секојдневие

Undefined

Јавниот превоз и новите автобуси

Tags: 

Новите скопски автобуси се вообичаени на линијата бр. 4, која пак е мојата најблиска линија за да стигнам во „град“.

Вчера автобусот доцнеше 10 минути. Фактот што беше нов не помогна во почитувањето на возниот ред.

Всушност квалитетот на јавниот градски превоз најмалку зависи од амортизираноста на автобусите што се користат.

Во случајов, за на крај сепак да стигне во Кисела Вода на време, возачот мораше да вози брзо, да не застанува доволно долго на автобуските станици и воглавно да создаде непријатно патничко искуство.

Се разбира, за ова можеби најмалку е виновен возачот, бидејќи во градот нема или не се почитуваат посебните ленти за јавен сообраќај, има големи гужви на определени крстосници и така натаму.

Новите автобуси во оваа смисла се само шминка за, во секоја друга смисла, лошиот јавен превоз.

Не дека ова не можеше да се заклучи и порано, но сега, кога споредбата со другите е поедноставена, сето е поочигледно.

Неколку белешки за филмовите на Билјана Гарванлиева

Tags: 

Вчера (7.3.2011) во Кинотеката на Македонија беа прикажани трите документарни филма на Билјана Гарванлиева: „Девојчето со хармоника“, „Тутоноберачката“ и „Шивачките“.

Нема да пишувам „филмски“ коментари. Ова се (очигледно) одлични документарни филмови за што не мора да ми верувате мене, ами на жири комисиите на филмските фестивали што ги имаат наградено филмовите.

Она што сакам да напишам е за некои пошироки (општествени) теми што се наметнаа за време и по проекциите, а за чие наметнување беше одговорна и авторката на филмовите.

Па да одиме со ред.

Референцирање кон друга поп култура

Прво, ова беше една и единствена проекција (со зборовите на авторката и продуцентот - можеби единствена до крајот на 2011 година). Присутна беше скопска публика, публика од центарот на Македонија. Не би одел толку далеку да речам дека салата во Кинотека ја исполни некаква си скопска елита, но меѓу присутните имаше театарски и филмски работници, новинари и претставници на амбасади. Ова гледање на македонската провинција низ документарниот филм многу ме потсети на американскиот филм Pecker. Во ова референцирање посебно помогна смеењето на дел од публиката на сцени од филмовите што во себе немаат хумор. Таквото смеење го доживеав како сеир.

Општествената одговорност на филмовите

По проекциите авторката остана да одговара на прашања. Помеѓу највпечатливите беше прашањето од македонскиот актер, чинам Владо Јовановски, кој праша дали филмот „Шивачките“ го привлекол вниманието на државните или странските институции со оглед на тоа дека во него се гледа дека жените работат по две смени дневно, немаат одмор итн - во суштина не ги уживаат основните работнички права, пропишани со Закон и безброј меѓународни конвенции.

Одговорот од продуцентот на филмот беше дека не, тоа не се случило. Потоа тој продолжи да коментира како овие информации за состојбата на шивачките биле јасно објавени во коментарите за филмот во културните рубрики на весниците, но никој од економските редакции не ја „фатил“ темата.

Интересно ми беше да видам како, повторно условно речено, скопската елита се жали на оваа ситуација. Ако веќе информациите за тешкотиите на жените што работат во фабриките во Штип се објавени во културните рубрики, што ја спречува скопската прогресивна јавност да им пишува секојдневно на уредниците (кои што не ја третираат темата освен културно), државните институции (кои што се надлежни да преземат мерки) и странските амбасади (за чии држави се наменети производите што се шијат) за оваа состојба?

Едно писмо до уредникот, може и да помине незабележано, но сто? Илјада? Тешко до општествена ангажираност преку чекање на „надлежните“. Нема да бидам идеалист и да речам дека писмата можеле (или можат) нешто да сменат. Сепак, понекогаш и обидот значи многу.

Потанаму, авторката рече дека сака филмот „да влезе во колективната свест на луѓето во Македонија“. Сепак, една проекција за цела година и никаков друг начин да се гледа филмот (поради тоа што дури ни телевизиите не се расположени да прикажуваат вакви - кратки документарни - филмови).

Јас би рекол бедни изговори за нешто што треба да биде дел од колективната свест. Авторката можеше да подели десет, дваесет дискови со филмот и веќе денес ќе беше на YouTube. Ете влез во колективанта свест. Ако телевизиите не сакаат, граѓаните може и поинаку да се информираат.

Знам, некој ќе скокне за ова за прашање за авторски права. Но, колку и моето мислење за авторските права да е спротивно од мејнстримот, јас не побарав филмот да влегува во свеста на граѓаните. Тоа се зборови на авторката. Изборот исто така е нејзин.

Филмовите прикажуваат очајни ситуации, животи, на граѓани на Република Македонија. Во нив има реплики како: „До ова дојдовме дека за политичари бираме погрешни луѓе“. Која е одговорноста на скопската публика во овој контекст? Авторката на филмовите во суштина се изразува дека проекциите не беа само уметнички настан. Дали сме ние повеќе одговорни за општествено-политичките случувања, бидејќи, еј, ако ништо друго имаме време да одиме на кино, додека во Штип мораат да работат две смени за да преживеат. Секако можеме да имаме и коктел кој чини повеќе од просечната плата на една шивачка.

За судењето според „наши“ стандарди

Во пишувањето на овие коментари ме води мислата од (веќе легендарното) предавање на Ханс Рослинг на TED.

Во него тој вели дека за различни делови од светот се потребни различни решенија. Сѐ зависи од контекстот.

На ова се потсетив кога на прашање од публиката што се случува со луѓето од филмовите, авторката, меѓу другото, одговори и за девојчето што бере тутун, Мумине од едно село во близината на Радовиш. За оние што не го гледале филмот, предупредувам дека ќе оддадам делови од приказната. Станува збор за девојче од село што се занимава само со тутун и во кое (сѐ уште) обичајот е за девојките да се плаќаат пари при барањето за брак. Како што разбравме од авторката кај девојчето се случила промена. Таа во текот на снимањето на филмот, станала посвесна и на својот татко му рекла дека не сака за неа да земаат пари. Авторката нагласи дека е во добри односи со девојчето и семејството и во план е Мумине да ја посети неа во Германија.

Додека ова изгледа на прекрасен исход според модерните стандарди (кои веројатно, некако, владеат во Скопје), што се случува со семејството на Мумине? Со два сина, тие мора сѐ уште мора да платат за две невести. Со една еманципирана ќерка, тие имаат само уште една со која можат да ја „компензираат“ оваа трансакција што се смета за стандардна таму каде што живеат. Патем, станува збор за суми од 3 до 5 илјади евра по невеста.

За мене, оваа ситуација отвара повеќе прашања, отколку што дава одговори (во конкретниот случај за Мумине) и повторно нѐ враќа назад на поширокиот општествен контекст на филмовите.

За крај, не сум сигурен дека јас имам сопствен став по (некои од) овие прашања. Да немаше прашања и одговори на крајот на проекцијата, веројатно ќе заминев и на излез со друштвото ќе продолжев да зборувам за она што зборувавме пред да почнат филмовите. Вака, темите се наметнаа и ова е она што делумно го измуабетивме на патот кон автобуската и што потоа јас го прибележав возејќи се во автобусот кон дома.

Тоа.

Во потрага по новата КИКА

Tags: 

Клучниот збор е grassroot.

Без да бидеме премногу емотивни, сакаме да направиме простор што ќе зависи само од нас (колку и широко тоа да испадне).

Скоро една и пол година траеше КИКА, првиот хаклаб во градов, пред да биде ставен „на чекање“ поради проблеми со електричната енергија.

Го имаме прегледот на долгот на вики. Не знаеме што ќе се случува понатаму со ова, но чувството што преовладува е дека треба да најдеме друго место каде што хаклабот би продолжил да функционира.

И додека разгледуваме опции и се растрчуваме да видиме каде би можеле да се преселиме, сакаме да видиме дали во Скопје има други групи, организации или луѓе што сакаат да учествуваат во потфат за создавање на нов физички протор што ќе служи како хаклаб, или всушност било каква друга лабораторија за активности.

На 12 март (сабота) СподелиЗнаење продолжува во кафе Опера (детали ќе има навремено на блогот), и сакаме тој ден да го искористиме и за муабет со било кој што е заинтересиран за оваа идеја.

Случајни и неслучајни сурфери на овој блог, молам проширете го муабетот.

Пешачки белешки

Tags: 

Пред некој ден се движев од Центар кон Карпош по ул. „Орце Николов“.

Сега кога изгледот на плоштадот се приближува кон својата конечна форма, корисно е да се забележи дека истовремено со враќањето (макар и било декларативно) на стариот (предземјотресен, несоцијалистички) изглед на плоштадот и околината, се случува и комплетно изменување на изгледот на Дебар Маало (стари, ниски, семејни куќи со нови, високи, колективни згради) и тоа сѐ помалку изгледа на „старо Скопје“.

Потсетување од географија

Tags: 

Мислам дека би било фер да се напише едно мало потсетување за политичарите од Р. Македонија со зовриени глави:

Блискиот исток го викаме така бидејќи е... близу.

Сликичката ја зедов од Окно.

Не сум од Скопје, ама работам во Стопанска банка

Tags: 

Денес имав ретка прилика да одам во централата на Стопанска банка.

Таму имаат наместено шалтерче за упатства и информации.

Пред мене стоеше еден постар човек. Ја прашуваше службеничката за локација на друга филијала, бидејќи во оваа (главната) имаше гужва и нему не му се чекало. Службеничката чија единствена функција очигледно е да дава информации токму од ваков тип му рече на клиентот дека не знаела каде има други филијали бидејќи не била од Скопје.

(Инаку, филијала на Стопанска банка има веднаш зад нејзината дирекција во ГТЦ, т.е. на кејот и на Рекорд/Мајка Тереза.)

Човекот мораше да си ја побара среќата на друго место и јас дојдов на ред да поставам прашање.

Јас ја барав службата за работа со правни лица за потписни картончиња и слично. Одговорот на службеничката повторно беше дека не знае бидејќи не е од Скопје! За среќа тука помина некоја нејзина колешка што беше доволно информирана да ни каже дека службата е во истата зграда, на катот по скалите!

Можеби Стопанска банка треба да го постави и шалтерот за информации во град што не е Скопје.

Полицирање на пивото

Tags: 

Вчера (12.02.2011) група (одред, чета?) од десетина полицајци влегоа во Менада во чаршија и легитимираа пола од гостите без некоја посебна причина (или барем јас не знам која беше причината).

Мене и Арангел нѐ легитимираа среде пиво и муабет за саке бомба.

Белешка колку да се потсетиме некогаш.

Некои идеи за нас по последните случувања со судот

Tags: 

Во јавноста има(в)ме долга дебата за тоа дали со кампањата „Избери живот“, Владата на РМ подготвува и забрана на абортусот. Истовремено, последното истражување за ставовите во македонското општество укажува на голем број конзервативни убедувања.

Моето мислење е дека случајот со спонтаниот абортус на жената во притвор може, многу лесно, да биде последното парче во сложувалката за укинување на ова право на жените.

Денешниот (4.2.2011 г.) дневен печат е полн со новинарски текстови и колумни за случајот. На многу место преовладува мислењето за убиство, за изгубен живот и слично. Ако овие ставови, кои мошне интересно доаѓаат и социјалдемократскиот камп, станат уште подоминантни во јавноста, уште поприфатливи во вредносниот систем на граѓаните, тогаш зошто да не се забрани абортусот? Како ќе го одбраниеме ова право?

Да не излезам погрешно разбран, тоа што се случило со жената е трагично. Ми се чини дека чувство на тегобност преовладува кај многу луѓе кои изминативе два дена ги сретнав натаму-наваму низ градот. Но, мислам дека мораме да ги поделиме работите за тоа како се чувствуваме во врска со овој случај да не биде пресудно во гледањето на другите поврзани прашања и можеби одлучувањето за нив.

Затоа мислам дека е многу важно случајов да се (раз)гледа(ува) како неуспех на правниот систем и институциите на државата и во таа насока да се бара одговорноста, а не тоа да се презентира како убиство спонзорирано од државата.

Ова е јасна линија на разлика што мора да ја бараме, а ако ја нема, тогаш да ја создадеме.

Говорот и настапот на опозицијата по ништо не се разликува од оној на позицијата. Последниов случај уште еднаш го потврди тоа. Политичарите и медиумите повторно сакаат да ја замачкаат работата, но на ова мора (кои ние?) да се спротиставиме.

Јасно ми е дека сите (ќе) сакаат да собираат бодови и играта е таква што ние мораме да ги доделуваме бодовите. Но, ако ова е едно од оние времиња на пресврт, тогаш она што се надевам дека може да го направиме е да ги повишиме критериумите според кои ги даваме бодовите.

УКИМ: Зошто не им верувам?

Tags: 

Дневник: Професорите незадоволни, се думаат дали да протестираат.

Можеби сум со погрешен впечаток, но еве го: Универзитетските професори го креваат гласот само кога „автономија“ ќе се изедначи со „плата“.

Последната епизода, според Дневник, вклучува измени за реизбор на редовните професори. Кој не би се бунел, ако знае дека може да остане без работа. Но, колку ова има врска со автономијата на универзитетот?

Се разбира не сакам да генералзирам бидејќи има секакви (и добри и лоши и одлични) професори.

Но, каде беа професорите кога есента 2010 на првиот час ги спроведоа надвор студентите што дојдоа да кажат нешто за образованието? Или каде беа на 28.03?

Или можеби е подобро да се запрашам, како на професорите не им смета политиката додека работното место им е во мирување, а тие министеруваат?

Или ако, да го цитирам Утрински: Во причините заради кои ќе излезат на протест е и наметнувањето на скапи, лоши и нестручни преводи на странска литература, тогаш што го спречува автономниот универзитет да направи ефтини, добри и стручни преводи на странска литература?

Поради овие работи, и многу други, сето ова ми личи на пазарање. Да потрае изборот уште малку, да продадеме уште некоја книга, да тераме уште некое време. Ќе им треба многу за да докажат дека не е така, барем во моите очи.

Лична забелешка: Од ноември 2010 повторно сум студент на УКИМ на постдипломски студии. Баш би сакал да има автономен универзитет. Но, борбата за него не започнува од фотељите.

Страници