рсе

Нејаснотии за следењето на комуникациите

Tags: 

оја е поентата да се има специјализирана агенција која ќе се грижи за законско спроведување на мерката следење на комуникации, која е регулирана со разни мерки и проверки ако Законот за следење на комуникации дозволува спроведување на мерката на следење на комуникации без посредство на ОТА и операторите?

Ова прашање произлегува директно од највозбудливиот член во новиот Закон за следење на комуникациите – членот 17, којшто зборува за постоењето и начинот на употреба на посебни технички уреди и опрема.

Оние коишто ја следат темата за следење на комуникации веројатно претпоставуваат за какви посебни технички уреди и опрема станува збор: на овој медиум веќе се пишуваше (уште во 2013) за истражувањето кое што откри FinFisher во Македонија, а на крајот на минатата година ComputerWeekly пишуваше и за StingRay опрема која на Македонија ѝ е продадена од Велика Британија. Ова се само два од многуте можни посебни технички уреди и опрема коишто постојат, а за кои има некакви информации дека се наоѓаат во Македонија. Членот 17 е уште една дискретна потврда дека ваквата технологија е тука.

Три поенти вреди да се истакнат во врска со овие технологии. Прво, популарно наречените StingRay технологии се во матни законски води од аспект на човековите права и постојат основани очекувања дека Европскиот суд за човекови права ќе донесе одлука којашто ќе ја забрани нивната употреба. За ваква одлука веќе има судска пракса во случајот Захаров против Русија, во врска со технологии коишто не гарантираат таргетирано и поединечно следење на комуникациите. А StingRay е токму таква технологија: таа имитира мобилна телефонска кула и го презема сообраќајот од сите телефони што се во околината – значи и од оној за којшто има судски налог за следење, но и од сите други кои се наоѓаат во нејзиниот радиус случајно. Понатаму, FinFisher е технологија којашто, иако се употребува таргетирано, се шири преку инфицирање на уредите слично на она кое настанува со компјутерски вирус и друг измамнички софтвер. Така, дури и во случај службите за следење да пратат е-пошта до нивната цел за следење, доколку тој/таа ја отвори таа пошта на компјутер што не е нејзин (како што е чест случај со употребата на сервисите како GMail или Yahoo) сосема е возможно предмет на надзор да станат туѓи компјутерски или телефонски уреди. Воопшто земено, двете технологии се однесуваат непријателски кон телекомуникациските мрежи и ја поткопуваат нивната безбедност, од што на крај штета трпи целото општество.

Второ, членот 17 не нуди детали за тоа во кои случаи ќе може да се користат овие технологии. Ако системот се поставува така што ОТА е централниот и главен начин како ќе се следат комуникациите, тогаш дополнителни технички уреди и опрема би требало да бидат некаков исклучок од тоа правило, нешто што, како што нивниот опис вели, се прави дополнително. Но, дали се навистина дополнителни и кога се, и за кои дела, случаи и околности ќе се користат наспроти случаите во кои ќе се користат услугите на ОТА, не може да се прочита во законот. Според извештајот од Јавното обвинителство, мерката следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон во 2016 година се употребила во 29 случаи против вкупно 192 лица. Месечната или друга временска дистрибуција на овие случаи не е позната, но ако значајно зголемениот број пријавен во овој извештај од 2016 го земеме за нормален во годините што следат, не е тешко да се замисли дека овие технологии можат да се користат буквално во секој случај (Македонија има купено шест StingRay уреди, FinFisher секако овозможува следење на повеќе од еден уред истовремено, а можеби постојат и дополнителни уреди за кои не знаеме).

Трето, и интересно за адвокатите кои што работеле во кривичните предмети каде имало следење на комуникации досега, е дека овие технологии пред овој нов закон за следење комуникациите не постоеја во македонскиот правен поредок. Па оттука прашањето е дали оние што во изминативе години (од 2012 наваму) биле следени со StingRay или FinFisher се осудени правично, т.е. дали доказите прибрани со овие технологии биле дозволени и законски прибавени.

Со среќа нека ни се реформите.

Првично објавено на РСЕ, 12.5.2018: https://www.slobodnaevropa.mk/a/29222433.html.

Патот до 70 илјади

Tags: 

Двете главни критики што може да се прочитаат на социјалните мрежи против шарената револуција се дека протестите се мирни, а со мирни протести ништо не се постигнува, и дека повторување на една те иста работа не може да доведе до различни резултати од тие што сме ги добивале претходно – а тие воглавно биле неуспех во остварувањето на барањата на граѓаните што протестираат. Двете критики се неиздржани. Тие или укажуваат на неинформираност на луѓето што ги застапуваат, или пак се намерен обид за поткопување на протестите за промена на режимот на Никола Груевски.

Всушност, податоците за движењата што се бореле за промена на влада или остварување независност од 1900 до 2006 година кажуваат поинаква приказна. Ненасилните протести во споредба со насилните имаат два пати поголема шанса да успеат во остварување на нивните цели. Уште повеќе, ненасилните протести се поуспешни и во креирањето на демократски институции штом ќе заврши промената на владата.

Предноста на ненасилните протести е едноставна: тие можат да привлечат разнолика група на луѓе и да добијат поддршка од инаку неодлучните граѓани. Понатаму, зголемувањето на бројот на учесниците ќе го поврзе движењето со разни делови од опшеството и ќе влијае на оние граѓани кои се лојални на режимот. Дури и најлојалните поддржувачи на режимот против кој се бори ненасилното движење имаат секојдневни врски низ оштественото ткиво коишто на дол рок се поважни од судбината на автократот кој што моментално владее.

Повторувањето на активностите има друга предност: во контекст на Македонија континуирана граѓанска активност секогаш е напредок. Овој пат репертоарот е дополнет со боење на градот. Тоа им дава можност на пасивните граѓани да видат дека нешто се случува во нивниот град. Можеби дисперзијата на протестите ќе има уште поголем ефект: бои во резиденцијалните делови на градот ќе ја пренесе пораката поблиску и до оние кои не шетаат во центарот. Но, и без тоа трагите остануваат видливи за сите.

Сепак, има и едно ограничување на оваа дискусија. Податоците од историјата кажуваат и дека ненасилните кампањи се секогаш успешни штом достигнат праг од 3,5 проценти од населението кое активно и континуирано учестува. За Македонија тоа е 70 илјади граѓани. Од една страна повторувањето на протестите секој ден во исто време и низ повеќе градови може бавно да достигне до точката од 70 илјади. Како што се шири мрежата на учесниците и учеството станува сѐ помалку ризично, тоа е очекуванио исход што би следел по некое време. Од друга страна прашањето што се поставува е дали опозицијата е толку слаба што не може да обезбеди 70 илјади граѓани кои што ќе го искажат своето незадоволство на улица. Тука не мислам само на СДМС туку и на сите други опозициски партии кои што, барем декларативно, се против режимот на Груевски. Тешко е да се замисли сценарио во кое сите тие немаат капацитет да мобилизираат 70 илјади граѓани. Другото сценарио е дека тие не сакаат да го сторат тоа, и тогаш шпекулациите за тајни преговори додека континуирано траат релативно малите по бројност протести имаат повеќе смисла. Останува на партиите да одговорат.

Но, да ја ставиме оваа бојка во контекст. На референдумот за зачувување на изгледот ГТЦ само во општина Центар имаше 17 илјади гласови. Прашањето за шарената револуција е како да ги мобилизира луѓето што гласаа против промената на фасада на трговскиот центар и дали за тоа е потребна некавка соработка со партиите или не. Има различни тактики за ова. Можеби една е „референдумски ден“: секои две седмици во недела на пладне да се бара масовност при што тоа може да се организира во секое маало без нужно собирање во центарот на градот. Тоа што протестите во историски контекст се на прав пат, не значи дека тактички прилагодувања на околностите не се потребни.

Во заклучок, критиките против шарената револуција се неосновани поради неинформираност или малициозност на нивните пропоненти. Континуираната активност на движењето е поважна од неговото бавно темпо на мобилизација. Последното повеќе отвара прашања за ангажманот и/или капацитетот на декларираните опозициски партии, отколку за патот по кој е тргнато движењето против режимот на Груевски. На шарената револуција ѝ преостанува да иновира во тактиките за да го рашири гласот онаму каде што ехото од центарот не стигнува.

Овој текст во голема мера е базиран на презентираните наоди од истражувањата на ненасилните протести достапни во ова видео.

Текстот е оригинално објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/a/27747197.html

Избирачкиот список стави крај на заштитата на личните податоци

Tags: 

Македонската (интернет) јавност лесно се скандализира и брзо заборава.

На 10.02.2016, Калина Зографска објави дека избирачкиот список на Република Македонија е достапен за преземање за секој што има основни програмерски вештини. Тогаш тоа беше страшна новост: што се случува со нашите лични податоци? Државната изборна комисија (ДИК) реагираше брзо и страницата беше тргната од интернет. Дваесетина дена подоцна, веб-страницата со избирачкиот список се врати на интернет со поинаков изглед, но исти функционалности. Тогаш тоа беше добра вест: конечно ќе можеме да го провериме списокот. Што се случи во тие дваесетина дена за јавноста што беше загрижена, сега да се радува на веб-страницата што ги содржи истите лични податоци?

Тековната дебата за избирачкиот список и личните податоци може да се сведе на една поента: моментално е политички опортуно избирачкиот список да биде достапен на начин на кој што е. Но, дебатата не завршува тука. Три прашања се важни во врска со достапноста на избирачкиот список на начинот на кој што е достапен. Сите носат пошироки последици.

Прво, иако законските обврски на ДИК да ги обработува податоците и да дозволува проверка не се спорни, многу е важно зошто ДИК не ги заштитува податоците од други несакани употреби како што го правеше тоа порано. Во претходните избирачки циклуси, апликацијата на ДИК бараше да внесете име и презиме и матичен број за ги проверите вашите податоци име на избирачкиот список. Ваквата проверка го ограничуваше пристапот: само оној што има два идентификувачки податоци - име и презиме со соодветен матичен број - може да ги види податоците.

Ова не е случај сега, кога за проверка на податоците доволно е да се внесе само еден идентификувачки податок – на пример матичен број. Матичните броеви се пресметуваат по формула која е достапна на интернет. Но, тоа не е сѐ. Пребарувањето по матичен број го дава името и презимето во резултати. Пребарувањето по име и презиме ја дава адресата и куќниот број во резултати. Пребарувањето по адреса ги дава сите лица што живеат на таа адреса во резултати. Сите пребарувања може да се автоматизираат со компјутерски операции. На твитер веќе се лицитираше дека целокупната операција лесно може да се автоматизира и дека всушност некои тоа веќе го направиле.

Второ, собирањето на податоците е прашање кое се игнорира. Замислете да можете да ги ископирате личните карти на сите граѓани. Токму тоа може да се направи со собирањето на податоците од избирачкиот список. Со овие податоци може да дознаете каде живеат луѓето (адреси), колку години имаат (матичен број) кои се нивните брачни другари (исти/слични презимиња), кои се нивните полнолетни деца и родители (разлика во години по матични броеви), кои се нивните родни места, ако се различни од местата на живеење (матичниот број) и кои се нивните гласачки места. Но тоа не е сѐ. Податоците можат да откријат и други (неизбирачки информации), како на пример можни закупски односи ако има различни презимиња на иста адреса. Ако ви се размислува злосторнички, можете да ги најдете становите во кои што живеат сами пензионери и да ги таргетирате за грабежи.

Споредете го ова со укажувањата на Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП). Ако, на пример, некоја библиотека во Македонија ја задржи вашата лична карта, тогаш таа постапува спротивно на важечките закони за заштита на личните податоци. Законите налагаат податоците да се собираат заради со закон утврдени цели и обработуваат согласно закон. Во случајот со избирачкиот список никој не контролира дали некој ги собира и обработува податоците согласно закон.

Два контра-аргументи се нудат на овие грижи за личните податоци. Прво дека овие податоци воопшто не се тајни или барем дека не треба да бидат тајни. Мислам дека препораките на ДЗЛП укажуваат на тоа дека, барем колку што се важечките закони во Македонија, овие податоци се тајни за употреба/обработка што не е пропишана со закон. Второ, дека секој што знае да го спроведе автоматското собирање на податоците не е заинтересиран за такво нешто, т.е. дека програмерите си имаат други занимации. Мислам дека ова за некого би било само добра програмерска забава, а за друг можност за малку екстра заработувачка. Мотивите и причините за евентуалната одлука дали собирањето да се направи (ако не е веќе направено) се отворени за дебата, а цената за ваква операција се лицитираше на (ситни) 300 евра.

Последно, но не и помалку важно, онлајн избирачкиот список на ДИК е првата итерација во Македонија на она што Евгени Морозов го нарекува „интернет солуционизам“ - вербата дека технологијата магично ќе ги реши проблемите на општеството.

Простиот алгоритам зад копчето* „Пријави“ на веб-страницата на ДИК треба да нѐ убеди дека стотина граѓани што се доволно гневни на ВМРО-ДПМНЕ ќе го прочистат списокот подобро од ДИК која што на располагање има повеќе бази на податоци од државни институции, платени експерти од три компании кои ги вкрстуваат податоците, дополнителни експерти кои прават надзор на процесот и партии кои внимаваат да не се повторат грешките од минатото. Со други зборови, апликацијата за избирачкиот список ги суспендира институциите на системот кои би требало да ги исполнат обврските (и за што барем номинално се бори опозициски ориентираната јавност).

Критиката кон ваква технолошка транспарентност не доаѓа само од Морозов, којшто е најгласниот скептик. Лоренс Лесиг, којшто е познат по оптимистички и значајни придонеси во технолошките дебати, исто така зборува на проблемите што за демократскиот систем ги носи интернет транспарентноста – иако во случајот на САД тоа е сосема поинаква тема. Дебатите за ова допрва ќе ги слушаме по разните НВО форуми.

На страна теоријата, апликацијата на ДИК, заради чудните безбедносни пропусти, овозможува кој било да кликне „Пријави“ на чии било податоци. Тоа, со елегантен софтверски код, може да се направи автоматски на целиот избирачки список и тогаш ДИК ќе мора да се соочи со 1.8 милион претставки од граѓани за грешки во избирачкиот список. Секако, само ако некој има мотиви и причини вака да си поигра или да ја блокира работата на ДИК.

Сето ова укажува дека достапноста на избирачкиот список на начин каков што е достапен е веројатно спротивна на членот 23 од Законот за заштита на личните податоци и дека процесот на интернет прочистување може да биде дополнителен проблем за институциите во кои сакаме да изградиме доверба. Дали сето ова натежнува над политичкиот опортунизам на достапен список што овозможува новинарски написи кои ќе ја скандализираат јавноста со фантомски гласачи на адреси на странски амбасади е прашање кое засега останува неодговорено.

*Треба да се забележи дека од моментот кога текстов беше напишан, до моментот кога беше објавен, ДИК одлучи да ја тргне функционалноста за електронско пријавување од апликацијата за избирачкиот список.

Претходно објавено на Радио слободна Европа.

Социјалните медиуми и моќта

Tags: 

Во извонредната и во интернет време стара книга „Мрежната илузија“, авторот Евгениј Морозов ќе напише: „Твитовите нема да ги замаглат сите наши национални, културни и религиски разлики; тие можат всушност да ги акцентираат. Сајбер-утопиското верување дека интернет ќе нѐ претвори во убер-толерантни граѓани на светот, кои ќе ги тргнат на страна злите предрасуди и ќе го отворат умот кон она што го гледаат на мониторите, се покажа како неосновано. Во повеќето случаи, единствените луѓе што сѐ уште веруваат во идеалот на електронското глобално село се оние што ќе станеа толерантни космополити и без интернет: шетаната интелектуална елита. Обичните луѓе не читаат страници како Global Voices - агрегаторот на најинтересните блогерски написи од целиот свет. Наместо тоа многу поверојатно е тие да го користат интернет за повторно да ја откријат нивната култура - и ако смееме да речеме, нивната национална нетрпеливост.“

Морозовската визија за интернет за многумина е мрачна и неговото пишување е предмет на чести критики. Но, ако можеме барем делумно да се согласиме со горната оценка, тогаш за очекување е да најдеме пресликување на општеството - вистинскиот живот во онлјан светот - на интернет.

Од друга страна, еден од клучните аргументи на луѓето вообичаено поврзувани со Силиконската долина [Клеј Ширки, Итан Цукерман, меѓу другите и за разлика од Морозов], е дека алатките на интернет, ако не веднаш тогаш на крајот на денот, ќе помогнат во општеството и тоа не само во високоразвиените земји од Запад, туку на Глобалниот југ, онаму каде што често нема демократија, слобода на печат или економски развој. Глорификацијата на интернет и на технологиите надградени над него кажува дека пресликувањето навистина е можно, и дека шансите всушност се поголеми за либерален, демократски исход.

***

На медиумите, воглавно се гледа како на организации кои имаат две [главни] функции: една да ја разградуваат моќта и втора да ја воспоставуваат моќта. Првата е поочигледна и за неа почесто се зборува. [На пример, тоа до сега било тема на три мои текстови на РСЕ: „Поп културата и новинарството“, „Идеалот за четвртиот столб“ и „Пирамидата на цензурата“.] Но, како што забележува Роберт Рајт во неговата книга „Логиката на човековата судбина“ со појавата на печатницата на Гутенберг за прв пат во историјата имало инструмент за ефикасна комуникација кој можел да мобилизира широки групи на луѓе на основа на нивните сличности кои и понатаму ќе ги хармонизира, и тоа се случувало токму со првите испечатени весници. Како што вели Рајт, печатницата го засилила националното владеење со креирање на заедничка културна база на голема територија, стандардизирајќи ги обичаите, митологијата и пред сѐ јазикот. Создавањето на националните држави веројатно ќе било потешко без печатницата. Исто така и создвањето на јавното мислење и неговото управување.

[Мојот впечаток е дека во Македонија речиси и да не се зборува за оваа втора фунција на медиумите, но и дека токму таа е таа која е подоминантна и можеби затоа и повеќе пишуваме за првата. Примери за [обиди за] хомогенизација на јавното мислење има безброј. „Нашиот јужен сосед“ прв ми паѓа на памет, па можеби и обидите се успешни.]

***

Ако медиумите играат клучна улога во разградување и воспоставување на моќта и ако интернет денес сигурно игра некаква улога, тогаш кои се можните расплети?

Мислам дека интернет и социјалните медиуми носат демократизација на каналите [со секоја задршка дека воопшто може да се зборува за демократизација на платформи кои наликуваат на трговски центри], но не и на вештините. Вистина, денес е полесно од кога било да се објави, но што е тоа што ќе се објави сепак останува целосно зависно од вештината, а не од платформата. Во однос на медиумите, тоа ми се чини уште повеќе важно. Ако зборуваме за воспоставување на моќта, за хомогенизирање на јавното мислење и доминирање во јавните теми и дебати, тогаш технологиите се како алатки од соништата. Ако имате медиумски пејсаж што е доминиран од определен центар, тогаш тој денес лесно може од печат и екран да стигне преку апликација од фејскбук до сите компјутери, до мобилни уреди, до промовирани твитови и статуси, и со помош на верната публика што секако ја има да се сподели доволно пати и на доволно места што ќе го направи сеприсутен. Ако зборуваме за разградување на моќта, тогаш работите стануваат покомплицирани, затоа што едноставно предусловите за тоа се потешки.

Во моето сеќавање одекнува еден краток текст од Сет Годин од 2006 година. Како експерт по маркетинг, Годин ја објаснува разликата меѓу добра и лоша повратна информација. Накратко: никој не го бара вашето мислење, потребна е вашата анализа. Социјалните медиуми отвараат канали за сите и наеднаш секој може да го каже неговото мислење, но ретко кој снабдува анализа. А анализата е клучната особеност на онаа медиумска работа чија цел е првата функција: разградување на моќта и надгледување на власта.

Можеби токму затоа, во презентацијата за „Трите работи што новинарите ќе ги работат во 2050 година“, Анали Њуиц зборува за новинарите како професионални кои ќе мора да научат програмски јазици и други специфични технологии, а не да бидат на пример – вешти твитерџии.

Можат ли новинарите да бидат хакери? Или хакерите новинари? Или едноставно – дали можеме да очекуваме дека ќе се појават луѓе кои своите аналитички способности ќе ги поткрепат со технолошки вештини и ќе изнесат вистинити информации и детална анализа во јавноста, така што граѓаните ќе можат да носат информирани одлуки и покрај експлозијата на канали каде преовладуваат мислења? Ако можеме да сметаме дека примерите од нашата околина се доволно веродостојни тогаш одговорот е да.

Игралиштето уште еднаш се помести. Споделувањето на напишаниот текст на Фејсбук можеби е доволно за оние новинари кои сакаат да учествуваат во воедначување на јавното мислење, но не е доволно за оние новинари кои сакаат опстојат на идеалот за чувари на демократијата. Ова се стари вести на интернет.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24996086.html

Овој текст е изведен од предавањето „Социјалните медиуми и новинарството“ прв пат одржано на 25 април 2013 на на Високата школа за новинарство при МИМ, а потоа уште еднаш на 16 мај 2013 во хаклабот КИКА.

Прашања за 1-ви Мај

Tags: 

Има еден текст од Славој Жижек кој што го допира прашањето за работниците и нивните права. Накратко Жижек вели дека вистинскта работничка класа [рудари, текстилни работници] во Словенија не ни се обидува да штрајкува. Штрајкува „платената буржоазија“, оние кои имаат гарантирана државна работа и кои штрајкуваат за да ја задржат својата позиција над работничката класа. Тоа се, вели Жижек, професорите, лекарите, државната администрација.

Ова е интересна и важна поента. Еве сум, пишувам текст за медиум што се објавува на интернет, го правам тоа на компјутер што чини колку неколку минимални плати во Македонија, а само месечната сметка за телефонски услуги и интернет ми изнесува колку што изнесува покачувањето што со последните измени го добија критичните индустриски гранки со што [конечно] се изедначија со пропишаниот минимален износ од 8.050,00 денари.

Ако бев меѓу оние кои го дочекаа ова минимално покачување на примањата, сега веројатно ќе размислував за најдобра распределба на тие пари за покривање на сите месечни потрепштини. Протести, штрајкови и работнички права немаше да ми бидат на памет - исто како и во Словенија. Немам високо образование, едвај ја најдов оваа работа, нема противење на газдата.
​​
Но, да речеме дека сум во друга социјална група. Имам добро платена работа во растечки сектор од македонското стопанство. Имам службен мобилен и лаптоп. Можам да си ги дозволам малите, слатки производи на денешницата. Треба ли да се бунам кога директорот не плаќа за прекувремена работа, бара задолжително доаѓање во сабота, не дозволува боледување или излегување од канцеларија за пауза, а годишниот одмор ми е само 10 дена, иако се потпишувам за повеќе? Треба ли да бидам на улиците на Први мај, и како што оди популарниот виц, зошто не сум?

Според Жижек [од истиот текст], позицијата на Антонио Негри е дека револуционерната сила е токму во новата дигитална класа на интелектуални работници. Но, засега се чини дека тукашната ваква класа го демантира Негри.

Оттука прашањето, барем од активистичко-мобилизирачка гледна точка, е следново:

Како загрижените за социјална правда и растечка нееднавкост да добијат поддршка, соработка и соучество од онаа група која е пообразована и поплатена, но сѐ уште не ужива во згрижувачкта мрежа на државните служби, кога веќе поддршка, соработка и соучество не можат да ги добијат од „старата“ работничка класа?

Немам одговори.

Текстот е објавен на Радио Слободна Европа: http://www.slobodnaevropa.mk/content/article/24971269.html

Моите омилени книги

Tags: 

Читам постојано. Читам во секоја прилика кога не одам или не сум одговорен за управување со возило. Кога сум во автобус ми се случува и да ја промашам станицата. Читам на англиски и на македонски. Читам се. Вообичаено читам 2-3 книги истовремено. Со нив заедно го читам и секојдневниот волумен на текстови од интернет: блогови, статии и слично. Понекогаш го читам и македонскиот дневен печат.

Мојата читачка навика се создаде во раните деведесети години. Бев 3-то или 4-то одделение кога за прв пат влегов во библиотеката „Другарче“ во Карпош 3. Не се сеќавам кој и како ја одбра книгата, но „Славните морепловци“ стана мојата омилена книга, или барем мојата омилена книга ако се одредува според тоа колку пати сум ја прочитал [десетина пати].

На ова се сетив деновиве кога случајно се најдов во разговор за книги. Ја побарав книгата на интернет страницата на градските библиотеки и дознав дека [најверојатно] станува збор за роман на рускиот писател Николај Чуковски. Книгата на која се сеќавам навистина е книга за познатите морепловци. Имињата на кои се сеќавам се Џејмс Кук и Абел Тасман. Сеќавањето на книгата буди убави чувства.

Но, зошто оваа книга? Неколку дена размислувам токму за ова. Зошто морепловците, а не на пример „Шеќерна приказна“ или било која друга книга наменета за 10-годишници? Одговорот ми се чини е, колку што се сеќавам и сега, дека тоа е книга за патувања и откривање на нови светови, места и луѓе. Моето прво летување заврши - уште пред и да започне - со запаление на белите дробови. Подоцнежните летни распусти никогаш не ме однесоа подалеку од македонските села. Бев заглавен во Скопје сѐ до моите доцни 20-ти години. Ми се чини дека прв пат излегов од земјава кога одев во Белград на една конференција за локализација на слободен софтвер некаде во 2005-2006 година.

Така, книга за патувања и истражувања напишана како голема авантура би била каква-таква можност за прошетка подалеку од локалниот пејсаж. Бродот отпловува во непознати води и патувањето е долго и неизвесно. Конечно, ете копно на хоризонот. Бродот се закотвува. Свежа вода и овошје за екипажот. Непозната цивилизација се открива пред нив. Какво доживување!

И тоа е доживување што ете, сфаќам, се повторува. Нешто подоцна, во времето кога интернет со брзина од 56k беше луксуз, патувањата низ мрежата ги дополнував со книгите на Вилијам Гибсон. Сајберспејс. Се вклучуваш. Имаш пристап до сите информации. Можеш да стигнеш секаде во светот. Екранот, или интерфејсот за поврзување на мрежата, е твојот личен брод. Клик. Клик. Можеш и да направиш некое добро дело додека си таму - барем во светот на Гибсон.

Патувањата се моите омилени книги.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/content/article/24944412.html

Пародија на демократијата

Tags: 

@Parmakovski на твитер сподели досетка за политичката ситуација во Македонија.

Но, поентата на Пармаковски [за жал] не е само хумористична.

Пол Колиер во „Милијардата од дното“ ја опишува „пародијата на демократија“ во која може да заглават државите. „Изборната конкуренција може брзо да се воведе и во условите кои ветуваат најмалку“ - вели тој. Но, истовремено предупредува дека изборната конкуренција не е доволна бидејќи може да ги направи работите полоши со тоа што клиентелизмот ќе ја победи чесната политика во борбата за гласови. „Изборите одредуваат кој ја има моќта, но не и како таа моќ се користи“, - нѐ потсетува Колиер. Оттука, прашањето што треба да се одговори, е дали епизодата на избори без проверки и контроли ќе биде само минлива фаза или ќе се претвори во главна одлика на општеството.

И токму тоа е прашањето на кое треба да го бараме одговорот за Република Македонија по тромесечната политичка криза [по 24 декември 2012 г.].

Колиер предлага дека бранот на избори треба да биде следен од ентзузијазам за политички ограничувања. Инстументите што можат да помогнат за ова се два. Првиот е минимум стандард за слобода на медиумите кои сѐ уште фигурираат како ефикасна алатка за детаљна инспекција на политичарите и политиката. Вториот е начинот на прибирање и трошење пари во изборната конкуренција со цел да се обезбедат избори во кои гласачите нема да бидат потплатувани.

Мислам дека овие две се соодветни за да се одреди позицијата на Македонија во пародијата на демократијта. На рангирањето на Репортери без граници, државата паѓа во континуитет веќе четири години. Исто така, финансиите на партиите остануваат темна тема во Македонија.

Ова се „помалку видливите аспекти на демократијата“ кои недостасуваат во Македонија. Во држава [речиси] без проверки и контроли, изборната конкуренција без ограничувања, за разлика од економската конкуренција која обезбедува преживување на способните, создава нови услови на политичка конкуренција каде клиентелизмот обезбедува преживување на корумпираните.

Со Тери Гилијам барем можеме да се насмееме.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/content/article/24918746.html

За банкетот на знаењето – во чест на Арон Шварц

Tags: 

Некаде во август 2010 се наоѓав на универзитетски кампус во САД. Бев на гости и со лаптоп, па додека читав статии на google reader кликнав на вест што во себе содржеше врска до истражување на употребата на социјалните медиуми од страна на ИТ гигантите во рекламирањето на нивните производи. Како да отворам уште една страница на јавниот интернет, мојот Firefox ми отвори pdf документ од академски журнал. Не обратив поголеми внимание на овој настан се додека не се обидов да дојдам до истиот текст кога се вратив во Скопје. За кратко, всушност, бев на „банкетот на знаењето“.

Ова - „банкетот на знаењето“ - е терминот што Арон Шварц го користи за да ја опише ситуацијата во која се наоѓат луѓето, пред сѐ студентите, професорите и другите универзитетски вработени, во развиениот запад кои имаат лесен и постојан универзитетски пристап до новите и старите истражување, научни трудови и книги.

Подоцна, во 2011, во уште една универзитетска тура во Гетеборг ќе бидам потсетен на можноста што ние, луѓето од другата страна на paywall-от не можеме да ја имаме. Најновата повторена одлика на светот е привилегијата за пристап до знаење.

Граничниот пристап до оваа привилегија или трошките од банкетот ќе ги добијам во 2012 кога и сам морав да пишувам еден подолг академски текст. Пријатели, познаници и интернет странци со пристап зад затворените мрежи ми помогнаа да дојдам до трудовите што ми беа потребни да ја завршам мојата работа. На крај се израдував кога видов дека македонскиот журнал каде што ќе се појават делови од мојата работа е со ознаката Open Access.

Ретко пишувам лични текстови. Денот кога последен пат пишував за Радио Слободна Европа беше денот кога интернет беше преплавен со вести за смртта на Арон Шварц. Тоа саботно утро беше едно од најмачните за мене. Се сеќавам како со неверување гледав во мониторот на сите твитови и како вест по вест читав за трагичниот настан. Не го познавав Арон, но сум запознаен со неговата работа и со делот од таа работа кој наводно беше нелегален.

Овој текст е мал симбол во негова чест и краток повик за продолжување на неговата работа.

Арон беше дел од пошироко движење кое се залага за отворен пристап до информации, научни трудови и книги. Неговиот герилски манифест за отворен пристап (https://gist.github.com/4535453) ја исцртува борбата за пристап до знаењето кое сѐ повеќе и повеќе се дигитализира и станува дел од корпорациските облаци.

Овде во Македонија не сме помеѓу оние привилегираните кои имаат пристап. Но, можеме да придонесеме отворајќи го пристапот до документите кои ние ги создаваме и да подадеме рака на оние што се уште подалеку од масата каде што се служи знаењето. Со зборовите на Арон приватизацијата на образованието може да се сопре со отворање на знаењето, споделување на информациите и истражувањата и заедничка соработка. Голем дел од работата допрва следи.

Фала Арон.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24895092.html.

Пирамидата на цензурата

Tags: 

Во најновата книга на Џулијан Асанж, Cypherpunks: Freedom and the Future of the Internet, четворицата автори дискутираат за тоа како Интернет е погодна технологија и за напредување на слободата, но и за напредување на надзорот и цензурата. Во своето објаснување за тоа како цензурата функционира „на Западот“ [каде, ако ништо друго, и Р. Македонија посакува да вбројува], Асанж нуди компарација со пирамида чиј врв се гледа над песокот.

Врвот е јавен. Тоа се тужбите за клевета, убиствата на новинарите, запленувањето на камерите. Но, најголем дел од цензурата е скриен. Под врвот први се луѓето што се само-цензурираат. Потоа се економскиот и други форми на поттик што им се даваат на луѓето да пишуваат за една или друга работа. Потоа се економските фактори – т.е. она за што економично да се пишува кога нема да се земе предвид поттикот од горното ниво. Следат предрасудите на читателите кои имаат определно ниво на образование и кои од една страна можат лесно да бидат манипулани со лажни информации, а на кои од друга не може да им се каже нешто што е софистицирана вистина. И најдолу е дистрибуцијата – т.е. достапот на содржинина определен јазик (стр. 133).

Во последните 15-тина дена во Р. Македонија можеа да се видат сите слоеви на пирамидата. Исфрлувањето на новинарите од Собранието на Р. Македонија на денот на гласањето на буџетот е она што најлесно може да се сврсти во врвот на пирамидата. Колку што е тоа погубно за слободата на печатот и јавното информирање, толку е и видливо и препознатливо.

Но, новогодишните празници нѐ пречекаа и со вест дека воочливо популарната политичка емисија на ТВ Алфа Win-Win нема повеќе да се емитува. Новинарката која е автор на емисијата објави на Facebook дека тоа е направено на барање на телевизијата. Реакциите во [интернет] јавноста беа од разочарување за губитокот на омилената ТВ забава преку објаснување дека сѐ е бизнис до поставување на прашања за цензура.
Мислам дека е корисно да го погледаме укинувањето на емисијата Win-Win [и генерално на промените во Алфа ТВ] преку пирамидата на Асанж. Еве што се вели во изјавата на новинарката Трајковска:

1. „Ве информирам дека емисијата Win-Win е прекината и повеќе нема да се емитува на Алфа телевизија!“ и „Емисијата е укината на барање на телевизијата.“

Првиот дел го става укинувањето на емисијата некаде во четвртиот слој на пирамидата Нејзиното понатамошно емитување не е економично. На ниво на телевизија, како што пишуваат повеќе медиуми, се случуваат повеќе промени [и други новинари и емисии си одат] и така телевизијата се прилагодува на своето ново опкружување. Оние емисии што ќе останат веројатно ќе се поместат во третиот слој на пирамидата. „Новинарите ретко добиваат наредби“, вели Асанж “Тие ги разбираат интересите на луѓето со кои сакаат да бидат блиски или на кои сакаат да им удоволат.“

2. „Доколку циклусот емисии продолжи да се емитува на друга телевизиска фрекфенција, пред завршувањето на оваа сезона, ќе бидете навремено информирани.“

Новинарката на Win-Win веќе е во вториот слој на пирамидата. Нема да ја гледаме таа емисија се додека не се најде друга телевизија да ја емитува. Таа, ако сака, веројатно ќе може да се префрли во третиот слој на „удоволување“ и така во македонскиот ТВ пејсаж можеби пак би се нашло место за ваква емисија. Но, вистинскиот тест ќе биде дали новинарката ќе се одлучи да продолжи да објавува и евентуално да се помести во последноит слој – т.е. да влезе во цензура на дистрибуција и да ја гледаме само на интернет [исклучувајќи го мнозинството навикнато на ТВ уред]. Дури потоа, ако ваквото емитување и ширење на пораките стане успешно, ризикот од цензура ќе биде од класичниот и препознатлив вид т.е. онаа што се гледа над песокот. Во двата случаја тоа ќе биде корисно за јавноста бидејќи на крајот ќе служи како тест демократските потенцијали на земјата. Значи - win-win.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24819936.html

Сподели музика

Tags: 

Пред неколку дена една новинарка ме праша нешто отрплика вака: „Дали има доволно свесност кај македонските граѓани да се бојкотира Македонската музичка индустрија и да не се слуша музика?“ Одговорив нешто во смисла дека тоа на крајот зависи од здруженијата на компании, стопанските комори и слично кон чии членови во крајна инстанца е насочена новата регулатива.

По кратко размислување бев зачуден од прашањето. Зошто вакво бинарно гледиште? Зошто или музика или тишина? Одговорот секако е поради доминантите промоции и кампањи за режимот на авторски права. Но, токму поигрувањето со тој режим го создаде најголемиот хак во скорашната историја. Главното прашање значи е зошто не сме запознаени со начинот како слободно да се слуша музика?

Следејќи ги стапките на Ричард Сталман и движењето за слободен софтвер, пред десетина години Лоренс Лесиг, професор по право од САД, еден од водечките умови во областа на авторските права, луциден писател и особено забавен говорник, го започнува проектот Creative Commons.

Суштината на Creative Commons е создавање на алтернатива на вообичаното „сите права задржани“ кон која авторите сами можат да се приклучат. Ова се остварува преку лиценците што ги обезбедува организацијата кои пак овозможуваат практично спроведување на идејата за побогат екосистем на слободна култура и културна размена соодветна на основната ткаенина на општеството како најголем медиум споделување.

Дали е успешен? Лиценците на Creative Commons се распространети во 70 јурисдикции ширум светот вклучувајќи ја тука и Македонија. Најголемата светска енциклопедија и можеби најзначајниот проекто од културата – Википедија, ги користи тие лиценци. Книги, филмски проекти и, можеби најважно за поентата на овој текст, музички изданија на големи бендови како Nine Inch Nails се објавени под некоја од лиценците на Creative Commons.

Признавам, музиката на NIN можеби и нема да одговара како фон во маалскиот фризерски салон, но на Интернет има толку многу музика издадена под лиценца што дозволува слободно слушање што сигурно ќе најдете некој мек џез што се впива во ѕидовите на Вашиот дуќан. И токму како последица на лиценците разни луѓе прават различни сервиси за Creative Commons и создаваат разновидни компилации спремни за спуштање од интернет и додавање на нашите плеј-листи.

За крај, ако имате 25 минути, тогаш можете да го гледате Лоренс Лесиг како елаборира за давителската улога што законите за авторски права во односот со културата што се создава во едно општество. Но, ако само сакте да дојдете до музика за Вашиот дуќан, музика поради која нема да добиете фактура од ММИ, тогаш упатете се на jamendo.com – еден од најголемите директориум на интернет каде се споделува музика растеретена од „сите права задржани“.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24783764.html.
Овој текст е дел II од серијата за авторски права и музика. Првиот е: Против рекетот на Македонската музичка индустрија .

Против рекетот на Македонската музичка индустрија

Tags: 

Тарифникот на Македонската музичка индустрија, изготвен во јули оваа година, а разгласен на Интенет во октомври (1, 2) ги носи сите одлики на легализиран рекет. Тоа што сѐ уште не е на сила, сега за сега, е мала утеха за идните плаќачи – група која го вклучува секое место каде може да се постави касетофон. За среќа, голем дел од плаќањата што музичките индустријалци сакаат да ги изнудат од нас не се дозволени во ЕУ. Ова можеби е шанса тарифникот [pdf] да биде оспорен уште пред да биде објавен во Службен весник на Република Македонија.

Слика од: fishy2me.blogspot.com.

Пресудата за судскиот спор кој се водел во Европскиот суд на правдата (врска C-135/10, Società Consortile Fonografici (SCF) v Marco Del Corso) во кој слично здружение сакало да наплати за музиката пуштана во стоматолошки ординации сумирана е во следниве реченици: „Стоматолог кој бесплатно пушта фонограми во неговата приватна стоматолошка ординација не прави „комуникација кон јавноста“ во рамките на значењето на Законот на ЕУ. Според тоа таквото емитување не создава право за надоместок за продуцентите на фонограмите.“

Во своето соопштение за медиумите [pdf] Европскиот суд на правдата го појаснува концептот за јавност, емитувањето кон (не)одреден број на лица, како и профитната природа на емитувањето, за да заклучи дека пациентите што ја посетуваат стоматолошката ординација се во мал и ограничен број и според тоа не претставуваат „јавност“. Исто така судот образложува дека природата на емитувањето не е профитна, т.е. дека лицата доааѓаат во ординацијата за здравствени услуги, а емитувањето фонограми не е дел од овие услуги. Според тоа, заклучува судот, на продуцентите не им следува надоместок за ваквиот тип на емитување.

Оваа одлука на Европскиот суд на правдата е корисна, прониклива и опсежна. Таа всушност ги опфаќа сите бизниси кои ги исполнуваат критериумите за мал број на лица, за емитување кое не е дел од услугата што се нуди таму и емитување кое се слуша случајно без активно учество на лицата што се наоѓаат на локацијата на бизнисот. Според ова, во овие бизниси се вклучени сите кои се наведени во тарифните броеви 8 – 14. Понатаму, со соодветна дополнителна анализа тарифникот можеби може да се исчисти и од други делови кои се спротивно на критериумите кои ги образложува Европскиот суд.

Одлуката на судот е основа на директиви на ЕУ кои пак се во согласност со меѓународното право – договорите TRIPS и WPPT и Римската конвенција. Република Македонија е исто така потписник на овие договори.

Со оглед на тоа дека пресудата на Европскиот суд на правдата е од март 2012 година, а тарифникот на Македонската музичка индустрија од јули 2012 година не е неразумно или чудно да очекуваме дека експертите од музичката и правната сфера што стојат зад тарифникот требало да бидат запознаени со сличните активности што се одвиваат во ЕУ. Сепак, дали нивната неукост е намерна или не, не е толку важно. Важно е тарифникот во оваква форма да не биде донесен и рекетот да биде спречен. Интернету, ова е уште еден повик за акција.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24758609.html.

Високо пазарно образование

Tags: 

Дали битката за автономијата на универзитетот е веќе изгубена? Во шумот што го создаде првиот академски час на Богословскиот факултет речиси и да не ја забележавме објавата за почеток на проектот за прилагодување на студиските програми на потребите на бизнис секторот. Исто така, без никаква посебна дебата во јавноста е, по сѐ изгледа, вообичаената пракса факултети од УКИМ на своите веб страници покрај известувањата за испити и уписи да објавуваат огласи за работа.

Но, сѐ е добро. На Македонија, земја со долгорочни високи стапки на невработеност, потребно ѝ е да најде некакво решение за спојување на тие што бараат и тие што нудат работа. А и настрана од тоа, реформите се во духот на Болоњскиот процес, кој како и другите потфати во Европа, има за цел да го воедначи и соедини европскиот простор. И сето ова е совршено ќе се вклопуваше во убава приказна, да не постоеше оргомна дебата и критика на универзитетскта Болоња: против претворањето на образованието во потрошувачко добро и неговото разбирање како нешто што треба да ги задоволува економските потреби, против систематското ограничување на автономното учење и независната мисла, и против ставањето на сѐ поголем акцент на присуството на часови како критериум за академско достигнување.

Накратко, се аргументира дека универзитетите се поместуваат од нивното традиционално образование со општествена и хуманитарна улога кон пазарно-ориентиран тренинг. Во суштина, ова значи де-факто укинување на автономијата на универзитетот.

Можеби најстрогата критика на овој процес доаѓа од пишувањето на Славој Жижек. Според него, обидот за хармонизација на европскиот високообразовен систем е напад на „јавното употребување на разумот“. Тој аргументира дека вистинската задача на мислењето се губи кога високото образование се подредува на задачата на решавање на конкретните проблеми на општеството преку производството на експертски мислења. Целта не е само да се најдат решенија за проблемите, туку и да се размислува за природата на проблемите и за нивната суштина.

Преведено за Македонија и нејзините економски проблеми, задачата на универзитетот, покрај снабувањето на соодветно оспособена работна сила, би требало да вклучи и создавање на такви академски граѓани кои ќе можат да размислуваат зошто (на пример) имаме триесет и кусур проценти стапка на невработеност, и воглавно кои се причините за сите долгорочни и натежнати економски (и други) проблеми во земјата. Ниедна компанија не би се грижела дали нејзиниот работник може да размислува за ова и впрочем ако го прави тоа, впуштањето во таков потфат веројатно би било лошо за неговото корпоративно поведение.

Но, можеме ли само со пазарно образование? Тоа е прашањето кое универзитетот треба да го одговори. Краткорочните пазарни желби на бркачите на профит не треба да го диктираат високото образование. Универзитетот ќе ја докаже и покаже својата автономија ако, барем малку, организрано го крене гласот против нивниот налет.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24722612.html.
Овој текст е дел II од серијата за образование. Првиот е: Универзитетска независност и волшепства.

Универзитетска независност и волшепства

Tags: 

Помеѓу растењето и созревањето, создавањето пријатели и првата љубов, возбудливите приказни и невообичаените вештини, магијата и борбата помеѓу доброто и злото, книгите и филмовите за Хари Потер носат уште една важна тема во себе.

Тоа е независноста на академијата.

Дека ова е важна тема се насетува уште во „Одајата на тајните“ кога Лусиус Малфој заканувајќи им се на другите гувернери на Хогвартс успева, макар и привремено, да го разреши главниот професор Дамблдор. И уште еднаш потоа во „Затвореникот од Азкабан“ кога во невоља поради своите часови ќе се најде професорот со кратка кариера Хагрид.

Но, веќе во „Редот на Фениксот“ мешањето на Министерството за магија во работата на Хогвартс станува главно прашање. Уште на почетокот на учебната година (и на книгата), новоназначената професрока, поранешна службеничка во министерството, Долорес Амбриџ држи говор во кој ги опишува новите задачи во наставата. Хари збунето ќе забележи дека говорот личи на „куп вафли“. Хермиона брзо ќе го поправи дека „важни работи се кријат во вафлите“. Министерството се меша во работата на Хогвартс, ќе заклучи таа. И наскоро учењето ќе се претвори во препишување, а Амбриџ ќе го замени Дамблдор на раководната академска позиција.

Конечно, во „Смртоносните дарови“, Хогвартс е последната линија на одбрана од Волдеморт. Битката не ја водат само професорите волшебници и нивните ученици, туку и камените чувари на училиштето и духовите од минатото. Се чини како Хогвартс и неговите академски жители да се едно во одбраната на својот свет од мрачните сили на господарот на темнината. Со зборовите на Миневра Мекгонагал, тие „ја исполнуваат должноста кон училиштето“.

Слика од: http://favim.com/image/83385/.

Хогвартс, школата стара илјада години, местото каде што сите млади волшебници го учат занаетот, е замислена како корисна алатка за креирањето на заплетот во овие (не сосема) младински дела. Но, таа е и местото каде личните и политичките интереси се судиираат со образованието на младите луѓе, и каде општеството ја зазема последната стража и ја води последната битка против назадните сили.

Сето ова можеби тешко се забележува низ шареноликите волшепства, но пораката е тука. И речиси во сите случаи Хогвартс успева да изнајде сили да се одбрани и засили одвнатре, со помош на своите професори и ученици. Уште повеќе, не само да опстане спроти моќните интереси, туку и да предизвика промени на подобро во целото (волшебничко) општество.

Ако имате осумнаесетина години, тогаш веројатно сте израснале со Хари Потер. Ако имате осумнаесетина години, тогаш и добредојдовте на универзитетите.

Текстот е објавен на РСЕ.мк.

Појаснување: Текстот е напишан и пратен до РСЕ на крајот на август 2012. Да се објави на почетокот на академската година е одлука на тамошното уредништво. Поклопувањето со дебатата за автономијата на УКИМ и настаните со МПЦ е навистина среќна случајност.

Текстот исто така е пренесен на off.net.mk.

Дополнителни пишуванки на темата: „За Хари Потер и универзитетот“ и „Сиже за #молебенот и #УКИМ“ беа достапни на сервисот posterous.com кој што во меѓувреме е укинат.

Идеалот за четвртиот столб

Tags: 

Поранешниот американски аналитичар на ЦИА и советник на неколку претседатели, Реј Мекговерн, цитиран во „Викиликс, откривање, слобода на говор и демократија: Новите медиуми и четвртиот сталеж“ (PDF), вели: „Четвртиот сталеж е мртов... заробен од владата и корпорациите, воено-индустрискиот комплекс и разузнавачкиот апарат“.

Ниту една друга професија во историјата на човештвото не била толку ценета во општеството, и од неа тоа толку не се плашело, за да ѝ додели епитет како што е четвртиот сталеж: четвртиот столб на општеството, покрај благородниците, свештенството и обичниот народ, или како што е седмата сила, мислејќи тука светска сила покрај останатите шест во Европа во 19-тиот век: Обединетото Кралство, Франција, Австрија, Прусија, Руското и Отоманското Царство.

Поскорешна ознака е четвртата власт, покрај законодавната, судската и извршната. Сите три се однесуваат на новинарството, на замислените идеални медиуми кои стојат како последна проверка за политичката власт.

Кое и да е нивното поетско име, често зборуваме дека тие се мртви. Да ја цитираме повторно Џенифер Робинсон: „Корпоративната сопственост на новинарските организации (понекогаш од истите корпорации кои поддржуваат одредени политичари и имаат интерес во државни тендери), комбиниран со економските притисоци на изумирачкио бизнис модел на традиционалните медиуми, значи помал фокус на традиционалната улога на медиумите и повеќе фокус на економските интереси и односите со моќта што ги штитат тие интереси. Некои велат дека традиционалните медиуми се поместиле од својата улога да бидат четврт столб, замислен дел од владеењето во демократија, во буквална „четврта гранка“ каде стариот печат е одвнатре и според тоа веќе го нема спротиставениот однос со тајноста, концетрацијата на моќ и корупцијата, однос кој е потребен за правилно да ја исполнува својата улога“.

Горниот параграф лесно може да се употреби за да се опише медиски могул како што е на пример Руперт Мардок. Но, иако не од толку голем размер, сепак сосема соодветствува и на македонскиот новинарско-медиумски пејсаж. Сопствениците на сите поголеми медиуми во Македонија се секојдневен дел од чаршиските разговори, а нивните односи со политичките елити се незаобиколив дел од фолклорот. (Службен преглед на електронските медиуми и детали за нив има на веб-страницата на Советот за радиодифузија.)

Дека потребата за независно новинарство кое пред сѐ ќе одговара пред граѓаните, не е само едно видување, говори и студијата на Бил Ковач и Том Росентил насловена „Елементите на новинарството: Што треба новинарите да знаат и јавноста да очекува“. Во ова дело базирано на опширно истражување, авторите изнесуваат 9 јасни принципи за новинарството меѓу кои се обврската кон вистината, лојалност кон граѓаните и независно надгледување на моќта. Авторите предупредуваат дека ако не ѝ се вратиме на теоријата за слободен печат, новинарите ризикуваат нивната професија да исчезне.

Слика од: http://www.toonpool.com/cartoons/Wikileaks_107207.

Која е тогаш иднината на новинарството?

Робинсон ги гледа Викиликс и нивниот модел како добар пример за новинарска организација која тежнее кон идеалот за четвртиот столб. Поради тоа што се финансирани од јавноста преку мали донации, тие остануваат единствено одговорни кон јавноста. Нивниот модел исто така ја отвора вратата за научното новинарство. Џулијан Асанж вели дека научното новинарство овозможува не само читање на новинска вест, туку и проверка на оригиналниот документ кој е основа за таа вест. Така читателот сам ќе може да оцени дали веста е вистинита или не. Јасно ова е и начин да се види дали новинарот ја исполнил обврската кон вистината.

Огромно прашање е дали и колку моделот на Викиликс - да се биде финансиран од јавноста и да се објавува вистина, може да се прилагоди во Македонија. Но, ова прашање оди рака под рака со прашањето дали демократија може да опстане без медиуми кои се стремат кон овој идеал. И додека работиме на појавувањето на новинарската организација која ќе биде отелотворување на четвртиот столб, да се потсетиме на познатата мисла на Томас Џеферсон: „Онаму каде печатот е слободен и секој човек знае да чита, сѐ е безбедно“.

Текстот е објавен на РСЕ.мк.

Овој текст е втор дел од пишувањата за новинарството. Првиот дел е „Поп-културата и новинарството“.

Поп-културата и новинарството

Tags: 

Краток преглед на списокот на измислени новинари, открива интересна појава помеѓу суперхероите што се појавуваат во стриповите, филмовите и тв сериите: голем број од нив се новинари, репортери, фотографи. Од попознатите Супермен е Кларк Кент, новинар од Дејли Планет, Спајдермен е Питер Паркер фотограф од Дејли Багл, Капетан Марвел е Били Батсон, радиски новинар. Со ненадприродни моќи го имаме Тин Тин кој исто така е репортер, Снапер Кар кој е дел од Лигата на правдата и Ејприл О'Нил од екипата на Нинџа желките.

Улогата на суперхероите во општествата, па и во оние измислените, е да им помагаат на беспомошните, обесправените и загрозените. Тие ѝ се спротистават на моќта која нe одговара пред никој друг. Нивната задача е бидат последната контролна точка која злоупотребите на моќниците никако не смеат да ја поминат.

Од друга страна, со зборовите на Едмунд Бурк, задача на печатот е да обезбеди функционирање на претставничката демократија со тоа што ќе остане независен од владината контрола, ќе ја испитува владината работа и ќе ги држи политичарите до одговорност со тоа што ќе ја снабдува јавноста со информации потребни за носење на информирани демократски одлуки. Кажано поинаку, печатот треба да ја зборува вистината за моќта.

Слика од: https://5yearproject.wordpress.com/tag/wardrobe/.

Дали е тогаш случајно што токму ликови на новинари се чести алтер ега на (супер)хероите?

Она против што суперхероите се борат со своите ласерски очи и пајакови мрежи е истото за кое новинарите мора да пишуваат без страв. Според Џенифер Робинсон, новинарството е професија која е посветена на транспарентноста, вистината и отчетноста, и професија која треба да ги руши корумпираните влади, да зборува за неправдата и нееднаквоста и да им даде глас на безгласните.

Слободата на печатот, како и слободата на говорот, се концепти кои се сметаат за едни од најголемите достигнување на западните демократии. Оттука, не е чудно што поп-културата ги прифаќа и поттикнува истите нив преку своите дела, мешајќи го јавниот и тајниот живот, дневната и ноќната работа на новинарите-суперхерои.

Поради сето ова ми беше интересно да побарам, барем на интернет, референца за измислен новинар од Македонија. Колку што успеав да најдам, нема таков истанкат лик во нашите книги или филмови. Ниту пак најдов суперхерој кој во својата дневна работа е новинар.

Се разбира, причините за ова може да се целосно економски: локалниот пазар можеби е премногу мал. Или пак можеби се артистички: домашните стрип-цртачи, на пример, можеби повеќе сакаат да цртаат на други теми. За конечен заклучок потребно е повеќе истражување. Во меѓувреме, останува да се надеваме дека недостатоток на новинарите-суперхерои било одраснати дома, било преведени од странство не е индикатор за тоа колку нам овде ни значат вредностите за кои зборува Бурк.

Овој текст е објавен на Радио Слободна Европа: http://www.makdenes.org/content/article/24630046.html