Неколку белешки за „Ти не си тракатанец“ - новата книга на Џарон Ланиер

Tags: 

Гласовите против неколку години старата фејсбукијација на интернетот се ретки и тешко се пробиваат во јавноста. Можеби најгласен критичар на новиот веб2.0 свет е Ендру Кин. Неговите ставови се на линијата дека веб2.0 значи сѐ повеќе и повеќе персонализирани (оличнети?) медуми. Како такви, тие се антиестаблишмент, егалитарни, партиципативни и играат голема улога во фрагментизирањето на општеството на националните држави.

Не сум ја читал неговата книга, но главните поенти можат да се заклучат од неколку документарци и интервјуа што се лесно достапни на интернет. Можеби најинтересна е неговата дебата со Вајнбергер.

Уште една критика на фејсбукијација доаѓа и од Ебен Моглен, иако од сосема друга перспектива - оваа за слободата во облакот.

Најновиот, барем за мене, критичар е Џарон Ланиер. Ланиер е еден од пионерите на интернет времето кој јас го запознав преку пишувањата за виртуелна реалност што пред десетина и повеќе години беа печатени во Маргина. Во својата најнова книга „You are not a gadget“ тој пишува за тоа што не чини со веб2.0 и што може да се преземе.

Книгата започнува, уште на насловната страница, прилично храбро и прецизно: „Мора прво да бидеш некој пред да се споделиш себе си.“ Тоа е тема што се провлекува низ книгата, иако текстот често е испосецкан и без многу континуитет. Ова е комплетно спротивен став од оној на Кин. Ланиер смета дека фејсбук и другите сервиси водат до обезличување на луѓето, правејќи од нив машински читливи апстракции на личноста и нејзините општествени врски.

Ланиер силно ги крикува и Википедија и Линукс затоа што смета дека повторното созавање на веќе постоечки дела и системи е беспотребно потрошено време. Ако во осумдесетите, вели тој, најавев дека во 2010 ќе имаме уште еден UNIX и уште една енциклопедија на интернет, веројатно сите ќе ми се смееја. Тоа за него е безуспешна употреба на големиот потенцијај на технологијата. Википедија уште повеќе затоа што статиите немаат еден автор, затоа што технологијата е таква што ја промовира толпата, а тоа што толпата го мисли и пишува не мора секогаш да биде вистина.

Тој потсетува на моделот на Apple за дизајнирање на уреди како iPhone што, според него, го менуваат дигиталниот пејсаж и таквиот затворен модел е тој што Ланиер мисли дека е начин на кој што треба да се прават работите.

Книгата има некои интересни примери, но целиот текст е исполнет со тон на разочарување. Ланиер бил еден од луѓето што меѓу првите експериментирале со интернет, компјутери и виртуелна реалност, и видливо е незадоволството од тоа како некои делови од технологијата се развиле (или не се развиле). Тој смета дека многу, премногу талентирани луѓе се загавени во модел / идеја за тоа како треба да изгледа софтверот што е стара 40 години. Тој повикува на радикална креативност.

Во секој случај, станува збор за интересно четиво, иако можеби поставува повеќе прашања, одошто што дава одговори. Конечната поента на Ланиер е дека единствено луѓето се важни и технологијата треба да им служи ним, а не тие нејзе.