протести

Undefined

Патот до 70 илјади

Tags: 

Двете главни критики што може да се прочитаат на социјалните мрежи против шарената револуција се дека протестите се мирни, а со мирни протести ништо не се постигнува, и дека повторување на една те иста работа не може да доведе до различни резултати од тие што сме ги добивале претходно – а тие воглавно биле неуспех во остварувањето на барањата на граѓаните што протестираат. Двете критики се неиздржани. Тие или укажуваат на неинформираност на луѓето што ги застапуваат, или пак се намерен обид за поткопување на протестите за промена на режимот на Никола Груевски.

Всушност, податоците за движењата што се бореле за промена на влада или остварување независност од 1900 до 2006 година кажуваат поинаква приказна. Ненасилните протести во споредба со насилните имаат два пати поголема шанса да успеат во остварување на нивните цели. Уште повеќе, ненасилните протести се поуспешни и во креирањето на демократски институции штом ќе заврши промената на владата.

Предноста на ненасилните протести е едноставна: тие можат да привлечат разнолика група на луѓе и да добијат поддршка од инаку неодлучните граѓани. Понатаму, зголемувањето на бројот на учесниците ќе го поврзе движењето со разни делови од опшеството и ќе влијае на оние граѓани кои се лојални на режимот. Дури и најлојалните поддржувачи на режимот против кој се бори ненасилното движење имаат секојдневни врски низ оштественото ткиво коишто на дол рок се поважни од судбината на автократот кој што моментално владее.

Повторувањето на активностите има друга предност: во контекст на Македонија континуирана граѓанска активност секогаш е напредок. Овој пат репертоарот е дополнет со боење на градот. Тоа им дава можност на пасивните граѓани да видат дека нешто се случува во нивниот град. Можеби дисперзијата на протестите ќе има уште поголем ефект: бои во резиденцијалните делови на градот ќе ја пренесе пораката поблиску и до оние кои не шетаат во центарот. Но, и без тоа трагите остануваат видливи за сите.

Сепак, има и едно ограничување на оваа дискусија. Податоците од историјата кажуваат и дека ненасилните кампањи се секогаш успешни штом достигнат праг од 3,5 проценти од населението кое активно и континуирано учестува. За Македонија тоа е 70 илјади граѓани. Од една страна повторувањето на протестите секој ден во исто време и низ повеќе градови може бавно да достигне до точката од 70 илјади. Како што се шири мрежата на учесниците и учеството станува сѐ помалку ризично, тоа е очекуванио исход што би следел по некое време. Од друга страна прашањето што се поставува е дали опозицијата е толку слаба што не може да обезбеди 70 илјади граѓани кои што ќе го искажат своето незадоволство на улица. Тука не мислам само на СДМС туку и на сите други опозициски партии кои што, барем декларативно, се против режимот на Груевски. Тешко е да се замисли сценарио во кое сите тие немаат капацитет да мобилизираат 70 илјади граѓани. Другото сценарио е дека тие не сакаат да го сторат тоа, и тогаш шпекулациите за тајни преговори додека континуирано траат релативно малите по бројност протести имаат повеќе смисла. Останува на партиите да одговорат.

Но, да ја ставиме оваа бојка во контекст. На референдумот за зачувување на изгледот ГТЦ само во општина Центар имаше 17 илјади гласови. Прашањето за шарената револуција е како да ги мобилизира луѓето што гласаа против промената на фасада на трговскиот центар и дали за тоа е потребна некавка соработка со партиите или не. Има различни тактики за ова. Можеби една е „референдумски ден“: секои две седмици во недела на пладне да се бара масовност при што тоа може да се организира во секое маало без нужно собирање во центарот на градот. Тоа што протестите во историски контекст се на прав пат, не значи дека тактички прилагодувања на околностите не се потребни.

Во заклучок, критиките против шарената револуција се неосновани поради неинформираност или малициозност на нивните пропоненти. Континуираната активност на движењето е поважна од неговото бавно темпо на мобилизација. Последното повеќе отвара прашања за ангажманот и/или капацитетот на декларираните опозициски партии, отколку за патот по кој е тргнато движењето против режимот на Груевски. На шарената револуција ѝ преостанува да иновира во тактиките за да го рашири гласот онаму каде што ехото од центарот не стигнува.

Овој текст во голема мера е базиран на презентираните наоди од истражувањата на ненасилните протести достапни во ова видео.

Текстот е оригинално објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/a/27747197.html

Протест за статус-кво

Tags: 

Протестот против новиот закон за задолжителни придонеси е протест за задржување на статус-кво, а тоа не е од корист за сиромашните

Да преминам одма на главното:

Аргументот дека од 1.1.2015 ништо нема да ги спречи работодавците да ги отпуштат сите од работа е, во најмала рака, погрешна интерпретација на нештата. И денес, со постоечките закони ништо не спречува никого да води бизнис само со помош на договор за дело. Но, и покрај тоа имаме луѓе што се вработени согласно ЗРО. Тоа е така затоа што ЗРО нуди погодности за двете страни и покрај тоа што хонорарците денес се дури 35% поевтини од вработените.

Оттука, аргументот дека од новиот закон ќе страдаат сиромашните не држи вода. Сиромашните сега страдаат. Ако законот не се промени тие нема да имаат алатка со која би можеле да побараат повисоки примања и/или вработување. Затоа законот, колку и тој да е мотивиран од краткорочните желби на Владата за зголемување на буџетот (како што се шпекулира), претставува и алатка во рацете на оние кои со години се наоѓаат во милост и немилост на работодавците и прикриено се вработени со договор на дело. Работодавци, за кои патем, ние сите, целото општество, колективно молчиме (а нивните имиња и бизниси ги знаеме и фалиме за успешност).

Ова се разбира не значи дека сѐ наеднаш ќе се реши и/или дека законот е совршено решение за сѐ. Но, тоа важи за секој закон, па не гледам потреба да се трошат зборови за тоа.

Но, законот ќе ги погоди, ако може така да се изразам, канцелариските хонорарци. На пример IT инжинерите во доцните 20-ти и рани 30-ти кои одлучуваат да работат со договори на дело за да можат да земаат високи примања (а кои поради младоста не се разболуваат често, па не им е потребно здравствено осигурување). Во оваа група на канцелариски хонорарци се и други професии, повеќе или помалку, правници, консултанти, професионалци од НВО секторот…

И ако сме искрени треба да кажеме дека ова е нивен протест. Ова е протест за задржување на статус-квото кое на групите што земаат високи хонорари им овозможува за нив да плаќаат само 11,11%.

Сиромашните секогаш биле потчинети и ќе бидат потчинети и понатаму во капиталистичкиот систем. Да не се лажеме. Тие 20 и кусур години не можеле да организираат протест за нивните ниски примања, скриени вработувања, лоши услови и безброј други злоупотреби. Тие 20 и кусур години не добиле поддршка од никого нити доживеале некој да ги предизвика, осуди или барем стави во медиумска приказна за засрамување газдите за кои работат во лоши услови. Сетете се само колку се (не)масовни протестите за работнички права на 1 Мај.

Секако, секоја група што мисли дека има што да загуби има право да протестира. Само за да бидеме фер, ајде да ги кажеме работите како што се.

Ќе има ли погласно соочување: Трибината на Студентски пленум и отсуството на моќните

Tags: 

Кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници

Додека влегувате во амфитеатарот на Филозофски / Филолошки факултет ја забележувате неговата / нивната финансиска моќ. Просторијата не е во добра состојба. Изгледа како да не е кречена одамна, или барем, како прозорците на кровот што треба да даваат дневна светлина да не се во добра состојба, па низ нив капело од обилните врнежи кои што стануваат вообичаени за Скопје. Сите редови освен првите 2 се со дрвени столчиња.

На катедрата како говорници, покрај професорите од Филозофски и Филолошки факултет, седат преставници од ФДУ и ПМФ. Сите професори се од факултети кои не припаѓаат на големиот бизнис со / во образование(то). Филозофски и Филолшки делат зграда и дури ни заедно не можат да имаат реновиран амфитеатар, како на пример што Економски факултет имаше уште во 1999 год. ФДУ е сместен во бараки, кои колку и да се топли и полни со дух од уметничкиот живот, се крш. ПМФ е факултет кој по сплетките со Институтот за информатика и неговото реформирање во ФИНКИ го изгуби главниот извор на приходи, па професорката Прелиќ нѐ потсетува дека сега немаат пари ни за хемиски реагенси.

Сето ова е слика на средбата на помалку привилегираните факултети и на оние кои, барем во академскиот ред, немаат речиси никакви привилегии — студентите. Дури и претставниците од професорскиот ред на некој начин беа „the usual suspects“ — Вилиќ, Ванковска и Бојаџиевска, па дури и Цуцуловски пред да се пензионира, се чести лица во јавното зборување за разни проблеми, па и универзитетските.

Ова не го пишувам за да ги критикувам овие факултети или присутните професори, туку за да додадам контекст во трибината што ја организираше Студентски пленум:

Колку и да беше прецизно и јасно правното излагање на Костантин Битраков, тоа ќе беше помоќно ако покрај него зборуваше и професор од Правниот факултет. Вилиќ убаво напомена дека веројатно во министерството немаат правник како Костантин, но имаат ли на Правен?

Понатаму, кога на google.com ќе пребарате „економски факултет екстерно“ резултатот е нула пронајдени страници. Веројатно најбогатиот и најмоќниот (и најбројниот по студенти?) факултет молчи. Исти се резултатите и за Архитектонски и Медицинси факултет…

Колку што знам (немам facebook, тешко ми е да проверам) Филозофски/Филолошки се единствените два факултети на УКИМ што дозволиле употреба на просторија (а тоа да не е холот/аулата) за одржување на активности на Студентски пленум, иако студентите знаат дека никаква посебна дозвола за тоа не е потребна (ако добро запаметив од трибината: член 157 од Законот за високото образование).

Прашањето оттука е — кога ќе се соочиме со помоќните факултети и нивните помоќни професори?

Окупирајте ги кампусите. Сите.

На Окно: http://okno.mk/node/43142

На НоваТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=18950