December 2012

2013 на Интернет

Tags: 

На почетокот на 2012 [технички на крајот на 2011] година Кори Доктороу (http://boingboing.net/2011/12/27/the-coming-war-on-general-purp.html) предвиде дека допрва нѐ чека војна во која големите корпорации и владите ќе се борат за целосна контрола над персоналните компјутери за општа употреба. Ова што до сега го гледаме, објаснува тој, во врска со авторските права и Интернет е само предвесник. Овој негов говор силно одекна во разните заедници на Интернет и мислам дека успешно го улови доминантното чувство за тоа каде може да се движи технолијата и општеството т.е. кодот и законот ако не посветиме доволно внимание на актуелните случувања.

ACTA, SOPA и PIPA, но и постојаната војна против Wikileaks, тужбите против p2p споделување податоци и против протестите (окупирањата) на Интернет на Anonymous се примери за тоа што и како мислат и делуваат некои од водечките држави и корпорации. Македонија не е недопрена од овие случувања, затоа што секоја законодавна или судска пракса може да се пренесе преку меѓународните институции или договори до земјите кои целат да станат членки на ЕУ и оние кои имаат обврски преку СОИС или СТО.

Но дури и гледано изолирано, Македонија имаше два нејзини моменти налик на SOPA или ACTA. Првиот, новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој што во својата првична форма требаше да го регулира протокот на информации на Интернет, а во својата конечна останува да регулира „други форми на уреднички oбликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност.“ - што може да опфати чие било и какво било објавување на Интернет, како и недореченоста поради која може без судска постапка да се отстрануваат содржини од Интернет. Вториот е Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби на ММИ кој што цели да опфати огромен дел од употребата на музички дела.

Во двата случаи молкот на видни лица од стручната јавност, пред сѐ од правната струка, е застрашувачки и, ако треба да се потенцира едно нешто, тогаш ова е клучната работа што нас нѐ разликува од остатокот од светот. Битката против горните прописи во ЕУ или САД не ја водеа само активисти и хакери туку и истакнати интелектуалци - правници, економисти, политолози.

Во 2013 во светски рамки веројатно е да се очекува да се појават нови предлози, закони, договори кои ќе се обидат да спроведат слични решенија како веќе споменатите по веќе добро разработената пракса на „преместување на форумите“ - ако нешто не може да се изгласа во САД или договори во ЕУ ќе се договара во СТО, или пак ќе се предложи преку некоја друга организација, а потоа ќе се промовира како меѓународен стандард итн. За очекување е светската јавност да реагира на ваквите случувања како и до сега и веројатно ние од овде, ако ништо друго, ќе ја понудиме нашата принципиелна поддршка за зачувување на слободата на користење на технологии и пристап до Интернет. Посебно значајни во оваа смисла остануваат обидите да се создаде соодветна алтернатива на Facebook и другите слични приватни простори и места кои корисниците ги сметаат за „Интернет“ (https://www.freedomboxfoundation.org/), како и обидите да се создаде слободен хардвер за лаптопи (http://www.bunniestudios.com/blog/?p=2686), слободна платформа за мобилните уреди што ќе соодветстува на отворениот Интернет (https://wiki.mozilla.org/B2G/FAQ), како и постојанот подучување на сѐ-повеќебројните корисници за користењето на технологии како што е крипографијата (https://www.torproject.org/ и http://www.gnupg.org/).

Не помалку важно за нас во Македонија останува да ги довршиме започнатите активности против делови од горните домашни прописи кои силно удираат по идеалите за слобода и кои претставуваат опасност за слободата на говор и изразување. Но, исто така, и да останеме будни за некои други прописи да не се протнат низ стражата на оваа Интернет генерација. Постојаното образование на луѓето што доаѓаат во дигиталниот свет исто така преставува огромен предизвик.

Кога сѐ почесто во општеството се исцртува опасноста од целосна контрола над персоналните компјутери за општа употреба, и кога ги препознаваме обидите за потиснување на слободата во различни области, на нас останува да направиме сѐ за дистописка приказна „Право да читаш“ на Ричард Сталман да остане токму тоа - само приказна.

Кратка верзија во новогодишното (31.12) издание на Нова Македонија: Онлајн-пазарот ќе живне, борбата за слободен Интернет продолжува.

airborne во 2012

Tags: 

Без намера ова да стане традиција, еве што сѐ се појавило на местово оваа година.

Во 2012 на блогов оживеале 54 (педесет и четири) написи - вклучувајќи го и овој. Тоа е за повеќе од половина помалку текстови од лани. Во август немало ниту еден запис. А најмногу се во октомври - 8, повторно за половина помалку од ланскиот месечн максимум од 16 записи.

Голем дел од текстовите всушност беа наменети за други „издавачи“ - ако може така да се каже. Во почетокот на 2012 текстови прво се објавуваа на it.com.mk, а во втората половина на годинава на Радио Слободна Европа. Темите што доминираат се: интернет, јавноста и законите.

Во контекст на објавување на „други места“, мора да го забележам и објавувањето на „За серењето“ како и рецензијата за хипстерите на Букбокс, додека со различен интензитет продолжија да функционираат и http://mudrec.tumblr.com/ и http://understandortodraw.tumblr.com/.

Ако треба да одберам еден текст што е би го носел епитетот „нај“ од оваа година од блогов, тогаш таа несреќна заслуга ќе му ја доделам на Приватизација на јавното од јуни.

По месеци најзначајните моменти на блогов во 2012 се:
Законите и интернет во јануари.
ACTA не е само за нас и Холивуд во февруари.
Алчност, поплаки и архитектура три години по 28.03 во март.
Скопје, ремиксан, брат во арпил.
Штуро во мај, но затоа ќе извојам сѐ од јуни:
Јавниот превоз и редистрибуцијата,
Уште две (кратки) поенти за градот и
Приватизација на јавното.
Поп-културата и новинарството во јули.
Ништо (онлајн) во август.
Универзитетска независност и волшепства во септември.
Политиката на изразувањето, Пред затемнувањето | #член16 и Граѓанството како јавна функција [или уште неколку идеи за навредата и клеветата] во октомври.
Јавно соопштување против преголемото регулирање на јавното соопштување во ноември.
И, Рационалниот избор на политичките партии во декември.

Годината најверојатно ја затворам со овој преглед. Благодарам што читате. СНГ и успешно хакирање.

Рационалниот избор на политичките партии

Tags: 

Во интервју за Гласот на Америка, вицепремиерот Теута Арифи вели:

„Политичката реалност во Македонија е една реалност каде етничката фрагментација не е одбегната, ниту во реалниот живот, ниту во политичкото дејствување. (...) Имајќи го во предвид фактот дека политичките партии фактички функционираат по етничка линија и кога одат на избори, секако, даваат голем приоритет на тие прашања. (...) Јас мислам дека ние од оваа реалност во моментов не можеме да избегаме, а уште помалку би требало оваа реалност да се преправаме дека ја нема.“

и

[Поголема лојалност на Албанците кон Македонија, меѓутоа и за пофлексибилен и поотворен однос на Македонците за прашања што се од интерес за Албанците (од прашањето)] ...не може да се постигне преку избори. На избори, ќе постигнете да избирате кои политички партии ќе водат од едната и од другата страна.

Ладната рационалност на Теута Арифи може да биде одличен пример за наставата на Економскиот факултет каде се предава теоријата на рационален избор. Суштината на тероијата е дека „поединците се однесуваат како да ги одмеруваат трошоците наспроти бенефициите за да дојдат до дејство што ја максимизира нивната лична корист“. Тоа е теорија што е длабоко навлезена во доминантиот [и за Македонија] неолиберален пејсаж.

Така ако на политичките партии гледаме на „поединци“ - а всушност се и „правни лица“ кои најчесто настапуваат како едно во јавноста, што друго воопшто можеме да очекуваме од „лица“ кои што се во бизнисот на освојување на најмногу гласови на избори?

Теоријата на рационален избор нуди објаснување кое е едноставно. Тие се стремат да освојат најмногу гласови и според тоа ги одбираат опциите што ги носат најлесно до целта - а тоа во нашиот случај, како што забележува и Арифи, е етничката карта. [Се разбира слично објаснување може да се понуди и за однесувањето на поединците што играат на етничката карта за својот успех, но за сега настрана со тоа.]

Слика од: liberation.typepad.com.

Прашањето е што може да се направи за рационалниот избор на партиите да не биде етничката карта? Арифи има одговор:

Тоа што треба да го направиме е да ја следиме интегративната филозофија на Охридскиот рамковен договор, која би дала можност за поголема етничка интеграција и меѓуетничко разбирање. Сметам дека вредностите на и идеите како што се ЕУ и НАТО се големи надетнички идеи кои можат да дадат придонес на оваа кохезија.

Но, ова не е нешто што ќе го направат партиите. Нема да го направат затоа што треба да освојат гласови, а гласови сега се освојуваат по етничка линија.

Значи ова е политичко-активистичкиот предизвик за 2013 и натаму. Тоа на што мораме да се посветиме како општество е за партиите да го направиме изборот на етничката линија нерационален. Со други зборови, за нив мора да стане очигледно дека повеќе гласови на избори ќе добијат ако одиграат на не-етничка карта.

Накратко за исходот од мнозинско-малцинските политички и оружени борби по СФРЈ

Tags: 

Ми се чини корисно навраќањето на пишувањата на Дејан Јовиќ за причините за распадот на Југославија како и на други теми, како што е војната во Македонија во 2001.

Посебно, тука интересна е расправата за правата на малцинствата и мнозинствата, или со социјалистичката терминологија на СФРЈ за етничките групи и конститутивните народи. Како што сум прибележал и порано принципот на нема-мнозинство / нема-малцинство во СФРЈ е една од најинтересните особености на државата. Ова дури не е ни само замислен принцип, туку, како што наведува Јовиќ, навистина сите групи (дури и Србите) биле малцинство во однос на сите други во државата.

Згодно ќе биде да се потсетиме на неколку забележителни цитати:

„Po kojim god se kriterijima prava manjina uspoređivala, socijalistička bi Jugoslavija bila iznad, ne ispod, onoga što su manjinama (kao takvim, dakle ne članovima manjinskih grupa kao građanima!) ponudile zapadno-evropske zemlje i Sjedinjene Američke Države. Uvođenje zapadnih standarda tretiranja manjina, prema tome, znači oduzimanje nekih prava i statusa koji su bili jamčeni za vrijeme socijalizma, a ne proširenje tih prava. Nije čudno, stoga, da Albanci na Kosovu, baš kao ranije i Srbi u Bosni i Hrvatskoj odbacuju razne zapadnoevropske prijedloge, smatrajući da time gube mnogo, a ne dobivaju ništa; ništa osim liberalne demokracije, za koju – kao što je već objašnjeno ranije u ovom tekstu – nikad nisu mnogo marili.“

„Separatistički nacionalisti, poput Tuđmana, osjećali su da je demokratska Jugoslavija smrtna opasnost za hrvatski nacionalizam. Demokratska bi Jugoslavija stvorila jugoslavensku političku naciju i ne bi dopustila postojanje više političkih nacija na istom prostoru gdje ona postoji. Hrvatska nacija bila bi kulturalna kategorija, koja bi opstala kao lingvistička, religijska, možda i ekonomska zajednica, ali bi izgubila status koji je imala u socijalističkoj Ju goslaviji. Ne samo hrvatska nego sve jugoslavenske nacije (uključujući srpsku) postale bi u demokratskoj Jugoslaviji ono što jesu – manjina stanovništva. Nacionalizam bi bio dopušten, ali bi nasilje bilo zaustavljeno.“

и

„Njihovo [на сепаратистичките националисти м.з.] je pitanje bilo logično i glasilo je, da parafraziramo Vladimira Gligorova, zašto bismo bili manjina u velikoj državi, kad možemo biti većina u maloj? To je pitanje razbilo Jugoslaviju, a potom bi – da nije bilo međunarodne intervencije – razbilo i Bosnu i Hercegovinu, Hrvatsku, Makedoniju, te SR Jugoslaviju (posebno Srbiju).“

Сето ова е интересно затоа што може да се искористи за after-the-fact преглед на државите што се создадоа од / по СФРЈ и посебно за тоа што меѓународната заедница дозволи да се случи на различни места каде што етничкиот микс беше (а некаде и сѐ уште е) изразен.

Велам значи, ова ќе биде after-the-fact преглед, без да навлегувам во причините за тоа зошто баш така нешто се случило и / или некои други последици [но, можеби ќе биде корисно за некои идни текстови]. Значи низ призмата на прашањето на Глигоров, прибележуваме кому му успеа да стане мнозинство во мала држава, по принципите на западната либерална-демократија:

Словенија ✔
Хрватска ✔
Босна и Херцеговина ✗
Србија ✗ (но, мошне веројатно Косово ✔, остатокот од Србија ✔)
Црна Гора ✔
Македонија ✗

Сподели музика

Tags: 

Пред неколку дена една новинарка ме праша нешто отрплика вака: „Дали има доволно свесност кај македонските граѓани да се бојкотира Македонската музичка индустрија и да не се слуша музика?“ Одговорив нешто во смисла дека тоа на крајот зависи од здруженијата на компании, стопанските комори и слично кон чии членови во крајна инстанца е насочена новата регулатива.

По кратко размислување бев зачуден од прашањето. Зошто вакво бинарно гледиште? Зошто или музика или тишина? Одговорот секако е поради доминантите промоции и кампањи за режимот на авторски права. Но, токму поигрувањето со тој режим го создаде најголемиот хак во скорашната историја. Главното прашање значи е зошто не сме запознаени со начинот како слободно да се слуша музика?

Следејќи ги стапките на Ричард Сталман и движењето за слободен софтвер, пред десетина години Лоренс Лесиг, професор по право од САД, еден од водечките умови во областа на авторските права, луциден писател и особено забавен говорник, го започнува проектот Creative Commons.

Суштината на Creative Commons е создавање на алтернатива на вообичаното „сите права задржани“ кон која авторите сами можат да се приклучат. Ова се остварува преку лиценците што ги обезбедува организацијата кои пак овозможуваат практично спроведување на идејата за побогат екосистем на слободна култура и културна размена соодветна на основната ткаенина на општеството како најголем медиум споделување.

Дали е успешен? Лиценците на Creative Commons се распространети во 70 јурисдикции ширум светот вклучувајќи ја тука и Македонија. Најголемата светска енциклопедија и можеби најзначајниот проекто од културата – Википедија, ги користи тие лиценци. Книги, филмски проекти и, можеби најважно за поентата на овој текст, музички изданија на големи бендови како Nine Inch Nails се објавени под некоја од лиценците на Creative Commons.

Признавам, музиката на NIN можеби и нема да одговара како фон во маалскиот фризерски салон, но на Интернет има толку многу музика издадена под лиценца што дозволува слободно слушање што сигурно ќе најдете некој мек џез што се впива во ѕидовите на Вашиот дуќан. И токму како последица на лиценците разни луѓе прават различни сервиси за Creative Commons и создаваат разновидни компилации спремни за спуштање од интернет и додавање на нашите плеј-листи.

За крај, ако имате 25 минути, тогаш можете да го гледате Лоренс Лесиг како елаборира за давителската улога што законите за авторски права во односот со културата што се создава во едно општество. Но, ако само сакте да дојдете до музика за Вашиот дуќан, музика поради која нема да добиете фактура од ММИ, тогаш упатете се на jamendo.com – еден од најголемите директориум на интернет каде се споделува музика растеретена од „сите права задржани“.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24783764.html.
Овој текст е дел II од серијата за авторски права и музика. Првиот е: Против рекетот на Македонската музичка индустрија .