економија

Undefined

Неолиберализмот и образованието

Tags: 

Пред седум или осум години, на едно предавање на Економскиот факултет, еден професор ги запраша студентите (меѓу кои и јас) која економска школа ја поддржуваат. Одговорот што го доби по само неколку секунди беше нелолибералната школа. Потоа тој праша: зошто поддржувате школа, чија теорија спроведена во пракса е виновна што вашите родители немаат работа или имаат мали плати?

Молк. Како да се одговори ова прашање?

Во времето кога јас студирав, Маркс сѐ уште го имаше во книгите. Но, речиси никој не го предаваше. Страниците 78-120 скокнете ги, тоа за Маркс не Ви треба. Тоа беше вообичаената порака пред испит. Има луѓе што го обвинуваат социјалистичкото образование во општествените науки за некритичност кон идеите на комунистичките автори. И секако тие се во право. Можеби ваквата пракса на факултетот беше реакција на тоа.

Сега, кога дискутирам за прашања од (политичката) економија, често се фаќам како застапувам неолиберален став иако тоа не го сакам, и е нешто со кое во суштина не се сложувам. И по седум или осум години сфаќам дека причината за тоа е исто еден таков некритички пристап кон идеите на капитализмот. Всушност на скопскиот економски факултет, покрај учењето за испити се случува и учење на само една школа. Сакале или не сите студенти излегуваат од факултетот како неолиберални капиталисти.

Се сомневам дека ова може да се смета за успех во академска смисла. Ако е направено намерно, тогаш е доказ за некаков вид на пропаганда (нешто за што скопскиот универзитет и така често е обвинуван). Ако е направено ненамерно тогаш е доказ за нискиот научен капацитет (се чувствувате ли како да сте на престижна институција додека сте таму?).

Сето ова е само мој впечаток, малку искуство измешано со сеќавање и неолиберални ставови кои извираат и кога не сакам.

Но, што ако е целосно точно? Кој би можел тогаш во Македонија да креира не-неолиберална политика?

И книги од ова лето

Tags: 

Прочитав две книги летово. Па ајде да споделам:

1. „Strah od pletenja“ на Vedrana Rudan. По се изгледа збирка колумни од неделникот „Nacional“. Пишува за актуелни секојдневни теми во Хрватска и тоа прилично жестоко. За да видите отприлика за што се работи, еве еден текст кој го има во книгата: „Ne sanja svaki rob snove o slobodi“.

„Zovem se Ana, imam trideset godina, živim u Hrvatskoj, Hrvatska je u Evropi, godina je 2003. Rodila sam se u diktaturi, odrasla u demokraciji. Roditelji su mnogo uložili u moje školovanje, misle da je obrazovanje bitno. Diplomirala sam dva fakulteta, govorim engleski, talijanski i njemački, služim se ruskim. Posao sam dobila bez problema, radim u austrijsko-hrvatskoj firmi kao programerka, ima nas dvadesetak, svi smo mladi i ambiciozni, želimo uspjeti i postići nešto u životu. Opisat ću vam svoj radni tjedan.“

2. The Undercover Economist на Tim Harford. Краток преглед на главните делови од микроекономија со нови примери. Ако сте студирале економија, и ако сте запамтиле, ништо ново, но интересно за читање во секој случај. Ако не сте студирале економија, шанса да видите дали тоа е за вас (читам баш сега уписите на факултетите се во тек). Лесен и разбирлив јазик и објаснувања што ќе ве натераат да си речете „зошто ние не правиме така“. Можеби треба да се преведе и да им се шибне како задолжителна предизборна литература на сите политичари. Книгата малку и идеализира со слободен пазар и слободна трговија... но тоа не ја прави помалку интересна.

Ослободување на информациските добра

Tags: 

Поминало многу време откога сум објавил нешто подолго од блог запис на ова место, па еве сега мало освежување во таа смисла.

Во прилог на ова закачен е еден текст со наслов: Ослободување на информациските добра -
За промената на пазарните структури и производството како резултат на иновации во правото и технологијата. Идејата ми беше од поодамна и веројатно некако зрееше до сега, па конечно еве го резултатот на Интернет.

Им се заблагодарувам на сите што ми помогнаа со давање идеи и предлози да го направам текстот подобар, иако не успеав сите тие да ги внесам... нешто поради тоа што не знаев како, нешто поради тоа што мислев дека нема потреба. Сепак, текстот останува отворен за коментари и можеби некако ќе го направиме подобар.

Текстот е закачен и на Scribd, за оние што не им се клика на слепо еве го воведот:

Овој текст е преглед на некои од современите идеи што се поврзани со производството и дистрибуцијата на информациските добра. Бидејќи моето познавање на темата е ограничено, текстот не се обидува да изнесе којзнае какви новини, туку само да презентира и евентуално сублимира дел од овие идеи, така што би му биле јасни на секој читател кој има основни познавања од економските и правните концепти поврзани со монополите и авторските права. Истовремено се надевам дека ќе биде доволно интересен за да поттикне понатамошно истражување на темата.

Текстот започнува со презентирање на вообичаената економска анализа за производството на информациски добра и ги објаснува правните механизми без кои таквото производство не би било можно во формата што денес ја знаеме како доминантна. Потоа, објаснува кои се иновациите што се случиле во правото и технологијата (или како што вели Лоренс Лесиг во правниот код и во програмерскиот код) и како тие иновации го менуваат пазарот и производството, посебно на софтверот. На крај, дава краток преглед на случувањата во другите области на производство на информациски добра каде што се случуваат исти или слични поместувања.

Потрошувачки права

Tags: 

За сите оние кои низ продавници гледаат „Производот не се враќа и не се заменува“, ви го претставувам член 50 од Законот за заштита на потрошувачите („Сл. весник на Р. Македонија“ бр. 38/04 од 17.06.2004 година):

Член 50
Потрошувачот има право кај трговецот кај кој е купен производот да го замени производот што има соодветен квалитет, а што не одговара во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини.
Потрошувачот правото од ставот 1 на овој член може да го оствари во рок од 15 дена од денот кога производот е купен.
Замена на производот со соодветен квалитет се врши ако производот не бил употребуван, ако е сочуван изгледот на производот, употребните својства, пломбите, фабричките етикети, како и фискалната сметка за производот или сметко потврда кои на потрошувачот му биле издадени
заедно со производот.
Ако во моментот на поднесувањето на барањето од потрошувачот трговецот нема соодветен производ (производ што ќе одговара на неговите потреби), потрошувачот има право по свој избор да бара:
- да го раскине договорот и да бара враќање на платениот паричен
износ или
- да го замени производот со соодветен кога ќе има таков производ.
Трговецот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на производот дека има таков производ за продажба во рок кој не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето.

Ова го видов во продавницата на GoldenPoint на ул. „Македонија“. Не знам дали тоа што се странски бренд придонело да истакнат член од закон, но еве - добро е да се знае.

Во неправна држава живеат послушни и сервилни граѓани

Tags: 

На првомајскиот протест недостасуваа само граѓани.

Се осмелувам да речам дека фактот што во Македонија воглавно не се почитуваат законите е главната причина зошто ниедно граѓанско организирање за или против било што однапред е осудено на пропаст.

Причините за ова произлегуваат од следново: имате граѓани, компани и влада кои во различни случаи или ситуации не ги почитуваат законите. Тоа создава совршен простор за притисок и уцена од страна на силите кои сакаат да го контролираат општеството. Сакате да протестирате? Веднаш се наоѓа некој да ви каже дека на пример, тракторот не ви е регистриран. Можеби не сте ја поднеле годишната даночна пријава, или во вашата команија сте заборавиле да ја проверите исправноста на противпожарните апарати и ете шанса да добиете предупредување за послушност. А, ако некогаш треба да се прави гужва за некоја цел на оние кои ги знаат вашите законски грешки, лесно може да ве натераат да правите нешто за тие да погледнат на другата страна.

Не знам дали ваквата ситуација во општеството има свој назив во теоријата, ама прилично сум убеден дека во нејзиното создавање активно придонесувале сите досегашни влади на Р. Македонија.

Исто така прилично сум сигурен дека добар начин да се надмине оваа стуација е секој за себе да ги елиминира можните закачки што се создаваат на ваквиот начин. Тогаш, ми се чини, нема да биде толку страшно секој јавно го искажува своето мислење.

Економија на чекањето на семафор за државни колони

Tags: 

Денес бил ден без автомобили. За ова дознав прилично доцна во текот на денот, но тоа не ја смени мојата рутина, бидејќи и немам автомобил. Тоа, исто така, не ја смени рутината на еден државен функционер кој брзаше по Иво Лола Рибар кон ценарот на градот, во црното службено возило.

Поминувањето на овој автомобил исто така е дел од мојата дневна рутина. Дали на пешачки премин или на семафор во автобус, секој ден треба да чекам по невообичаено долго време за да помине некоја ваква брза кола. (Во ред, кога станува збор за ист правец, возачите на автобусите се необично вешти да го искористат за побрзо возење од што корист имаат повеќето патници.)

Сепак, бидејќи речиси секоја крстосница има четири правци, очигледно е дека додека едните брзаат, останатите чекаат. Колку чини тоа годишно?

Математиката е проста. Претпоставувам дека во просек се чека 5 дополнителни (непредвидени) минути на крстосница и дека од секоја страна има по 10 возила со 2 патници. Значи, 60 патници трошат по пет (работни) минути, а тоа се 300 минути по крстосница.

Сега да речеме дека брзиот службеник треба да помине 4 крстосници (Тафталиџе - Центар), тоа се веќе 1.200 минути (или 20 часа) дневно.

Колку е тоа годишно?

52 недели во годината по пет работни дена е еднакво на 260 дена. Ако секој ден поминува барем една таква кола, тогаш тоа се 5.200 часа (поделено со 8, тоа се 650 дена).

Ако дневницата во државава е 700 денари (15.000 денари поделено на 21 ден), тогаш тоа се вкупно 455.000 денари.

А ако поминат две коли..?

Визните проблеми на британците

Tags: 

Па, пред неколку недели од страницата на The Economist симнав еден специјален извшештај за „електронскиот бирократ“. Се надевав дека за/од него ќе напишам нешто интересно за тоа како овој влијателен весник гледа на прашањето за електронска влада. Но, не стигнав подалеку од првиот пасус и слатко се изнасмеав на не-е-влада моментот:

Ат 6.15AM on a December morning the streets of central London are cold, dark and offer little for the omnipresent CCTV cameras to record. But outside the Indian High Commission 109 people are sleepily waiting for the visa section to open. David Robb and his friend are first in line, huddled in sleeping bags behind a windbreak since 3am, to ensure visas for a planned holiday in Goa. Nearly all his fellow-sufferers in the queue have booked their air tickets and sometimes their entire holiday on the internet, paying with a credit card. Those electronic signals move information almost at the speed of light billions of times faster than the shuffling, shivering humans in the visa queue. "In this day and age? Bleeding disgusting," is Mr Robb’s pithy comment on the Indian visa system.

Знам дека овој извадок вака е прилично надвор од контекст. Веќе неколку реда подолу, авторот ја руга и амбасадата на САД за своите визни практики во Обединетото Кралство. Сепак, ова горе некако премногу потсетува на сликите од амбасадите во Скопје.

Мило ми е што не патиме сами.

Економијата и предизвиците на новото време

Tags: 

Земено во просек имав лошо искуство на Економскиот факултет во Скопје каде ги завршив моите студии пред неколку години. Па не сакам да го правам тестов (мртва врска) за да не одговарам со пристрасност.

Но, можеби блогов има некои случајни читатели кои сега студираат, па еве шанса да стават некои од работите кои ги учат во малку поширок контекст. Ако некој го направи тестот (врска погоре), може да ми пише на е-пошта.

Инаку, тестот е од (популарниот, но не-мејнстрим) adbusters магазин. Таму баш пред неколку миниту прочитав еден интересен текст (во два дела): (мртва врска).

Сега продолжувам да копам по архивите.

Празници се, лудуваме!

Tags: 

Овој пат, во медиумскиот избор ве водам до две статии од Утрински весник од 25.12.2007 г. (една, друга).

Првата е од насловната страница и продолжува на стр. 7, а втората е угодно сместена на стр. 4.

Првата е за тоа дека Стопанската комора понудила награда, ако Владата го исполни ветеното. Новинарот вели:

Не дознавме дали предлогот го смета за непристоен, бидејќи практично Владата ќе треба да се награди самата себеси за нешто што и' е работа, или, пак, во духот на новиот пристап дека „молчењето значи прифаќање“, што ќе се практикува во новите законски прописи всушност, значи одобрување на предлогот.

Обратете внимание на првиот дел: нешто што е работа на Владата. Што е тоа нешто? Тоа е: раст на БДП од 6,5 отсто, инфлација 2,5-3 отсто, зголемување на вработеноста за 4 отсто, пораст на продуктивноста за 4-5 отсто и странски инвестиции од над 400 милиони долари.

Мислам дека човек не треба да биде голем стручњак за да увиди дека малку е глупаво Владата да се обврзува на вакви работи (иако ова го правеле сите наши Влади). Од горните точки, инфлацијата веројатно е единсвената валидна и можеби придонес кон странските инвестиции, но сето друго е нешто што би требало да се очекува од приватниот сектор во еден капиталистички систем. Зар владата ќе зголеми раст на БДП преку зголемена работа на администрацијата? Или пак вработеноста ќе порасне со отварање на уште неколку државни агенции и министерства?

Иако е сето ова малку чудно, очигледно е дека бизнис заедницата е ОК со тоа - и повеќе од ОК, спремна е да даде награда (која сама по себе е друга приказна) Но, што има во следната статија? Па таму бизнис заедницата се жали од зголемената државна интервенција во економијата, набројувајќи случаи како откуп на грозје или маржа на лекови. Па што ќе каже бизнис заедницата, ако треба да плаќа зголемени даноци за да има пари за плати за уште 4% невработени кои би завршиле во државна служба?

Можеби само мене ми е чудно, но овие работи ми се чинат контрадикторни. Кој ли само лудува? Дали новинарите, дали Владата, дали бизнисмените?

П.С. Огласот од пред еден ден уште важи. :-)

Pages