секојдневие

Undefined

Белешка за кучињата

Tags: 

Навистина за кучињата.

Една од компаниите кои чуваат овци на Бистра во реонот на Галичник, намерно ги оставила или ненамерно ги заборавила кучињата што преку лето ги чуваат стадата. Мојот тип е на „Вардар“ од Велес (кучињата ги видов близу нивен објект).

Шарпланинец

Па, ова е повик до вообичаените заштитници на животните и љубителите на кучиња да ги вдомат овие несреќни животни, кои ако останат в планина, сигурно ќе имаат сурова зима без храна. Станува збор за 7 - 10 кучиња, некои повеќе, а некои помалку, шарпланинци.

Ав!

Не, ние сме добри пријатели

Tags: 

Има што да се учи од холивудските филмови: Во „Јасна и присутна опасност“, Џек Рајан го советува американскиот претседател да не негира дека бил пријател со убиениот соработник на картелот во Колумбија. „Кога новинарите ќе прашаат дали сте биле пријатели“, вели Рајан, „речете им: не, бевме добри пријатели. Така ќе нема што да прашуваат“.

Ова е одлична лекција за „Слободен индекс“. Кога некој новинар ќе ги праша дали се од СДСМ, нека му одговорат дека не се од СДСМ, туку од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, ЛДП, НД, ЛП, НСДП (и кој има уште таму?!). Тогаш ова глупаво прашање ќе биде затворено и дебатата за вистинските нешта ќе може да започне.

Важни прашања

Tags: 

Додека целата јавност се насочи кон прашањето кој бил најпрв дојден овде на Балканот и кој во чија енциклопедија како се одредувал, Собранието на Републиката го изгласало Законот за криминалистичко-разузнавачка база на податоци (Сл. весник 120 од септември 2009).

Го ѕирнав законот. Не сум стручен, но излгеда како да ќе прибираат разни податоци за граѓаните. На некои места дури се споменува чување на податоци за жртвите на криминалните дела. Би се кладел во матичнот број дека ова е некако поважно прашање од тоа за енциклопедијата. Но, нашата општа неинформираност, незаинтересираност и неспособност критички да се мисли фино се вклопува во сликата.

Патем, од Законот на интернет можам да најдам некоја полумртва врска на страницата на МВР.

Одоворност каква што сака Годин на скопските улици

Tags: 

Се сеќавам на еден текст од Сет Годин (не можам да го најдам баш сега на интернет), во кој тој се жали на некоја незгода во сообраќајот што ја имал тој со службено возило на некоја компанија, и на возилото немало информација каде може да се обратат учесниците во сообраќајот ако сметаат дека возачот се однесувал непримерно или ја загрозил безбедноста во сообраќајот.

Па, добри вести од Скопје. Возилата на Мако Маркет на задната страна имаат лепенка која им сугерира на другите учесници да се јават во дирекцијата на компанијата доколку сметаат дека возилото се однесувало непримерно во сообраќајот.

За жал не можев да го фотографирам возилото. Сепак возев и ќе беше несовесно јас некако да ја загрозувам безбедноста.

Затворено општество

Tags: 

Денес поминав пред МАНУ и видов дека на големо се гради ограда.

МАНУ 1

МАНУ 2

Се гради убава ограда. Од бетон.

Поминав два пати покрај објектот (на патот за суд и назад) и ми текна дека оградувањето на јавни објекти веќе не е којзнае каква новост во Македонија.

Собрание од Википедија

Соборен храм од Википедија

Има ли подобар симбол на затвореноста на општеството од вака заградените општествени / јавни згради?

Неколку белешки од летните патувања

Tags: 

1. Да постоеше Југославија немаше да плаќам роаминг кога ќе одев на море.
2. Немаше да плаќам ни банкарски провизии.
3. Societe Generale и T-Mobile сепак се погрижиле да гледам препознатливи брендови.
4. Квалитетот на јавните тоалети се зголемува како оди човек на север. Се прашувам дали состојбата на јавните тоалети е во корелација со БДП?
5. Патиштата исто. Може да се каже дека јавните работи стануваат подобри на север. Република, нели тоа беше јавна работа? Изгледа, Македонија баш и не е република.
6. Македонија ја копира Хрватска за многу работи. Поточно, македонските политичари ги копираат хрватските колеги за многу работи.
7. Кризата е заебана во Хрватска. Таму долговите доспеале за наплата.
8. Сплит ја има Диоклецијановата палата. Грчките колонии од п.н.е. стигнале до Вис (Иса). Дали хрватите се исто толку антички колку што се и македонците? Дали Диоклецијан е хрватски како што Александар е македонски?
9. Подобро, зошто Александар не е Македонски како што и Диоклецијан не е хрватски?
10. Ако не зборуваш БКС, тогаш зборуваш словенечки јазик. Освен кога зборуваш македонски. (БКС е кратенка за босански-хрватски-српски. Ја користат германците кога ќе чујат како некој зборува југословенски (не јужнословенски)).
11. Стрипови се супер работа. Така научив БКС, односно српско-хрватски на времето. Сега симнувам торент од 10 гига со Загор.
12. Добро е кога ќе се најдеш во плантажа со смокви. Зрели смокви.
13. Ах, нема врска. Сите ние сме браќа.
14. Единствените граничари што ги малтретираат своите граѓани кои се враќаат во својата држава се македонските граничари.

Како да извадите „патничко осигурување“ од ФЗОМ и други трикови за справување со државната администрација

Tags: 

По написот во „Нова Македонија“ дека „Плаќаат патничко, за да не шетаат по лекари за бесплатно осигурување“, решив да видам што е работата со ова осигурување и така приказнава започнува.

Постапката за добивање на овој документ не е бесплатна. Без да ги сметаме трошоците за превоз од една до друга државна служба, трошоците се 250 денари за мажи, односно 500 денари за жени за потврда дека општото здравје на пациентот е добро. Потврдата ја издава матичниот лекар, а за жените и матичниот гинеколог. Никаков преглед не се случува.

Вашите лекари најверојатно неволно ќе ви ја издадат таа потврда: „Треба да закажете.“, „Кај да барам сега таков образец?“, и тоа ако воопшто знаат дека таква потврда се издава за ваква цел. Се разбира, потоа нема да имаат никаков проблем да ви наплатат по 250 денари за секоја издадена потврда. Од лекар одете право во фотокопир. Ќе ви треба по една копија плус од секоја потврда. Тоа се значи 5 – 10 денари плус трошоци.

Целата работа можете да ја завршите во еден ден, ако станете доволно рано и ако ги погодите смените на сите лекари. Ако не, треба да се подготвите за рано пристигнување 7:30 – 8:00 ч. во подрачната едница на Фондот за здравствено осигурување која што се наоѓа во Тафталиџе (20-тина метри десно на претпоследната улица на десно кога по Париска одите кон Алумина). Со вас треба да ги носите потврдите, копиите, здравствената книшка и сините картончиња.

Патот ве води во левиот влез или левата барака, не сум сигурен дали тоа е еден објект или два залепени еден до друг. Во секој случај станува збор за неугледна барака. Чекалната е полна со луѓе кои чекаат за прегледи за боледување, а ќе забележите и една полица за оставање здравствени книшки по азбучен ред. Тој ред не е за вас. Поминете низ ходникот и свртете десно. Одете до крај и тропнете на вратата што е во чело на крајот од ходникот. На неа пишува „Второстепена лекарска комисија“ или нешто слично. Шансите се дека вратата ќе биде заклучена. Свртете се на десно и ќе ги видите докторите во соседното сопче како разговараат со утринското кафе и цигара. Пушењето и во ваков неугледен објект е забрането, но што е тука е. Откако ќе ве забележат за кратко време некој доктор ќе ја отвори канцеларијата и вашата авантура продолжува.

Докторот ќе ги прегледа вашите документи и ќе ве праша каде патувате. Постои можност да побара и потврда од стоматолог. Ако тоа се случи, имајте спремен одговор дека стоматолозите не издаваат потврда и дека сте се јавиле во фондот и од таму исто така ви потврдиле дека таква потврда не е потребна. Ако дебатата продолжи останете на ова тврдење и понудете веднаш да се јавите на бесплатната инфо-линија на фондот 080033222.

Преглед повторно не се случува. Докторот ќе ве замоли да излезете и почекате додека сестрата не ве прочита. Додека чекате, докторот ги препишува информациите од потврдите од матичните лекари на нов образец. По 15 – 20 минути сестрата ве повикува и ви ги враќа сите документи плус новиот образец. Продолжувате кон уште една испостава на фондот, овој пат кај Црвен крст во Центар, во местото популарно наречено „социјално“.

На влезот, откако ќе пријавите за која цел доаѓате, обезбедувањето ќе ве упати во соба бр. 6, лево по скалите. Вистинската насока сепак е десно во ходникот до шалтер бр. 2. Затоа воопшто не прашувајте каде треба да одите. На шалтерот ќе побарате барање за осигурување за патување во странство. Ќе ви дадат образец што се однесува на службено патување, но не се збунувајте. Пополнете го и дајте го на истиот шалтер за заверка. Со заверениот образец продолжете кон соба бр. 6.

Во соба бр. 6 се изготува двојазичниот образец кој ќе биде потврда за вашето осигурување. Ќе ве прашаат каде одите, дали туристички или не и колку време, и потоа за неколку минути ќе отпечатат две копии од нов образец со вашите податоци на два јазика, македонски и јазикот на земјата во која патувате. Образецот треба да го однесете на потпис во соба бр. 16, лево во ходникот кога ќе излезете од скалите на соба бр. 6 и потоа да го вратите назад.

На крај една копија задржува фондот и една е за вас и приказната за осигурувањето завршува. Ќе ве советуваат да си направите една фотокопија од образецот. Во случај да треба да го дадете на некој лекар во странство, оригиналот секогаш треба да го задржите за вас.

Дали се исплати? Ми се чини дека најскапото осигурување е 1 евро од ден. Така имате 10 евра за 10 дена летување во најблиската осигурителна куќа или туристичка агенција, наспроти 250 – 500 денари, плус други ситни трошоци, плус 6-7 врати во државни служби на различни локации и шетање под жешкото скопско сонце.

Останува да се провери дали амбасадите воопшто го прифаќаат осигурувањето од ФЗОМ, наместо тоа од осигурителните компании.

Берлин, Германија

ПрилогГолемина
Audio icon tura-berlin-juli-2009.mp33.23 MB

Tags: 

Се вратив од Берлин. Некои пробрани фотографии има на Фликр.

Кројцберг

За оние што сакаат и аудио дожување, на записов закачувам и една аудио снимка од раскажувањето на професионалниот водич кој ги објаснуваше сите главни места низ центарот на градот.

Мојот впечаток е „вау“. Не само градот како место за дружење, журките, пивото и луѓето, туку исто така и контекстот во кој се развива Берлин и целото обмислување што се случува со градењето и симболите со цел да градот да испраќа одредена порака на граѓаните и гостите.

Повеќе за тоа можеби во следното пишување.

Пуста патека на културата

Tags: 

Се сеќавате на ова:

Суперхикс на концерт

Не мислам на концертот, туку на многу извиканиот настан „Реоткривање на патеката културата“, што се одржа во Старата чаршија мината сабота (и каде посетеноста била осум илјади луѓе).

Затоа денес, една недела по тој настан, решив да поминам и да видам што се случи со патекава на културата. Еве ја празна:

Чаршијата - празна

Со мал исклучок веднаш под Св. Спас каде се случува некоја летна скопска шема.

Страници