Submitted by Новица on
Tags:
Приказната оди отприлика вака.
Кога граѓанското движење за човекови права на афро-американците било соочено со постојан притисок од страна на белите власти во САД, тие решиле да прават сѐ по закон и се подредиле во сликата за тоа што во тоа време се сметало дека е слика на добар и чесен граѓанин: облекле одела, протестирале мирно, оделе наместо да трчаат и ред такви работи што ги направиле нивните битки да изгледаат нормално во очите на белците. (Не можам да понудам URL за ова бидејќи го слушав на предавање.)
Тоа што тие го покажале со ова однесување всушност е масивна координирана акција на отпор која што секогаш не им била удобна или по ќеиф: на пример кога морале да одат по жешкиот асфалт облечени во одело и кравата — колку да именувам еден банален, но секако значаен дел од сета таа иконографија.
Зошто овој историски пример?
Секојдневно добиваме извештаи (или пишуваме извештаи) дека во Македонија има селективна примена на правото и дека тоа е токму одлика на систем кој што не е демократски. Селективната примена на правото значи дека сте во милост на власта. Денес правите прекршок и тој гледа на друга страна и поминувате неказнето. Утре не е така, или не е така за некој друг. Која е тогаш најдобрата шанса да се пружи отпор?
Мојата хипотеза е дека најдобриот метод е постојано и целосно почитување на законите, и тоа тие што токму се користат за регулирање на хедонизмот, така што тоа ќе делува парализирачки за повеќе стејкхолдери. На пример, кога правите активистички собир (како тој вчера во парк за 11 Октомври) не точите алкохол, затоа што така не сте во милост на полицијата што може да ве казни за пиење алкохол на јавно место. Но, поважно и покомплицирано, си одите од сите кафулиња уште во 23.45, кога законот вели дека се работи до 00.00, иако знаете дека веројатно повеќето имаат дил со полицијата и други да останат отворени до подоцна. Така ќе влијаете на нивниот финансиски ефект. А нив тоа најмногу ги боли (една поента е дека борбата против Мубарак баш добила на залет кога туристичката индустрија почнала да губи пари). Оваква акција очигледно ќе треба да биде координирана и секако меѓу другото ќе постави прашање што сѐ се способни да направат овие координирани луѓе?
Потоа тука се напрегањата на институциите што на пример доцнат со некаков одговор на некое прашање. Замислете многу граѓани да напунат некое одделение со барања за нешто. Но, да обезбедат физичко присуство. Како голема колона што чека на пример на мост? Ова се силни симболични пораки, но и практични методи за кревање на свесност. (И да, направени се и другде.) Законот за сообраќај со високите казни? Замисли илјадцни луѓе на двете страни на раскрсницата кај Влада, Рекорд, Суд и сл. да чекаат зелено.