May 2007

Парите или децата? Велес вели парите... :(

Tags: 

Повеќе медиуми ја проследија веста дека општина Велес вовела современ портал за образование. Еве ја кај Утрински: врска.

Една од тие вести кои што ги чув/видов (не знам која точно) тврдеше дека на оваа веб страница децата од училиштата во Велес ќе можат да ги закачуваат своите домашни работи, а професорите ќе можат да ги преземат и да ги читаат. Тоа, меѓу другото, нели „силно ќе ги поттикне процесите на учење и ИКТ-образование“.

И еве сум јас, сурфам на страницава за да видам што направиле. Кликам на врската „Моја страница“ каде според описот можам да гледам лични документи и е-мејл пораки, кога ми се појавува грешка:

Образовен портал на Велес

Баталете секакво промовирање на слободен софтвер. Ако сум одлучил да користам Firefox од било кои причини, јас не можам да ги поднесам своите домашни на новиот сервис на општина Велес. Пробајте да го пренесете ова во физичкиот свет на тетратки и пенкала: домашната да можам да ја предадам само ако користам пенкало и тетратка произведени од некој таму производител.

Веќе ми е досадно да пишувам за проблемите кои што можат да произлезат од партнерствата со Мајкрософт за вакви работи, но мора пак и пак - и еве повторно сме на почеток како никој ништо да не прочитал и научил до сега. Образованието не треба да поддржува/подучува за/употребува неслободен софтвер.

Тажно е што гледаме дека политичарите, професорите и другите одговорни за училиштата ја жртвуваат иднината на децата за да ќарат некој проект и да заработат некој денар повеќе.

Блогери на конференција

Tags: 

Не можам да стигнам на конференцијата... обврски по дома нешто. Хм, a може и ќе стигнам за последниот дел - „мрежно општество“... Нејсе, штом не сум таму да пишам збор-два за она што и така ќе го кажев. Дарко ќе пренесе. :)

Слободен софтвер. Многу малку блогери (забелешка: луѓево од планета не ги бројам за блогери освен можеби Би) зборуваат, пишуваат и работат со/за слободен софтвер. Дали тоа се должи на нивната неинформираност, незаинтересираност или нешто трето - не знам. Сепак, чувствувам обврска да кажам неколку очигледни работи.

Најголемиот дел од софтверот кој се користи за блогирање е слободен софтвер: http://blog.com.mk работи на Drupal што е слободен софтвер. Wordpress една од најпопуларните самостојни платформи за блогирање исто така е слободен софтвер. Без овие блогирањето ќе беше многу потешко, а за некого можеби и невозможно. Но, тоа не е се. Дури и за блогирање да користите неслободен софтвер, големи се шансите се дека серверот и базата на кои тој ќе работи се слободни. Впрочем, Интернет работи на слободен софтвер - а без така лесно достапната мрежа тешко дека ќе имаше кој да чита што блогираат блогерите.

Заедницата на програмери и други луѓе кои работат со слободниот софтвер во голема мера е заслужна за ова што денес го имаме на Интернет. Затоа размислете и вие да придонесете кон таа заедница. Напишете по некој текст или пак ако софтверот не ви е баш омилена тема, размислете да придонесете на link Википедија , да нацртате, насликате или дизајнирате нешто за слободниот софтвер, или пак само да им раскажете што е слободен софтвер на вашите пријатели.

Се разбира, почнете да користите слободен софтвер на вашиот декстоп. Веќе го користите на Интернет и веројатно до сега се уверивте дека е најдобар.

Правила за преведување

Tags: 

Во времето на МАЛИНА (мај, 2004) напишав едни правила за преведување. Поточно, тоа беше една компилација на правила собрана од различни преведувачки тимови од светот. Мене ми се виде корисно да и ние да имаме такви.

Во меѓувреме МАЛИНА пропадна, а сега има целосно локализирани дистрибуции. Сепак, ми се чини правилава се корисни и кога веќе ги пронајдов, еве ги повторно на Интернет. Можеби и може да дискутираме за нив и да ги подобриме.

1. Читајте ги, разгледувајте ги и користете ги постоечките преводи за да се запознаете со стилот на преводите и за да можете да пријавите грешки ако ги има.

2. Имињата на програмите остануваат во оригинал. Пример: AbiWord документ, OpenOffice.org.

3. Кратенките остануваат во оригинал. Примери: HTTP, RAM, ROM, CPU, HTTPS, FTP...

4. Секогаш почитувајте го речникот и правописот!

5. Секогаш користете ги нашите наводници „“, а не “, ', “ и слично.

6. После секој интерпункциски знак, секогаш има едно празно место!

7. Стринговите кои се со повеќе зборови се преведуваат само со прва голема буква. Пример: „Close All Documents“ ќе биде „Затвори ги сите документи“.

8. Секогаш користете ги македонските „ѝ“ и „ѐ“, каде што е тоа потребно.

9. Не голтајте букви!

10. Компјутерот ви персира, вие му наредувате (императив)! Примери: Сигурно сакате да го снимите документот во овој формат? Да, сними го документот.

11. Трудете се синтаксата на преведените реченици секогаш да биде иста како на оригиналните реченици, посебно ако оригиналните реченици се во пасив.

12. Првата линија на секое мени е во облик на глаголска именка: Уредување, Форматирање. Наредбите кои од менијата му се даваат на компјутерот се во императив (заповеден начин).

13. Насловите на прозорците исто така се во облик на глаголска именка, се разбира онаму каде е тоа потребно. Пример: насловот на прозорецот за пребарување ќе биде „Пребарување“ а не „Пребарувај“.

14. Трудете се буквите кои се однесуваат на кратенките (access keys - ALT + bukva) да бидат исти како во оригиналот. Ако тоа не е можно, тогаш задолжително избегнувајте наши букви, како Ш, Ќ, Ѓ.

15. Секогаш ажурирајте ја базата со преводи (Translation Database), со датотеки кои се целосно преведени.

16. Пред секое преведување пуштете го KBabel да направи грубо преведување (Rough Translation)!

17. Користете го тоа што го преведувате.

18. Не преведувајте нa тепка (од ракав). Ако не знаете на што се однесува некој стринг, пуштете ја програмата што ја преведувате и видете за што се работи. Ако повторно не знаете, оставете го непреведен.

19. Не брзајте при преведувањето!

Дали пеењето е слобода на говор?

Tags: 

Денешен „Шпиц“ е со вест за новиот Закон за јавен ред и мир. Меѓу другото според новиов закон глобата за пеење на улица е 300 евра. Според Уставот на Републикава (Член 16, став 2) пак се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.

Е сега некој стручен мене да ми каже како тоа не смеам да пеам на улица ако имам слобода на говор и јавен настап и ако одлучам јавно да говорам или информирам пеејќи? Кој е тој што ќе рече дека пеењето не е говор? Не знам дали е некомпетентност или е намерно ова вака направено...

А знам дека се спрема и нов закон за Авторски права. Тоа колку гадно ќе биде не сакам ни да замислам откако ги видов последните измени во стариот закон.

Да не е ова нешто муабетот со новата КИТ каде што конечно почнаа да гледаат кон слободниот софтвер целосно би ја отпишал Владава. Сега ми се онака на работ...

Што да се очекува од правнициве и законодавциве... Утрински вели дека идните правници би жртвувале две години во затвор за два милиона евра!

Не е баш дека ништо не се случува во Ниш

Tags: 

Некаде прочитав дека белата позадина троши значително повеќе струја од црната. Кога Гугл би прешол на црна страница, светот би заштедил 750 мегавати струја. Јас еве со правам мал придонес кон штедењето на енергија со изменето css на блогов.

Ми се чини дека има и еден сервис кој е таков црн гугл ама сега не ми текнува на url-то.

ps. ми текна

Како да го прекршите Законот за авторскoто право и сродните права во 5 чекори

Tags: 

Кратко упатсво за кршење на Членот 184 aka DMCA член

Значи испадна дека Републикава наша е DMCA земја. DMCA&Co. надолго и нашироко се критикувани низ целиот свет, па еве да се надеваме дека ова ќе придонесе кон подигнување на свеста за овие прашања и кај нас. Инаку, во презентацијава користам целосно легален софтвер за да остранам глупа заштита за копирање на нешто што и така не би требало да ја има (совет: кој не ја гледал презентацијата на Лери Лесиг за слободна култура - да ја гледа, а на тие што ја гледале веројатно ќе им текне за моментот со книгата од Аристотел која е во јавен домен, а сепак благодарение на DMCA не може да се копира). Одиме.

1. Во KPDF (на KDE на GNU/Linux) отворете го Законот за авторскoто право и сродните права

Слика 1 за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

Ако го немате, можете да го преземете од pravo.org.mk.

2. Одберете ја опцијата за копирање текст/слика...

Слика 2а за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

...одберете го текстот што сакате да го копирате...

Слика 2б за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

...и ќе видите дека копирањето на PDF документот е оневозможено. Опцијата е засивена.

3. Одете во менито „Поставувања“ и потоа во „Конфигурирај KPDF...“. Таму, во „Општо“ изгасете ја заштитата за DRM.

Слика 3 за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

4. Повторете ја акцијата за копирање...

[html Слика 4 за член 184 од Законот за авторски права на Македонија]

...сега опцијата за копирање е активна. Копирајте го текстот со лев клик на глушецот.

5. Вметнете го текстот во друга апликација по ваш избор...

Слика 5 за член 184 од Законот за авторски права на Македонија

...и voila имате копија од текстот и го прекршивте Член 184 од Законот за авторското право и сродните права.

Добредојдовте, Р3пу6лик4 М4к390ниј4 е DMCA земја

Tags: 

Изминативе години, откако почнавме на разни места да држиме предавања за слободен софтвер/слободна култура/слободно општество, постојано нагласуваме дека во САД има едно лошо нешто чие име е DMCA и дека слично такво има во ЕУ - EUCD и дека тоа кај и да е ќе не снајде и нас. Потоа раскажуваме дека поради овие причини луѓето треба да бидат свесни за прашањата поврзани со авторските права, софтверските патенти, копирањето музика и филмови и сл.

Сето ова зборување за тоа што им се случува на обичните сурфери во развиените земји и потпишувањето на разни петииции за ЕУ и САД ни го одвлекло вниманието од нашата ситуација. Сигурно, немаше да го пишувам ни ова, ако случајно не одлучев да давам пример за тоа дека Законите издадени во Република Македонија треба да бидат достапни во Отворениот формат за документи.

Така, средувајќи го Законот за авторското право и сродните права налетав на Член 116 кој вели:

Се смета дека некое лице ги повредува исклучивите права според овој закон, кога знаело или можело да знае дека дистрибуира или поседува за комерцијални цели која било технологија, средства или нивни составни делови чијашто цел е неовластено отстранување или менување на технолошки мерки од член 184 став 3 на овој закон, користени да ја заштитат компјутерската програма.

Потоа лизгав надолу до споменатиот Член 184:

Се смета дека некое лице ги повредува исклучивите права утврдени со овој закон кога знаело или можело да знае дека врши дејствија за изигрување на технолошките мерки кои служат за заштита на тие права од овој закон.

Како повреда на исклучивите права утврдени со овој закон, се смета и кога некое лице произведува, увезува, дистрибуира, продава, изнајмува, рекламира за продажба или изнајмување или посредува во комерцијални цели средства, производи и нивни составни делови или врши (нуди) услуги, на кои било делотворни технолошки мерки, кои:

- се промовирани, рекламирани или се во продажба заради изигрување;

- имаат само ограничено комерцијално значајна цел или користење, освен заради изигрување;

- првенствено се креирани, произведени, прилагодени или функционираат за да се овозможи или олесни изигрување.

Технолошките мерки, во смисла на овој закон, е која било технологија, средства или нивни составни делови, кои во текот на своето редовно работење, се наменети за спречување или за ограничување на повреда на правата, утврдени со овој закон. Овие мерки се сметаат за делотворни, доколку користењето на авторските дела или на предметите на сродните права или на базите на податоци со "суи генерис" заштита е контролирано од носителите на правата заради остварување на заштита преку примена на контрола на пристап, преку процесот на заштита (како што е нивно кодирање, преметнување или друг вид на промена на делата или предметите на сродните права), како и преку механизмите за контрола на копирање.

Членот 185 кој следи дава некои олеснувања во смисла на тоа кога и како оној што ги поставил овие технолошки мерки е должен да интервенира за да овозможи остварување на некои права за оние лица кои имаат законски пристап до делото. Сепак, не можам да речам дека сум оптимистички расположен во врска со тоа.

Овие членови се додадени во Законот со измените од 2005 година. Ги има во Службениот весник бр. 04/2005 од 17 јануари 2005. Во сила се значи повеќе од две години. Добро е што никој не ги применил до сега, но не знам до кога ќе биде така бидејќи во последно време очигледни се зголемените активности околу „интелектуалната сопственост“ кај нас. Последно нешто што го видов е дека Владата на Република Македонија донела одлука за Координативно тело за интелектуална сопственост (Службен весник на Република Македонија бр. 56/2007 од 7 мај 2007) кое се формира за воспоставување на координација во спроведување на заштита на правата од индустриска сопственост и на авторското и сродните права.

Минатата недела на листа се зезавме нешто за оној бројот и имаше и дискусија дали во Република Македонија е дозволено или не тој да се објавува и сега го знаеме одговорот - не е дозволено. Република Македонија е DMCA земја.

Како треба да се прави: Закон во ODF

ПрилогГолемина
File zapsp.odt57.5 KB

Tags: 

Еве мој мал придонес кон приказните за интероперабилност, слободен пристап до информации од јавен карактер и сл.

Откако од http://www.copyright.gov.mk го преземав Законот за авторското право и сродните права кој во .doc формат изгледаше очајно лошо кога е отворен во OpenOffice.org, одлучив да го уредам и форматирам целиот текст и еве го овде за преземање како ODF документ.

Ми се чини ова е покорисно до сите дрдорења по конференции и трибини и од сите проекти во кои парите се трошат за печатење на летоци и слични материјали кои промовираат било која од гореспоменатите активности.

Најдобрите презентации на светот

Tags: 

Натпреварот за најдобра презентација заврши(л). Победниците се објавени.

Гај Кавасаки со свој коментар:

The commonality you’ll see in these winners is big fonts, big graphics, and a “storytelling” orientation. These are three crucial qualities of a good presentation.

Врска.

What is a song if you can't sing along

Tags: 

Денес си го купив првиот албум на Pikolomini насловен „From Subway to My Way“ (хм... еве Плагијат пишале нешто за албумов: врска). Ова е првото CD издание на новото здружение на граѓани „Стотројка“ кое очигледно ќе се занимава со издавање на музика.

Ако името нешто значи, тогаш веројатно во „Стотројка“ работат истите луѓе од „Канал 103“ - радиото кое важи за напредна струја во македонскиот етер. На бројните емисии, каде што се пушта свежа музика, често може да се чуе водителот како го благословува Интернет за можноста да набави нова музика уште пред истата воопшто официјално да е излезена во САД или ЕУ.

Затоа и ми беше големо разочарувањето кога на дното на корицата на CD-то на Pikolomini видов строго известување на авторско право:

All rights of the producer and of the owner of the works reproduced reserved. Unauthorised copying, hiring, lending, public performance and broadcasting of this redording prohibited.

Штета, навистина штета, што не го фатиле CC возот. По се изгледа имаме уште многу да учиме од нашите хрватски пријателчиња. Тие се баш така - на работ на авторските права.

Јас копирам, ти копираш, тој копира...

Tags: 

Мразам што морам да ја скинам од врвот на страницата прославата за титулата на Man U, па ќе ја ископирам пред да продолжам:

It's coming home... Титулата се врати на Олд Трафорд! :)

Значи, зборот ми беше за DRM и музиката. Форбс има приказна за тоа зошто музиката на Интернет ќе остане заклучена: врска, а kuro5hin има коментари на истата: врска.

Цитат од Форбс:
Thomas Hesse, president of global digital business and U.S. sales for Sony BMG, quipped that, “We don’t want the whole world to be a college dorm. Because that’s what a no-DRM world looks like--it’s a world in which all product can just be cloned without limitation.”

А баш минатата недела гледав некој каталог од Сони и имаше нешто за музиката што ја издале - топ 20 албуми или така нешто. Сега ми текнува дека барем два им ги имам копирано: Jeff Buckley - Grace и Pearl Jam - Ten. :)

Јубиту на ер-ес-ес :)

Tags: 

Откако имав некои проблеми со листите со клипчина на YouTube, особено со листата за оној бројот, ги обележав сите клипчиња на htttp://ma.gnolia.com, ги тагував со „јубиту“.

Сите клипчиња на едно место. :)

Слободен софтвер на мајчин јазик

ПрилогГолемина
File slobodensoftvernamajcinjazik.odt19.83 KB
PDF icon slobodensoftvernamajcinjazik.pdf108.89 KB

Tags: 

Во последно време бев зафатен со една идеја за информациското општество, слободниот софтвер и мајчиниот јазик на луѓето. Резултат е текст кој воглавно зборува за тоа дека софтверот мора да биде достапен на јазикот на кој зборуваме.

Не знам колку добро сум ја преточил идејава во зборови. Пред објавувањево од повеќе луѓе добив и позитивни и негативни критики.

Сеедно, текстот го објавувам во PDF и ODF. HTML нема бидејќи ОО.о не генерира валиден HTML, а мене сега ме мрзи да го средувам рачно. Ако некој го направи нека ми каже.

Коментари се добредојдени. Апстракт подолу.

Слободен софтвер на мајчин јазик

Информациското општество е една од главните теми за иднината на Република Македонија. Производството, дистрибуцијата и употребата на информации кои тоа ги подразбира не се возможни без употребата на софтвер. Прашањето за јазикот на кој ќе биде достапен софтверот кој ќе се употребува се чини е занемарено во релевантните документи изготвени во Република Македонија.

Овој текст се обидува да објасни зошто е важно софтверот кој се користи да биде на мајчиниот јазик на корисниците особено кога во прашање е еден сеопфатен потфат како што е информациското општество. Исто така, ги истражува проблемите кои се јавуваат при локализација на софтверот, од кои некои се специфични за мали држави како Република Македонија. На крај, објаснува како повеќето проблеми можат да бидат разрешени благодарение на предностите на слободниот софтвер.