ, или да одбие промена на името и да остане надвор од ЕУ. За Македонија посакуваната варијанта е да го задржи името и да влезе во ЕУ, но таков избор, како што велат, не е возможен.

Во економија, еден од основните концепти што се учи е „опортунитетен трошок“, а се однесува на два посакувани избори кои меѓусебно се исклучуваат. На студентите на предавање овој концепт, инаку обмислен од Џон Стујарт Мил, им се објаснува со изборот работа или студии (иако опцијата вонреден студент во Македонија малку го руши примерот). Младиот матурант е соочен со избор: може да студира или да работи. Ако работи, тогаш не може да студира, да се здобие со диплома и во иднина да најде подобра работа. Тоа е опортунитетниот трошок на работењето. Ако студира, тогаш не може да заработи пари. Опортунитетниот трошок се парите што можел да ги заработи.

Понекогаш, опциите кои се пред нас не можат да се изразат во пари, но сепак опортунитетниот трошок сѐ уште е присутен, иако можеби тој тешко се согледува. (Во економијата, постои разлика меѓу опортунитетниот трошок и сметководствениот трошок).

Назад на прашањето за Македонја и ЕУ. Ако Македонија го смени името (и влезе во ЕУ), тогаш опортунитетниот трошок ќе биде во она што може да се добие од неменување на името. Неменувањето на името пак, како опортунитетен трошок го има сето тоа што може да се добие со влегувањето во ЕУ.

Пресметајте.

Економија на внимание: навраќање

Tags: 

Сум пишувал нешто за економијата на внимание во март 2006.

Сега случајно налетав на продолжение на оригиналната дебата, па ставив повеќе работи на diigo:
http://www.diigo.com/list/novica/the_attention_economy

Вака кратко. Да не ви одземам многу внимание. ;-)

Pages