Рационалниот избор на политичките партии

Tags: 

Во интервју за Гласот на Америка, вицепремиерот Теута Арифи вели:

„Политичката реалност во Македонија е една реалност каде етничката фрагментација не е одбегната, ниту во реалниот живот, ниту во политичкото дејствување. (...) Имајќи го во предвид фактот дека политичките партии фактички функционираат по етничка линија и кога одат на избори, секако, даваат голем приоритет на тие прашања. (...) Јас мислам дека ние од оваа реалност во моментов не можеме да избегаме, а уште помалку би требало оваа реалност да се преправаме дека ја нема.“

и

[Поголема лојалност на Албанците кон Македонија, меѓутоа и за пофлексибилен и поотворен однос на Македонците за прашања што се од интерес за Албанците (од прашањето)] ...не може да се постигне преку избори. На избори, ќе постигнете да избирате кои политички партии ќе водат од едната и од другата страна.

Ладната рационалност на Теута Арифи може да биде одличен пример за наставата на Економскиот факултет каде се предава теоријата на рационален избор. Суштината на тероијата е дека „поединците се однесуваат како да ги одмеруваат трошоците наспроти бенефициите за да дојдат до дејство што ја максимизира нивната лична корист“. Тоа е теорија што е длабоко навлезена во доминантиот [и за Македонија] неолиберален пејсаж.

Така ако на политичките партии гледаме на „поединци“ - а всушност се и „правни лица“ кои најчесто настапуваат како едно во јавноста, што друго воопшто можеме да очекуваме од „лица“ кои што се во бизнисот на освојување на најмногу гласови на избори?

Теоријата на рационален избор нуди објаснување кое е едноставно. Тие се стремат да освојат најмногу гласови и според тоа ги одбираат опциите што ги носат најлесно до целта - а тоа во нашиот случај, како што забележува и Арифи, е етничката карта. [Се разбира слично објаснување може да се понуди и за однесувањето на поединците што играат на етничката карта за својот успех, но за сега настрана со тоа.]

Слика од: liberation.typepad.com.

Прашањето е што може да се направи за рационалниот избор на партиите да не биде етничката карта? Арифи има одговор:

Тоа што треба да го направиме е да ја следиме интегративната филозофија на Охридскиот рамковен договор, која би дала можност за поголема етничка интеграција и меѓуетничко разбирање. Сметам дека вредностите на и идеите како што се ЕУ и НАТО се големи надетнички идеи кои можат да дадат придонес на оваа кохезија.

Но, ова не е нешто што ќе го направат партиите. Нема да го направат затоа што треба да освојат гласови, а гласови сега се освојуваат по етничка линија.

Значи ова е политичко-активистичкиот предизвик за 2013 и натаму. Тоа на што мораме да се посветиме како општество е за партиите да го направиме изборот на етничката линија нерационален. Со други зборови, за нив мора да стане очигледно дека повеќе гласови на избори ќе добијат ако одиграат на не-етничка карта.

5 Comments

Извини Новица, ама постов ти

Извини Новица, ама постов ти е некако концептуално несреден.

Прво, споменуваш неолиберален пејсаж, ова она, со што, претпоставувам, сакаш да укажеш на тоа дека теоријата на рационален избор, како пристап на гледање на светот, е идеолошки блиска на неолибералниот пристап на организирањето на економијата и општеството. Е сега, како левичар, претпоставувам дека со тоа сакаш да ја критикуваш теоријата на рационален избор (која патем е многу поцинична од тоа како је претставуваш), ама во остатоткот од постот ја користиш како рамка за анализа и давање препораки???

Понатаму, викаш „... за партиите да го направиме изборот на етничката линија нерационален ..., за нив мора да стане очигледно дека повеќе гласови на избори ќе добијат ако одиграат на не-етничка карта.“ Што точно е твојот став - дека денес важи дека повеќе гласови ќе се добиеле по не-етничка линија, ама партиите не се свесни, или дека нешто треба да се направи за дојдеме во таа ситуација. Ако е второто, што точно?

Да. Несредено. Набрзина

Да. Несредено. Набрзина шкртнав застарена идеја за текст. Сеедно ќе дообјаснам.

Теоријата е блиска до нео-класичната школа во економијата што во пракса се поистоветува со неолибералниот пристап на гледање на светот. Воопшто не сакам да ја критикувам теоријата. Мислам дека твојата претпоставка дека сум левичар влијае на тоа да заклучиш дека ја критикувам теоријата.

Во врска со вториот дел суштината на текстот е дека партиите сосема рационално се однесуваат во тоа што играат на етничка карта. Бидејќи и меѓу партиите и политичарите (видно од коментарот на Арифи) има став дека етничката линија е не-баш-најдобра, но единствена можна денес, следи дека нешто треба да се направи за да се дојде во ситуација во која партиите ќе мора да направат не-етничка платформа но која нема да биде од некаква нивна желба, туку ќе биде „рационален избор“. Така што, да нешто треба да се направи за да се дојде таму. Што точно не знам. Мојата поента е само дека тоа нема да го направат партиите.

Си, си - самото користење на

Си, си - самото користење на зборот неолиберален е доволна индикација. :)

За суштината - ок, јасно.

Сум пишувал порано за ова

Сум пишувал порано за ова мислам. Нема шанси да завршиш на Економски факултет во Скопје, а да излезеш без силно верување во мантрата „приватизирај и дерелгулирај пазарот ќе се грижи за сѐ“. Така што во суштина јас сум трениран да бидам „десничар“. Најлево што се оди на факултетот е Кејнз и тоа во смисла: „ете видете како Кејнз ја утна работата.“ Е сега, ваљда тоа што сум способен и критички да си го оценам мојот брејн-вошинг може ме прави малку „лев“. :-)