Политиката на изразувањето

Tags: 

Зошто закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета? Зошто некој закон воопшто? Еден начин да се гледа на законите е како на инструменти со кои општествата се грижат добрите работи во нив да напредуваат, а лошите да бидат сопрени. Можеби ваквата разлика меѓу нештата понекогаш е тешко да се одреди, но општествата имаат вредности и се грижат за интересот на своите членови, а денес, речиси секогаш по дефиниција, за интересот на нивното мнозинство.

Така на пример, закон што регулира задолжително средно образование за децата во едно општество, очигледно носи во себе определени вредности: дека образованието е корисно за поедницните, дека кога мнозинство од граѓаните на едно општество се образовани, тоа е подобро за целото општество, дека образованите граѓани можат активно да учествуваат во демократските процеси и сето тоа му служи на јавниот интерес, и така натаму.

Законите понекогаш одат еден спроти друг. На пример, тоа е случајот со законите што регулираат сопственост и оние што регулираат експропријација. Иако сопственоста е еден од темелите на модерните општества, се креираат алатки за нејзино преуредување ако тоа е од корист за пошироката заедница, за општеството. Се разбира, постојат различни начини на кои ова се прави (некои подобри, некои полоши), но целта овде не е да зборуваме за тоа. Целта е да укажеме дека општеството ограничува определено право, кога тоа му служи на поширокиот – јавен интерес. Вредностите што се вградени во оваа постапка се очигледни. Приватната добивка или корист не треба да ја надвладува јавната.

Но, истово не важи за (предлог) законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Напротив, важи спротивното. Законот ограничува едно право – правото на слобода на изразување кое го уживаат сите граѓани на општеството за да заштити приватен интерес. Повторно, може тоа да го направи на подобар или полош начин (и многу веројатно нашиот закон во изготвување припаѓа во втората група), но повторно овде не е главното прашање за имплементацијата, туку за вредностите од кои се поаѓа за да се стигне до неа. Зошто со законите како овој го ставаме приватниот интерес пред јавниот?

Ми се чини дека одговорот на ова прашање се крие во проучувањето на тоа чиј поточно интерес се штити: дали е тоа јавноста во целина или е некоја потесна група? Колку што ми е познато не постои референтна листа на сите судски случаи кои за предмет имале навреда или клевета. Сепак, она што се добива како впечаток од медиумите и јавната дебата е тоа дека најчесто на страната на тужителите се наоѓаат луѓе кои настапуваат од позиција на моќ: политичари и други јавни личности, а на страната на тужените се помалку моќни (или немоќни) поединци. Не сме чуле за случај во кој двете страни се обични граѓани за кој правдата ќе нема многу избор, освен да биде слепа. Заклучокот што се наметнува е дека законите како овој служат за заштитување на интересот на елитите во општествата. А бидејќи членовите на елитите речиси секогаш се и јавни личности, законот всушност служи за заштита на приватниот интерес на јавни личности. Ова не се вредности што треба да ги застапуваме.

Првичната цел на обезбедувањето и уживањето на правата на слобода на изразување и слобода на печатот е да се овозможи на моќта да ѝ се зборува вистина. Но, зошто да не ѝ се зборува и хумор, карикатура, сарказам, пародија, па дури и лага? Ако македонските политичари навистина сакаат да го приближат општеството во кое живееме до епитетот „слободно“, тогаш треба да се откажат од кроење на закони што ќе ја ограничуваат слободата на изразување на сметка на нивните приватни чувства, или во најмала рака да се изземат себе си и сите други јавни лица од можноста под таквите закони да поведуваат постапка против останатата јавност.

Малку е веројатно дека ова ќе се случи. Како што сме виделе и до сега, домашните политички елити немаат идеолошки или било каков друг проблем да се здружат за да си обезбедат подобри услови. Најсликовит пример можеби се покачувањата на платите што си ги доделуваат. Колку и да ни се нејасни идеите за демократски вредности и јавен интерес, можеме да бидеме сигурни дека овие не се тие. Затоа на прашањето зошто закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета кај нас има само еден одговор: затоа што на моќта не ѝ се допаѓа што имаме да кажеме.