Сакав да го насловам записов „Кој мава рекет во автобусите на ЈСП?“, ама си велам, ај да не звучам како А1 вести.
Се разбира ја следев дебатата за инцидентот во ЈСП со фискалните, контролата и полицијата.
И неколку дена после тоа, јас си се возам лежерно во 24-ка. Кога оп, на Рекорд се качуваат некои типци, онакви тепачки фаци, бараат билети, мафтаат со некои бели ливчиња демек биле контрола.
Едниот мене: Дечко билет.
Јас: Ама вашата легитимација не е како таа на соопштението. (Белешка за неупатените: во автобусите на ЈСП има залепени некои ливчиња на кои пишува како изгледа легитимација на контролор - за жал не успеав да сликам.)
Едниот: Дај бе билет.
Јас: ----- || -----
Едниот: Што мислиш ова дека е фалсификат. (И ми се испречи пред врата, а јас немав време за расправање - морав да се симнам на Градска, па покажав карта и се симнав.)
А-у, тече денот се качувам во некоја 15-ка мислам беше, кога после две-три станици (се возам од Центар кон Карпош) се качуваат пак 2-ца типци, мафтаат пак со некои безвезни ливчиња. До мене во автобусот стои еден момак од Комета или некоја таква служба. Доаѓаат прво до него и бараат билет. Овој не ги рецка ни 2%. После неколку прашања кон типов, јас прашувам зошто немаат картички како тие на сликата. „Контролорот“ ми се врти и ми вели да си прашам тоа во градот, тој само си вршел работа, и сега да му покажам билет. После овие се симнаа со тој од Комета (или од кај и да беше), а јас се упатив дома да се јавам „во градот“.
За оние кои не знаат ЈСП има свој (бесплатен) hot-line. Па вртам прво таму: 0800-15-115, ама тоа работело само до 16h и ми се јави говорна пошта или така нешто, па си реков батали телефон ај мејл да пишам.
Пак за оние кои не знаат ЈСП има своја страница на Интернет: http://www.jsp.com.mk и таму може да се види возен ред, што (понекогаш) е корисно. Било како било, пишав мејл до правната служба таму, бидејќи ми се чини таа ареса беше без име и презиме, па си реков можеби другите се стари, кој знае дали воопшто редовно ја одржуваат страницата... Пораката ја пратив на 19 декември, и како што очекував не добив одговор еве до 23 декември.
Сепак, бидејќи очекувано беше тоа дека нема да добијам електронски одговор, во петокот сабајлечки вртев на 0800 и таму ги запознав со моите случки. Службеничката која разговараше ме извести дека разговорот се снима (заради контрола на квалитет на услуга - веројатно) и ќе биде евидентиран, ама јас за секој случај да сум се јавел во Внатрешна контрола на ЈСП која можам да ја добијам на 3174264.
Па после некое време успеав да ја добијам службата на тој број, и таму убаво ми објаснија дека легитимациите на контролорите се тие што се залепни во автобусите, жолти, со слика, со логото на ЈСП и дека тие се единствените валидни. Логично овие луѓе што се качуваа по автобусите - не биле контрола на ЈСП. Не знам дали некој друг има право да контролира автобуси на ЈСП.
Вака ми се чини останува тоа дека секои двајца-тројца тепачи можат да влетаат во автобус и да се надеваат дека од сите патници ќе начекаат некој без карта и со 200 денари во џеб кои ќе си ги приберат од уплашениот и под закана од тепање патник. Полесна заработувачка - здравје! Кој знае дали возачите воопшто можат да интервенираат, ама со оглед на тоа дека не можат да ги смират средношколците од кршење на автобусот, тешко дека ќе се спротистават на 2-3 насилници.
Ми текнува сега и теорија на заговор, дека можеби овие што влетуваат се знаат со возачите... ама ај да не одам натаму.