идеи

Undefined

Зошто Podemos не може да се преслика во Македонија?

Tags: 

tl;dr: Македонија не е Шпанија.

И покрај желбите на луѓето, Македонија не може да има нешто налик на Podemos за 9 месеци. Еве 4 причини зошто:

1. Македонија нема протести за социјални права што траеле 2 години. Шпанската верзија на Occupy постигна многу, но највеќе го отвори просторот за поинакво политичко размислување.

Напротив, Македонија има постојано саботирање и обезмоќување на било каков протест и тоа не доаѓа само од центрите на моќ, туку и од оние кои се барем во начело незадоволни од состојбата во која се наоѓаме.

2. Македонија нема Евро-пратеници. Европскиот парламент е одлична резевна отскочна даска за политичко делување во рамките на ЕУ. Секоја држава има свои incumbent партии кои не даваат многу простор, но ЕУ парламентот е променлив пејсаж. Може да се настапува без да им се бркне директно во џебот на постојните, и таму да се гради платформа и да се создава политички капитал. И секако да се добива air-time во медиуми.

3. Македонија нема традиционална скепса кон центарот, нема независни региони што пробуваат со години наназад да смислат поинакви начини на работење или владеење.

4. Македонија нема универзитети, синдикати и медиуми. Full stop.

Градовите се една од иднините: Кратко за државите и што доаѓа по нив, по вчерашното предавање во ИОХН-С.

Tags: 

Вчера бев на „Борба со национализмот – кон политика на еманципација”, и, веројатно вообичаено за левичарски настан, се постави прашањето: што (ќе) има по државата?

Еден од можните одговори (што сум го собрал гледајќи TED видеа) е: градовите.

Повеќе од половина од целокупната светска популација живее во градовите. Тие сигурно имаат и голем удел во светскиот БДП, а кога сите градоначалници би формирале Организација на обединетите градови, нивниот сојуз би бил силен трговски блок. Прашањето „Може ли ова да се случи?“ е неодговорливо исто како што пред 400 години никој не можел да одговори дали нациите-држави ќе се случат.

Сепак, ова останува да биде солидна идеја за секој што сака да размислува за намалувањето на силата на неолибералната држава (каква што сѐ повеќе е и Македонија).

10 проблеми што ќе останат ако утре Грција ја признае Македонија под уставно име и Македонија влезе во НАТО и започне преговори со ЕУ.

Tags: 

Или, 10 идеи за активизам.

Порано можеше да го обвиниме Белград. Сега само Скопје.

Македонските елити во последните 25 години не решиле ниту еден проблем на граѓаните. Напротив, проблеми создавале.

10. Вода за пиење. Гевгелија пие вода со арсен. Скопје има азбестни цевки. Неготино има рестрикции, а Св. Николе нема вода воопшто.

9. Воздух. Скопје е прв или втор најзагаден град во Европа. Битола под РЕК исто се гуши.

8. Ѓубре. Тетово, полошка депонија.

7. Греење. Скопје е единствен град со централно греење. Половина исклучен.

6. Превоз. Нема железница, нема добра патна мрежа, нема трамвај или слично во главниот град.

5. Секаде има невработеност и сиромаштија.

4. Генерациски јаз. 200 или 500 илјади помалку луѓе во земјата, најголем дел млади високообразовани.

3. Недоверба меѓу Македонци и Албанци. Да не ги набројувам другите мнозинско-малцински проблеми.

2. Корупција. Не можеш да напишеш „корупција“ без да напишеш „и ја“.

1. Тапа фудбалска репрезентација.

Македонската приказна е националистичка

Tags: 

Има еден интересен цитат бапнат на македонски на англиската верзија на статијата за „Крушевската република“. Цитатот е на Блаже Ристовски, од книга издадена во 2001 година:

“Беше наполно прав и Мисирков во своjата фундаментална критика за Востанието и неговите раководители. Неговите укажуваньа се покажаа наполно точни во послешната практика. На пр., во ослободеното Крушево се формира градска управа составена од “Бугари”, Власи и Гркомани, па во зачуваните писмени акти не фигурираат токму Македонци(!)…” Блаже Ристовски, “Столетиjа на македонската свест”, Скопjе, Култура, 2001, стр. 458.

Ристовски, очигледно како и Мисирков пред него, констатира дека токму национализмот (Македонија на Македонците) недостасува во илинденско Крушево. Ова е првиот краток (10 дневен) период кога е очигледно дека револуционерите не биле националисти, или ако биле, тоа било во втор план.

Вториот краток период е 1941 (или 1943 зависи како броите) до 1944 или 1948 (исто така зависи како броите) — т.е. периодот на НОБ (секако НОБ е оној период кога комунистите се справуваат со окупаторот, но и со националистите, види граѓанска војна итн.) до формирањето на Македонската република во СФРЈ (ФНРЈ) или до спорот СССР-СФРЈ — т.е. замерката на Сталин дека Тито се свртел кон национализам.

Дека не е само „замерка“ секако зборува тоа што во многубројни документи / истражувања стои дека една од клучни компоненти на Титовата Југославија е фаворизирањето на малите (новите) национализми (Македонија, БиХ и Црна Гора) наспроти големите (старите) — Србија, Хрватска, Словенија. Секако не било тоа строг рез од антифашистичкиот НОБ кон Македонија на Македонците, но битките се добивале постепено: 1952 со Лигата на комунисти, 1974 со новиот устав… воглавно победувале националистите, како и што победија во 1991 формирајќи конечно Република Македонија на Македонците. (Одличен текст на овие теми е секако овој на Јовиќ што го имам линкано безброј пати.)

Сега, како што добро се сеќавате, тој проект воглавно е / беше неуспешен затоа што воглавно не им се допаѓаше на Албанците (исто така добро објаснето во горниот текст). Така ексклузивната држава доби нова форма, но сеедно, национализмот е преовладувачка тема и сега, иако е (како да речам на македонски ?) — компартментализиран.

Сето ова ги прави малку смешни спомениците од Илинден и тие од НОБ (иако нив ги има помалку), затоа што тие споменици сакаме/сакаат да бидат интерпретирани во таа националистичка приказна. Правни смешни и многу други работи, но ајде да не должиме.

Втората опција е секако Блаже Ристовски да не знае(л) што пишува и овој текст веќе од првата реченица да нема смисла. Што знам, вие одлучете.

Некои идеи за активизмот што нема да ги примениме: Пост-11 октомври мамурлак

Tags: 

Приказната оди отприлика вака.

Кога граѓанското движење за човекови права на афро-американците било соочено со постојан притисок од страна на белите власти во САД, тие решиле да прават сѐ по закон и се подредиле во сликата за тоа што во тоа време се сметало дека е слика на добар и чесен граѓанин: облекле одела, протестирале мирно, оделе наместо да трчаат и ред такви работи што ги направиле нивните битки да изгледаат нормално во очите на белците. (Не можам да понудам URL за ова бидејќи го слушав на предавање.)

Тоа што тие го покажале со ова однесување всушност е масивна координирана акција на отпор која што секогаш не им била удобна или по ќеиф: на пример кога морале да одат по жешкиот асфалт облечени во одело и кравата — колку да именувам еден банален, но секако значаен дел од сета таа иконографија.

Зошто овој историски пример?

Секојдневно добиваме извештаи (или пишуваме извештаи) дека во Македонија има селективна примена на правото и дека тоа е токму одлика на систем кој што не е демократски. Селективната примена на правото значи дека сте во милост на власта. Денес правите прекршок и тој гледа на друга страна и поминувате неказнето. Утре не е така, или не е така за некој друг. Која е тогаш најдобрата шанса да се пружи отпор?

Мојата хипотеза е дека најдобриот метод е постојано и целосно почитување на законите, и тоа тие што токму се користат за регулирање на хедонизмот, така што тоа ќе делува парализирачки за повеќе стејкхолдери. На пример, кога правите активистички собир (како тој вчера во парк за 11 Октомври) не точите алкохол, затоа што така не сте во милост на полицијата што може да ве казни за пиење алкохол на јавно место. Но, поважно и покомплицирано, си одите од сите кафулиња уште во 23.45, кога законот вели дека се работи до 00.00, иако знаете дека веројатно повеќето имаат дил со полицијата и други да останат отворени до подоцна. Така ќе влијаете на нивниот финансиски ефект. А нив тоа најмногу ги боли (една поента е дека борбата против Мубарак баш добила на залет кога туристичката индустрија почнала да губи пари). Оваква акција очигледно ќе треба да биде координирана и секако меѓу другото ќе постави прашање што сѐ се способни да направат овие координирани луѓе?

Потоа тука се напрегањата на институциите што на пример доцнат со некаков одговор на некое прашање. Замислете многу граѓани да напунат некое одделение со барања за нешто. Но, да обезбедат физичко присуство. Како голема колона што чека на пример на мост? Ова се силни симболични пораки, но и практични методи за кревање на свесност. (И да, направени се и другде.) Законот за сообраќај со високите казни? Замисли илјадцни луѓе на двете страни на раскрсницата кај Влада, Рекорд, Суд и сл. да чекаат зелено.

Пет филмови што може да ги гледате пред следниот линч

Tags: 

Јас ќе го гледам „Do The Right Thing“. Тој е шестти.

1. To Kill A Mockingbird

Одлично филмување на уште подобрата книга на Харпер Ли, но уметнички дострели не е тоа што бараме сега. Филмот слика дел од животот на еден црнец до неговата смрт во јужна САД, откако белецот со кој што никој не сака да се замери го обвинува дека ја силувал ќерка му. Ако сте адвокат можеби ќе сакате да го погледате Грегори Пек како го создава „role model“-от за американскиот адвокат. Ако не, можете да видите што би требало да сторите за да се осигурате дека обвинетиот ќе го јаде.

2. 12 Angry Men (или ТВ)

Уште едно книжевно дело претворено во филм. Дванаесет бели поротници што не сакаат да бидат таму мора да одлучат дали младото црнче навистина е виновно како што тврди белиот обвинител во белата судница. Кој да застане на страна на детето? На тема „role model“ уште еднаш главниот лик ни покажува како треба да се однесува еден поротник. Но, не берете гајле, македонскиот правосуден систем нема порота.

3. Amos and Andrew

„Ако видиш црнец со музички систем во рака, тогаш знаеш што прави тој — краде.“ Смешниот тон на филмот нема да ве спречи да ја видите лажната толеранција и широкогледост на средната класа, а посекако нема да ве спречи да видите како да ја запалите куќата на комшијата. Ако баш мора да гледате еден филм со Николас Кејџ, тогаш тоа нека биде овој.

4. A Bronx Tale

Момче се сретнува со девојче, момче се заљубува во девојче, момче вели дека братот на девојчето е глуп црнец и… знаете дека тоа е филм за вас затоа што ги имате црнците што минуваат низ белечкото маало, и таму ги пречекува маалската екипа и ги крши од ќотек. Се фрлаат молотови коктели, се кршат дуќани, неколку вжештени глави умираат.

„Nobody cares“ — нели Сони?

5. District 9

Но чекајте, зошто воопшто да ви поминуваат низ маало? Додека се спремате за следниот линч видете како ефективно да се изгради ограда. Малку војска, малку полиција, малку пара-восјка-полиција… што има врска. Осигурајте се дека ќе останат сиромашни, без ресурси. Се разбира, бизнисмените ќе сакаат да помогнат во тоа.

За надзорот како еколошки проблем и кратко за економските алатки за решенија во екологијата

Tags: 

Ќе користи ли некој gmail ако за него треба да плати данок?

Минатата година Ебен Моглен одржа серија предавања за откритијата на Едвард Сноуден и последиците што тие ги предизвикуваа(т).

Една од клучните поенти во овие предавања е во третиот дел каде Моглен почнува да зборува за приватноста и нејзината загуба како еколошки проблем:

I would ask you also—in thinking analytically about this substance “privacy” whose continuation I am asserting is essential to democracy’s survival—I would urge you also to consider that privacy is an ecological rather than a transactional substance. This is a crucial distinction from what you are taught to believe by the people whose job it is to earn off you.

The reason that we have to think about privacy the way we think about the other ecological crises created by industrial overreaching is that it is one. It’s that we can’t avoid thinking about it that way, no matter how much other people may try to categorize it wrongly for us.

Од економска гледна точка на еколошките проблеми се гледа со помош на т.н. екстерни ефекти. Екстерен ефект во оваа смила е било која корисност или трошок која што ја добива / трпи некоја страна која тоа немала намера да го прави. Екстерните ефекти можат да бидат позитивни или негативни. Но генерално кога зборуваме за екстерни ефекти, најчесто мислиме на негативните. Загадувањето на воздухот е очигледен пример.

Негативните екстерни ефекти во смисла на кризата со надзорот на интернет се тоа дека дури и да не користите електронска пошта од на пр. gmail сепак праќате пораки до некој што користи и со тоа ја изложувате вашата комуникација на надзор. Во суштина, колку и да изгледа контраинтуитивно, еколошката криза ја создаваат корисниците на сервисите како gmail (и самиот gmail се разбира) бидејќи ве изложуваат на трошоци (ерозија на приватноста) што вие не сте ги посакувале (очигледно — бидејќи ете си користите сопствен сервер за електронска пошта). Слично како кога возите точак и ги дишете издувните гасови на автомобилите што ги возат вашите комшии, пријатели и сограѓани, кога сурфате ги трпите негативните ефекти од мрежата во која учествувате.

Економијата се обидува да се справи со овие проблеми (на загадувањето) прекуалатки како што е „принципот загадувачот плаќа“. Поентата на ова е дека страната што е одговорна за загадувањето треба да ги сноси сите трошоци, вклучувајќи ги и оние кои се екстерни — т.е. влијаат на пошироката средина.

Оттука, ако го растегнеме принципот до ИКТ средината, државата, како на пример Бразил, може да го регулира надзорот од страна на странските агенции над своите граѓани со тоа што ќе го примени принципот загадувачот плаќа на оние граѓани што користат сервис за електронска пошта за кој се знае дека до него простип има НСА. Во основа ова би бил даночен товар за тие корисници. Приходите од тоа понатаму би можеле да одат за подобрување на домашната ИКТ инфраструктура.

Дигиталниот надзор и писателот

Tags: 

Да се зборува денес, во 2013 година, за дигиталната слобода е речиси исто толку иронично колку и фотографијата од плоштадот „Џорџ Орвел“ во Барселона каде што на знакот кој што го носи неговото име стојат монтирани неколку камери за надзор.

Денес сум овде да зборувам за надозорот, но вие веќе знаете сѐ за тоа. Всушност знаете толку многу што мислите дека тоа не ве засега бидејќи немате што да скриете. Сепак, ниту еден од вас нема да ми ја даде нејзината или неговата лозинка од Фејсбук. Исто така ниту еден нема да сака да се откаже од удобноста што ја има со тековната употреба на технологии.

Затоа да зборуваме за секс. Колкумина овде користат кондом?

Во 1980-тите кога СИДА била сѐ уште нова болест постоеле различни верувања како таа се шири. Всушност, незнаењето се користело да се жигосуваат некои групи на луѓе. Знаете - „педерите“ и „наркоманите“. 30 години подоцна и сѐ уште на некои места, дури и кај нас, се користи ова жигосување и покрај сите научни откритија за тоа како болеста се шири. 30 години подоцна и сѐ уште не можеме да ги убедиме сите луѓе да користат кондоми.

Приказната со надзорот наликува на оваа. Денес центрите за моќ сакаат да нѐ убедат дека предмет на надзор се терористите и криминалците и во овие групи ги туркаат хакерите и активистите. Но, благодарение на откритијата на Едвард Сноуден и Гардијан, денес ние знаеме дека тоа не е така. Вие сте предмет на надзор. Јас сум предмет на надзор. Сите што користиме било каков дигитален уред сме предмет на надзор. Ова не е убава слика, но таа ги вклучува и писателите.

Ако внимателно ја слушавте Адријана, тогаш се сеќавате на цитатот од Вирџинија Вулф – дека на секоја жена писател ѝ е потребна сопствена соба со клуч. Не можам да знам како им било на жените писатели на почетокот на 20-тиот век, но сопствената соба со клуч ја замислувам како алатка за обезбедување приватност во работата – во читањето и пишувањето. Приватност од надзорот на машкиот поглед за да може да се твори во слобода.

Сите ние кои денес пишуваме на нашите компјутери, кои ја имаме библиотеката на нашите електронски читачи имаме дигитална работна соба. Но таа соба најчесто најмалку може да се опише како „сопствена соба со клуч“. Но, таа соба е на дофат. Потребно е само да почнете да користите слободен софтвер и енкрпиција. Знам дека ова се технички поими кои не можам да ги објаснам во краткото време што го имам, но подоцна можам да ви одговорам на сите прашања што ги имате.

Ми се допадна тоа што Живко го зборуваше за ангажираното и уметничкото пишување. Сите писатели не се исти. Сепак, таа дистинкција на содржината не е толку важна, бидејќи сите писатели сакаат да творат во слобода, а отпорот против надзорот може да се пружи со чинот и процесот на пишување, со пишувачката активност макар и нејзин производ да се нежни љубовни стихови.

Мислам дека творењето мора да биде во слобода и не верувам дека има некој што не се согласува со ова. Надзорот му прави на умот, тоа што сидата му прави на телото. Ако сепак не сакате да се откажете од удобноста на технологиите што ги користите тогаш можеби ќе беше подобро овој настан да се вика „Дигиталниот надзор и писателот“.

Првично објавено на http://diversity.org.mk

Сонот за ЕУ: Кратко за идеја од американската Dream 9 организација

Tags: 

Минатава недела читав некои текстови и налетав на организација што се вика Dream 9. Организацијата е од САД и е место каде што се организираат млади имигранти во САД кои се донесени таму без своја воља, како деца, но кои сега мора да се соочуваат со проблемите на немање документи и слично:

Consider the DREAM activists, who are seeking a path to citizenship for the millions of undocumented young people brought to the US by their parents when they were children. Many DREAMers didn’t realize they were undocumented until they applied to college and discovered they would need to pay unaffordable out of state tuition. DREAMers have become a rallying point for immigrant rights in the US because they didn’t choose to immigrate to the US, and because they’ve been assimilated by being educated in American high schools.

извор: http://dmlcentral.net/blog/ethan-zuckerman/new-media-new-civics-bellweth...

Пробајте да ја пренесете оваа ситуација дома. Многу генерации деца се донесени во Македонија, во оваа ситуација на сиромаштија, кршење на човекови права, безработица, дискриминација… без своја воља. Нашите родители се одговорни за тоа. Вистина некои се со поголема, а некои со помала одговорност — но тоа и не е некоја утеха.

Но, зошто да не побараме од ЕУ да нѐ прими нас?

СОНеу организацијата на младите од Македонија кои немаат ништо со срањето во кое се доведени.

Белешки за носење од „Мала школа за антифашизмот – медиумите и отпорот“

Tags: 

Гостување на Борис Буден за мене секогаш е интересно, па така и овој пат појдов во „Мала станица“ да видам и чујам што има. Овој пат темата беше „нови форми на фашизам“ или „препознавање на фашизмот денес“.

Мојот впечаток од тоа што како воведничар го зборуваше Буден е дека погрешно е да зборуваме дека фашизам наеднаш се појавил. Тој долго зборуваше за линии на континуитет и ми се чини дека токму ова го утнаа домашните говорници и дел од публиката кога настапија со својата позиција на чудење дека нам, овде во Македонија, фашизам наеднаш почнал да ни се случува по 2006 година. Друг впечаток е тоа што ми се чини дека економските прашања ќе остане неотворени ако за тоа не се погрижеше другиот гостин од Хрватска — Томислав Медак. (Се разбира имам резерва дека не сум разбрал сѐ што се зборувало, па молам и за коментари.)

Но, еве, два-три збора повеќе за она што го разбрав: подоцнешната дебата за Скопје 2014. Прво, тука беше амнезијата за потеклото на плановите. Јавна тајна е дека дел од тие планови се правени за време на владеењето на СДСМ, т.е. пред 2006. Чудењето „како ова ни се случи“ речиси ја дополнува таа амнестија и секако ги игнорира линиите на континуитет. Второ, тука беше (постојано) наивното верување дека естетиката и архитектурата се најважни. На пример, коментарот: „каде се хард-кор националистите да се бунат за некои не националистички аспекти на проектот“ комплетно го игнорира факторот пари — т.е. дека и хард-кор националистите имаат цена и можеби нивната е неколку тендери или неколку парцели градежно земјиште што ќе им дозволат мирно да спијат покрај ненационалистичкиот споменик.

Трето инсистирањето на тоа дека „општина Центар е значајна победа во борбата против режимот — затоа што таму каде што најмногу се вложило, таму изгубија“ зрачи со ароганција типична на дебатата Скопје-провинција, но и на реалната игнорантност за тоа што се случува во другите делови на нашата не така голема Македонија. Сосема е можно на други места да се доволни две-три сијалици, или чешма и резервоар за вода, или нови прозорци во школото, или само шљунак на патот за да се добие слика за успешна Влада. Но во Центар, каде што живее најголем дел од естаблишментот на земјата, поранешните партизани, сите станови во градски ѕид кои им припаѓаат на луѓето на позиции од претходната држава и куќите на Водно и што уште не, за да се добие тој успех потребно е повеќе — очигледно не се доволно 400 милиони евра на 2 квадратни километри. Но, ова не е успех на отпорот против владењето што токму таму најмногу се потретира како фашистичко, ниту пак е неуспех на владата. Зошто би бил било што кога е тоа само мало делче. Како приказните (на пример) за гордата и независна Црна Гора во Отоманско време — тоа баш ја прави империјата неуспешна, нели?

Што уште? Не ми се верува дека сѐ уште има луѓе што можат да кажат дека СДСМ е левица и притоа да бида озбилни. Ајде да не коментирам повеќе за тоа.

И конечно, кукањето дека „ние тука немаме никакви ресурси“. Ебате, настанот е поповод 20 годишина од Хрватско анти-воено списание од време на војната. Зар тие тогаш имале повеќе ресурси? Мислам дури и да не се повикам на едноставниот „еј па имате интернет“ аргумент, очигледно е дека ова е полошо од жалење. Печатењето на хартија денес е поефтино од пред 20 години, компјутерите за ДТП се поефтини, дистрибуцијата (веројатно) е поефтина. Дали ќе биде тешко? Веројатно, но сигурно не потешко од факинг Загреб во 1993.

Pages