Блогери на конференција

Tags: 

Не можам да стигнам на конференцијата... обврски по дома нешто. Хм, a може и ќе стигнам за последниот дел - „мрежно општество“... Нејсе, штом не сум таму да пишам збор-два за она што и така ќе го кажев. Дарко ќе пренесе. :)

Слободен софтвер. Многу малку блогери (забелешка: луѓево од планета не ги бројам за блогери освен можеби Би) зборуваат, пишуваат и работат со/за слободен софтвер. Дали тоа се должи на нивната неинформираност, незаинтересираност или нешто трето - не знам. Сепак, чувствувам обврска да кажам неколку очигледни работи.

Најголемиот дел од софтверот кој се користи за блогирање е слободен софтвер: http://blog.com.mk работи на Drupal што е слободен софтвер. Wordpress една од најпопуларните самостојни платформи за блогирање исто така е слободен софтвер. Без овие блогирањето ќе беше многу потешко, а за некого можеби и невозможно. Но, тоа не е се. Дури и за блогирање да користите неслободен софтвер, големи се шансите се дека серверот и базата на кои тој ќе работи се слободни. Впрочем, Интернет работи на слободен софтвер - а без така лесно достапната мрежа тешко дека ќе имаше кој да чита што блогираат блогерите.

Заедницата на програмери и други луѓе кои работат со слободниот софтвер во голема мера е заслужна за ова што денес го имаме на Интернет. Затоа размислете и вие да придонесете кон таа заедница. Напишете по некој текст или пак ако софтверот не ви е баш омилена тема, размислете да придонесете на link Википедија , да нацртате, насликате или дизајнирате нешто за слободниот софтвер, или пак само да им раскажете што е слободен софтвер на вашите пријатели.

Се разбира, почнете да користите слободен софтвер на вашиот декстоп. Веќе го користите на Интернет и веројатно до сега се уверивте дека е најдобар.