Неолиберализмот и образованието

Tags: 

Пред седум или осум години, на едно предавање на Економскиот факултет, еден професор ги запраша студентите (меѓу кои и јас) која економска школа ја поддржуваат. Одговорот што го доби по само неколку секунди беше нелолибералната школа. Потоа тој праша: зошто поддржувате школа, чија теорија спроведена во пракса е виновна што вашите родители немаат работа или имаат мали плати?

Молк. Како да се одговори ова прашање?

Во времето кога јас студирав, Маркс сѐ уште го имаше во книгите. Но, речиси никој не го предаваше. Страниците 78-120 скокнете ги, тоа за Маркс не Ви треба. Тоа беше вообичаената порака пред испит. Има луѓе што го обвинуваат социјалистичкото образование во општествените науки за некритичност кон идеите на комунистичките автори. И секако тие се во право. Можеби ваквата пракса на факултетот беше реакција на тоа.

Сега, кога дискутирам за прашања од (политичката) економија, често се фаќам како застапувам неолиберален став иако тоа не го сакам, и е нешто со кое во суштина не се сложувам. И по седум или осум години сфаќам дека причината за тоа е исто еден таков некритички пристап кон идеите на капитализмот. Всушност на скопскиот економски факултет, покрај учењето за испити се случува и учење на само една школа. Сакале или не сите студенти излегуваат од факултетот како неолиберални капиталисти.

Се сомневам дека ова може да се смета за успех во академска смисла. Ако е направено намерно, тогаш е доказ за некаков вид на пропаганда (нешто за што скопскиот универзитет и така често е обвинуван). Ако е направено ненамерно тогаш е доказ за нискиот научен капацитет (се чувствувате ли како да сте на престижна институција додека сте таму?).

Сето ова е само мој впечаток, малку искуство измешано со сеќавање и неолиберални ставови кои извираат и кога не сакам.

Но, што ако е целосно точно? Кој би можел тогаш во Македонија да креира не-неолиберална политика?