Submitted by Новица on
Tags:
Хакерската заедница направи многу, но предизвиците се сѐ поголеми. Потребно е поголемо и пошироко ангажирање.
Ова се зборовите што би ги искористил ако морам да го парафразирам Роп Гронгеп - хакер-ветеран, еден од основачите на легендарниот XS4ALL - во еден твит, а како сиже на неговиот говор на отворањето на овогодинешниот, дваесет и седми по ред, Chaos Communication Congress. Се разбира, ваква реченица до буква нема да најдете во текстот на говорот, но барем јас така го разбрав.
Има одредена почит кога ќе кажете „хакер“ во Холандија и Германија на ваквите големи конференции. Зборот го нема она медиумско-сензационалистичко значење, какво што сме навикнати да го читаме или слушаме дома. Ова се луѓе кои се добри со компјутери, но ова се исто така луѓе кои значајно придонеле во многу аспекти во средината каде што живеат и работат: слободата на говорот или печатот, приватноста, правата на корисниците на интернет, во физичкиот свет кој сѐ повеќе е изложен на дигиталните технологии и така натаму - од што корист имале цели градови, држави, општества.
Нема подобро објаснување на хакирањето од „игриво проучување на системи што другите луѓе ги земаат здраво за готово“, а под „системи“ не се подразбираат само компјутерските системи. Последен пример за ова се серијата предавања на теми општество, култура и заедница што се одржаа на 27c3.
Но, овој текст не е за странските хакери.
Дигиталниот пејсаж на дешеницата ќе биде (веќе е?) исполнет со државни решенија што ги водат, чуваат и архивираат нашите лични и трансакциски податоци, како и историјата на предметите, споровите и услугите кои сме ги побарале или добиле и компании кои прибираат податоци од нашето секојдневно сурфање, кои ги продаваат, разменуваат, користат за да испорачаат подобрено потрошувачко искуство. Ова ги засега сите. Како што вели Брус Стерлинг во Wired, пред речиси 5 години: „Можеби не сте заинтересирани за војната за дигитални права, но тоа не значи дека го имате луксузот да бидете на страна, бидејќи другата страна е мошне, мошне заинтересирана за вас.“
Останува да видиме колкумина од нас ќе се зафатат со проучување на овие системи и нивно менување така што тие ќе станат поблиски на вреднсотите за слободата, транспарентноста, отвореноста. Во Скопје веќе имаме хаклаб каде што чат-пат проучуваме по нешто, но „ние“ можеме да се изброиме на прсти. Тоа што можеби сме незапознаени со постоењето на други луѓе или групи не значи дека нив ги нема, иако тешко е да се задржи оптимизмот по едногодишното постоење на КИКА.
Предавањата на конференциите како 27c3 одеднаш и на широко отвараат премногу прашања веројатно за сите што не се во центарот во случувањата. Во следните денови, а можеби, со малку среќа, и сѐ до 28c3 ќе се обидеме да пренесеме доволно од тие искуства дома.
Придружете се.
Во Берлин, 3.1.2011
Благодарност до @gdamjan и @igor_stama за коментари и забелешки.
(Прв пат објавено на: http://it.com.mk/otvoren-povik-za-hakeri/)