идеи

Undefined

Википедија како филтер

Tags: 

Вчера (24.02.2011) бев на промоцијата на истражувањето за говор на омраза во бугарските и македонските медиуми.

Како вообичаено,новите медиуми (блогови, Facebook) биле дел истражувањето. Дел од пристутните поставија прашања во врска со вклучувањето на овие во анализата, а посебно во однос на тоа што изборот на важноста наспроти се поголемата распространетост на истите може да биде проблематичен.

Моите 2 центи во врска со ова се за Википедија.

Фејлмерските и уредувачките војни и говорот на омраза (и/или нетрпеливост) се честа слика на страниците за разговор на Википедија. Сепак, статиите што ги читаат обичните сурфери на интернет (најчесто) се (или барем треба да бидат - според бирократијата на Википедија) прочистени од ваквите „испади“.

Типичен пример за ова се статиите на Википедија на англиски за теми како што е „прашањето за името“. Википедија (како енциклопедија), т.е. нејзините уредници, не зазема(ат) став во врска со ова, туку следејќи ја својата врвна политика за Неутрална гледна точка, во статијата што му е достапна на читателот ги пишува двете гледишта: македонското и грчкото. Ова е случај и со (многу) други статии на Википедија на англиски, кои за локалната публика можеби не се од горливо значење, на пример, статијата за „интелектуална сопственост“, каде покрај објаснувањата за тоа што е овој концепт, јасно се прикажани спротиставените мислења од, условно речено, малцинската група на академици и/или активисти.

Сега, интересно би било да се истражи до која мера бугарските и македонските уредувачи на соодветните јазични изданија на Википедија се придржуваат до Неутралната гледна точка и имаат доволно доблест или храброст, во рамките на изданието каде придонесуваат, да ги прикажат двете, (некаде најмалку двете) гледишта во врска со опеделени прашања кои што најчесто се извор на проблеми (историја, јазик и слично).

Википедија на македонски, каде што понекогаш придонесувам, си го има својот дел на уредувачки војни и навреди на лична основа, а претпоставувам дека тоа е така и Википедија на бугарски, иако не можам да кажам за сигурно бидејќи никогаш не сум ја посетил.

Во врска со ова, и моето чувство дека Википедија на македонски во последно време станува Македонска Википедија.

Без историја #2

Tags: 

Можеби spoiler warning за тие што сакаат да ја читаат.

Симболично или не Zero History завршува на страница 404.

Кориците се темно сини - можеби во International Klein Blue, бојата што не може прецизно да се претстави на компјутерските екрани и затоа могулот Бигенд ја одбира за костумот што најчесто го носи.

Чудно чувство преовладува во завршницата на книгата. Некаде 3/4 во неа ми се чини како Гибсон да се откажува ритамот што книгата го има во себе. Подзаплетот излегува како главна тема, откако сите главни ликови ќе се сложат дека проектот на кој што работат да го разоткријат содржи премногу добрина за да биде заебан, а Хубертус ќе се откаже бидејќи е - сам. Крајот е трилерски холивудски расплет, со една разлика - нема оставено никаква можност дека планот нема да успее, дека лошите нема да паднат лесно, дека добрите ќе победат откако ќе јадат ќотек.

Сепак, книгата останува критика на пазарот и маркетингот, воглавно преку истражување и анализирање на модната индустрија. Незадоволството од тоа како пазарот функционира, желбата да се избегне рецесијата, критиката на финансиската криза играат голема улога во однесувањето на сите ликови.

Како што приказната се затвора со истите ликови од претходните два дела, вклучувајќи ја и мене омилената Кејс Полард, се прашувам дали поинаков крај би бил можен ако Исланд не пропаднеше онака како што пропадна.

Додека останатите ликови ја наоѓаат својата среќа и иднина во љубовта и семејството, Бигенд станува bigger than life, така што го совладува богот на денешницата - пазарот. Сега новиот сопственик на Исланд конечно може да прави со светот она што до сега можеше да го прави само со луѓето.

Не, ова не е завршница во стилот на Џејмс Бонд.

Претходно за „Без историја“: http://novica.softver.org.mk/node/578

Неколку белешки за „Ти не си тракатанец“ - новата книга на Џарон Ланиер

Tags: 

Гласовите против неколку години старата фејсбукијација на интернетот се ретки и тешко се пробиваат во јавноста. Можеби најгласен критичар на новиот веб2.0 свет е Ендру Кин. Неговите ставови се на линијата дека веб2.0 значи сѐ повеќе и повеќе персонализирани (оличнети?) медуми. Како такви, тие се антиестаблишмент, егалитарни, партиципативни и играат голема улога во фрагментизирањето на општеството на националните држави.

Не сум ја читал неговата книга, но главните поенти можат да се заклучат од неколку документарци и интервјуа што се лесно достапни на интернет. Можеби најинтересна е неговата дебата со Вајнбергер.

Уште една критика на фејсбукијација доаѓа и од Ебен Моглен, иако од сосема друга перспектива - оваа за слободата во облакот.

Најновиот, барем за мене, критичар е Џарон Ланиер. Ланиер е еден од пионерите на интернет времето кој јас го запознав преку пишувањата за виртуелна реалност што пред десетина и повеќе години беа печатени во Маргина. Во својата најнова книга „You are not a gadget“ тој пишува за тоа што не чини со веб2.0 и што може да се преземе.

Книгата започнува, уште на насловната страница, прилично храбро и прецизно: „Мора прво да бидеш некој пред да се споделиш себе си.“ Тоа е тема што се провлекува низ книгата, иако текстот често е испосецкан и без многу континуитет. Ова е комплетно спротивен став од оној на Кин. Ланиер смета дека фејсбук и другите сервиси водат до обезличување на луѓето, правејќи од нив машински читливи апстракции на личноста и нејзините општествени врски.

Ланиер силно ги крикува и Википедија и Линукс затоа што смета дека повторното созавање на веќе постоечки дела и системи е беспотребно потрошено време. Ако во осумдесетите, вели тој, најавев дека во 2010 ќе имаме уште еден UNIX и уште една енциклопедија на интернет, веројатно сите ќе ми се смееја. Тоа за него е безуспешна употреба на големиот потенцијај на технологијата. Википедија уште повеќе затоа што статиите немаат еден автор, затоа што технологијата е таква што ја промовира толпата, а тоа што толпата го мисли и пишува не мора секогаш да биде вистина.

Тој потсетува на моделот на Apple за дизајнирање на уреди како iPhone што, според него, го менуваат дигиталниот пејсаж и таквиот затворен модел е тој што Ланиер мисли дека е начин на кој што треба да се прават работите.

Книгата има некои интересни примери, но целиот текст е исполнет со тон на разочарување. Ланиер бил еден од луѓето што меѓу првите експериментирале со интернет, компјутери и виртуелна реалност, и видливо е незадоволството од тоа како некои делови од технологијата се развиле (или не се развиле). Тој смета дека многу, премногу талентирани луѓе се загавени во модел / идеја за тоа како треба да изгледа софтверот што е стара 40 години. Тој повикува на радикална креативност.

Во секој случај, станува збор за интересно четиво, иако можеби поставува повеќе прашања, одошто што дава одговори. Конечната поента на Ланиер е дека единствено луѓето се важни и технологијата треба да им служи ним, а не тие нејзе.

Некои идеи за нас по последните случувања со судот

Tags: 

Во јавноста има(в)ме долга дебата за тоа дали со кампањата „Избери живот“, Владата на РМ подготвува и забрана на абортусот. Истовремено, последното истражување за ставовите во македонското општество укажува на голем број конзервативни убедувања.

Моето мислење е дека случајот со спонтаниот абортус на жената во притвор може, многу лесно, да биде последното парче во сложувалката за укинување на ова право на жените.

Денешниот (4.2.2011 г.) дневен печат е полн со новинарски текстови и колумни за случајот. На многу место преовладува мислењето за убиство, за изгубен живот и слично. Ако овие ставови, кои мошне интересно доаѓаат и социјалдемократскиот камп, станат уште подоминантни во јавноста, уште поприфатливи во вредносниот систем на граѓаните, тогаш зошто да не се забрани абортусот? Како ќе го одбраниеме ова право?

Да не излезам погрешно разбран, тоа што се случило со жената е трагично. Ми се чини дека чувство на тегобност преовладува кај многу луѓе кои изминативе два дена ги сретнав натаму-наваму низ градот. Но, мислам дека мораме да ги поделиме работите за тоа како се чувствуваме во врска со овој случај да не биде пресудно во гледањето на другите поврзани прашања и можеби одлучувањето за нив.

Затоа мислам дека е многу важно случајов да се (раз)гледа(ува) како неуспех на правниот систем и институциите на државата и во таа насока да се бара одговорноста, а не тоа да се презентира како убиство спонзорирано од државата.

Ова е јасна линија на разлика што мора да ја бараме, а ако ја нема, тогаш да ја создадеме.

Говорот и настапот на опозицијата по ништо не се разликува од оној на позицијата. Последниов случај уште еднаш го потврди тоа. Политичарите и медиумите повторно сакаат да ја замачкаат работата, но на ова мора (кои ние?) да се спротиставиме.

Јасно ми е дека сите (ќе) сакаат да собираат бодови и играта е таква што ние мораме да ги доделуваме бодовите. Но, ако ова е едно од оние времиња на пресврт, тогаш она што се надевам дека може да го направиме е да ги повишиме критериумите според кои ги даваме бодовите.

Отворен повик за хакери

Tags: 

Хакерската заедница направи многу, но предизвиците се сѐ поголеми. Потребно е поголемо и пошироко ангажирање.

Ова се зборовите што би ги искористил ако морам да го парафразирам Роп Гронгеп - хакер-ветеран, еден од основачите на легендарниот XS4ALL - во еден твит, а како сиже на неговиот говор на отворањето на овогодинешниот, дваесет и седми по ред, Chaos Communication Congress. Се разбира, ваква реченица до буква нема да најдете во текстот на говорот, но барем јас така го разбрав.

Има одредена почит кога ќе кажете „хакер“ во Холандија и Германија на ваквите големи конференции. Зборот го нема она медиумско-сензационалистичко значење, какво што сме навикнати да го читаме или слушаме дома. Ова се луѓе кои се добри со компјутери, но ова се исто така луѓе кои значајно придонеле во многу аспекти во средината каде што живеат и работат: слободата на говорот или печатот, приватноста, правата на корисниците на интернет, во физичкиот свет кој сѐ повеќе е изложен на дигиталните технологии и така натаму - од што корист имале цели градови, држави, општества.

Ракета

Нема подобро објаснување на хакирањето од „игриво проучување на системи што другите луѓе ги земаат здраво за готово“, а под „системи“ не се подразбираат само компјутерските системи. Последен пример за ова се серијата предавања на теми општество, култура и заедница што се одржаа на 27c3.

Но, овој текст не е за странските хакери.

Дигиталниот пејсаж на дешеницата ќе биде (веќе е?) исполнет со државни решенија што ги водат, чуваат и архивираат нашите лични и трансакциски податоци, како и историјата на предметите, споровите и услугите кои сме ги побарале или добиле и компании кои прибираат податоци од нашето секојдневно сурфање, кои ги продаваат, разменуваат, користат за да испорачаат подобрено потрошувачко искуство. Ова ги засега сите. Како што вели Брус Стерлинг во Wired, пред речиси 5 години: „Можеби не сте заинтересирани за војната за дигитални права, но тоа не значи дека го имате луксузот да бидете на страна, бидејќи другата страна е мошне, мошне заинтересирана за вас.“

Останува да видиме колкумина од нас ќе се зафатат со проучување на овие системи и нивно менување така што тие ќе станат поблиски на вреднсотите за слободата, транспарентноста, отвореноста. Во Скопје веќе имаме хаклаб каде што чат-пат проучуваме по нешто, но „ние“ можеме да се изброиме на прсти. Тоа што можеби сме незапознаени со постоењето на други луѓе или групи не значи дека нив ги нема, иако тешко е да се задржи оптимизмот по едногодишното постоење на КИКА.

Предавањата на конференциите како 27c3 одеднаш и на широко отвараат премногу прашања веројатно за сите што не се во центарот во случувањата. Во следните денови, а можеби, со малку среќа, и сѐ до 28c3 ќе се обидеме да пренесеме доволно од тие искуства дома.

Придружете се.

Во Берлин, 3.1.2011

Благодарност до @gdamjan и @igor_stama за коментари и забелешки.

(Прв пат објавено на: http://it.com.mk/otvoren-povik-za-hakeri/)

Милијардата на дното

Tags: 

Со Илина Јакимовска се запознавме на TEDxSkopje.

Па така низ муабет излезе оваа мала соработка за претставување на книга на Bookbox.

Во продолжение, моите забелешки за „Милијардата на дното“, скратени и стегнати. :-)

За „Милијардата на дното“, гостинот-уредник и козата на комшијата (овде имаше link што води до on.net, но се чини дека уредниците на on.net и потоа off.net го тргнале документот).

Медиумите во земјата на (ИТ) чудата... и повеќе

Tags: 

Денес низ ИТ.мк светот одекна списокот на Глобус за највлијателните личности во ИТ секторот во Македонија. Имаше некои контроверзи во врска со текстот, но не сакам да пишувам сега за тоа. Сепак тоа што вреди да се спомне е дека ова не е прв текст на хм... „старите“ медиуми што го привлекува вниманието на „младината“. Слично беше и со Македонски програми ќе oткриваат грешки во мобилните? Или можеби не! и не, нема пишувам и за прашањата за авторски права и правилата на медиумите.

Туку, за нешто многу поедноставно и поважно. Ако на еден македонски новинар не може да му се верува дека информација што е лесно достапна на интернет, пронајдлива со Google и на друг начин проверлива (а тоа се овие информации како: кој е производител на Ubuntu, или што е функцијата на www.popravi.mk) ќе ја пренесе онака како што треба, тогаш што правиме со другите информации?

Мислам, на крајот на краиштата, и не е посебно важно за јавноста дали навистина, навистина ќе бараме грешки во работата на мобилните, иако ние ќе ја уловиме таа грешка. Но, што правиме со тоа кога еден медиум кој сака да се презентира како медиум со кредибилитет по овакви глупирања ќе напише статија за лекови или храна? Ја следи ли некој работата во овие теми? Има ли блог или што и да е што ќе напише кога утре-задутре весникот ќе излезе од печат со, на пример, некој нонсенс за млекото за бебиња?

Кога ја гледам непрофесионалноста во ИТ текстовите, се плашам за другото.

Pages