Пред неколку дена, разочаран од неуспехот на планираната „културна“ набавка, влетав во Или-или и купив пар книги. Една од нив, „Есеј(от) како вежбалиште“, ја купив поради името на авторката - Јелена Лужина - професорка на чии предавања и дух со радост се сеќавам од мојот краток престој на ФДУ.
Книгата започнува со есеј за Коле Чашуле кој, како што ѝ кажав на една другарка, ме остави вознемирен на пријатен начин. Тоа беше прв пат да прочитам нешто за македонски писател напишано како тесктовите во англиските медиуми за нивните автори. Но за сето тоа можеби друг пат.
Скоро читав уште една книга - „Outliers“ од Малком Гледвел. Тоа е книга шго ги истражува причините за успехот претставувајќи ги највидните примери од денешницата - како Бил Гејтс.
Заклучокот што може да се извлече од книгата на Гледвел е дека успехот не зависи само од талентот и генијот на луѓето, иако тоа е една од мирудиите потребни за манџата да испадне добра. Во случајот Гејтс, неговиот натпросечен IQ на страна, тој имал среќа да учи во училиште во кое клубот на мајки секоја година давал голема донација. Претходно ја опремиле спортската сала и окречиле (или така нешто), а токму таа година кога (чинам) Бил бил полуматурант тие му донирале на училиштетото компјутер. Зборуваме за 197инекоја - време во кое само неколку универзитети од рангот на MIT имале компјутери. Децата, меѓу кои и Гејтс, можеле да си играат по часовите на компјутерот, да истражуваат итн. Приказната за Гејтс продолжува со уште неколку вакви примери. Примери за клучниот период од неговиот развој кога тој имал пристап до компјутери и технологија пред било кој друг благодарение на случајности, среќна ѕвезда и слично. И сето ова е пред општо познатата приказна за неговото откажување од Харвард и стартувањето на Мајкрософт.
А еве што вели Лужина во својот есеј за Чашуле:
Треба, макар и попатно, да се дефинира/опише специфичниот процес на драматрушката и театарската (само)едукација, низ кој Чашуле поминал токму во петнаесетгодишниот период за кој зборувам (1953 - 1967/1970 м.з.).
... фотографија. снимена 27 јануари 1932-та: на неа се гледаат некои костимирани деца, ученици на прилепската нижа гимназија, кои се готват да ја одиграат или штотуку ја одиграле претставата Смешни прециози.
На фотографијата покрај Илија Милчин се гледа Коле Чашуле. (м.з.)
Во текот на студентските години поминати во Белград (1938 - 1941), собата во студентскиот дом Чашуле ја делел со идниот солист и директор на Македонската опера Петре Богданов Кочко, тогаш студент на белградската музичка академија, кој му се „наметнал“ како своевиден театарски ментор. Двајцата редовно ги следеле претставите во Народно позориште, не само оперските, настојувајќи да ги гледаат што е можно повеќе пати.
Веќе во февруари 1948 г. Чашуле е назначен за управник на Македонскиот народен театар.
Канада, во која државата ФНР Југославија го испратила на навидум лукративна дипломатска мисија (во 1952 г. м.з.), Чашуле максимално ја користел за сопствено едуцирање во секоја смисла. Најмногу во занаетчиска: драматуршка и театарска. Освен што систематски ги читал драмските текстови и фанатично ги гледал изведбите на тогашната американска драматика.... Јуџин О'Нил, Тенеси Вилијамс, Артур Милер...
И така натаму, да не препишувам, веројатно се насетува поентата, за на крај:
Драмите од тој период - Вејка на ветерот (1957), Црнила (1961), Вител (1966), Партитура за еден Мирон (1967)... театрологијата ги квалификувала како меѓници на македонскиот драмски/театарски модернизам. Македонската драматика тогаш го фаќа чекорот со светскиот меинстрим.