секојдневие

Undefined

Овој 11 Октомври

Tags: 

Денес имам посебна радост поради тоа што конечно имам парно дома. Но тоа не е сѐ.

Денес на плоштадот во Скопје имаше мал настан за прашањата за приватност во времево во кое живееме.

Постерот за кампањата „Слобода или страв“

Додека бев присутен голем број на минувачи застанаа да видат што е работата, па можеби тоа е добар чекор во запознавање на јавноста со овие проблематични и осетливи теми.

Потоа, следеше дебата во Точка на тема „Зошто востанието го кренале комунисти?“

Револуционерно знаме

Претпоставувам дека на други места ќе се појават подолги текстови за дебатава. Јас сакам само да речам секоја чест за академикот Коле Чашуле и едно благодарам за приказната што ја раскажа на почетокот за тоа како се готвело востанието.

На крај, Спин монстер е повторно во акција (на некој начин :-)).

Везилка

Tags: 

Бев во Глишиќ (Кавадарци) викендов...

Гранка од близу

...и налетеав на свирка на Фолтин:

А таа твоја дива и несмасна љубов
те галам дури предиш стуткана во скутов
се проѕеваш, се тегнеш, наспана и гладна
бараш да те пуштам, ме гребеш и ме касаш

Везилке, везилке, каж како да се роди
проста и строга македонска песна
откако Ленка остави кошула тенка
ленена недовезена на разбој

:)

RE: Битолски фестивал во Скопје

Tags: 

Без да се трудам да кажам нешто паметно (или ново) во врска со преместувањето на дел од програмата на фестивалот Манаки од Битола во Скопје, само да пренесам дека претставите во Скопје (на кои бев или за кои знам) имаа по дваесетина посетители.

Ако причина за преселба била публиката односно нејзината малубројност во Битола, тогаш нема што повеќе да се каже за тоа.

Економија на чекањето на семафор за државни колони

Tags: 

Денес бил ден без автомобили. За ова дознав прилично доцна во текот на денот, но тоа не ја смени мојата рутина, бидејќи и немам автомобил. Тоа, исто така, не ја смени рутината на еден државен функционер кој брзаше по Иво Лола Рибар кон ценарот на градот, во црното службено возило.

Поминувањето на овој автомобил исто така е дел од мојата дневна рутина. Дали на пешачки премин или на семафор во автобус, секој ден треба да чекам по невообичаено долго време за да помине некоја ваква брза кола. (Во ред, кога станува збор за ист правец, возачите на автобусите се необично вешти да го искористат за побрзо возење од што корист имаат повеќето патници.)

Сепак, бидејќи речиси секоја крстосница има четири правци, очигледно е дека додека едните брзаат, останатите чекаат. Колку чини тоа годишно?

Математиката е проста. Претпоставувам дека во просек се чека 5 дополнителни (непредвидени) минути на крстосница и дека од секоја страна има по 10 возила со 2 патници. Значи, 60 патници трошат по пет (работни) минути, а тоа се 300 минути по крстосница.

Сега да речеме дека брзиот службеник треба да помине 4 крстосници (Тафталиџе - Центар), тоа се веќе 1.200 минути (или 20 часа) дневно.

Колку е тоа годишно?

52 недели во годината по пет работни дена е еднакво на 260 дена. Ако секој ден поминува барем една таква кола, тогаш тоа се 5.200 часа (поделено со 8, тоа се 650 дена).

Ако дневницата во државава е 700 денари (15.000 денари поделено на 21 ден), тогаш тоа се вкупно 455.000 денари.

А ако поминат две коли..?

Македонски килт на кеј :)

Tags: 

За време на мечот Македонија - Шкотска, јас им правев конкуренција на гостинските навивачи со оригинален македонски килт.

Јас во македонски килт :)

Фотографирано на кеј, каде што имаше одлична забава.

За Spook Country и Гибсон

Tags: 

Ми се чини дека Вилијам Гибсон е единствениот писател кој го следам во континуитет. До сега единствено не сум успеал да ја прочитам Virtual Light и тоа по неколку обиди. Ова главно се должи на тешкотијата што ја имам во фаќање на ритамот на неговите книги. Сите започнуваат некако растргнато на сите страни, а приказната не се насетува на почетокот. Можеби ова најдобро се гледа (хм, чита) на All Tomorrow's Parties.

Од друга страна токму и таа тешкотија ми го прави читањето поинтересно. По почетното фаќање на ритамот, шетањето низ светот што го создава Гибсон е интересно и кон тоа голем придонес има чувството дека не знаете каде точно одите и каде ќе стигнете. На крај она што го скратува доживувањето и уживањето е речиси инстантниот, дури на некој начин и театарски, расплет.

Мислам дека и Spook Country, најновата книга на Вилијам Гибсон, ги има овие карактеристики. Иако некои рецензии не ја сметаат за полнокрвен роман (има помал број на страници од неговите други книги), искуството кое таа го пружа е возбудливо.

Сместена во денешно време, на локации кои, ако ништо друго, ги знаеме од телевизија и со теми што секако се дел од секојдневната доза на вести, книгата раскажува приказна за една голема шега (prank?) и како таа го менува животот на неколкуте протагонисти.

Истовремено ги допира прашањата на новото време, како на пример, приватноста во контекст на постојаниот развој на технологиите, новите политички реалности во глобалниот свет и сѐ поголемото влијание на новите индустрии во него.

Гибсон како да сака да каже дека сѐ што е во книгата се случува и денес, но скриено е зад невидливата завеса на медиумите, соопштенијата за јавност, конференциите за печат, рекламите, кампањите...

Но, како некаков препознатлив знак во делата на Гибсон, во книгата се чувствува и препознавање на моќта што новите технологии уште денес му ја даваат на малиот човек - омилениот лик на Гибсон.

Можеби сѐ уште имаме шанса да ѕирнеме зад завесата...

Приказни од ЈСП

Tags: 

„Државна“ 22-ка. Се качувам, а зад мене се врткаат двајца тинејџери - Роми по етничка припадност. Конечно едниот го прашува шоферот дали можеле да се повозат една станица. Возачот им дозволува, коментирајќи - имате пари за цигари, ама не за автобус. Неволно ама загрижено...

Веќе на следната станица етнички Македонец - тинејџер пристапува до вратата на автобусот со истото барање. Возачот овој пат не покажува никакво разбирање. Момчето понижено останува на автобуската станица.

Кога, две станици подолу, во автобусот влегува 3 члена контрола на ЈСП. Во истиот момент си помислувам дали е можно, возачот знаејќи за контролата, да ги намести едните, а да го спаси другиот. Се вртам кон едното дете и гледам како наеднаш му се менува расположението - и тој гледа дека влегува контрола.

Едниот контролор стигнува до него. Му бара карта. Детето одговара дека нема, дека само една станица се вози. Контролорот му објаснува дека ако е таква работата тогаш треба да се пријави кај возачот. Детото одговара дека токму тоа и го направило. Возачот, по мала проверка на идентитетот, ја потврдува приказната на детето.

Во моментот пред да го пуштат да си оди, од задниот дел на автобусот се слуша: - „Оставете го ајде, празник е денес. Љубе го ослободија“. На ова, еден од контролорите кој беше Албанец, коментира нешто на албански, детето слободно истрчува од автобус.

Јас се симнувам на следната станица. Се прашувам дали приказнава ќе имаше некакво поинакво значење ако не се знаеше етничката припадност на граѓаните вклучени во неа?

Други приказни од ЈСП.

Избори '08 #4

Tags: 

Можам да продолжам таму каде што застанав: Морони!

За малку ќе погинев враќајќи се назад од Охрид, на местото викако Лаиница (удолницата пред Гостивар). Во делот каде што патот е само 2 ленти, забрзана колона со полициска придружба (претпоставувам тоа дека значи дека владеачките партии беа во колите), возеше на средина на патот. Не знам каде брзаа толку во 5 - 6 попладне, ама знам дека имав среќа што човекот што возеше беше присебен.

Избори '08 #3

Tags: 

Само што видов некои од огласите на опозицијата со кои таа сака да ги убеди гласачите да гласаат против владеачките партии. Отприлика вака:

1. За шест месеци од изборите ќе сме добиеле датум за преговори за ЕУ

2. Странските инвестиции кај нас биле најниски од регионот.

Сериозно не сфаќам што е тоа што може да се направи во рок од шест месеци (која е таа брза и ефикасна реформа) што ќе не изнесе на толку посакуваниот пат за кратко време. Уште повеќе не сфаќам, зошто, ако таа реформа постои и ја знаат, до сега не е спроведена.

Така ми личи има барем 2 толкувања за ова: нема таква реформа, веќе се направени доволно реформи од сите претходни влади што реално е да се очекува датум до 2009.

Втората точка ми е уште поинтересна. За оние со кратко сеќавање, Македонија има најниски инвестиции во регионот со години наназад, период во кој двете најголеми партии неколку пати се сменија на власт. Очигледно, ако некоја земја толку очајно потфрлува во економските перфорамнси не може да очекува прием во економски моќната ЕУ, освен ако критериумите или мотивите се некои други?

Јасно, не можеме во рок од 6 месеци да стигнеме до најмногу инвестиции во регионот, па ако веќе влегуваме во ЕУ за исто толку време, тоа ќе биде некаква политичка одлука. Значи, на избори треба повеќе да веруваме дека политичко-гзолижачката моќ на СДСМ е поголема од онаа на ДПМНЕ.

Мислам дека опозицијата не можела да смисли победна кампања. За жал или за среќа, противници им се партии што мислат дека со кампања за трето дете ќе ги убедат гласачите во тоа дека тие се тие кои ќе обезбедат подобра иднина.

Ми се чини дека најпоразителниот факт е тоа што една конзервативна партија (како што се прокламираат) има толку голема поддршка кај младата (би требло прогресивна) популација. Згодно за слободен цитат од Черчил (или некој друг): да не си либерален кога имаш 25 значи да немаш срце, да не си конзервативен кога ќе имаш 35 значи да немаш мозок.

Клик по клик, го читам Коља во денешниот Утрински (а и го видов во тој еден неделник) и Коља (како ехо од повеќе страни од Македонија), сугерира дека Македонија оди во курац, дека е пред бездна, дека е опасно по ѓаволите опасно.

Ако е така, ако е навистина така, тогаш 2 работи мора да се знаат: едно општество и една држава не се доведуваат до раб на бездна за 2 години колку што е на власт последната влада. Потребна е долотрајна и макотрпна работа за еден таков општ заеб, и тогаш одговорноста е кај сите волови што некогаш биле на државни и сл. јасли. Тоа што среќата или несреќата направила ДПМНЕ да биде еден од последните возачи на возот кој оди во провалија, не ги амнестира другите актери и не ги прави подобра опција на изборите.

Ако Македонија навистина оди во бездна, така забрзано и забревтано, подгреана со национализам и кич, тогаш смената на власта само може малку да го успори процесот, но не верувам дека може и да го сопре или врати назад. Општествените промени кои имаат толку голем обем и опфат не се случуваат преку ноќ (освен можеби револуциите). Почвата се подготвувала со години наназад и сега што сме си сееле, тоа ќе си жнееме.

Ако е бездната тука пред нас, ако сѐ навистина оди по ѓаволите, тогаш подобро е да отиде таму, да стигнеме до тој крај, и оттаму да видиме што понатаму.

Лична забелешка: Мислам дека СДСМ се морнони. Исто така мислам дека ДПМНЕ се морони. Oh well... уште едно поништено гласачко ливче.

Разгледници од барата

Tags: 

Денес, на Glocal, уште една презентација е откажана поради тоа што предавачот не успеал да добие виза за Македонија. Ова е трето откажување на конференцијата, второ поради виза (уште едно поради „бирократски причини“).

Ако нешто ме нервира е кога нашите кретени малтретираат странци за визи, а истовремено бараат од европските кретени да не ги малтретираат граѓаните на Македонија.

Страници