May 2010

Кога веќе не направивме џингл за RMS...

Tags: 

Кога пред неколку години се дозна дека RMS играл македонско оро на песна за Битола, Македонија реши да му се заблагодари за оваа промоција со инсталирање на GNU/Linux на сите компјутери во училиштата.

RMS во Скопје

Ричард Сталман е назад во Македонија за прв пат по многу години. Иако веќе не е во години за играње, сѐ уште добро се држи со зборување. Така, на темата „Авторските права против општеството“ RMS ќе ѝ се обрати на скопската публика на 3 јуни во 18 ч во Холидеј-ин.

Отворен повик за TED независна иницијатива во Македонија

Tags: 

Ви пренесуваме идеја, мотив и инспирација во која можете слободно да се приклучите

Ова е отворен повик за неформално собирање на зависници на TED настани од Македонија, кои посериозно би сакале да се ангажираат во локализација на TED независен настан.

Целта на оваа е група е да покрене иницијатива која ќе го донесе ТED духот во Македонија и ќе адаптира нов начин на креирање во рамките на нашето локално живеење и творење.

Со овој јавен повик се надеваме ќе успееме во пронаоѓање на ентузијасти кои веќе расмислувале на оваа тема или пак можеби и посериозно се влезени во процесот на стекнување TEDx лиценца.

Со цел насочување и здружување на енергиите, би сакале заеднички со сите вас, да креираме концепт за TED настан кој би бил посериозен во обем, промоција и квалитет на говорници.

tedx

Што е TED?
TED (читај Технологија, Забава и Дизајн) е независна непрофитна фондација од САД, што во последните 20-тина години успеа да се прошири низ цел свет, анимирајки следбеници со завет за ширење на идеи кои вредат да се споделат ("ideas worth spreading" мисија). Овој концепт како вирален веќе е прифатен од голем број на ралични групи, здруженија и поедници, како основа во формирање на посебен независен формат на локално ниво со етикета TEDx.

Главната цел е да се соберат на едно место неверојатно талентирани ентузијасти кои ќе овозможат креирање на атмосфера за ширење на креативни идеи во рамките на технологија, забава и дизајн кои ќе се применливи во секојдневниот бизнис, општеството и глобални прашања. Сите презентации се лимитирани на 18 минути, што всушност го ограничуваат говорникот за многу кратко време да ја презентира својата долгогодишна работа на јазик што ќе биде интересен, разбирлив и прифатлив за публиката.

Значи, кои сме ние...

Моментална конфигурација на тимот:

  • Искуство во постојано гледање на TED видеа;
  • Искуство во преведување на TEDx видеа на Македонски јазик;
  • Основни познавања за начините и правилата во стекнување на TEDx лиценца;
  • Некои од нас веќе имаат присуствувано на TED настаните во Сараево и Загреб.

Нашата мисија е да пораснеме и да бидеме:

  • позабавни,
  • поинспирирани,
  • подружељубиви,
  • поинформирани,
  • покреативни.

Ако некој од вас веќе се пронајде во оваа наша мисија ќе ве замолимe слободно да се приклучите на Гугл групата tedmk и да пишувате ваши мислења и коментари. Нашата идеја е да ги поканиме сите што се пронаоѓаат во овој концепт за да на најдобар начин создадеме услови во чии рамки ќе можат да проговорат најинтересните, најиновативните говорници во Македонија.

Промоција на книга на Фросина Наумовска

Tags: 

Секогаш сакам кога причината да напишам нешто на блогов е убава.

Вчера бев во Куманово на промоција на поетската збирка на Фросина, книга што таа се обидува да ја издаде од 2006 година кога на конкурсот „Ацо Караманов“ за најдобра небјавена збирка добива прва награда.

promocija frosina

Па книгата „Модерен светец“ конечно е издадена и чини (симболични?) 130 денари. Самиот чин на објавување на хартија си има и своја вредност (додуша можеби не толку голема за луѓето како мене што сѐ ставаат на интернет :)).

Промоцијата беше интересна, без многу формалности (скоро ич) и поезијата беше испреплетена со музички изведби на гитара, клавир и тромбон што за мене беше пријатно изненадување

promocija frosina

Па сега да споделам и една песна. Личен фаворит ми е „Кавга“ од стр. 79 (иако морам да кажам дека не се разбирам баш во поезија), но тука нешто пократко:

Инцидент

Моја е вашата цреша!
Никогаш нема да згрешам
со туѓа јас да ја смешам -
моја е вашата цреша!

На самиот врв ќе се качам,
гранките да ѝ ги решам.
Ќе украдам сѐ што е ваше
берејќи ја мојата цреша.

Ако ли куршум ме стаса
ко малото Ромче, се тешам:
не ќе биде никогаш ваша
повеќе мојата цреша.

ACTA и јас

Tags: 

Се случува историја. Интернетот што го знаеме може повеќе да не постои.

Можеби само мене ми е сѐ потешко да пишувам за работи кои нѐ чекаат и за кои многу веројатно ќе немаме избор, кога толку многу други нешта во државава и општествово притискаат, но сѐ уште сакам да мислам дека е подобро нешто да се знае, отколку да се чека изненадување.

Па за оние кои не можат да најдат еден час да ги погледаат двете предавања на Мајкл Гајст за тоа што претставува ACTA (Anti-Counterfeiting Trade Agreement), еве на кратко:

  • Тоа е договор што се составува речиси целосно во тајност. Инициран е од САД и поддржан од повеќето развиени земји (уште една coalition of the willing). Се очекува да стапи во сила најдоцна до 2012.
  • Тоа не е договор што ќе се напише и потпише. Тој заговара формирање на комплетно нова институционална рамка (со тела како Секретаријат). Фактот што преговорите всушност се одвиваат надвор од денешната институционална рамка (ООН, СТО, СОИС) говори и за тоа дека иницијаторите го гледаат процесот на одлучување во тие институции како пречка за нивната агенда. Со ова од форум (ООН) се оди кон клуб (НАТО). Во ООН мора да постои консензус меѓу сите земји што се членки за да се донесе одлука, а се станува член во моментот кога земјата е признаена. Во НАТО член се станува откако ќе се исполнат условите што ги поставуваат другите земји-членки. Така веројатно ќе биде и со ACTA. Земјите што ќе сакаат да станат членки ќе мора да ги прифатат условите, иако не учествувале во нивното создавање.
  • Се мисли дека ова поместување е последното во серијата УНЕСКО -> СТО -> СОИС -> ACTA во областа на „интелектуалната сопственост“. Секоја претходна институција е заменувана под силен притисок од САД со наведување на бавноста на процесот како главна причина за нефункионалноста на дадената институција.
  • Иако е именуван како трговски договор, ACTA всушност е договор за „интелектуална сопственост“ и ќе вклучува сѐ од штампање ADIBAS на маици до софтвер и интернет. Познатиот 3-strike-law (кој во некои држави веќе е изгласан) е исто така дел од агендата. Со него, по третиот прекршок во врска со авторски права на интернет, на корисниците ќе им биде одземен пристапот до мрежата.
  • Само мал број организации во светот се активни во обзнанувањето и разобличувањето на ACTA. Во Европа тоа е мрежата на Пиратски партии, кои меѓу другото сметаат дека овој договор ќе ги нарушува основните граѓански права. Европската комисија пак, смета дека непотребно се шири паника и дека овој договор е уште еден business as usual.
  • Колку што ми е познато ниту еден медиум во Македонија не ја обработил темата за ACTA. Можеби едноставно ќе се разбудиме во ACTA-свет.
  • Тонот на песимизам во последната реченица е ехо на најголем број од луѓето кои на различен начин се занимаваат со ова прашање. Чувството на немоќ можеби најмногу е изразено кај активистите во Европа.

Пионерите на новото време

Tags: 

Да си ги довршам, барем засега, мислите околу идеологијата и економијата (1, 2 и 3).

Пионерите и младинските организации од времето на СФРЈ често се сметаат за дел од широката идеолошка подлога на тој систем (и другите слични на него).

Според en.wiktionary.org пионер, меѓу другото, е некој што (в)оди напред, на пример во дивината, за да го припреми патот што ќе го следат другите.

Во либералниот капитализам тие што водат напред се претприемачите. Тие вложуваат во нови бизниси и преземаат ризик кога остатокот (мнозинството) гледа како да ги задржи своите удобни работни места. Тоа го прават за своја корист (профит), но на крај за корист на целото општество, бидејќи новите бизниси, производи, услугу и технологии ќе создадат подобри услови за сите.

Да, ова, горе-долу, е официјалната мантра за претприемништвото.

А за да се осигура дека секогаш ќе има претприемачи кои ќе одат напред за да го припремат патот за другите, денешното општество, исто како и минатото, организира пионерски одреди. Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење и Претприемничкиот сервис за млади се два вакви примери кои често организираат натпревари за нови бизниси наменети за млади луѓе. Сеќавањето ми вели дека едно време беа актуелни и разни симулации за берза наменети за студенти, но сега не можам да најдам врска до тоа на интернет.

Среќно или не, јас ги фатив двата одреда.

Уште малку за музиката и авторските права

Tags: 

Приказната оди вака:

Некое американско списание ја критикувало p2p културата на размена со вообичаениот тон за пирати. Текстот имал илустрација со ноти што се од песна што не е во јавен домен, т.е. за која е потребна дозвола од авторот (сопственикот) за нејзина употреба.

Некои луѓе на интернет се собрале и направиле реинтерпретација на нотите и сликата и тоа музичко дело го издале под cc-by-nc-sa.

Деталите и музиката на http://www.archive.org/details/DespiteTheDownturnAnAnswerAlbum

Меланхонични слонови

Tags: 

Денес чистев некои стари обележувачи од уште постариот Firefox профил и го најдов тој за еден краток расказ од Спајдер Робинсон насловен „Меланхонични слонови“.

Напишан во далечната 1983 оваа кратка проза го слика светот што сака авторското право да го направи да трае засекогаш. Долго пред денешните копирајт војни, Спајдер успеал да фати многу интересни поенти за тоа што значи продолжувањето на рокот на авторските права.

Да, го препорачувам расказот.

Уште за економијата и идеологијата

Tags: 

Во „Современите економски системи“ книга на Никола Узунов и Љубица Костовска (всушност единствената книга што ја сметам (и сметав) за учебник од Економскиот факултет во Скопје - поради начинот и јазикот на кој што е напишана) на крајот на Глава III (Интеракција меѓу економскиоте и политичките системи) се вели:

Според тоа, трајни се врските ако се појават спонтано и ако постои природен афинитет меѓу елементите на системот. Со други зборови авторот вели дека административно цетралистичкиот систем (читај монистички систем Советски блок) т.е. врската 1-А, и само-управниот систем (читај СФРЈ) т.е. врската 3-С не се појавиле спонтано туку под влијанието на идеологии, и се одржувале вештачки; а пазарниот систем се појавил спонтано, како продукт на историјата и се одржува речиси како природна појава.

Воглавно имам проблем со објаснувањето на општествените појави преку некаква „природност“. Но нема да одиме натаму. Овој дел од книгата заклучува дека приватната сопственост и пазарната координација си одговараат со демократијата, т.е. тие два система се конзистентни бидејќи и двата се плуралистички. Се разбира конзистентност може да има и во неплуралистичките системи, но како што е опишано погоре тие не се „природни“ и оттука се неодржливи (како што и историјата покажала). Но одржливоста не е цел сама за себе. На крај, овие системи се тие што носат намногу корист, развој, пари, среќа итн. (Авторите не се без критика за капиталистичкиот систем, посебно во однос на социјалната праведност - но за тоа можеби друг пат.)

Двојниот плурализам е selling point-от на новиот систем. Ова е начинот со кој најлесно се објаснува преминот на Македонија кон овие системи, но дури и неизбежноста на таквиот премин која изгледа и историски детерминирана.

Fast-forward до доцните 2000 и ја имаме Кина со авторитарен-капитализам т.е. без политички плурализам, но плурализам во економскиот систем, со други зборови неприродна врска - неконзистентност на системите, а со извонреден раст што не изгледа дека ќе запре. Што сега за иднината на општествата? Дали поместувањето на другите ќе биде кон Кина со цел да не застане растот?

Славој Жижек, еден од водечките филозофи на денешницата, има неколку поенти за тоа:

The explosion of capitalism in China has many Westerners asking when political democracy—as the “natural” accompaniment of capitalism—will emerge. But a closer look quickly dispels any such hope.

The features we identify today with liberal democracy and freedom (trade unions, universal vote, freedom of the press, etc.) are far from natural fruits of capitalism. The lower classes won them by waging long, difficult struggles throughout the 19th century. Recall the list of demands that Karl Marx and Friedrich Engels made in the conclusion of The Communist Manifesto. With the exception of the abolition of private property, most of them—such as a progressive income tax, free public education and abolishing child labor—are today widely accepted in “bourgeois” democracies, and all were gained as the result of popular struggles.

1 мај 2010

Tags: 

Веќе е 1 мај и сакав да напишам нешто околу тоа, но некое светкаво веб2.0 срање ми го одзеде вниманието и мислата отиде.

Нејсе, лани сум пишувал за „Неолиберализмот и образованието“, што ми се чини е добра стартна точка за секој што би сакал да размислува зошто правата на работниците во Македонија се намалуваат. Современото сфаќање е дека човекот е само уште еден ресурс, па веројатно тешко е да се замисли ресурсите да добиваат некакви права (какво право има некоја машина?).

Дали е ова добро или лошо е друга дебата (или можеби е вистинската дебата?), но таа дебата не се случува (барем не во Македонија).

Па, среќен 1 мај.