Скопје2014

Tags: 

I. Зошто е важно?

Кога министерката за култура ќе рече дека „Бранко Црвенковски во својата 20-годишна политичка кариера не изгради апсолутно ништо во Македонија и зачудува од каде тој се доживува како авторитет кој може да коментира дали е нешто кич или не.“, таму ќе видите слабо формулирана политичка изјава, и тоа поради неколку причини.

Очигледното е: зошто би очекувале некој кој не е стручен во архитектура и уметност воопшто да го дожувуваме како авторитет? Се разбира не очекуваме. Но, би очекувале сепак да се земат предвид мислењата на стучните лица, а токму за нив Владата е глува. Но, можеби во Владата сметаат дека само тие што „градат“ се авторитети?!?

И ако е така, и ако Бранко Црвенковски воопшто нема никаков кредибилитет бидејќи тој „не изгради апсолутно ништо“, тогаш во ова има повеќе вистина одошто може да изгледа на прв поглед, бидејќи навистина Црвенковски не „изгради“ ништо: ниту независно судство, ниту квалитетно образование, ниту Вашето омилено што недостасува од јавниот сектор. Но, ваквото „градење“ всушност го руши кредибилитетот на сите политичари во последните 20 години во Македонија, бидејќи никој ништо нема изградено.

Третото е буквалното читање на изјавата, дека Црвенковски не изградил ништо од бетон и стакло. И ова можеби е најмалиот негов грев. Од каде па потребата Владата да гради нешто повеќе од патишта во капитализам и парламентарна демократија? Чинам, големите градења на разно-разни објекти беа симбол на комунистичките (но и другите авторитарни системи)?

И поради последново, Скопје 2014 е важно. Важно е затоа што и покрај сите спорни активности на Владите до сега, било тоа биле ТАТ и Микрософт, ОКТА и Телеком, или нешто трето, Скопје2014 единствено ќе остави траен белег во Македонија. Тоа ќе ги погоди сите граѓани без разлика дали живеат во Скопје или доаѓат во главниот град повремено, без разлика дали се млекари и ги извисил Сведмилк, или се лозари и ги извисил Тиквеш.

А знаејќи го досегашниот „успех“ на политичарите (и тоа не само македонските), на едно нешто може да сметаме: парите секогаш се тука некаде во врвот на приоритетите. И највозвишените идеи за градење на државите и пумпање на идентитетот криеле дебели туциња пари.

II. Зошто не ми е гајле?

Лани во ноември имав здравствен проблем кој бараше трчање на дежурен лекар. Кога стигнав, ми рекоа дека не може да ме снимат бидејќи апаратот не работел. Гоце може ќе ми замери, но тоа што следеше беше трчање по луѓе и вртење телефони за да стигнам на снимање пред тие што закажале во септември, но што може човек да прави во таква сутиација? Моралните дилеми на страна, она што главно ме загрижува е зошто сум воопшто во таква сутиација кога и јас и моите родители редовно цел работен век плаќаме придонеси?

Но, можеби тоа било моја лоша среќа и реформите во здравството навистина ќе донесат подобри услуги за сите? Да се потсетам тогаш на патешествието постдиплмоски студии. Последното пријавување ме соочи со тоа дека македонските судски и нотарски печати не се признаваат во странство. А зошто? Зошто дипломата што ја издава македонскиот водечки универзитет, факултетот што е во водечките 1000 бизнис школи во светот не вреди ни колку празен лист од книжарница надвор од границите на РМ? (Некој со право ќе рече дека истава диплома често не вреди ништо ни во РМ, бидејќи партиските книшки се подобра референца).

На крај, тука се решенијата за извршување за радиодифузна и комунална такса што ги пратија МРТ и Градот. Правна сигурност некој ќе рече? Џабе правобранителот вели дека МРТ греши кога извршителите ги љуштат парите директно од банкарска сметка. Слично е и со застарените комуналните такси од градот што пред 10 дена блокираа илјадници фирми. А банките, верните чувари на пари, наместо да ги заштитат своите клиенти сепак се одлучија да подлегнат под уште еден политички притисок, често одбивајќи воопшто да дадат информација за тоа кај отидоа париве од жиро-сметката.

Па зошто да ми биде гајле дали на плоштадот ќе има еден или десет коња кога ништо друго не функционира? Каков план можам да правам за иднината?

Да ја оправувам работата во државата немам ниту намера ниту желба. Ми останува само да бегам. Ако не успеам, тогаш ќе го гледам Скопје во 2014 и ќе тонам во просечност.

Ангели во Америка, театар во Македонија

Tags: 

Spoiler warning: Ако имате намера да ја гледате претставата „Ангели во Америка“, имајте на ум дека во текстот подолу се откриваат некои детали од претставата.

- „Што има вечерва во Драмски“ - ќе праша еден човек на билетарата.
- „Ангели во Америка.“ - одговара службеничката.
- „Што е тоа? Некоја комедија?“
- „Не. Геј фантазија на национални теми.“
- „Што геј?“ - е последното прашање, пред човекот да се упати надвор од дворот на Драмскиот театар.

Не знам дали некој мудар филозоф некаде објаснувал дека преку уметноста може да се мери пулсот на општеството, но ако е така збунувачка дијагноза има за Македонија денес: сексуалната ориентација е заборавена во новиот Закон за дискриминација, а една од водечките претстави во националната установа Драмски театар Скопје, го обработува толку осетливото прашање за хомосексуалноста.

Дали е ова баш така збунувачки како што помислив јас (инаку немаше да го пишувам ова?)

На вратата на ДТС стои дека претставата не е за лица помали од 18 години. Кога го видов знакот бев воздржан. Кога ја видов претставата бев зачуден. Што може да е толку спорно во една претстава за не биде препорачлива за лица под 18 години? Претставата има еден машко-машки бакнеж (и тоа прилично дискретен), еден хомосексуален однос (без голотија), една или две референци кон орален секс (пр. „вилицата ми знае“) и вообичаената театарска доза на пцовки. Ова ли се нештата поради кои претставава е означена како „само за возрасни“?

Пред 10 години, кога од средно задолжително одевме на претстава во организација на професорката по литература, претставите што се гледаа беа „Буре барут“, „ММЕ“ и „Шопинг енд факинг“. Што можевме тогаш како тинејџери да слушнеме од сцената?

Буре барут

Свето: Кој го отру Никола?
Симон: Како го отру Никола?
Свето: Со отров.
Симон: Мислев, како можеше ти да го отруеш Никола? Па, заедно го купивме. Ти го одбра. Го влечкавме од Москва. Ти го учеше да враќа стап.
Свето: Да му ебам матер.
Симон: Да му ебеш матер?
Свето: Кој те исцинкари на жена ти за Марија?
Симон: Ти ме запозна со Марија, да му ебам матер.
Свето: Да му ебам матер.
Симон: Да му ебеш матер?
Свето: Така е.
Симон: Како бе, Свето?
Свето: Да му ебам матер.

ММЕ

Младиот: Речено ми е, овде има најдобри курви.
Д-р. Фалус: Има. Јас сум. Ќе бидеш научен. Сѐ ќе те научам. Сакаш да одиме одма или прво ќе ми купиш едно пивце?
Младиот: Не биди смешен.
Д-р. Фалус: Тебе ти е смешно? Мене ми е страшно. Дали ќе бидеш нежен? Дали ќе ме бакнеш барем еднаш? Да не имаш некоја болештина? Сигурно ќе сакаш отпозади. Свињо една балканска. Па, јас не сум само куп месо. Јас сум чесна курва. Девица.
(...)
Младиот: Не дојдов овде за вакви како тебе. Слушаш? Имам јас мои планови... Дојдов да ебам малку матер овде...
Д-р. Фалус: Не се секирај. Ќе биде. Во добри раце стигна. Тебе ти треба знаење. Ти треба добар учител. Учителот знае сѐ. Сега ќе ти покаже нешто учителот. Ќе научиш нешто. Дојди да те научи нешто учителот. Знаење? Гледај како влегува знаење во тебе?!
(Го фаќа за коса. Го силува. Крик)

Нешто подоцна, „Диво месо“ имаше топлес сцена, без никакво предупредување. А ми се чини дека и ланската „Коза или која е Силвија“, во која се зборува за секаков секс (па и зоофилија) немаше никакво предупредување за малолетниците.

Но сепак, оригинално 7-часовната „Ангели во Америка“ има нешто што ја разликува од сите овие погоре. Тоа е испреплетеноста на политичкиот (јавниот) живот со приватниот живот. Сместена во времето на Регановото владеење, претставата освен што го прикажува појавувањето на хомосексуалноста на јавната сцена во САД, го прикажува и игнорантниот однос на тогашната десничарка администрација во однос на СИДА-та, но и нејзината корумпираност. Конфликтот помеѓу религијата и сексуалната ориентација исто така има свое место во драмата. Еден од главните ликови е прочуен адвокат, близок до администацијата, докажан ловец на комунисти, безмилосен и без морал.

Па што всушност не треба да видат тинејџерите?

Башка белешка: Додека чекав да се прибере друштвото за да купиме билети, голем, ама навистина голем број на луѓе дојдоа и се повикаа на некој за да земат билети. Ништо ново ми се чини кога станува збор за претстави и/или концерти. Ништо ново, и тоа е некако многу тажно.

Хакери од минатото

AttachmentSize
HTML icon hakerite-i-hakerskiot-sindrom.html21.51 KB

Tags: 

Деновиве во средното училиште „Раде Јовчевски - Корчагин“ се подготвуваат за 50 годишен јубилеј.

Оттаму добив повик за да им помогнам да пронајдат стари материјали од корчагинската „Визија“. На едно CD со back-up на податоци од Win98SE најдов колекција текстови кои на времето со Срѓан ги спремавме за веб страницата на списанието.

И меѓу нив и текст за „Хакерите и хакерскиот синдром“ на Кирил Видимче од Визија бр. 1 од 1993 година.

Не знам дали текстот ќе се најде во потесниот избор за the-best-of бројот на „Визија“, но еве го тука за хакерите од планета и другите кои го читаат блогов. :)

Пушење

Tags: 

ВМРО-ДПМНЕ омекна, на летните тераси ќе се пуши:

На тераса и во летни бавчи на угостителските објекти, односно ресторани, кафулиња, кафе-барови, отворени летни дискотеки и плажи во периодот од 1 март до 31 октомври ќе биде дозволено пушење. Ова го предвидува предлог- законот за измени и дополнување на Законот за заштита од пушењето, кој вчера на Собранието му го предложија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во делот каде што ќе биде дозволено пушењето, терасите и летните бавчи нема да смеат да имаат покриви ниту дополнителна опрема која на објектот ќе му дава затворен карактер“, изјави вчера претставникот на пратеничката група на владеачката партија, Влатко Ѓорчев.

Вистинска чистка на нелегалните тераси на кеј:

Како никогаш досега општинската инспекција од Центар вчера ги уриваше незаконски заградените тераси на кејот на Вардар. Педесетина ангажирани извршители од рано изутрина почнаа со демонтирање на најлоните, подовите и воопшто на сите делови од конструкциите од нелегалните градби. Безмилосна чистка истовремено се вршеше на терасите на сите седум локали на шеталиштето. Освен општинските работници во акцијата се вклучија и дел од сопствениците на кафулињата со свои работници. Иако револтирани, сепак, кафеанџиите не даваа отпор.

Добро, само мене ли ми изгледа ова на местенка?! Се чини дека општината, со пари од граѓаните, експресно пред измените на законот за пушење на газдите во центарот им ги претвори просторите од „затворен карактер“ во „отворени летни тераси“.

Патувачки белешки за политика и општество

Tags: 

Ја читам Honeymoon With My Brother. Книгата е така-така. Кога веќе стигнав до 203-та страна, ќе ја дочитам. Но од таму, да споделам неколку мисли од авторот, кој инаку е поранешен портпарол на сенатори и гувернери во САД, па би се рекло се разбира нешто во политика.

Еве.

На двете сликички, мој фаворит е точката 4.

Топла вода во јавниот сектор

Tags: 

Ја читав објавата за најновиот натпревар „Биди иновативен“ ги наградува бизнис идеите и помислив за тоа какви идеи ќе се појават на него и дали познатата „не измислувај топла вода“ ќе има некакво влијанија меѓу учесниците.

Мислам дека во општествово и стопанствово ни фали уште многу „топла вода“, па си реков која идеја што е „топла вода“ може некако да придонесе во земјава. Дали поради преголемото влијание на Берлин или поради нешто друго, првото нешто што ми текна беше автобуска линија до аеродром. Не е нешто сложено: ти требаат неколку автобуси, избор на 2-3 станици (пр. Бисер, Холидеј ин, Александар палас, последна 15-ка), договор за реклами со хотели и слично, возен ред според просечното време на полетување од аеродром (и слетување), и горе-долу тоа е тоа. Јасно е дека ова не би поминало на натпреварот, ако ништо друго, тогаш поради високите вложувања што се потребни од почеток за бизнисот да проработи.

Сепак, одлучив малку повеќе да се занимавам со идејата, и откако не успеав да сфатам зошто некој со повеќе пари или бизнис-храброст не го направил ова до сега, прашањето го поставив пред постарите и помудрите. Еве што прибрав како информација:

  • Порано (некогаш?) имало автобус до аеродром. Сега сѐ уште има автобус до селото што е (релативно) близу до аеродромот;
  • Некоја такси компанија (воглавно составена од жители на селото) го држи монополот за превезување на патници од аеродромот до Скопје. Монополот се одржува со насилство. Возачите од други компании биле бркани, а до сега имало бројни случаи на физичка пресметка меѓу „конкурентите“;
  • Затоа, најчесто, другите такси компании возат од Скопје до аеродром и потоа се враќаат празни назад;
  • Но, некои среќници, можат да возат и во обратна насока. Ако авио-патникот побара информација за превоз од некое од службениците во аеродромот, тие ќе повикаат пријател кој работи во некоја такси компанија, кој ќе дојде на аеродромот со таблата во багажник. Така ќе ги заобиколи „бариерите за влез“ на пазарот;
  • И на крај, непознато е дали е потребна посебна дозвола од градот (или друг надлежен) за сега да се воспостави нова редовна линија, но преовладува чувството дека некакви тесни интереси го менаџираат и овој хаос.

Failpedia - Повторно измислување на тркалото

Tags: 

Идејата / проектот на МИО за создавање и додавање содржина на mk.wikipedia.org, отвора повеќе прашања отколку што дава одговори. Ќе треба да видиме: (1) како ваква одгоре-надолу планирана активност ќе се вклопи во енциклопедија чиј главен адут е пристапот оддолу-нагоре; (2) дали статиите ќе успеат да го задржат основниот принцип на Википедија - Неутралната гледна точка; (3) дали авторите ќе внимаваат на изворите на текстовите, најмногу заради почитување на авторските права; (4) и на крај, поврзано со претходните три, дали конечниот резултат ќе бидат вистински вики статии.

Но, настрана од слободен софтвер/слободна култура/криејтив комонс/википедија евангелието, останува уште едно важно прашање: зошто Владата на Р. Македонија започнува уште еден проект за енциклопедија?

Владата веќе потрошила средства од буџетот за една енциклопедија (таа на МАНУ), па за мене е нејасно зошто при нејзината изработка не е искористен модел што ќе овозможи лесно повторно искористување и прилагодување на делото. Со други зборови, ако во договорот за финансирање со МАНУ, авторските права ги презела Владата, сега ќе можеше дигитално, на Википедија, да ја објави целата енциклопедија.

Ако намената на владината испомош на Википедија е, како што рекол министерот, за македонските државјани кои не зборуваат втор јазик, тогаш ова погоре е најбрзиот пат.

Вака изгледа како дуплирање на напор и дополнително трошење на пари и/или други ресурси.

Дополнување од 28.12.2009:

Во Велика Британија (а можеби и на други места) веќе постојат кампањи кои повикуваат на ослободување на книгите. Неколку цитати од freeourbooks.org.uk:

Public funds pay vast majority of the academic research; the results should therefore be public.

We, the citizens, through the state, pay for the production of academic books and research papers twice, first through salaries and research grants, and second through the purchase of books and journal subscriptions. This is how the the most fundamental principles of academia, to study and to share its findings, are obstructed, and its operation is made far more expensive and cumbersome.

Починал Пол Семјуелсон

Tags: 

Вчера починал Пол Семјуелсон. Семјуелсон беше еден од водечките економисти. Автор е на Economics, најценетиот учебник по економија во целиот свет.

Зошто пишувам за ова?

Речиси ниту еден медиум во Македонија ја нема оваа вест. Google има линкови само до Сител и МИА од поглавните медиуми.

Но, поважно, Македонија е единствената земја од групата земји со кои сакаме да се споредуваме каде предметот економија не се учи од книгата на Семјуелсон (колку што ми е познато книгата воопшто не е ни преведена на македонски).

Семјуелсон некогаш рекол: „Не се грижам за тоа кој ги пишува законите во државата или кој ги составува нејзините договори, сѐ додека јас можам да ги пишувам нејзините учебници по економија.“

Тоа е Пол. Поздрав од Македонија.

Страв

Tags: 

Веројатно можам да ги избројам на една рака приликите во кои сум почуствувал страв во Македонија.

Но, сега ќе напишам само за една.

Кога возам по „Партизанска“ во Карпош 4 и Карпош 3 чувствувам вистински страв од тоа што нема паркирани автомобили во најдесната лента.

Чувствувам страв кога таму треба да подзастанам и да земам или оставам патник на тротоарот.

Чувствувам страв пред пешачки бидејќи не знам дали колата зад мене ме снима и дали пешакот знае и намерно става нога на улица баш кога поминувам.

Ова не е замислен страв. Некои луѓе кои ги познавам добиле казна во ситуации како горните.

Бушава азбука

Tags: 

Случајно в раце ми падна копија од „Бушава азбука“, книга издадена во 1987 година, и се присетив дека како дете ја имам листано.

Првата реакција ми беше: ајде да ја ставиме на интернет. Ја нема во книжари, повеќето потпишани издавачки куќи веќе не постојат, а тоа е забавна книга за децата кои ја учат азбуката. Се обидов да го направам токму тоа.

За жал, скенерот со кој што располагам е мал, а книгата е во невообичаен формат, и при скенирање губам дел или од горниот или од долниот дел од содржината на страницата.

Ако некој има скенер за А3 формат што може да го понуди, може да остави коментар.

Сепак, PDF или слики не се баш најзгодниот медиум за презентирање на содржина на интернет. Па си помислив што ако го направиме ова во интернет стил: HTML, CSS, JavaScript? Првата идеја што ја имам е S5: лесно за управување низ содржините, без многу тракатанци наоколу. За почеток веројатно се потребни малку понапредни CSS вештини и, секако, цртачки вештини за сите илустрации.

Има некој?

Pages