економија

Undefined

Who can you trust?

Tags: 

Денес ме израдува сметка за струја со проследен материјал од ЕСМ-ЕВН дека нешто ќе се заебе со струјата ако пројде новиот закон на Владата. Визуелно изразување:

Who can you trust?

На левата страна, ЕСМ-ЕВН, профитна компанија, која нормално се грижи за својот профит. Оттука, нејзините мотиви се транспарентни. Иако не може да се верува во тоа дека „ќе направат се во нивната моќ за да не заштитат нас“, јасно е дека сакаат да си обезбедат што е можно поголема побарувачка, која пак може да се смали ако нараснат цените.

На десната страна, Владата на Р. Македонија, која нормално би требало да се грижи за граѓаните. Но, нејзините мотиви ретко биле транспарентни, и ако нешто е сигурно, тоа е дека до сега Владите во нашата Македонија работеле за разно-разни интереси, а според некои, често и спротивно од интересите на граѓаните.

Па, кому можете да му верувате во новата година?

Секоја чест за битолчани

Tags: 

Денес (пак) бев во Битола. И купувам некои стварчици таму-ваму: мастики, весник, некои колачиња, вообичаени работи што се купуваат во разни дуќанчиња, гранапчиња и сл. Сите продавачи/ки, откако ми дадоа кусур, ми рекоа да почекам да ми дадат и фискална сметка. И сега имам едно 5-6 сметки на 20-50 денари.

Ова во Скопје, во мали дуќанчиња не се случува. Барем мене не ми се случува. Секогаш треба да си ја побарам сметката.

Затоа, пофалба за битолчани.

Македонија во nettime-l

Tags: 

Текстот на Гудбајтс Специјален извештај на Financial Times за Македонија ме потсети на еден скорешен текст на Иво Шкориќ (забелешка: не знам кој/што точно е Иво Шкориќ, но ми се чини дека откако следам nettime (веќе 8-9 години), тој речиси цело време пишува за Балканот и сл.) во кој тој зборува за Македонија.

Текстот: New Business Heaven in Europe.

Бојкот за пазарите

Tags: 

Денеска поголем дел од патот акав пешки кон работа. Кога стигнав таму ми кажаа дека блокадите биле затоа што пазарџиите не сакале да стават фискални каси.

Не ги знам деталите (update: ги знам деталите, ги најдов сите вести на http://najdi.org.mk ама ме мрзи да блогирам за тоа), не знам кој е во право, ама преку глава ми е од тоа 15 луѓе да се соберат и да го блокираат цел град за што и да е.

Мислам дека треба да им вратиме. Бојкотирајте ги пазарите. Како што пазарџиите не ни даваат да стигнеме на работа, така ние треба да направиме тие да немаат работа. Купувајте во Веро, Рамстор, Тинекс и сл. Јас денес купив домати од продавница.

П.С. До Владата или кој и да е задолжен за фискализацијата: не им попуштајте!

П.П.С. Кај и да е и зеленчукот од бавча ќе ми созрее. :)

peer-2-peer банкарство

Tags: 

Статија на The International Herald Tribune, вели дека:

It is a little like Internet dating, but the objective is money.

A Web site based in Britain, Zopa.com, and another in the United States, Prosper.com, have started businesses that connect individuals eager to borrow money to other people willing to lend, offering both sides better interest rates than banks.

А, во Македонија, сеуште има банки чии клиенти не можат да си ги проверат сметките на Интернет.

*Моите* пари

Tags: 

Прилично често ми паѓаат во очи пишувањата во весниците за тоа дека работодавците не плаќаат придонеси или други давачки. Исто така, неизбежни, посебно помеѓу младите, се муабетите за тоа дали да се работи за 10 или 20 илјади и „дали ќе ме пријави газдата“.

Оваа заебана перцепција всушност прави голем проблем во целото држ - не дај прашање за платата која вработените ја земаат.

Така, ако човек добива на рака/сметка 10.000,00 денари плата месечно, неговата плата всушност е 16.097,00 денари од кои 10.000,00 денари му остануваат да ги троши во месецот, а останатите 6097,00 денари ги дава за данок (946,00 денари) и придонеси (5151,00 денари)*.

Значи овие пари не се на работодавачот, па тој да ги плаќа или да не ги плаќа. Тоа се пари на работникот кои одат за неговото здравствено осигурување и за неговата пензија. Во нашиот систем само заради некои причини (и се надевам дека има такви) направено е работодавачите да ги плаќаат тие пари на државните служби.

Всушност, не гледам некој посебен проблем да си ја добијам целата плата од 16.097,00 денари и потоа сам тие пари да ги уплатам на соодветните жиро-сметки во ФПИОМ, УЈП и сл. Ќе биде тоа една обврска повеќе, но барем ќе знам дека тоа се мои пари на кои јас плаќам данок и од кои уплаќам за мојата пензија и за моето осигурување.

Владата, покрај онаа „каде се трошат моите пари“ за даноците, може да воведе и „колку вкупно се моите пари“ за конечно да се расчисти оваа збрка со платите.

* Бројките се со заокружени дени. Не знам зошто не ги укинаа тие дените до сега?

П.С. Еве зошто е важно да се знае бруто платата и договорите да се прават со неа:

Само што прочитав дека Владата размислува за намалување на придонесот и воведување на „здравствен данок“. И А. Салтировска во Вест си напишала:

По воведувањето на рамниот данок како мерка за растоварување на работодавците, во реформата на придонесите се планира и преполовување на придонесот за здравствено осигурување, кој паѓа на товар на газдите на фирмите.

Мене веќе ми личи дека ако ова се спроведе, ќе се случи оној трик како со ДДВ-то за земјоделците кое требаше, но како што пишуваа весниците, не ги намали цените на земјоделските репроматеријали. Овде, ќе испадне повеќе кеш за работодавците, а работниците ќе имаат уште поскапа потрошувачка заради повисоки (нови) даноци.

Значи, ако придонесот за здравство се намалува за 50%, тие пари треба да си ги добие работникот, т.е. неговата нето плата да се зголеми.

Тигри 2.0

Tags: 

Ја знаете приказната за азиските тигри? Не е приказна за вистински тигри (животни), туку е метафора за четири азиски држави (Хонг Конг, Сингапур, Јужна Кореја, Тајван, и да знам дека Тајван и Хонг Конг не се баш држави) кои постигнале високи стапки на пораст помеѓу 60-тите и 90-тите години од минатиот век. Приказната за овие е една од најчестите на студиите на Економскиот факултет во Скопје. Се вели дека има таму примери кои може да се следат и кои би биле корисни и за Македонија.

И се разбира, некои други навистина следеле, па сега веќе се говори и за келтски тигар за Ирска, Естонија исто се споменува, a и нова генарација на азиски земји...

Зошто пишувам за ова?

Затоа што вестите велат дека азиските земји се префрлаат на софтвер со отворен код. Ќе направи ли тоа разлики во следните 10, 20 години?

Кој би знаел. Но, опциите се две: може да се приклучиме, да пробаме и да видиме дали во учебниците ќе пишува нешто за балкански тигри, или да чекаме, па потоа да ни кажуваат дека во Азија имало добри примери.

Вирус, грип, епидемија...

Tags: 

Макфакс ги има вестите дека 1. Куманово паднало болно од грип, 2. Во Македонија има грип, ама не и епидемија.

Вирусот кој одлучил да напаѓа ова зима е Инфлуенца вирус А. Брзо препребарување на Википедија открива дека во оваа група (тип?) припаѓа и опасниот/оспоруваниот H5N1 (Птичји грип) како и некои други типично човечки верзии.

Она зошто почнав да го пишувам ова беше следново. Не се сеќавам ниту еднаш во Македонија (Скопје) да се прогласи епидемија (во зима) или елементарна непогода (во лето), а секоја година според извештаите стигнуваме прилично блиску до границата. Или имаме премногу среќа па во последен момент вирусите/жешките бранови си одат, или информациите кои се пласираат за овие теми не се точни, или надлежните служби од разни причини одлучуваат да не прогласуваат ништо.

Било како било, ми се чини дека општиот пад на квалитетот на животот (пример: HDI од 2005 до 2006 сме паднале 7 места, поточно само 0,001 поен, но тоа веројатно е добар одраз и на стагнацијата) во РМ допрва ќе почне да се гледа токму на вакви некои појави со типичен предзнак на 19 век.

Веб страници

Tags: 

Значи Nextsense добил награда од Microsoft. Nextsense продаваат апликација која сами ја произведуваат, proprietary е, не знам како стои со стандарди, ама дефинитивно е многу бавна. Барем на мојот 56к Интернет, кој го имаат веројатно доминантен дел од граѓаните во земјава. Портфолиото им вклучува фирми/институции како: Алкалоид, Дневник, КИТ...

Логин системи не добиле награда. Сеедно. Тие заедно со Nextsense се главните во државава кога станува збор за правење веб-страници. Продаваат производ кој исто е proprietary, прашалник е за станарди, спор. Портфолио: Царина, Прилепкса пивара, Тутунски комбинат...

Двата прозиводи генерираат ужасни URL-a. Пример:

.....ItemID=450B44427687222F80EBTEF72B80E742 .....DesktopDefault.aspx?tabindex=11&tabid=92

Извинете, може да ми кажете каде да го видам вчерашниот број на Дневник? Да, ItemID=2148721448K9482432K89328KRE@&$!@. Лесно се памти.

Ние, во FLOSS светот, продаваме производи кои се побрзи, кои ги следат стандардите, кои можат да генерираат URL-а што личат на

/page/1

а можеби и

/broj675 или /ned.20.02.2006 (нели за Дневник).

Портфолиото на овие производи? Па да речеме НАТО, Интернационална астрономска унија, Унеско, Фолксваген.

Најдобро од се (за плиткиот ИКТ џеб), ги продаваме по цена еднаква на половина од таа што горните фирми ја нудат.

Е-бизнис со слободен софтвер

Tags: 

Со еден ден задоцнување еве да изблогирам за предавањето што вчера (27.12.2005 г.) јас, Дамјан и Игор го одржавме за студентите од департманот Е-бизнис на Економски факултет.

Џагорот во публиката беше најгласен до сега иако во амфитеатарот имаше повеќе професори и асистенти.

Сепак, она што на крајот ми остана како впечаток е дека пред македонските студенти е многу тешко да се зборува за слободен софтвер. Не заради џагорот, туку заради тоа што за да се стигне до слободата и софтверот, прво треба да се поминат авторските права, лиценците, договорите, патентите... Премногу материјал за само еден час.

Јас на предвањето освен за слободниот софтвер зборував и за совршената конкуренција. Се надевам дека повлечените паралели беа и доволно валидни и доволно интересни за барем нешто да им остане во сеќавање на идните е-бизнисмени. Целиот текст следи:

Слободен софтвер, совршена конкуренција

Здраво на сите. Денес, за околу половина час ќе се обидеме да ве запознаеме со некои основни прашања поврзани со слободниот софтвер, но и со некои конкретни решенија кои можеби ќе бидат корисни за вас.

Ние сме дел од Слободен софтвер Македонија, непрофитна организација која се занимава со промовирање, развивање и дистрибуирање на слободниот софтвер во Р. Македонија. Јас сум Новица Наков и во наредниве неколку минути ќе зборувам за основите на слободниот софтвер. Тука се уште и Дамјан Георгиевски кој ќе зборува за авторските права, патетните и лиценците и Игор Стаматовски кој ќе зборува за Pentaho. Времето на крајот од овие кратки излагања ќе го искористиме за прашања кои се надеваме дека ќе ги имате или дискусија доколку темава е доволно провокативна за вас.

На почетокот на секое предавање за слободен софтвер се обидуваме да дадеме одговор на прашањето: „што е тоа слободен софтвер?“. И секогаш ја цитираме дефиницијата на Фондацијата за слободен софтвер, која вели дека слободниот софтвер се однесува на слободите кои корисниците ги имаат при неговото користење. Тоа се следниве слободи:

0. Слобода да го користите софтверот за било која намена;

1. Слобода да проучувате како софтверот работи и да го прилагодат на своите потреби;

2. Слобода да редистрибуирате копии од софтверот за да му помогнете на вашиот сосед;

3. Слобода да го подобрувате софтверот и да ги издадете вашите подобрувања во јавноста, од што корист ќе има целата заедница.

Ако софверот ви скратува некоја од овие дефинирани слободи тогаш тој е неслободен. Во правната арена, гаранција за овие слободи се лиценците под кои софтверот се дистрибуира, пред се Генералната јавна лиценца и концептот Copyleft кои овозможуваат она што еднаш било слободен софтвер засекогаш да остане слободен софтвер.

Ова се фундаменталните прашања кои сите нас не засегаат, бидејќи сите ние сме корисници на компјутери и софтвер. Слободниот софтвер ни дава слобода во работата со компјутерите. Како таков тој игра значајна улога во општеството, влијае на демократизацијата и има силни етички импликации. Но, тоа што денес имам ретка прилика да зборувам за слободниот софтвер пред луѓе кои се запознаени со економија ми дава шанса да чепнам и теми кои што силно се поврзани со економијата.

Во учебникот Основи на микроекономијата, кој претпоставувам сите вие добро сте го пролистале, има една глава која што зборува за видовите на пазарни структури. Меѓу другите, таму се споменува и совршената конкуренција која ги има следниве карактеристики:

  1. Број на претпријатија: многу и независни;
  2. Влијание врз цената: никакво;
  3. Природа на производот: хомоген;
  4. Бариери за влез: не постојат.

Софтверската индустрија која веројатно вие ја познавате, за жал не изгледа вака. Тоа индустријата која произведува неслободен (proprietary) софтвер и каде монопололите се секојдневие.

Но, кога станува збор за слободниот софтвер, сликата сосема наликува на совршена конкуренција. Иако секогаш не може да стане збор за сосема хомогени производи, бидејќи слободата да го менувате софтверот и да ги објавите тие промени секогаш е пред вас, кога ви се потребни производи и услуги базирани на слободен софтвер можете избирате од многу понудувачи кои се независни. Редистрибуцијата е дозволена и тоа значи дека секој може да понуди производ или услуга чија цена се формира слободно на пазарот. Оттука никој не може да наметне цена за ваквиот софтвер. Влезот на пазарот не е ограничен нити во производството на софтверот - таму секојдневно се раѓаат и умираат проекти, нити во нудењето услуги - не ви треба дозвола од никого за уште денес да понудите поддршка за OpenOffice.org во Македонија.

Значи принципите на кои се базира слободниот софтвер не само што промовираат суштински човечки заложби за помагање, споделување, заедништво - накратко она што нè прави општество, туку промовираат економски простор во кој здравата конкуренција повторно добива значење.

Софтверот според употребата се дели на софтвер за општа употреба и специфичен софтвер. Специфичниот софтвер е софтвер кој се прави по нарачка и тој е посебен за секој корисник и како таков за корисникот секогаш е слободен. Но, сите ние, сите фирми, сите влади, во најголема мера користиме софтвер од првата група. Тука спаѓаат оперативните системи, Интернет прелистувачите, канцелариските пакети, апликациите за плеј-бек на филмови или музика и сл. Ако покрај специфичниот одлучите и останатиот софтвер кој го користите да биде слободен, тогаш имате контрола над сопствената инфраструктура и можете без мака да ги жнеете придобивките од конкуренцијата која владее меѓу оние кои нудат соодветни услуги. Конкуренцијата ја обезбедуваат основните слободи за користење, редистрибуирање, променување и издавање на подобрени верзии на софтверот.

Овие слободи потекнуваат од авторските права. Copyleft како спротивност на Copyright значи дека авторите под одредени услови се откажуваат од дел од правата кои им следуваат по Закон. Државната регулација игра значајна улога во софтверската индустрија. Така авторските права можат да бидат корисни во услови кога за нивно користење не сте принудени да прифаќате проблематични лиценци или да потпишувате штетни договори. Но патентите се сериозна опасност за софтверот, особено за слободниот софтвер и малите и средни фирми кои таму го имаат својот бизнис.

Ако сакав да предизвикам забуна кај вас, сега ќе почнев да зборувам за „интелектуална сопственост“. Но, нема да го направам тоа. Сега Дамјан ќе ви објасни зошто и вие треба да го избегнувате тој термин. Благодарам.

Pages