November 2011

Обичајот на подарување

Tags: 

Во официјалниот наратив интелектуалната сопственост често, ако не и единствено, се поврзува со правата што авторите, уметниците и воопшто креативната фела (треба да) ги имаат со единствена цел да бидат мотивирани да создаваат уште повеќе и, се разбира, да можат да живеат достоинствен живот. Напишано вака, тоа звучи розово за секој (потенцијален) автор. Но, во реалноста секогаш има нешто повеќе од замислените концепти – па дури и за ваков неодреден концпет како што е интелектуалната сопственост. [За проблематичноста на терминот „интелектуална сопственост“ сум пишувал порано, па овде нема да се задржуваме на тоа.]

Денешната приказна нѐ носи 12 години назад во времето кога светот се плашеше од милениумската бубачка. Во далечната 1999 мала библиотека во Нов Зеланд, соочена со финансиски ограничувања, одлучила да го замени својот стар софтвер кој ќе престане да работи поради Y2K со ново решение кое ќе биде слободен софтвер. Така беше родена Koha – првиот слободен софтвер што нуди комплетно решение за управување со библиотечен фонд. Името, како што често бидува во светот на гнуата, има пошироко значење. Koha на маорски јазик (јазикот на домородните жители на Нов Зеланд) значи давање подарок или придонес и го опишува и самиот обичај на взаемно подарување. Во јануари 2000-тата библиотеките од Нов Зеланд на светот му ја подарија Koha.

Премотувајќи ја лентата до денес ќе видите многу успех зад проектот Koha - бројни награди и распространета меѓународна употреба. Но, деновиве вестите поврзани за Koha водат до молба за донации и правна помош: корпорација од Соединетите држави ја регистира трговската марка (trademark) за Koha во САД и истото сака да го направи во Нов Зеланд, со што проектот повеќе нема да има право на користење на името (кое, за потсетување, всушност е збор од јазикот на Маорите) кое го носи од своето зачнување во 1999 г. [Американската корпорација влегува во приказната на Koha откако купила компанија што комерцијално нудела поддршка за библиотечниот систем. Оваа компанија била одговорна и за менаџирање на доменот koha.org.]

Трговските марки се едни од монополите кои државите им ги даваат на граѓаните и компаниите за да обезбедат ограничен монопол за употреба на имиња или логоа. Тие се дел од она што популарно и заводливо се нарекува „интелектуална сопственост“. Потсетете се, целта е обезбедување на авторите. Како тогаш да се обезбедат луѓето што работат на Koha?

Ова не е прв пат проект што е слободен софтвер да се најде загрозен од страна на трети лица на полето на тровските марки. Linux, кернелот со кој работат најголем дел од дистрибуциите на слободен софтвер, имаше слично сценарио во 1994 година. Иако тогашниот исход денес изгледа правилен, не треба да се заборави дека тогаш големите пари на корпорациите беа на страната на Линус Торвалдс. Koha, барем за сега, ја нема таа поддршка.

Исходот на оваа битка за „интелектуална сопственост“ ќе се знае за најмалку 3 месеци кога завршува жалбениот процес во Нов Зеланд. Без разлика дали Koha ќе мора да го смени името, или ќе продолжи да го употребува со плаќање на лиценца, или ќе победи, нивниот подарок останува да се употребува во библиотите низ целиот свет.

Текстот е објавен на it.com.mk: Обичајот на подарување.

***

Како и изминативе неколку недели, во следниот период, еднаш неделно (во сабота) ќе пишувам по еден ваков текст (на тема слободен софтвер, авторски права, интеренет, граѓански права итн.) за it.com.mk. Текстовите ќе се појавуваат на мојот блог следниот ден (во недела).

(Не)познато (не)знаење

Tags: 

Дополнето 29.02.2012 година: Овој текст е награден на конкурост на Diversity Media. Мојата благодарност.

Доаѓа крајот на годината. Меѓу другото тоа е период во кој се прават плановите за следната година. Така е и со економскиот раст. Деновиве научив дек очекуваната стапка на раст за 2012 година е помеѓу 3% и 4,5%. Она што не научив е дали проектираните стапки се номинални или реални. Тоа е важно прашање за економска анализа. Разликата помеѓу номиналната и реалната стапка на раст е инфлацијата. Ако номиналниот раст е 4%, а инфлацијата 2% тогаш реалниот раст е 2%. Ако номиналниот раст е 3% и инфлацијата е 3%, тогаш реалниот раст е нула. Со други зборови инфлацијата го јаде растот. Но, текстов не е час по економија.

Под претпоставка дека не сум пропуштил некој клучен параграф во новинарските текстови, се запрашувам зошто прашањето за економскиот раст на македонската економија не е подобро обработено? Колку е потребно да расте македонската економија за тоа да го почуствуваат граѓаните? И кога сме кај економските прашања, што значи тоа дека последниот кредит што го зеде државата е земен под многу поволни услови? Што е тоа своп? Колку точно камата треба да плати државата ако на тие и тие банки им должи толку и толку проценти?

Два записа од интернет ме поттикнаа да го пишувам, и пред сѐ повторно да размислувам за ова. Првиот е текстот на Горан Арсов во кој тој, меѓу другото, вели: „Повеќе од половината од учениците излегуваат од средно без да знаат дека струјата убива со затворање на струен круг;“, а вториот големиот цртеж „Кај се парите“ на авторот на XKCD Рандал Мунро.

Прашањата што ми текнаа додека се возев во автобус се: Колку всушност знае еден дипломиран економист од најдобриот факултет во земјава? Дали знае, на пример, да го прочита платниот биланс на Македонија? Или што знае еден дипломиран правник? Или... впишете ја професијта по желба и запрашајте се дали некој може да ги прибере податоците за парите во земјава, како тоа што го направил Рандал Мунро, и да направи сличен преглед? Поврзано со ова, секако, дали воопшто податоците се некаде достапни? Дали може да се направи било каков друг информативен преглед со податоци кои се актуелно релевантни за земјава?

Не сум направил никакво истражување. Но, ако морам да се обложам викендов тогаш ќе се обложам дека одговорите на горните прашања се негативни. Најблиску до некаков пресек за тоа што можеби младината (новите економисти и правници и друго) знае дојдовме за време протестите против полициска бруталност. Тоа што можеше да се насети е дека не знаеме многу, или знаеме малку, за тоа како функционира општеството, за тоа кои се правилата, законите, што може да се бара од институциите, па дури и кои се институциите... итн. Исто така, би се обложил дека ова не е непознато за центрите на моќ (политичките партии ако сакате). Тие знаат колку не знаеме - не само младите, туку сите.


Сликичка позајмена од: runningcauseicantfly.

Сфаќам дека ова е силен заклучок да се фрли вака без да се поткрепи со факти, но навистина не можам да смислам друго објаснување. Мислам дека може да пробаме со некоја теорија на заговор дека, на пример, сите новинари се некако поткупени, и ете никој не вади текст за најновото задолжување на држава. Се разбира, мислам на онаков текст со бројки и објаснувања и референци, а не на оние „државата задолжена, кој ќе плаќа, што ќе правиме“ текстови. Но, дури и да се сите новинари некако во овој заговор, зарем нема еден економист во земјава што може да ги прочита информациите, да спореди, најде и истражи и на крај вака како Горан да го објави текстот на интернет? И тогаш се присетувам на Уставниот суд и на Стамен Филипов, практично единствениот човек кој ја предизвикува уставноста на законите во земјава. Тоа е неговото хоби. Но, на пример, се бави ли адвокатската комора редовно и континуирано со уставноста на законите според кои инаку и работи?

Секако, можам да прифатам дека овие информации, тексотви и анализи постојат, само не се стигнати до мене. Тоа ќе биде горчлив пораз за мојата умислена информираност. Но, само во случај да сум во право, следното прашање зошто не ги создаваме овие текстови? Дали има седржавен заговор? Дали сме мрзливи? Дали е едноставно полесно да твитнеме: „Леле, гледај ги, не ми се верува што прават...“? Дали... не знаеме?

Мислам дека точно е последното и мислам дека сите што треба да се грижат за состојбата (со знаењето) во општеството се свесни за ова незнаење и тоа го користат во своја полза. Тоа е тажна и поразителна мисла. Со неа може многу полесно да се објасни, на пример, оптимизмот што владее кај граѓаните на Македонија во очи на најголемите (економски) потреси во ЕУ, за кој деновиве пишуваа дневните весници (не можам да најдам URL). Но, со неа исто така може да се сврти работата на подобро. И покрај сѐ, ако нашиот главен проблем е незнаење, тогаш ако ништо друго знаеме како тој проблем може да се реши.

Тоа што ни треба е процес на учење. Може да го наречеме просветителство од мали размери или некако пофенси - сеедно - тоа што треба да се адресира на крајот на денот е нетолеранцијата и злоупотребата во црквата и државата. За среќа денес имаме нешто подобри услови за вакви активности со интернет како првата алатка достапна нам, но тоа никако не значи дека имаме помалку работа. Па ајде да ги засукаме ракавите.

***

Не знам како баш да го заклучам текстов. Го прочитав цел и не ми изгледа толку фокусиран колку што би сакал да биде. Се надевам ја пренесува поентата, ако не целосно и јасно, тогаш барем доволно за да поттикне на размислување.

Ретвитај за музика

Tags: 

Денес презедов музика од интернет. Го сторив тоа законски, бидејќи делото е ставено на интернет од страна на издавачот и е слободно за преземање. Но, таквата негова одлука и воопшто достапноста на делото сама по себе, не беа доволни за јас да искликам од конечниот zip.

Со оглед на ограниченото внимание што може да се посвети, а имајќи го предвид огромното количество на податоци, музика или филм, достапни законски или не, самото објавување на интернет, па дури и кога е од страна на тој што е овластен да го направи тоа, не значи речиси ништо. Додајте ја кон ова и заситеноста од информации (кај корисниците или потрошувачите) и инхерентната недоверба кон претприемачите (ако може така да се рече и за оние кои се изавачи на музика) затоа што тие прават сѐ за да го продадат своето без разлика колку е добро, дали воопшто објавувањето на интернет само по себе има некакво значење за тоа дали и како производот ќе помине кај публиката? [Се разбира, под претпоставка дека не сте Radiohead или некој друг етаблиран бренд.]

Би рекол не.

Објавата за најновото EP на скопксиот бенд Д Џон се појави на Twitter на 15 ноември, веројатно истиот ден на Facebook и можеби на други места. Тоа значи дека четири дена бев целосно запознаен со постоењето на ова ново музичко издание. [Колку е тоа во интернет време?] Ако некој ме прашаше, можев да речам: „Да знам дека имаат нов албум“. Но, во ниеден момент не помислив на тоа да го преземам албумот. Она што конечно го насочи мојот Firefox кон веб страницата на издавачот, беа овие неколку твитови од @lenkha:

Случкава ќе беше само уште една mp3 приказна, ако не се поклопеше со последното поглавје од „A Visit From The Goon Squad“, одличната книга на Џенивер Иган. Еден од главните ликови, чиј животен пат во музичкиот бизнис го следиме од првата до последната страница, е музички продуцент кој се искачил од дното до врвот, и потоа надолу за во последните неколку страници да го има последниот триумф. Сместено некаде во блиската иднина, последното поглавје го раскажува најновиот потфат на Бени Салазар кој од својот стар (музички) пријател од детството сака да направи ѕвезда. Но, многу нешта се сменети од денешното, како што тој го нарекува, post-piracy време. Она што е најочигледно е сеприсутноста на технологијата – некој вид на шесто сетило е достапен за сите и сите и го користат. Токму овој уред, Twitter-от на иднината ако сакате, му помага на Алекс (еден од помошниците на Бени) да го организира концертот на музичката ѕвезда во раѓање, да направи промоција преку word of mouth, да ги најде (и плати) вистинските луѓе кои што можат да го рашират муабетот така што тоа нема да изгледа како некоја PR капмања (иако сите насетуваат дека е), за инаку непознат артист. Резултатот е исполент концерт, бесплатен се разбира, кој што останува во сеќавање на сите гости. Музички и бизнис успех.

Не сакам да ја растегнувам споредбава премногу, бидејќи не верувам дека било каков PR план се крие во овие неколку твита на @lenkha. Но, верувам дека оваа мала случка со албумот на Д Џон ни дава шанса да ѕирнеме во некоја можна иднина. Интернет, покрај другите работи, е објави-и-исчезни платформа. Тоа не е лошо. Но, ако сакате да продавате нешто за нашето внимание, тоа никако не е доволно.

За читање од отворените јазичиња

Tags: 

1. Интервју – Јоже Менцингер, економскиот гуру од Словенија, допира интересни прашања за ЕУ, Југославија, и Маркс и Кејнз кон крајот што ме носи до

2. Отвореното писмо на Џоан Робинсон - од кејнзијанец до марксист - интересно четиво за тоа што има во Маркс кога од него ќе се одземе Хегел - се разбира според неа.

3. Отворено писмо до Greg Mankiw - во кое студентите објаснуваат зошто го напуштаат воведниот курс по економија на Харвард, имено поради очигледната наклонетост на предавањата кон определени политичко-економски стојалишта / теории. Поврзано со ова, од овој блог: Неолиберализмот и образованието и Уште за економијата и идеологијата.

4. Бетмен плутократот - весела, но длабоко контекстуализирана анализа за едниот процент (наспроти 99%).

A Visit From the Goon Squad

Tags: 

„A Visit From the Goon Squad“ од Jennifer Egan е втора книга што ја читам само по препораката дека добила Пулицерова награда (во 2011 - по „Пат“ на Кормак Мекарти, која пак ја собрав во Белград пред неколку години).

Брзо пребарување на Google ја спојува Иган со Гибсон. И навистина, последното поглавје од романот наликува на исечок од некоја негова книга. Можеби само недостасува некаде да се спомене Хубертус Бигент за искуството да биде комлпетно.

Од друга страна на моменти книгата се чини како помала сестра на „Слобода“ на Џонатан Францен. Но, книгата е многу повеќе од тоа.

Атмосферата што ја создава е автентична како и чувствата што ги предизвикува. Можеби поради што главната тема - музика - е нешто сосема близу до секојдневните доживувања, но сигурно поради тоа што ликовите и нивните приказни се непосредни. Непосредни - веројатно тоа е зборот што го барам за да опишам како некој лик ми станува близок во 30-40 страници што неговата судбина, онака како што авторката ја замислила, ми значи многу и по последната точка.

Помеѓу контекстот за војнинте и сеприсутната технологија, книгата не губи од својот шарм. Често, често, доживувањето е за и околу растењето. Тоа нека биде последната препорака.

Отаде печатот: некои идеи за весниците (дури и во Македонија)

Tags: 

Дополнето: Септември 2012. Се чини токму таква идеја како што се предлага во текстов е реализирана од страна на македонска команија: Македонскиот Ambio.me е финалист на WebFest, има шанса да оди на ТеchCrunch Disrupt.

Пред (околу) две недели веста за дигиталните изданија на македонските весници одекна во јавноста (и на интернет, пример: За претплатата на Вест и дигиталните изданија на Дневник и Утрински). Се разбира, нема што многу да се каже на примерот на „Вест“. Тоа е технолошки ќор-сокак, комплетно несоодветен со интернетската инфраструктура и идеја воопшто.

Но, сѐ не е загубено.

Замислете весник што ќе продава пред сѐ електронска претплата. Да, како „Вест“, но со веб-страница што ќе изгледа современо (модерно), по сите најнови технолошки нишани (html5, permalinks, location aware, разни интеграции и сл.), апликација за мобилните уреди што ќе наликува на Google+ или Facebook, постојано освежувани содржини со дневник на промени, врски до подолгите извори во странство и многу, многу локална содржина. И замислете исто така многу локални реклами. На пример, кога ќе го отворите весникот од мобилниот уред, а сте на пат во Охрид, покрај текстот што ги читате да се појави дискретна реклама за локалниот ресторан (бидејќи мобилниот уред знае каде сте и знае колку е часот - дали е ручек време на пример). Замислете и дека дневно на sms добивате QR код (или слично) со кој во трафиката можете да земете печатено издание, бесплатно, ако баш сакате да го имате тој број засекогаш, на хартија.

Секако, ова не звучи како нешто што би можел да го направи некој печатен медиум. Попрво би рекол дека некој како Тime.mk ќе успее да ја склопи инфраструктурата на интернет и потоа ќе направи договор со некој весник за последниот чекор (локалната содржина) во имплементацијата.

Уште повеќе што идејава гледа со двете очи кон иднината (нови генерации - публика што не е носталгична кон хартија, нови технологии - мобилен интернет и уреди, постојана достапност и постојани вести), а би рекол дека денешниве наши весници повеќе мислат како да продадат копија повеќе на пензионерите (и сега како „Вест“ на дијаспората).

Да завршам со најчестата аналогија која се користи за судирот меѓу стариот бизнис и новите технологии (веројатно на Сет Годин), за тоа дека бројот на железнички компании во авионскиот превоз е нула, бидејќи железничките компании мислеле дека се во железничкиот бизнис, а не во транспортниот бизнис.

Па ако често не сме во бизнисот во кој што мислиме дека сме, тогаш треба почесто да се прашаме во кој точно бизнис сме. Ова не може да не важи и за медиумите.

Врамување на сликата

Tags: 

Ова се вестите: Македонија последна во региониот според Индексот за човечки развој.

Она што може да го научиме од вестите е дека земјава имала пад апсолутно во однос на лани и релативно во однос на соседните земји.

Она што недостасува е објаснување што е индексот за човечки развој, па еве го од текстот што се користеше на Економскиот факултет:

HDI опфаќа три аспекти на економскиот и општествениот развој:

1. Индикатори од областа на здравјето и долговечноста кои се пресметуваат врз основа на очекување на траење на животот.
2. Индикатори од областа на образованието каде основни елементи се писменост и просечен број на години на школување.
3. Индикатори за пристапот до ресурсите; БДП по глава жител мерен со куповна сила на националната валута во долари.

При конструирањето на HDI се трга од претпоставката за полидимензионалност на развојот. Негови димензии се: економската, социјалната, политичката, културната, еколошката, духовната и др.

Со други зборови за да паднеш на скалата на HDI, меѓу другото, треба да има пад во индикатори за здравјето, образованието и економскиот раст и развој.