Протест за статус-кво

Tags: 

Протестот против новиот закон за задолжителни придонеси е протест за задржување на статус-кво, а тоа не е од корист за сиромашните

Да преминам одма на главното:

Аргументот дека од 1.1.2015 ништо нема да ги спречи работодавците да ги отпуштат сите од работа е, во најмала рака, погрешна интерпретација на нештата. И денес, со постоечките закони ништо не спречува никого да води бизнис само со помош на договор за дело. Но, и покрај тоа имаме луѓе што се вработени согласно ЗРО. Тоа е така затоа што ЗРО нуди погодности за двете страни и покрај тоа што хонорарците денес се дури 35% поевтини од вработените.

Оттука, аргументот дека од новиот закон ќе страдаат сиромашните не држи вода. Сиромашните сега страдаат. Ако законот не се промени тие нема да имаат алатка со која би можеле да побараат повисоки примања и/или вработување. Затоа законот, колку и тој да е мотивиран од краткорочните желби на Владата за зголемување на буџетот (како што се шпекулира), претставува и алатка во рацете на оние кои со години се наоѓаат во милост и немилост на работодавците и прикриено се вработени со договор на дело. Работодавци, за кои патем, ние сите, целото општество, колективно молчиме (а нивните имиња и бизниси ги знаеме и фалиме за успешност).

Ова се разбира не значи дека сѐ наеднаш ќе се реши и/или дека законот е совршено решение за сѐ. Но, тоа важи за секој закон, па не гледам потреба да се трошат зборови за тоа.

Но, законот ќе ги погоди, ако може така да се изразам, канцелариските хонорарци. На пример IT инжинерите во доцните 20-ти и рани 30-ти кои одлучуваат да работат со договори на дело за да можат да земаат високи примања (а кои поради младоста не се разболуваат често, па не им е потребно здравствено осигурување). Во оваа група на канцелариски хонорарци се и други професии, повеќе или помалку, правници, консултанти, професионалци од НВО секторот…

И ако сме искрени треба да кажеме дека ова е нивен протест. Ова е протест за задржување на статус-квото кое на групите што земаат високи хонорари им овозможува за нив да плаќаат само 11,11%.

Сиромашните секогаш биле потчинети и ќе бидат потчинети и понатаму во капиталистичкиот систем. Да не се лажеме. Тие 20 и кусур години не можеле да организираат протест за нивните ниски примања, скриени вработувања, лоши услови и безброј други злоупотреби. Тие 20 и кусур години не добиле поддршка од никого нити доживеале некој да ги предизвика, осуди или барем стави во медиумска приказна за засрамување газдите за кои работат во лоши услови. Сетете се само колку се (не)масовни протестите за работнички права на 1 Мај.

Секако, секоја група што мисли дека има што да загуби има право да протестира. Само за да бидеме фер, ајде да ги кажеме работите како што се.