Е-бизнис со слободен софтвер

Tags: 

Со еден ден задоцнување еве да изблогирам за предавањето што вчера (27.12.2005 г.) јас, Дамјан и Игор го одржавме за студентите од департманот Е-бизнис на Економски факултет.

Џагорот во публиката беше најгласен до сега иако во амфитеатарот имаше повеќе професори и асистенти.

Сепак, она што на крајот ми остана како впечаток е дека пред македонските студенти е многу тешко да се зборува за слободен софтвер. Не заради џагорот, туку заради тоа што за да се стигне до слободата и софтверот, прво треба да се поминат авторските права, лиценците, договорите, патентите... Премногу материјал за само еден час.

Јас на предвањето освен за слободниот софтвер зборував и за совршената конкуренција. Се надевам дека повлечените паралели беа и доволно валидни и доволно интересни за барем нешто да им остане во сеќавање на идните е-бизнисмени. Целиот текст следи:

Слободен софтвер, совршена конкуренција

Здраво на сите. Денес, за околу половина час ќе се обидеме да ве запознаеме со некои основни прашања поврзани со слободниот софтвер, но и со некои конкретни решенија кои можеби ќе бидат корисни за вас.

Ние сме дел од Слободен софтвер Македонија, непрофитна организација која се занимава со промовирање, развивање и дистрибуирање на слободниот софтвер во Р. Македонија. Јас сум Новица Наков и во наредниве неколку минути ќе зборувам за основите на слободниот софтвер. Тука се уште и Дамјан Георгиевски кој ќе зборува за авторските права, патетните и лиценците и Игор Стаматовски кој ќе зборува за Pentaho. Времето на крајот од овие кратки излагања ќе го искористиме за прашања кои се надеваме дека ќе ги имате или дискусија доколку темава е доволно провокативна за вас.

На почетокот на секое предавање за слободен софтвер се обидуваме да дадеме одговор на прашањето: „што е тоа слободен софтвер?“. И секогаш ја цитираме дефиницијата на Фондацијата за слободен софтвер, која вели дека слободниот софтвер се однесува на слободите кои корисниците ги имаат при неговото користење. Тоа се следниве слободи:

0. Слобода да го користите софтверот за било која намена;

1. Слобода да проучувате како софтверот работи и да го прилагодат на своите потреби;

2. Слобода да редистрибуирате копии од софтверот за да му помогнете на вашиот сосед;

3. Слобода да го подобрувате софтверот и да ги издадете вашите подобрувања во јавноста, од што корист ќе има целата заедница.

Ако софверот ви скратува некоја од овие дефинирани слободи тогаш тој е неслободен. Во правната арена, гаранција за овие слободи се лиценците под кои софтверот се дистрибуира, пред се Генералната јавна лиценца и концептот Copyleft кои овозможуваат она што еднаш било слободен софтвер засекогаш да остане слободен софтвер.

Ова се фундаменталните прашања кои сите нас не засегаат, бидејќи сите ние сме корисници на компјутери и софтвер. Слободниот софтвер ни дава слобода во работата со компјутерите. Како таков тој игра значајна улога во општеството, влијае на демократизацијата и има силни етички импликации. Но, тоа што денес имам ретка прилика да зборувам за слободниот софтвер пред луѓе кои се запознаени со економија ми дава шанса да чепнам и теми кои што силно се поврзани со економијата.

Во учебникот Основи на микроекономијата, кој претпоставувам сите вие добро сте го пролистале, има една глава која што зборува за видовите на пазарни структури. Меѓу другите, таму се споменува и совршената конкуренција која ги има следниве карактеристики:

  1. Број на претпријатија: многу и независни;
  2. Влијание врз цената: никакво;
  3. Природа на производот: хомоген;
  4. Бариери за влез: не постојат.

Софтверската индустрија која веројатно вие ја познавате, за жал не изгледа вака. Тоа индустријата која произведува неслободен (proprietary) софтвер и каде монопололите се секојдневие.

Но, кога станува збор за слободниот софтвер, сликата сосема наликува на совршена конкуренција. Иако секогаш не може да стане збор за сосема хомогени производи, бидејќи слободата да го менувате софтверот и да ги објавите тие промени секогаш е пред вас, кога ви се потребни производи и услуги базирани на слободен софтвер можете избирате од многу понудувачи кои се независни. Редистрибуцијата е дозволена и тоа значи дека секој може да понуди производ или услуга чија цена се формира слободно на пазарот. Оттука никој не може да наметне цена за ваквиот софтвер. Влезот на пазарот не е ограничен нити во производството на софтверот - таму секојдневно се раѓаат и умираат проекти, нити во нудењето услуги - не ви треба дозвола од никого за уште денес да понудите поддршка за OpenOffice.org во Македонија.

Значи принципите на кои се базира слободниот софтвер не само што промовираат суштински човечки заложби за помагање, споделување, заедништво - накратко она што нè прави општество, туку промовираат економски простор во кој здравата конкуренција повторно добива значење.

Софтверот според употребата се дели на софтвер за општа употреба и специфичен софтвер. Специфичниот софтвер е софтвер кој се прави по нарачка и тој е посебен за секој корисник и како таков за корисникот секогаш е слободен. Но, сите ние, сите фирми, сите влади, во најголема мера користиме софтвер од првата група. Тука спаѓаат оперативните системи, Интернет прелистувачите, канцелариските пакети, апликациите за плеј-бек на филмови или музика и сл. Ако покрај специфичниот одлучите и останатиот софтвер кој го користите да биде слободен, тогаш имате контрола над сопствената инфраструктура и можете без мака да ги жнеете придобивките од конкуренцијата која владее меѓу оние кои нудат соодветни услуги. Конкуренцијата ја обезбедуваат основните слободи за користење, редистрибуирање, променување и издавање на подобрени верзии на софтверот.

Овие слободи потекнуваат од авторските права. Copyleft како спротивност на Copyright значи дека авторите под одредени услови се откажуваат од дел од правата кои им следуваат по Закон. Државната регулација игра значајна улога во софтверската индустрија. Така авторските права можат да бидат корисни во услови кога за нивно користење не сте принудени да прифаќате проблематични лиценци или да потпишувате штетни договори. Но патентите се сериозна опасност за софтверот, особено за слободниот софтвер и малите и средни фирми кои таму го имаат својот бизнис.

Ако сакав да предизвикам забуна кај вас, сега ќе почнев да зборувам за „интелектуална сопственост“. Но, нема да го направам тоа. Сега Дамјан ќе ви објасни зошто и вие треба да го избегнувате тој термин. Благодарам.