Добредојдовте, Р3пу6лик4 М4к390ниј4 е DMCA земја

Tags: 

Изминативе години, откако почнавме на разни места да држиме предавања за слободен софтвер/слободна култура/слободно општество, постојано нагласуваме дека во САД има едно лошо нешто чие име е DMCA и дека слично такво има во ЕУ - EUCD и дека тоа кај и да е ќе не снајде и нас. Потоа раскажуваме дека поради овие причини луѓето треба да бидат свесни за прашањата поврзани со авторските права, софтверските патенти, копирањето музика и филмови и сл.

Сето ова зборување за тоа што им се случува на обичните сурфери во развиените земји и потпишувањето на разни петииции за ЕУ и САД ни го одвлекло вниманието од нашата ситуација. Сигурно, немаше да го пишувам ни ова, ако случајно не одлучев да давам пример за тоа дека Законите издадени во Република Македонија треба да бидат достапни во Отворениот формат за документи.

Така, средувајќи го Законот за авторското право и сродните права налетав на Член 116 кој вели:

Се смета дека некое лице ги повредува исклучивите права според овој закон, кога знаело или можело да знае дека дистрибуира или поседува за комерцијални цели која било технологија, средства или нивни составни делови чијашто цел е неовластено отстранување или менување на технолошки мерки од член 184 став 3 на овој закон, користени да ја заштитат компјутерската програма.

Потоа лизгав надолу до споменатиот Член 184:

Се смета дека некое лице ги повредува исклучивите права утврдени со овој закон кога знаело или можело да знае дека врши дејствија за изигрување на технолошките мерки кои служат за заштита на тие права од овој закон.

Како повреда на исклучивите права утврдени со овој закон, се смета и кога некое лице произведува, увезува, дистрибуира, продава, изнајмува, рекламира за продажба или изнајмување или посредува во комерцијални цели средства, производи и нивни составни делови или врши (нуди) услуги, на кои било делотворни технолошки мерки, кои:

- се промовирани, рекламирани или се во продажба заради изигрување;

- имаат само ограничено комерцијално значајна цел или користење, освен заради изигрување;

- првенствено се креирани, произведени, прилагодени или функционираат за да се овозможи или олесни изигрување.

Технолошките мерки, во смисла на овој закон, е која било технологија, средства или нивни составни делови, кои во текот на своето редовно работење, се наменети за спречување или за ограничување на повреда на правата, утврдени со овој закон. Овие мерки се сметаат за делотворни, доколку користењето на авторските дела или на предметите на сродните права или на базите на податоци со "суи генерис" заштита е контролирано од носителите на правата заради остварување на заштита преку примена на контрола на пристап, преку процесот на заштита (како што е нивно кодирање, преметнување или друг вид на промена на делата или предметите на сродните права), како и преку механизмите за контрола на копирање.

Членот 185 кој следи дава некои олеснувања во смисла на тоа кога и како оној што ги поставил овие технолошки мерки е должен да интервенира за да овозможи остварување на некои права за оние лица кои имаат законски пристап до делото. Сепак, не можам да речам дека сум оптимистички расположен во врска со тоа.

Овие членови се додадени во Законот со измените од 2005 година. Ги има во Службениот весник бр. 04/2005 од 17 јануари 2005. Во сила се значи повеќе од две години. Добро е што никој не ги применил до сега, но не знам до кога ќе биде така бидејќи во последно време очигледни се зголемените активности околу „интелектуалната сопственост“ кај нас. Последно нешто што го видов е дека Владата на Република Македонија донела одлука за Координативно тело за интелектуална сопственост (Службен весник на Република Македонија бр. 56/2007 од 7 мај 2007) кое се формира за воспоставување на координација во спроведување на заштита на правата од индустриска сопственост и на авторското и сродните права.

Минатата недела на листа се зезавме нешто за оној бројот и имаше и дискусија дали во Република Македонија е дозволено или не тој да се објавува и сега го знаеме одговорот - не е дозволено. Република Македонија е DMCA земја.