секојдневие

Undefined

Ѓубре

Tags: 

Еве како изгледа околината на Галичник дваесетина дена пред големата манифестација - свадбата што е под покровителство на државата и на сред национален парк.

ѓубре

Само една слика од многу низ и околу селото.

мкфејл: филигран и вазали

Tags: 

Денес шетам низ центар малку на пауза да фатам сонце и загледувам во излог некои филиграни. Читам под изработеното сребро дека македонците биле мајстори на тој занает веќе 2500 години. Тогаш помислив дека можда е ова некој мкфејл, бидејќи баш и не бев сигурен дали таква прецизна техника се работела тогаш.

Па еве ја консултирам википедија и испаѓа дека античките грци имале филигран уште во 6 век п.н.е. (http://en.wikipedia.org/wiki/Filigree) Но потоа, барам дали имало македонци (антички) во тој период и за прв пат видов дека македонското античко кралство започнало како вазалска држава на Персија (http://en.wikipedia.org/wiki/Amyntas_I_of_Macedon). Ваљда тоа е поголем мкфејл. Корените уствари да ни бидат во вазалството.

Скопје2014 == Bikeshed

Tags: 

Painting the Bikeshed е еден од незаборавните моменти од историјата на интернетот, иако корените се всушност во книга за јавната администрација (колку згодно!). Да не преведувам:

Parkinson shows how you can go in to the board of directors and get approval for building a multi-million or even billion dollar atomic power plant, but if you want to build a bike shed you will be tangled up in endless discussions.

Parkinson explains that this is because an atomic plant is so vast, so expensive and so complicated that people cannot grasp it, and rather than try, they fall back on the assumption that somebody
else checked all the details before it got this far. Richard P. Feynmann gives a couple of interesting, and very much to the point, examples relating to Los Alamos in his books.

A bike shed on the other hand. Anyone can build one of those over a weekend, and still have time to watch the game on TV. So no matter how well prepared, no matter how reasonable you are with
your proposal, somebody will seize the chance to show that he is doing his job, that he is paying attention, that he is *here*.

Цитирано од Painting the Bikeshed.

Воопштена верзија од овој закон има во закоот на Сајр (политички научник, универзитет Колумбија): "In any dispute the intensity of feeling is inversely proportional to the value of the stakes at issue."

Ми се чини дека ова одлично ја илустрира дебатата за Скопје2014. Проектот чини ситни пари во однос на најголемиот буџет во историјата на Македонија, а сепак дебатите за буџетот се ограничени и всушност никој не може да мобилизира граѓани да протестираат против тоа.

Во однос на големината и сложеноста на државата/економијата/општеството, плоштадот на Скопје е шупа. И, како што Паркинсон вели погоре, секој знае да направи шупа.

Repost: Spook Country - William Gibson

Tags: 

“A nation,” he heard himself say, “consists of its laws. A nation does not consist of its situation at a given time. If an individual’s morals are situational, that individual is without morals. If a nation’s laws are situational, that nation has no laws, and soon isn’t a nation.”

Првиот пат.

Скопје2014

Tags: 

I. Зошто е важно?

Кога министерката за култура ќе рече дека „Бранко Црвенковски во својата 20-годишна политичка кариера не изгради апсолутно ништо во Македонија и зачудува од каде тој се доживува како авторитет кој може да коментира дали е нешто кич или не.“, таму ќе видите слабо формулирана политичка изјава, и тоа поради неколку причини.

Очигледното е: зошто би очекувале некој кој не е стручен во архитектура и уметност воопшто да го дожувуваме како авторитет? Се разбира не очекуваме. Но, би очекувале сепак да се земат предвид мислењата на стучните лица, а токму за нив Владата е глува. Но, можеби во Владата сметаат дека само тие што „градат“ се авторитети?!?

И ако е така, и ако Бранко Црвенковски воопшто нема никаков кредибилитет бидејќи тој „не изгради апсолутно ништо“, тогаш во ова има повеќе вистина одошто може да изгледа на прв поглед, бидејќи навистина Црвенковски не „изгради“ ништо: ниту независно судство, ниту квалитетно образование, ниту Вашето омилено што недостасува од јавниот сектор. Но, ваквото „градење“ всушност го руши кредибилитетот на сите политичари во последните 20 години во Македонија, бидејќи никој ништо нема изградено.

Третото е буквалното читање на изјавата, дека Црвенковски не изградил ништо од бетон и стакло. И ова можеби е најмалиот негов грев. Од каде па потребата Владата да гради нешто повеќе од патишта во капитализам и парламентарна демократија? Чинам, големите градења на разно-разни објекти беа симбол на комунистичките (но и другите авторитарни системи)?

И поради последново, Скопје 2014 е важно. Важно е затоа што и покрај сите спорни активности на Владите до сега, било тоа биле ТАТ и Микрософт, ОКТА и Телеком, или нешто трето, Скопје2014 единствено ќе остави траен белег во Македонија. Тоа ќе ги погоди сите граѓани без разлика дали живеат во Скопје или доаѓат во главниот град повремено, без разлика дали се млекари и ги извисил Сведмилк, или се лозари и ги извисил Тиквеш.

А знаејќи го досегашниот „успех“ на политичарите (и тоа не само македонските), на едно нешто може да сметаме: парите секогаш се тука некаде во врвот на приоритетите. И највозвишените идеи за градење на државите и пумпање на идентитетот криеле дебели туциња пари.

II. Зошто не ми е гајле?

Лани во ноември имав здравствен проблем кој бараше трчање на дежурен лекар. Кога стигнав, ми рекоа дека не може да ме снимат бидејќи апаратот не работел. Гоце може ќе ми замери, но тоа што следеше беше трчање по луѓе и вртење телефони за да стигнам на снимање пред тие што закажале во септември, но што може човек да прави во таква сутиација? Моралните дилеми на страна, она што главно ме загрижува е зошто сум воопшто во таква сутиација кога и јас и моите родители редовно цел работен век плаќаме придонеси?

Но, можеби тоа било моја лоша среќа и реформите во здравството навистина ќе донесат подобри услуги за сите? Да се потсетам тогаш на патешествието постдиплмоски студии. Последното пријавување ме соочи со тоа дека македонските судски и нотарски печати не се признаваат во странство. А зошто? Зошто дипломата што ја издава македонскиот водечки универзитет, факултетот што е во водечките 1000 бизнис школи во светот не вреди ни колку празен лист од книжарница надвор од границите на РМ? (Некој со право ќе рече дека истава диплома често не вреди ништо ни во РМ, бидејќи партиските книшки се подобра референца).

На крај, тука се решенијата за извршување за радиодифузна и комунална такса што ги пратија МРТ и Градот. Правна сигурност некој ќе рече? Џабе правобранителот вели дека МРТ греши кога извршителите ги љуштат парите директно од банкарска сметка. Слично е и со застарените комуналните такси од градот што пред 10 дена блокираа илјадници фирми. А банките, верните чувари на пари, наместо да ги заштитат своите клиенти сепак се одлучија да подлегнат под уште еден политички притисок, често одбивајќи воопшто да дадат информација за тоа кај отидоа париве од жиро-сметката.

Па зошто да ми биде гајле дали на плоштадот ќе има еден или десет коња кога ништо друго не функционира? Каков план можам да правам за иднината?

Да ја оправувам работата во државата немам ниту намера ниту желба. Ми останува само да бегам. Ако не успеам, тогаш ќе го гледам Скопје во 2014 и ќе тонам во просечност.

Пушење

Tags: 

ВМРО-ДПМНЕ омекна, на летните тераси ќе се пуши:

На тераса и во летни бавчи на угостителските објекти, односно ресторани, кафулиња, кафе-барови, отворени летни дискотеки и плажи во периодот од 1 март до 31 октомври ќе биде дозволено пушење. Ова го предвидува предлог- законот за измени и дополнување на Законот за заштита од пушењето, кој вчера на Собранието му го предложија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во делот каде што ќе биде дозволено пушењето, терасите и летните бавчи нема да смеат да имаат покриви ниту дополнителна опрема која на објектот ќе му дава затворен карактер“, изјави вчера претставникот на пратеничката група на владеачката партија, Влатко Ѓорчев.

Вистинска чистка на нелегалните тераси на кеј:

Како никогаш досега општинската инспекција од Центар вчера ги уриваше незаконски заградените тераси на кејот на Вардар. Педесетина ангажирани извршители од рано изутрина почнаа со демонтирање на најлоните, подовите и воопшто на сите делови од конструкциите од нелегалните градби. Безмилосна чистка истовремено се вршеше на терасите на сите седум локали на шеталиштето. Освен општинските работници во акцијата се вклучија и дел од сопствениците на кафулињата со свои работници. Иако револтирани, сепак, кафеанџиите не даваа отпор.

Добро, само мене ли ми изгледа ова на местенка?! Се чини дека општината, со пари од граѓаните, експресно пред измените на законот за пушење на газдите во центарот им ги претвори просторите од „затворен карактер“ во „отворени летни тераси“.

Страв

Tags: 

Веројатно можам да ги избројам на една рака приликите во кои сум почуствувал страв во Македонија.

Но, сега ќе напишам само за една.

Кога возам по „Партизанска“ во Карпош 4 и Карпош 3 чувствувам вистински страв од тоа што нема паркирани автомобили во најдесната лента.

Чувствувам страв кога таму треба да подзастанам и да земам или оставам патник на тротоарот.

Чувствувам страв пред пешачки бидејќи не знам дали колата зад мене ме снима и дали пешакот знае и намерно става нога на улица баш кога поминувам.

Ова не е замислен страв. Некои луѓе кои ги познавам добиле казна во ситуации како горните.

Бесплатно здравство

Tags: 

Ова е повеќе прашање, но да почнам од почеток.

Со последните измени сите лица кои порано не можеле да добијат сини картони, сега можат да добијат. Тоа е добра вест и мило ми е што социјалната држава почнува да функционира во таа смисла.

Сепак и ваквата реформа остава одредена група на граѓани надвор од здравството покриено со сини картони. Имено, ако работите во некоја компанија која поради некои причини не може да Ви исплати плата на време, тоа ќе значи дека нема да имате и сини картони. Вистина има компании кои намерно не ги исплаќаат платите (а со тоа и придонесите), но има и такви кои немаат избор (ако на пример се погодени од економската криза). Не изгледа фер работниците да страдаат поради дивеењето на работодавците или кризата, особено кога неработниците не страдаат поради нивната несреќа или мрза.

Не ги знам точните одредби на новиот закон но, од здравствена гледна точка, можеби е поисплатливо да не работите и да имате картони, отколку да работите (пријавено по сите закони) и да немате. Патем ако работите „на црно“ официјално немате работа, а може да си земете картони.

А што ако работите во некое од јавните претпријатија и не земате плата (и придонеси и картони)? Јавните претпријатија речиси и да не можат да бидат погодени од економската криза, или барем не негативно. На пример, ако кризата ја намалува заработувачката на граѓаните, некои од нив ќе почнат помалку да го возат својот автомобил, а повеќе да се возат со ЈСП, а тоа ќе значи повеќе приходи за ЈСП. Јавните претпријатија се во соптсвеност на државата, градовите или општините и за нивното раководење се одговорни министрите или градоначалниците. Нивните буџети воглавно се полнат со пари на граѓаните. Зошто некои такви претпријатија се во неможност да ги плаќаат платите на своите работници?

Во врска со платите и придонесите, во игра се исто така нови правила. На пример, има казни (можеби и камати) за оние кои нема навреме да ги уплатат средствата. Ми се чини дека рокот е до 15-ти во секој месец. Не знам до која мера се спроведуваат овие, но ако се спроведуваат, а во прашање е државно јавно претпријатие, тогаш во крајна линија испаѓа дека државата сама на себе треба да си плаќа казни, ако менаџерскиот тим кој таа го поставила не успее да исплати плати на време, со пари кои пак треба да дојдат од државата (всушност од граѓаните). Замрсено.

Ова не е само некоја ментална гимнастика. Во Македонија постојат јавни претпријатија во кои илјадници луѓе немаат со месеци земено плата. Штета што не мислеле и на нив кога го носеле новиот закон за здравство за сите.

Потсетување

Tags: 

Сметам дека е моја граѓанска должност да ги потсетам републичките и градско-општинските надлежни дека дојде ноември и дека на некои места веќе паѓаше снег, за да не испадне пак дека снегот изненадил како што тоа го прави неколку години наназад.

Google за „снегот изненади“.

Преку програмата на партиите до јавната администрација

Tags: 

Во денешен Утрински опозицијата ја повикала владата да ги вработи најдобрите студенти во јавната администрација:

„На страница 97 од програмата ’Решенија за Македонија‘, во делот ’Перспективи за младите‘, предвидовме континуирано вработување на најдобрите студенти во јавната администрација, како битна претпоставка за подобрување на нејзините капацитети.

Google на прашањето „најдобрите студенти во јавната администрација“ вели дека владата веќе потпишала 2 меморандуми токму за таа цел со УЈИЕ и ДУТ.

Убаво што партиите и владите мислат на вработувањето на младите, но од кога најдобрите се задоволуваат со работа во јавна администрација?

Или, за Македонија можеби подобро, до кога најдобрите ќе се задоволуваат со работа во јавна администрација?

Страници