Патот до 70 илјади

Tags: 

Двете главни критики што може да се прочитаат на социјалните мрежи против шарената револуција се дека протестите се мирни, а со мирни протести ништо не се постигнува, и дека повторување на една те иста работа не може да доведе до различни резултати од тие што сме ги добивале претходно – а тие воглавно биле неуспех во остварувањето на барањата на граѓаните што протестираат. Двете критики се неиздржани. Тие или укажуваат на неинформираност на луѓето што ги застапуваат, или пак се намерен обид за поткопување на протестите за промена на режимот на Никола Груевски.

Всушност, податоците за движењата што се бореле за промена на влада или остварување независност од 1900 до 2006 година кажуваат поинаква приказна. Ненасилните протести во споредба со насилните имаат два пати поголема шанса да успеат во остварување на нивните цели. Уште повеќе, ненасилните протести се поуспешни и во креирањето на демократски институции штом ќе заврши промената на владата.

Предноста на ненасилните протести е едноставна: тие можат да привлечат разнолика група на луѓе и да добијат поддршка од инаку неодлучните граѓани. Понатаму, зголемувањето на бројот на учесниците ќе го поврзе движењето со разни делови од опшеството и ќе влијае на оние граѓани кои се лојални на режимот. Дури и најлојалните поддржувачи на режимот против кој се бори ненасилното движење имаат секојдневни врски низ оштественото ткиво коишто на дол рок се поважни од судбината на автократот кој што моментално владее.

Повторувањето на активностите има друга предност: во контекст на Македонија континуирана граѓанска активност секогаш е напредок. Овој пат репертоарот е дополнет со боење на градот. Тоа им дава можност на пасивните граѓани да видат дека нешто се случува во нивниот град. Можеби дисперзијата на протестите ќе има уште поголем ефект: бои во резиденцијалните делови на градот ќе ја пренесе пораката поблиску и до оние кои не шетаат во центарот. Но, и без тоа трагите остануваат видливи за сите.

Сепак, има и едно ограничување на оваа дискусија. Податоците од историјата кажуваат и дека ненасилните кампањи се секогаш успешни штом достигнат праг од 3,5 проценти од населението кое активно и континуирано учестува. За Македонија тоа е 70 илјади граѓани. Од една страна повторувањето на протестите секој ден во исто време и низ повеќе градови може бавно да достигне до точката од 70 илјади. Како што се шири мрежата на учесниците и учеството станува сѐ помалку ризично, тоа е очекуванио исход што би следел по некое време. Од друга страна прашањето што се поставува е дали опозицијата е толку слаба што не може да обезбеди 70 илјади граѓани кои што ќе го искажат своето незадоволство на улица. Тука не мислам само на СДМС туку и на сите други опозициски партии кои што, барем декларативно, се против режимот на Груевски. Тешко е да се замисли сценарио во кое сите тие немаат капацитет да мобилизираат 70 илјади граѓани. Другото сценарио е дека тие не сакаат да го сторат тоа, и тогаш шпекулациите за тајни преговори додека континуирано траат релативно малите по бројност протести имаат повеќе смисла. Останува на партиите да одговорат.

Но, да ја ставиме оваа бојка во контекст. На референдумот за зачувување на изгледот ГТЦ само во општина Центар имаше 17 илјади гласови. Прашањето за шарената револуција е како да ги мобилизира луѓето што гласаа против промената на фасада на трговскиот центар и дали за тоа е потребна некавка соработка со партиите или не. Има различни тактики за ова. Можеби една е „референдумски ден“: секои две седмици во недела на пладне да се бара масовност при што тоа може да се организира во секое маало без нужно собирање во центарот на градот. Тоа што протестите во историски контекст се на прав пат, не значи дека тактички прилагодувања на околностите не се потребни.

Во заклучок, критиките против шарената револуција се неосновани поради неинформираност или малициозност на нивните пропоненти. Континуираната активност на движењето е поважна од неговото бавно темпо на мобилизација. Последното повеќе отвара прашања за ангажманот и/или капацитетот на декларираните опозициски партии, отколку за патот по кој е тргнато движењето против режимот на Груевски. На шарената револуција ѝ преостанува да иновира во тактиките за да го рашири гласот онаму каде што ехото од центарот не стигнува.

Овој текст во голема мера е базиран на презентираните наоди од истражувањата на ненасилните протести достапни во ова видео.

Текстот е оригинално објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/a/27747197.html