Submitted by Новица on
Tags:
По написот во „Нова Македонија“ дека „Плаќаат патничко, за да не шетаат по лекари за бесплатно осигурување“, решив да видам што е работата со ова осигурување и така приказнава започнува.
Постапката за добивање на овој документ не е бесплатна. Без да ги сметаме трошоците за превоз од една до друга државна служба, трошоците се 250 денари за мажи, односно 500 денари за жени за потврда дека општото здравје на пациентот е добро. Потврдата ја издава матичниот лекар, а за жените и матичниот гинеколог. Никаков преглед не се случува.
Вашите лекари најверојатно неволно ќе ви ја издадат таа потврда: „Треба да закажете.“, „Кај да барам сега таков образец?“, и тоа ако воопшто знаат дека таква потврда се издава за ваква цел. Се разбира, потоа нема да имаат никаков проблем да ви наплатат по 250 денари за секоја издадена потврда. Од лекар одете право во фотокопир. Ќе ви треба по една копија плус од секоја потврда. Тоа се значи 5 – 10 денари плус трошоци.
Целата работа можете да ја завршите во еден ден, ако станете доволно рано и ако ги погодите смените на сите лекари. Ако не, треба да се подготвите за рано пристигнување 7:30 – 8:00 ч. во подрачната едница на Фондот за здравствено осигурување која што се наоѓа во Тафталиџе (20-тина метри десно на претпоследната улица на десно кога по Париска одите кон Алумина). Со вас треба да ги носите потврдите, копиите, здравствената книшка и сините картончиња.
Патот ве води во левиот влез или левата барака, не сум сигурен дали тоа е еден објект или два залепени еден до друг. Во секој случај станува збор за неугледна барака. Чекалната е полна со луѓе кои чекаат за прегледи за боледување, а ќе забележите и една полица за оставање здравствени книшки по азбучен ред. Тој ред не е за вас. Поминете низ ходникот и свртете десно. Одете до крај и тропнете на вратата што е во чело на крајот од ходникот. На неа пишува „Второстепена лекарска комисија“ или нешто слично. Шансите се дека вратата ќе биде заклучена. Свртете се на десно и ќе ги видите докторите во соседното сопче како разговараат со утринското кафе и цигара. Пушењето и во ваков неугледен објект е забрането, но што е тука е. Откако ќе ве забележат за кратко време некој доктор ќе ја отвори канцеларијата и вашата авантура продолжува.
Докторот ќе ги прегледа вашите документи и ќе ве праша каде патувате. Постои можност да побара и потврда од стоматолог. Ако тоа се случи, имајте спремен одговор дека стоматолозите не издаваат потврда и дека сте се јавиле во фондот и од таму исто така ви потврдиле дека таква потврда не е потребна. Ако дебатата продолжи останете на ова тврдење и понудете веднаш да се јавите на бесплатната инфо-линија на фондот 080033222.
Преглед повторно не се случува. Докторот ќе ве замоли да излезете и почекате додека сестрата не ве прочита. Додека чекате, докторот ги препишува информациите од потврдите од матичните лекари на нов образец. По 15 – 20 минути сестрата ве повикува и ви ги враќа сите документи плус новиот образец. Продолжувате кон уште една испостава на фондот, овој пат кај Црвен крст во Центар, во местото популарно наречено „социјално“.
На влезот, откако ќе пријавите за која цел доаѓате, обезбедувањето ќе ве упати во соба бр. 6, лево по скалите. Вистинската насока сепак е десно во ходникот до шалтер бр. 2. Затоа воопшто не прашувајте каде треба да одите. На шалтерот ќе побарате барање за осигурување за патување во странство. Ќе ви дадат образец што се однесува на службено патување, но не се збунувајте. Пополнете го и дајте го на истиот шалтер за заверка. Со заверениот образец продолжете кон соба бр. 6.
Во соба бр. 6 се изготува двојазичниот образец кој ќе биде потврда за вашето осигурување. Ќе ве прашаат каде одите, дали туристички или не и колку време, и потоа за неколку минути ќе отпечатат две копии од нов образец со вашите податоци на два јазика, македонски и јазикот на земјата во која патувате. Образецот треба да го однесете на потпис во соба бр. 16, лево во ходникот кога ќе излезете од скалите на соба бр. 6 и потоа да го вратите назад.
На крај една копија задржува фондот и една е за вас и приказната за осигурувањето завршува. Ќе ве советуваат да си направите една фотокопија од образецот. Во случај да треба да го дадете на некој лекар во странство, оригиналот секогаш треба да го задржите за вас.
Дали се исплати? Ми се чини дека најскапото осигурување е 1 евро од ден. Така имате 10 евра за 10 дена летување во најблиската осигурителна куќа или туристичка агенција, наспроти 250 – 500 денари, плус други ситни трошоци, плус 6-7 врати во државни служби на различни локации и шетање под жешкото скопско сонце.
Останува да се провери дали амбасадите воопшто го прифаќаат осигурувањето од ФЗОМ, наместо тоа од осигурителните компании.
3 Comments
Линков кон НМ, не работи :(
Submitted by darko156 (не е верификувано) on
Линков кон НМ, не работи :(
@darko156: ете го имало едни
Submitted by Новица on
@darko156: ете го имало едни наводници плус.
Значи расипана држава си
Submitted by Анонимен корисник (не е верификувано) on
Значи расипана држава си бевме, расипан народ и така си останавме. Да не можам да поверувам, ама тоа е. А еве да кажам јас како свршувам работа. Осигурен сум во Заводот за здравствено осигурување на Словенија. Одам на шалтерот, им кажувам дека ми треба потврда за осигурување во Македонија, Грција или било каде низ Европа, им ја давам мојата здравствена картичка, ја прочитуваат компјутерски, ја печатат потврдата и ми ја даваат. Сето тоа за 0 евра и 1 минута работа. Можеш да нарачаш да ти стигни и по пошта, мислам дека пак е 0 евра. Ете, ваков чуден народ како македонскиот сака да влези во друштвото на ЕУ. НЕ! Прво треба да се научат некои основни принципи на почитување на народот, наместо негово малтретирање и изживување врз него, а после одење во ЕУ. Чунки, ЕУ е за народот, не само за политичките елити!