ACTA и јас

Tags: 

Се случува историја. Интернетот што го знаеме може повеќе да не постои.

Можеби само мене ми е сѐ потешко да пишувам за работи кои нѐ чекаат и за кои многу веројатно ќе немаме избор, кога толку многу други нешта во државава и општествово притискаат, но сѐ уште сакам да мислам дека е подобро нешто да се знае, отколку да се чека изненадување.

Па за оние кои не можат да најдат еден час да ги погледаат двете предавања на Мајкл Гајст за тоа што претставува ACTA (Anti-Counterfeiting Trade Agreement), еве на кратко:

  • Тоа е договор што се составува речиси целосно во тајност. Инициран е од САД и поддржан од повеќето развиени земји (уште една coalition of the willing). Се очекува да стапи во сила најдоцна до 2012.
  • Тоа не е договор што ќе се напише и потпише. Тој заговара формирање на комплетно нова институционална рамка (со тела како Секретаријат). Фактот што преговорите всушност се одвиваат надвор од денешната институционална рамка (ООН, СТО, СОИС) говори и за тоа дека иницијаторите го гледаат процесот на одлучување во тие институции како пречка за нивната агенда. Со ова од форум (ООН) се оди кон клуб (НАТО). Во ООН мора да постои консензус меѓу сите земји што се членки за да се донесе одлука, а се станува член во моментот кога земјата е признаена. Во НАТО член се станува откако ќе се исполнат условите што ги поставуваат другите земји-членки. Така веројатно ќе биде и со ACTA. Земјите што ќе сакаат да станат членки ќе мора да ги прифатат условите, иако не учествувале во нивното создавање.
  • Се мисли дека ова поместување е последното во серијата УНЕСКО -> СТО -> СОИС -> ACTA во областа на „интелектуалната сопственост“. Секоја претходна институција е заменувана под силен притисок од САД со наведување на бавноста на процесот како главна причина за нефункионалноста на дадената институција.
  • Иако е именуван како трговски договор, ACTA всушност е договор за „интелектуална сопственост“ и ќе вклучува сѐ од штампање ADIBAS на маици до софтвер и интернет. Познатиот 3-strike-law (кој во некои држави веќе е изгласан) е исто така дел од агендата. Со него, по третиот прекршок во врска со авторски права на интернет, на корисниците ќе им биде одземен пристапот до мрежата.
  • Само мал број организации во светот се активни во обзнанувањето и разобличувањето на ACTA. Во Европа тоа е мрежата на Пиратски партии, кои меѓу другото сметаат дека овој договор ќе ги нарушува основните граѓански права. Европската комисија пак, смета дека непотребно се шири паника и дека овој договор е уште еден business as usual.
  • Колку што ми е познато ниту еден медиум во Македонија не ја обработил темата за ACTA. Можеби едноставно ќе се разбудиме во ACTA-свет.
  • Тонот на песимизам во последната реченица е ехо на најголем број од луѓето кои на различен начин се занимаваат со ова прашање. Чувството на немоќ можеби најмногу е изразено кај активистите во Европа.