интернет

Undefined

Правните прашања зад дебатата за андроид апликацијата за Златна книга

Tags: 

Воведна информација за тие што не се во тек: Одговор на закана за кривична пријава.

Долгата приказна на кратко: Еден програмер прави апликација за андроид што пребарува информации на мрежното место на Златна книга. За кратко време, впрочем околу 48 часа, обвинет е за многу работи, меѓу другото и за нанесување на штета, или да цитирам: „може да се смета како напад што може да има сериозни разврски.“

Освен ако под „сериозни разврски“ колегите од ИТЕА не мислат на „тепање“, тогаш сериозни разврски на некаков правен основ во врска со апликацијава, барем според моето скромно правничко знаење, не се можни.

Имено, софтверот не прави ништо нелеглано, не ја попречува работата на Златна книга, не заработува на нејзина сметка и не прави ништо би ги довело во прашање веродостојноста на информациите што ги има таму.

Тој едноставно нуди поедноставен интерфејс за комуникација со сервисот, имено и логично, поради тоа што „паметните телефони“ функционираат малку поинаку од компјутерите, па повеќе работи треба да се прават со помалку стискања.

Единствено можеби до некаде отворено прашање е тоа што софтверот го користи името „Златна книга“ за што се отвори дискусија дали тоа е заштитена трговска марка (иако тоа сѐ уште никој не успеа да го потврди).

Но дури и да е така, тогаш еве го Член 150, став 2 од Законот за индустриска сопственост:
Трговската марка не му дава право на носителот да им забрани на трети лица употреба во прометот на знак кој е идентичен или сличен со трговската марка, ако е тоа потребно заради одбележување на намената на производите, особено на нивните резервни делови или видот на услугите кои се даваат под услов знакот да се користи согласно со добрите деловни обичаи и да не доведува до нелојална конкуренција.

Значи употребата на трговска марка е дозволена ако:

1. тоа не доведува до нелојална конкуренција - а апликацијата како таква не го прави тоа. Имено, таа токму го помага сервисот Златна книга, носејќи сообраќај таму и доближувајќи го до корисници што имаат паметни телефони. Нелојална конкуренција би било ако апликацијата ги користеше информациите од Златна книга и притоа се претставуваше како друг сервис што работи самостојно и на пример се вика Сребрена тетратка, и

2. знакот да се користи согласно со добрите деловни обичаи - што е и така. Иако недостасува кратка и јасна дефиниција за добрите деловни обичаи, Уставниот суд на РМ во одговор на иницијатива за бришење на делот „добри деловни обичаи“ од Законот за облигациони односи вели: Добрите обичаи се преќутно настанати и фактички преставуваат постоечки конвенционални норми што можат да се утврдат. На теренот на граѓанското право добите обичаи се изедначени со постоечкиот морал.[sic]

Не гледам ни најмалку место да се каже дека софтверчето на Александар Балаловски е спротивно на постоечкиот морал (барем оној што е во книгите, а не оној што моментално владее на улица). Софтверот е слободен што е врвното морално начело на програмерите. Бесплатен е - што значи не ни се обидува да им земе од профитната пита на Златна книга. И конечно, напишан е со цел истражување и учење на платформата, истовремено со желба за создавање на сервис што ќе им биде од корист на граѓаните на Р. Македонија.

Тоа. Поздрав gemidjy.

Неколку белешки за „Ти не си тракатанец“ - новата книга на Џарон Ланиер

Tags: 

Гласовите против неколку години старата фејсбукијација на интернетот се ретки и тешко се пробиваат во јавноста. Можеби најгласен критичар на новиот веб2.0 свет е Ендру Кин. Неговите ставови се на линијата дека веб2.0 значи сѐ повеќе и повеќе персонализирани (оличнети?) медуми. Како такви, тие се антиестаблишмент, егалитарни, партиципативни и играат голема улога во фрагментизирањето на општеството на националните држави.

Не сум ја читал неговата книга, но главните поенти можат да се заклучат од неколку документарци и интервјуа што се лесно достапни на интернет. Можеби најинтересна е неговата дебата со Вајнбергер.

Уште една критика на фејсбукијација доаѓа и од Ебен Моглен, иако од сосема друга перспектива - оваа за слободата во облакот.

Најновиот, барем за мене, критичар е Џарон Ланиер. Ланиер е еден од пионерите на интернет времето кој јас го запознав преку пишувањата за виртуелна реалност што пред десетина и повеќе години беа печатени во Маргина. Во својата најнова книга „You are not a gadget“ тој пишува за тоа што не чини со веб2.0 и што може да се преземе.

Книгата започнува, уште на насловната страница, прилично храбро и прецизно: „Мора прво да бидеш некој пред да се споделиш себе си.“ Тоа е тема што се провлекува низ книгата, иако текстот често е испосецкан и без многу континуитет. Ова е комплетно спротивен став од оној на Кин. Ланиер смета дека фејсбук и другите сервиси водат до обезличување на луѓето, правејќи од нив машински читливи апстракции на личноста и нејзините општествени врски.

Ланиер силно ги крикува и Википедија и Линукс затоа што смета дека повторното созавање на веќе постоечки дела и системи е беспотребно потрошено време. Ако во осумдесетите, вели тој, најавев дека во 2010 ќе имаме уште еден UNIX и уште една енциклопедија на интернет, веројатно сите ќе ми се смееја. Тоа за него е безуспешна употреба на големиот потенцијај на технологијата. Википедија уште повеќе затоа што статиите немаат еден автор, затоа што технологијата е таква што ја промовира толпата, а тоа што толпата го мисли и пишува не мора секогаш да биде вистина.

Тој потсетува на моделот на Apple за дизајнирање на уреди како iPhone што, според него, го менуваат дигиталниот пејсаж и таквиот затворен модел е тој што Ланиер мисли дека е начин на кој што треба да се прават работите.

Книгата има некои интересни примери, но целиот текст е исполнет со тон на разочарување. Ланиер бил еден од луѓето што меѓу првите експериментирале со интернет, компјутери и виртуелна реалност, и видливо е незадоволството од тоа како некои делови од технологијата се развиле (или не се развиле). Тој смета дека многу, премногу талентирани луѓе се загавени во модел / идеја за тоа како треба да изгледа софтверот што е стара 40 години. Тој повикува на радикална креативност.

Во секој случај, станува збор за интересно четиво, иако можеби поставува повеќе прашања, одошто што дава одговори. Конечната поента на Ланиер е дека единствено луѓето се важни и технологијата треба да им служи ним, а не тие нејзе.

Ширење на хакерскиот дух: говор по повод 10 години Википедија

Tags: 

Подолу е приложен целиот текст од говорот што го спремив за 10 годишнината на Википедија на 15.1.2011 г.

Големо благодарам до луѓето што ми помогнаа да го потсредам и уште поголемо извинувањање за воглавно очајното читање на текстот и недостатокот на слајдови и слично.

Добровечер,

Денес сум овде, како претставник на Слободен софтвер Македонија, да зборувам на темата „Ширење на хакерскиот дух“. Само имам мал проблем. Јас не верувам во духови. Но, мошне наивно, верувам во луѓе.

Кога барав инспирација за овој говор не очекував дека таа ќе дојде од офлајн светот. Сепак пред неколку денови Уставниот суд на Р. Македонија го стави вон сила правилникот на УКИМ за регистрирање домејни и со тоа за прв пат го сврте вниманието на македонските интернетџии кон еден хакер од пишаната ера.

Господинот Стамен Филипов, кого патем треба да го поканиме на TEDx оваа година, во духот на најелегантната дефиниција за хакерството, проучува системи кои другите, сите ние или барем повеќето од нас, ги земаат здраво за готово. А правниот систем на една држава важно прашање, па макар и таа држава била Р. Македонија.

Се разбира, хакер е збор што најчесто се поврзува со компјутерскиот свет. Ако сте дел од медиумите, тогаш во него ќе ја препознаете мрачната страна на општеството: луѓе кои крадат пари од банкомати или деца кои поставуваат вируси на интернет. Но, ако, како некои од нас овде, го користите тој збор за да се идентификувате себе си или да ја опишете својата работа, тогаш мора да смислите паметен начин како да го објасните тоа.

Хакирањето е нешто што во модерната култура доаѓа преку компјутерската сцена, но не е нужно поврзано со компјутерите. Хакирањето не е прашање за тоа што правите - значи можете да работите на компјутер, а сепак да не хакирате, туку е прашање на тоа како и зошто правите - значи може да бидете хакер со компјутер, пенкало или нож - ако готвењето е вашиот фах.

Денес хакирањето го наоѓа својот пат назад на универзитетите како академски предмет длабоко поврзан со компјутерската наука. А токму на универзитетите, оние во Соединетите држави, сѐ започна пред околу половина век.

Еден од хаковите што е тесно поврзан со Википедија, а е од пресудно значење за организацијата од која јас доаѓам, потекнува од универзитетска средина. Ричард Сталман, човекот кој имавме прилика да го видиме во Скопје летоска, во времето кога бил истражувач на MIT го хакнал американскиот Закон за авторски права и ја создал Општата јавна лиценца. Со тоа тој отвори простор за развивање на слободен софтвер и негова трајна заштита.

Ова е еден од најумните хакови. Сталман го искористил Законот за авторски права на начин на кој никому не му текнало до тогаш, го свртел наопаку, како што ни велат постарите „со свој камен по глава“. Ова е хак што не вклучува технологија или компјутери, но сепак има незаменливо значење за развојот на речиси сите алатки што денес ги користиме, а на прво место светската мрежа - интернет.

Најголем дел од сервисите, страниците и апликациите на интернет денес, дури и они најпроблематичните како Facebook, работат со или на слободен софтвер. Останува можеби засекогаш неодговорено прашањето каква ќе беше мрежата без слободниот софтвер.

Веројатно сите веќе знаат што е слободен софтвер. Тоа е софтверот што нема огранучувања на употребата, што може да се копира, менува и редистрибуира. Доаѓа во пакување на повеќе познати брендови, како Mozilla Firefox или Ubuntu, кои можеби се полесни за препознавање. Знаете дека на секој софтвер му е потребна и документација, а на слободниот му треба слободна документација. Со оваа мисла се водел Сталман кога ја напишал Лиценцата за слободна документација - FDL која заедно со wiki софтверот што е слободен имаше и сѐ уште има пресудна улога во создавањето на денешната најголема енциклопедија Википедија.

Википедија денес е дел од широкото поле на дела со назнака слободна култура. Помогнати со уште некои правни инструменти, како лиценците од Creative Commons, денес луѓето на интернет создаваат, творат, ремиксуваат, со други зборови, го прават она што вообичаено го прават и им овозможуваат на другите да се придружат.

Во воведната реченица на својот говор на TED, Џими Велс го цитира уредникот на Британика кој во далечната 1962 година изјавил дека модерната енциклопедија треба да биде радикална. Википедија очигледно е таква. Таа е енциклопедија ставена наглавечки. Таа е резултат на неземањето на пишувањето енциклопедија здраво за готово. Таа е врвен хак.

Како што свртевме цел круг низ историјата на слободниот софтвер и слободната култура, еден заклучок се наметнува, барем за мене. Хакерите прават важни работи за општествата во кои живеат. Ова не значи дека никој друг не прави. Но како што веќе реков, хакирањето е повеќе прашање на „како или зошто“ отколку на „што“.

За ова ќе се свртам кон Законот на Линус. Линус е Линус Торвалдс, оргиналниот автор на кернелот Linux, уште едно парче слободен софтвер што го врти светот. Ќе бидам краток во раскажувањето на овој закон, но за сите што можеби ќе бидат заинтересирани, книгата е достапна во библиотеката во нашиот хаклаб КИКА. Носи наслов „Хакерска етика“. Авторот е Пека Химанен.

Книгата е осврт на тоа како хакерската етика се разликува од доминантната работна етика денес - протестантската етика. Под протестантска овде не се мисли на нешто поврзано со религија, иако можеби било така на почетокот, туку на економскиот и социолошки концепт за третирање на работата, онака како што ја дефинирал Макс Вебер, но да не должам, има страница на Википедија за тоа.

Значи, да избегнеме секакви забуни, сосема е можно да бидете православен, муслиман, будист или џедај, а сепак да имате протестантска етика. Наспроти неа стои хакерската етика срочена кратко и јасно во Законот на Линус.

Овој закон вели три едноставни работи. Сите човечки мотивации се групираат во три основни категории: преживување, социјален живот или друштво и забава. Претпоставувам дека сите ќе се согласат дека преживувањето е една навистина силна мотивација. Другите две се поврзани со прашањето „за што сте спремни да умрете?“

Значи, некои луѓе се спремни да умрат за своите социјални врски - да се умре за религијата или државата се некои очигледни примери. Иако е тешко дека некој би умрел за својот плејстејшн, сепак во говорот ја имаме фразата „умирам од досада“. Така луѓето би направиле нешто за да не умрат од досада.

Парите исто така се некаква мотивација, но само до определена точка. Парите не купуваат здравје, другари или забава со големо „З“ - тоа што навистина нѐ исполнува или нѐ прави среќни.

Законот на Линус зборува за тоа дека напредокот е всушност движење низ овие фази. Наједноставен пример за ова е сексот. Почнал како нужен за преживување, се проширил како дел од општествениот живот и завршил некаде во порно индустријата.

Но, зборуваме за хакери. Вообичаениот хакер, компјутерскиот хакер, не хакира за да преживее. Ако имате компјутер на масата, тогаш речиси сигурно имате и леб и ајвар. Исто така, проверено, хакерите можат да живеат само на Клуб Мате и переци. Така, ако само работите на компјутер за да донесете леб на маса не сте хакер. Станувате хакер кога тоа што го работите ќе се поврзе со социјалниот живот и забавата. Едноставно, кога компјутерот сам по себе е забава.

Вака е настанат Linux. Вака се настанати многу од работите за кои претходно зборував, без кои денешниот интернет не би бил можен. Вака всушност и јас сум денес тука за да го раскажувам ова.

Книгата на Пека има околу 250 страници и објаснува како ова не е релевантно само за компјутерџиите. Хакирањето е игриво проучување на системите што другите луѓе ги земаат здраво за готово. Значи тоа е нешто што се прави за забава, без разлика на професијата, кога другите луѓе гледаат само една црна кутија. И понекогаш, всушност често, добри и корисни работи произлегуваат од тоа.

Можеме ли да најдеме примери за ова од нашето секојдневие? Го почнав кажувањето со човекот кој го урна .mk домејнот - колку хакерски ли звучи тоа?

Можеме ли да ја тестираме неговата работа низ Законот на Линус?

Господинот Филипов секако не пишува претставки до Уставниот суд заради преживување. Како што известија повеќе медиуми, станува збор за пензионер. Значи, мора да биде некое од другите две, но ако морам да се обложам тогаш би ги ставил сите пари на ултимативна забава.

Ако Уставот на Републиката е кернелот, тогаш Стамен е човекот што за сите нас овде ги проверува сите печови што програмерите сакаат да ги протнат. Мислам дека му должиме големо благодарам, не само за работата, туку и за примерот што го дава.

Тоа е тоа што е потребно за да се биде хакер. Ако некој ви кажал дека не можете да бидете тоа со завршен Правен факултет, сега знаете дека ве лажел.

На почетокот на овој месец, уште мамурен од 27-мата конференција на компјутерскиот клуб од Германија, напишав „Отворен повик за хакери“. Овој говор нека биде дополнување. Време е нашата заедница да порасне и време е да почнеме да правиме работи кои ќе ја докажат нашата репутација и ќе ни помогнат на сите нас овде.

Се надевам дека до крајот на денов ќе пораснеме барем за еден.

Благодарам.

Отворен повик за хакери

Tags: 

Хакерската заедница направи многу, но предизвиците се сѐ поголеми. Потребно е поголемо и пошироко ангажирање.

Ова се зборовите што би ги искористил ако морам да го парафразирам Роп Гронгеп - хакер-ветеран, еден од основачите на легендарниот XS4ALL - во еден твит, а како сиже на неговиот говор на отворањето на овогодинешниот, дваесет и седми по ред, Chaos Communication Congress. Се разбира, ваква реченица до буква нема да најдете во текстот на говорот, но барем јас така го разбрав.

Има одредена почит кога ќе кажете „хакер“ во Холандија и Германија на ваквите големи конференции. Зборот го нема она медиумско-сензационалистичко значење, какво што сме навикнати да го читаме или слушаме дома. Ова се луѓе кои се добри со компјутери, но ова се исто така луѓе кои значајно придонеле во многу аспекти во средината каде што живеат и работат: слободата на говорот или печатот, приватноста, правата на корисниците на интернет, во физичкиот свет кој сѐ повеќе е изложен на дигиталните технологии и така натаму - од што корист имале цели градови, држави, општества.

Ракета

Нема подобро објаснување на хакирањето од „игриво проучување на системи што другите луѓе ги земаат здраво за готово“, а под „системи“ не се подразбираат само компјутерските системи. Последен пример за ова се серијата предавања на теми општество, култура и заедница што се одржаа на 27c3.

Но, овој текст не е за странските хакери.

Дигиталниот пејсаж на дешеницата ќе биде (веќе е?) исполнет со државни решенија што ги водат, чуваат и архивираат нашите лични и трансакциски податоци, како и историјата на предметите, споровите и услугите кои сме ги побарале или добиле и компании кои прибираат податоци од нашето секојдневно сурфање, кои ги продаваат, разменуваат, користат за да испорачаат подобрено потрошувачко искуство. Ова ги засега сите. Како што вели Брус Стерлинг во Wired, пред речиси 5 години: „Можеби не сте заинтересирани за војната за дигитални права, но тоа не значи дека го имате луксузот да бидете на страна, бидејќи другата страна е мошне, мошне заинтересирана за вас.“

Останува да видиме колкумина од нас ќе се зафатат со проучување на овие системи и нивно менување така што тие ќе станат поблиски на вреднсотите за слободата, транспарентноста, отвореноста. Во Скопје веќе имаме хаклаб каде што чат-пат проучуваме по нешто, но „ние“ можеме да се изброиме на прсти. Тоа што можеби сме незапознаени со постоењето на други луѓе или групи не значи дека нив ги нема, иако тешко е да се задржи оптимизмот по едногодишното постоење на КИКА.

Предавањата на конференциите како 27c3 одеднаш и на широко отвараат премногу прашања веројатно за сите што не се во центарот во случувањата. Во следните денови, а можеби, со малку среќа, и сѐ до 28c3 ќе се обидеме да пренесеме доволно од тие искуства дома.

Придружете се.

Во Берлин, 3.1.2011

Благодарност до @gdamjan и @igor_stama за коментари и забелешки.

(Прв пат објавено на: http://it.com.mk/otvoren-povik-za-hakeri/)

Политичката филозофија на Џулијан Асанж

Tags: 

За оние што (можеби) се заинтересирани за тоа зошто Асанж го направил Викиликс, еве добар (и краток) есеј од Питер Ладлоу филозоф (професор по филозофија?) на универзитетот Нортвестерн.

Неговиот текст е анализа на текстовите на Асанж кои претходно ги посочив.

Текстот е достапен како одл-скул RTF на Leiter Reports: A Philosophy Blog и во веб2.0 варијанта на многу места на Скрибд: еве едно.

Викикапавици на крајот на интернет

Tags: 

1. Интернет

Во текст што е стар најмалку 7 години (преведен на Багра на времето),
Doc Searls (попознат како уредник на LinuxJournal) и David Weinberger (попознат како автор на Everything is Miscellaneous: The Power of the New Digital Disorder) ја објаснуваат суштината на интернетот:

Еве се трите основни правила на однесување кои се директно поврзани со фактичката природа на Интернетот:

а. Никој не го поседува;
б. Секој може да го користи;
в. Секој може да го подобри.

Овој текст е 'рбет (барем за мене) на кој лесно се надоврзуваат други автори од областа на интернет, технологијата и законите. Меѓу првите тука е Лоренс Лесиг со „Код и други закони на киберпросторот“ (книгата ја има во библиотеката на 2с.мк) и Џонатан Зитрејн со својата „Иднина на интернет и како да ја спречиме“ (еве го на TED). Ова се значајни дела што објаснуваат како технологијата водена од корпорациите и законите водени од владите (ќе) играат се поголема улога во / на интернет. Но, истовремено, тоа се мачни четива за секој што мисли дека интернетот - таков каков што го знаеме - е (можеби) најголемото човечко достигнување.

Сме инвестирале толку многу на нашите краеви на интернетот - јас на овој блог, ти на твојот, на твојата Фејсбук сметка, Википедија или некаде другде - за сега мирно да гледаме како тоа може да биде уништено. И не сме само ние. Дури и Фејсбук, можеби најголемата компанија на интернет денес - сигурно една од двете - постои и заработува бидејќи, како што вели Лесиг, „платформата е таа што го овозможува пронајдокот“ и заклучува „владите коваат заговор со старите светски сили да ги отстранат условите потребни за овој успех“ - за на крај, друг Фејсбук да не е можен.

Клучниот концепт кој е тесно поврзан со ова е неутралноста на мрежата, тема која (за среќа) не остана нечепната и на македонскиот крај.

Признавам, не сум доволно вичен да ги пренесам зборовите и мислите на Лесиг или Зитрејн на доволно јасен македонски јазик така што приказнава би станала појасна или помалку конфузна.

2. Викиликс

Но еве што знам. На еден од овие краеви на интернет се појави Wikileaks. Како што велат Сирлс и Вајнбергер: Да се поврзете на Интернет значи да се сложите да додадете вредност на неговите краеви. И по последниот додаток на нивниот крај - депешите од американските амбасади - многу луѓе, компании, организации и држави почнаа да велат дека ова не може вака. Интернет не може вака.

Содржината на тоа што е објавено е неважна, политичките мотиви исто така. Дали се сложувате или не со работата на Викиликс е неважно, дали мислите дека Асанж е крив или не исто така. Дебата се сведува на тоа која ќе биде иднината на интернет, или како што тоа го вели EFF во својата објава: Грешите ако мислите дека ова е само за Викиликс. Затворањето на мрежни места како што е Викиликс е сериозен напад на слободата на изразување.

Текстот продолжува со цитат од Универзалната декларација за човекови права:

Секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите.

Многу од овие зборови се погазени случајот со Викиликс. Сега знаеме дека големи, моќни компании се на телефонски повик до цензура. Знаеме дека не можеме да им веруваме на најголемите институции во платниот промет. ИгорГ убаво забележува:

One of the most disturbing consequences of the WikiLeaks affair, so far not picked up by the mainstream media, is the vulnerability of our international banking payments system, and its susceptibility to centralised control by politically or ideologically motivated entities. The decision of MasterCard, Visa and PayPal to terminate WikiLeaks' accounts without a judicial decision, highlights the control the US can exercise over the international payments systems, and the lack of any viable alternatives.“

Не знам дали некој може да каже каде сѐ ова ќе заврши. Но, можеби, мрачно можеби, ова се едни од последните зборови што ги пишуваме на слободниот интернет.

3. Македонскиот контекст

Судбината сакаше веднаш по „случајот А1“ светот да го доживее cablegate на Викиликс.

Она што останува како трајна забелешка е дека сите оние што вечерта за А1 викаа и плашеа дека демократијата е на удар, дека новинарите се спречени да ја извршуваат својата работа, дека слободата на медиумите мора да се почитува или некој друга фраза, молчат кога нивните колеги од Викиликс се спречени да ја извршуваат својата работа - хостингот им се гаси (тоа како да им го земат серверот) DNS-от им се гаси (тоа е како да немаат пристап до работното место) и парите им се запленуваат. Ниту еден единствен текст за тоа дека слободата на медиуми е важна. Само благ (умерен, договорен?) сеир за содржината на депешите кога таму се спомнува Македонија и вообичаениот спин за случувањата околу наводното обвинение на Асанж.

Викиликс ја има поддршката од The Guardian, NYT, Le Monde, El Pais, Der Spiegel (WLCentral има серија текстови - сега се до број 10 - од новинари со поддршка за Викиликс), па не дека поддршката на нашите новинари нешто посебно ќе им значи или смени.

Како што рекол Ганди: „Mожете да мислите дека вашите дејства се безначајни и дека нема да помогнат, но тоа не е изговор, сѐ уште мора да делувате.“

Но, ете сега (барем) знаеме дека нема зошто повеќе да им веруваме и на македонските новинари.

Асанж и јас

Tags: 

Денес на пат имав време да го проучам „изворниот код“ на основачот на Wikileaks.

We must understand the key generative structure of bad governance.
Everytime we witness an act that we feel to be unjust and do not act we become a party to injustice. Those who are repeatedly passive in the face of injustice soon find their character corroded into servility. Most witnessed acts of injustice are associated with bad governance, since when governance is good, unanswered injustice is rare. By the progressive diminution of a people’s character, the impact of reported, but unanswered injustice is far greater than it may initially seem. Modern communications states through their scale, homogeneity and excesses provide their populace with an unprecidented deluge of witnessed, but seemingly unanswerable injustices.

Јас на 1.5.2009:

(...)

Имате граѓани, компани и влада кои во различни случаи или ситуации не ги почитуваат законите. Тоа создава совршен простор за притисок и уцена од страна на силите кои сакаат да го контролираат општеството.

(...)

Не знам дали ваквата ситуација во општеството има свој назив во теоријата, ама прилично сум убеден дека во нејзиното создавање активно придонесувале сите досегашни влади на Р. Македонија.

Исто така прилично сум сигурен дека добар начин да се надмине оваа стуација е секој за себе да ги елиминира можните закачки што се создаваат на ваквиот начин. Тогаш, ми се чини, нема да биде толку страшно секој јавно го искажува своето мислење.

Милијардата на дното

Tags: 

Со Илина Јакимовска се запознавме на TEDxSkopje.

Па така низ муабет излезе оваа мала соработка за претставување на книга на Bookbox.

Во продолжение, моите забелешки за „Милијардата на дното“, скратени и стегнати. :-)

За „Милијардата на дното“, гостинот-уредник и козата на комшијата (овде имаше link што води до on.net, но се чини дека уредниците на on.net и потоа off.net го тргнале документот).

Lessig: The Social Network

Tags: 

Па, слушам дека филмот за Фејсбук владее на пиратските кино благајни во Скопје.

Како шо многумина ми кажаа филмот е забавен за гледање. Треба да го планирам и јас кај и да е. А за оние што веќе го виделе, еве ја рецензијата на Лоренс Лесиг. Или право на заклучокот:

What is important in Zuckerberg’s story is not that he’s a boy genius. He plainly is, but many are. It’s not that he’s a socially clumsy (relative to the Harvard elite) boy genius. Every one of them is. And it’s not that he invented an amazing product through hard work and insight that millions love. The history of American entrepreneurism is just that history, told with different technologies at different times and places.

Instead, what’s important here is that Zuckerberg’s genius could be embraced by half-a-billion people within six years of its first being launched, without (and here is the critical bit) asking permission of anyone. The real story is not the invention. It is the platform that makes the invention sing. Zuckerberg didn’t invent that platform. He was a hacker (a term of praise) who built for it. And as much as Zuckerberg deserves endless respect from every decent soul for his success, the real hero in this story doesn’t even get a credit. It’s something Sorkin doesn’t even notice.

(...)

The tragedy—small in the scale of things, no doubt—of this film is that practically everyone watching it will miss this point. Practically everyone walking out will think they understand genius on the Internet. But almost none will have seen the real genius here. And that is tragedy because just at the moment when we celebrate the product of these two wonders—Zuckerberg and the Internet—working together, policymakers are conspiring ferociously with old world powers to remove the conditions for this success.

Pages