Македонската приказна е националистичка

Tags: 

Има еден интересен цитат бапнат на македонски на англиската верзија на статијата за „Крушевската република“. Цитатот е на Блаже Ристовски, од книга издадена во 2001 година:

“Беше наполно прав и Мисирков во своjата фундаментална критика за Востанието и неговите раководители. Неговите укажуваньа се покажаа наполно точни во послешната практика. На пр., во ослободеното Крушево се формира градска управа составена од “Бугари”, Власи и Гркомани, па во зачуваните писмени акти не фигурираат токму Македонци(!)…” Блаже Ристовски, “Столетиjа на македонската свест”, Скопjе, Култура, 2001, стр. 458.

Ристовски, очигледно како и Мисирков пред него, констатира дека токму национализмот (Македонија на Македонците) недостасува во илинденско Крушево. Ова е првиот краток (10 дневен) период кога е очигледно дека револуционерите не биле националисти, или ако биле, тоа било во втор план.

Вториот краток период е 1941 (или 1943 зависи како броите) до 1944 или 1948 (исто така зависи како броите) — т.е. периодот на НОБ (секако НОБ е оној период кога комунистите се справуваат со окупаторот, но и со националистите, види граѓанска војна итн.) до формирањето на Македонската република во СФРЈ (ФНРЈ) или до спорот СССР-СФРЈ — т.е. замерката на Сталин дека Тито се свртел кон национализам.

Дека не е само „замерка“ секако зборува тоа што во многубројни документи / истражувања стои дека една од клучни компоненти на Титовата Југославија е фаворизирањето на малите (новите) национализми (Македонија, БиХ и Црна Гора) наспроти големите (старите) — Србија, Хрватска, Словенија. Секако не било тоа строг рез од антифашистичкиот НОБ кон Македонија на Македонците, но битките се добивале постепено: 1952 со Лигата на комунисти, 1974 со новиот устав… воглавно победувале националистите, како и што победија во 1991 формирајќи конечно Република Македонија на Македонците. (Одличен текст на овие теми е секако овој на Јовиќ што го имам линкано безброј пати.)

Сега, како што добро се сеќавате, тој проект воглавно е / беше неуспешен затоа што воглавно не им се допаѓаше на Албанците (исто така добро објаснето во горниот текст). Така ексклузивната држава доби нова форма, но сеедно, национализмот е преовладувачка тема и сега, иако е (како да речам на македонски ?) — компартментализиран.

Сето ова ги прави малку смешни спомениците од Илинден и тие од НОБ (иако нив ги има помалку), затоа што тие споменици сакаме/сакаат да бидат интерпретирани во таа националистичка приказна. Правни смешни и многу други работи, но ајде да не должиме.

Втората опција е секако Блаже Ристовски да не знае(л) што пишува и овој текст веќе од првата реченица да нема смисла. Што знам, вие одлучете.