секојдневие

Овој 11 Октомври

Tags: 

Денес имам посебна радост поради тоа што конечно имам парно дома. Но тоа не е сѐ.

Денес на плоштадот во Скопје имаше мал настан за прашањата за приватност во времево во кое живееме.

Постерот за кампањата „Слобода или страв“

Додека бев присутен голем број на минувачи застанаа да видат што е работата, па можеби тоа е добар чекор во запознавање на јавноста со овие проблематични и осетливи теми.

Потоа, следеше дебата во Точка на тема „Зошто востанието го кренале комунисти?“

Револуционерно знаме

Претпоставувам дека на други места ќе се појават подолги текстови за дебатава. Јас сакам само да речам секоја чест за академикот Коле Чашуле и едно благодарам за приказната што ја раскажа на почетокот за тоа како се готвело востанието.

На крај, Спин монстер е повторно во акција (на некој начин :-)).

Везилка

Tags: 

Бев во Глишиќ (Кавадарци) викендов...

Гранка од близу

...и налетеав на свирка на Фолтин:

А таа твоја дива и несмасна љубов
те галам дури предиш стуткана во скутов
се проѕеваш, се тегнеш, наспана и гладна
бараш да те пуштам, ме гребеш и ме касаш

Везилке, везилке, каж како да се роди
проста и строга македонска песна
откако Ленка остави кошула тенка
ленена недовезена на разбој

:)

RE: Битолски фестивал во Скопје

Tags: 

Без да се трудам да кажам нешто паметно (или ново) во врска со преместувањето на дел од програмата на фестивалот Манаки од Битола во Скопје, само да пренесам дека претставите во Скопје (на кои бев или за кои знам) имаа по дваесетина посетители.

Ако причина за преселба била публиката односно нејзината малубројност во Битола, тогаш нема што повеќе да се каже за тоа.

Економија на чекањето на семафор за државни колони

Tags: 

Денес бил ден без автомобили. За ова дознав прилично доцна во текот на денот, но тоа не ја смени мојата рутина, бидејќи и немам автомобил. Тоа, исто така, не ја смени рутината на еден државен функционер кој брзаше по Иво Лола Рибар кон ценарот на градот, во црното службено возило.

Поминувањето на овој автомобил исто така е дел од мојата дневна рутина. Дали на пешачки премин или на семафор во автобус, секој ден треба да чекам по невообичаено долго време за да помине некоја ваква брза кола. (Во ред, кога станува збор за ист правец, возачите на автобусите се необично вешти да го искористат за побрзо возење од што корист имаат повеќето патници.)

Сепак, бидејќи речиси секоја крстосница има четири правци, очигледно е дека додека едните брзаат, останатите чекаат. Колку чини тоа годишно?

Математиката е проста. Претпоставувам дека во просек се чека 5 дополнителни (непредвидени) минути на крстосница и дека од секоја страна има по 10 возила со 2 патници. Значи, 60 патници трошат по пет (работни) минути, а тоа се 300 минути по крстосница.

Сега да речеме дека брзиот службеник треба да помине 4 крстосници (Тафталиџе - Центар), тоа се веќе 1.200 минути (или 20 часа) дневно.

Колку е тоа годишно?

52 недели во годината по пет работни дена е еднакво на 260 дена. Ако секој ден поминува барем една таква кола, тогаш тоа се 5.200 часа (поделено со 8, тоа се 650 дена).

Ако дневницата во државава е 700 денари (15.000 денари поделено на 21 ден), тогаш тоа се вкупно 455.000 денари.

А ако поминат две коли..?

Македонски килт на кеј :)

Tags: 

За време на мечот Македонија - Шкотска, јас им правев конкуренција на гостинските навивачи со оригинален македонски килт.

Јас во македонски килт :)

Фотографирано на кеј, каде што имаше одлична забава.

За Spook Country и Гибсон

Tags: 

Ми се чини дека Вилијам Гибсон е единствениот писател кој го следам во континуитет. До сега единствено не сум успеал да ја прочитам Virtual Light и тоа по неколку обиди. Ова главно се должи на тешкотијата што ја имам во фаќање на ритамот на неговите книги. Сите започнуваат некако растргнато на сите страни, а приказната не се насетува на почетокот. Можеби ова најдобро се гледа (хм, чита) на All Tomorrow's Parties.

Од друга страна токму и таа тешкотија ми го прави читањето поинтересно. По почетното фаќање на ритамот, шетањето низ светот што го создава Гибсон е интересно и кон тоа голем придонес има чувството дека не знаете каде точно одите и каде ќе стигнете. На крај она што го скратува доживувањето и уживањето е речиси инстантниот, дури на некој начин и театарски, расплет.

Мислам дека и Spook Country, најновата книга на Вилијам Гибсон, ги има овие карактеристики. Иако некои рецензии не ја сметаат за полнокрвен роман (има помал број на страници од неговите други книги), искуството кое таа го пружа е возбудливо.

Сместена во денешно време, на локации кои, ако ништо друго, ги знаеме од телевизија и со теми што секако се дел од секојдневната доза на вести, книгата раскажува приказна за една голема шега (prank?) и како таа го менува животот на неколкуте протагонисти.

Истовремено ги допира прашањата на новото време, како на пример, приватноста во контекст на постојаниот развој на технологиите, новите политички реалности во глобалниот свет и сѐ поголемото влијание на новите индустрии во него.

Гибсон како да сака да каже дека сѐ што е во книгата се случува и денес, но скриено е зад невидливата завеса на медиумите, соопштенијата за јавност, конференциите за печат, рекламите, кампањите...

Но, како некаков препознатлив знак во делата на Гибсон, во книгата се чувствува и препознавање на моќта што новите технологии уште денес му ја даваат на малиот човек - омилениот лик на Гибсон.

Можеби сѐ уште имаме шанса да ѕирнеме зад завесата...

Приказни од ЈСП

Tags: 

„Државна“ 22-ка. Се качувам, а зад мене се врткаат двајца тинејџери - Роми по етничка припадност. Конечно едниот го прашува шоферот дали можеле да се повозат една станица. Возачот им дозволува, коментирајќи - имате пари за цигари, ама не за автобус. Неволно ама загрижено...

Веќе на следната станица етнички Македонец - тинејџер пристапува до вратата на автобусот со истото барање. Возачот овој пат не покажува никакво разбирање. Момчето понижено останува на автобуската станица.

Кога, две станици подолу, во автобусот влегува 3 члена контрола на ЈСП. Во истиот момент си помислувам дали е можно, возачот знаејќи за контролата, да ги намести едните, а да го спаси другиот. Се вртам кон едното дете и гледам како наеднаш му се менува расположението - и тој гледа дека влегува контрола.

Едниот контролор стигнува до него. Му бара карта. Детето одговара дека нема, дека само една станица се вози. Контролорот му објаснува дека ако е таква работата тогаш треба да се пријави кај возачот. Детото одговара дека токму тоа и го направило. Возачот, по мала проверка на идентитетот, ја потврдува приказната на детето.

Во моментот пред да го пуштат да си оди, од задниот дел на автобусот се слуша: - „Оставете го ајде, празник е денес. Љубе го ослободија“. На ова, еден од контролорите кој беше Албанец, коментира нешто на албански, детето слободно истрчува од автобус.

Јас се симнувам на следната станица. Се прашувам дали приказнава ќе имаше некакво поинакво значење ако не се знаеше етничката припадност на граѓаните вклучени во неа?

Други приказни од ЈСП.

Избори '08 #4

Tags: 

Можам да продолжам таму каде што застанав: Морони!

За малку ќе погинев враќајќи се назад од Охрид, на местото викако Лаиница (удолницата пред Гостивар). Во делот каде што патот е само 2 ленти, забрзана колона со полициска придружба (претпоставувам тоа дека значи дека владеачките партии беа во колите), возеше на средина на патот. Не знам каде брзаа толку во 5 - 6 попладне, ама знам дека имав среќа што човекот што возеше беше присебен.

Избори '08 #3

Tags: 

Само што видов некои од огласите на опозицијата со кои таа сака да ги убеди гласачите да гласаат против владеачките партии. Отприлика вака:

1. За шест месеци од изборите ќе сме добиеле датум за преговори за ЕУ

2. Странските инвестиции кај нас биле најниски од регионот.

Сериозно не сфаќам што е тоа што може да се направи во рок од шест месеци (која е таа брза и ефикасна реформа) што ќе не изнесе на толку посакуваниот пат за кратко време. Уште повеќе не сфаќам, зошто, ако таа реформа постои и ја знаат, до сега не е спроведена.

Така ми личи има барем 2 толкувања за ова: нема таква реформа, веќе се направени доволно реформи од сите претходни влади што реално е да се очекува датум до 2009.

Втората точка ми е уште поинтересна. За оние со кратко сеќавање, Македонија има најниски инвестиции во регионот со години наназад, период во кој двете најголеми партии неколку пати се сменија на власт. Очигледно, ако некоја земја толку очајно потфрлува во економските перфорамнси не може да очекува прием во економски моќната ЕУ, освен ако критериумите или мотивите се некои други?

Јасно, не можеме во рок од 6 месеци да стигнеме до најмногу инвестиции во регионот, па ако веќе влегуваме во ЕУ за исто толку време, тоа ќе биде некаква политичка одлука. Значи, на избори треба повеќе да веруваме дека политичко-гзолижачката моќ на СДСМ е поголема од онаа на ДПМНЕ.

Мислам дека опозицијата не можела да смисли победна кампања. За жал или за среќа, противници им се партии што мислат дека со кампања за трето дете ќе ги убедат гласачите во тоа дека тие се тие кои ќе обезбедат подобра иднина.

Ми се чини дека најпоразителниот факт е тоа што една конзервативна партија (како што се прокламираат) има толку голема поддршка кај младата (би требло прогресивна) популација. Згодно за слободен цитат од Черчил (или некој друг): да не си либерален кога имаш 25 значи да немаш срце, да не си конзервативен кога ќе имаш 35 значи да немаш мозок.

Клик по клик, го читам Коља во денешниот Утрински (а и го видов во тој еден неделник) и Коља (како ехо од повеќе страни од Македонија), сугерира дека Македонија оди во курац, дека е пред бездна, дека е опасно по ѓаволите опасно.

Ако е така, ако е навистина така, тогаш 2 работи мора да се знаат: едно општество и една држава не се доведуваат до раб на бездна за 2 години колку што е на власт последната влада. Потребна е долотрајна и макотрпна работа за еден таков општ заеб, и тогаш одговорноста е кај сите волови што некогаш биле на државни и сл. јасли. Тоа што среќата или несреќата направила ДПМНЕ да биде еден од последните возачи на возот кој оди во провалија, не ги амнестира другите актери и не ги прави подобра опција на изборите.

Ако Македонија навистина оди во бездна, така забрзано и забревтано, подгреана со национализам и кич, тогаш смената на власта само може малку да го успори процесот, но не верувам дека може и да го сопре или врати назад. Општествените промени кои имаат толку голем обем и опфат не се случуваат преку ноќ (освен можеби револуциите). Почвата се подготвувала со години наназад и сега што сме си сееле, тоа ќе си жнееме.

Ако е бездната тука пред нас, ако сѐ навистина оди по ѓаволите, тогаш подобро е да отиде таму, да стигнеме до тој крај, и оттаму да видиме што понатаму.

Лична забелешка: Мислам дека СДСМ се морнони. Исто така мислам дека ДПМНЕ се морони. Oh well... уште едно поништено гласачко ливче.

Разгледници од барата

Tags: 

Денес, на Glocal, уште една презентација е откажана поради тоа што предавачот не успеал да добие виза за Македонија. Ова е трето откажување на конференцијата, второ поради виза (уште едно поради „бирократски причини“).

Ако нешто ме нервира е кога нашите кретени малтретираат странци за визи, а истовремено бараат од европските кретени да не ги малтретираат граѓаните на Македонија.

Што има деновиве?

Tags: 

Вчера и утре одржувам(е) предавања за студентите од политички науки. Ова веќе прерасна во традиција. 6 години, 9 предавања за слободен софтвер и слично за правници, политиколози и новинари.

Marcell Mars вечерва пристига во Скопје. ;-)

Утре блогоконфзбир во Точка.

Денес бев во Орхид... многу, многу студено.

Избори '08 #2

Tags: 

Се вратив дома после СподелиЗнаење и земав да го разлистам весникот. Гледам, ФИООМ дистрибуирале некое книже, како записник, од трибината што ја организирале за Македонија пред и по Букурешт 2008. Сѐ познати имиња зборувале таму. да не ги набројувам сега.

Го листам тоа и ми текнува на еден текст од Лоренс Лесиг што го читав летоска. Како што сите добро знаат, Лери престана да се занимава активно со CreativeCommons и веќе започна нов проект што се вика Change Congress. И во текстов, тој објаснува зошто си оди, што го натерало да го промени фокусот на неговите активности. Вели тројца луѓе се заслужни барем за инспирацијата за тој чекор. Еден од нив е Барак Обама - демократот кој се бори за претседателска номинација. Да не преведувам:

Six months ago, I was reading Obama's (really excellent) latest book. In the beginning of the book, he describes his decision to run for the United States Senate. At that point, Obama had been in politics for about 10 years. Ten years, he reflected, was enough. It was either "up or out" for him. He gambled on the the "up." We'll see how far he gets.

Ми текна на ова додека го листав тоа книжето. Го листав и се сепнав. Ги гледам имињата и сфаќам дека кај нас нема „up or out“. Речиси сите политичари и други јавни лица, и по 10 и по 20 и по 50 години, си се на старите добри (платени) позиции.

Така се повеќе ми се чини дека е време за „Промени ја државата“. Не, не заговарам реформи како Лери во САД. Едноставно мислам да си ја сменам државата и место оваа да одам во друга.

Репринт: избори '08

Tags: 

Кога бев мал баба ми ми раскажуваше приказни за да ме заспие. Сеуште се сеќавам на некои од прикзните, додуше во груби црти.

Една од нив е онаа за овчарот кој (не знам од кои причини) неколку пати по ред крева лажна узбуна дека волк го нападнал стадото овци. Добрите соселани неколку пати пристигнуваат да помогнат и констатираат дека момаков лаже, дека џабе трчале во ноќта до трлото, дека рогозинските ритуали им се прекинати без потреба. Така тие донесуваат колективна одлука од типот: кој го е*е овчарот. И како што обично бива (во народните приказни), следниот ден (ноќ) стадото навистина е нападнато од волк. Овчарот вика, писка, урла, бара помош тра-ла-ла... а соселаните ги нема нигде.

Кои се можните поврзаности на нашите избори со оваа приказна?

1. Овчарот се партиите. Селаните се гласачите. Овците се Р. Македонија. Партиите, секои 2, 3, 4 години, викаат да се гласа заради икс (важни) причини, и:
а) лажна узбуна е, гласачите ќе го проѕрат тоа и ќе останат да си гледаат фудбал;
б) гласачите ќе улетаат на уште една лажна узбуна;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама гласачите поучени од претходните лажни узбуни одлучуваат да го игнорираат овчарот.

2. Овчарот е ЕУ, НАТО, Меѓународната заедница. Овците се граѓаните на Р. Македонија (затворени во котар). Селаните се партиите кои дотрчуваат на секој повик на овчарот, и:
а) лажна узбуна е, изборите немаат никаква врска со иднината на овците, селаните веќе го сконтале тоа;
б) лажна узбуна е, ама селаните (партиите) не го сконтале тоа;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама партиите имаат попаметна работа.

3. Овчарот се граѓаните, овците во котарот се Р. Македонија. Волкот се партиите и другите елити, вакви или онакви кои мама ебаваат наоколу, селаните се меѓународната заедница и:
а) лажна узбуна е, ѓраѓаните само викаат помош ама немаат вистинска намера да си ја спасат татковината, имотот, достоинството... или што и да е тоа што им значи во трлото, селаните доаѓаат џабе;
б) лажна узбуна е, меѓународната заедница го знае тоа и не аби чевли по брбушки;
в) волкот е во трлото, меѓународната заедница (цел свет!) е во Минхен.

Ех, веројатно може да се смислат уште две-три сценарија - можеби и некое пооптимистичко: сите стејкхолдери ја знаат прикзнава и пораката која од неа треба да се извлече, пркнува работава и така натаму... но, можеби и волкот одамна го измезил ова трло, а приказната ја раскажуваат мршите и разрушените куќарки. Никој не знае што се случило со овчарот и неговите соселани.

П.С. Овие избори би биле шанса да им се удри шлаканица на забрефтаните конзервативци кои одлучија да регулираат полно работи во општеството изминативе години и да чепкаат во граѓанството. Би биле, бидејќи не гледам кој ќе им се спротистави.

П.С.2. Да нема забуна ова е репринт од Избори '06. Минхен е во оригиналниот текст, бидејќи таму беше финалето во светското во фудбал. Случајно, европското оваа година почнува на 7ми јуни. :-)

Оглас: Музички инструменти

Tags: 

Веќе подолго време не свирам активно. Имам две електрични гитари и две појачала кои 99% од времето ми фаќаат прашина дома.

Еве дел од нив:

Гитара

Ако има млади бендови на кои им треба опрема, ги давам сите заедно за 300 евра. Може и да се пазариме парче по парче, ама тоа ќе биде и некако посложено.

Утринава на РТС

Tags: 

Додека читам rss во позадина брчи телевизорот на РТС пуштен. Има некоја репортажа за некој српск-босанко-француски бенд. Концерт во Франција ми се чини.

И новинарката шета низ публика и наоѓа две пријателки: една србинка и една французинка. Новинарката нешто ја прашува србинката, си зборат и на крај ја прашува дали може пријателкава да испее некој стих од српска песна. Овие нешто проговоруваат на француски и запева французинкава:

Море сокол пие, вода на Вардарот...

П: Што правам денес по Интернет од ниедно време?

О: Требаше да одам на скијање. :)

Некои мисли за црквата на плоштадот

Tags: 

(Лична забелешка: Јас сум против градењето на црква на плоштадот и трошење на пари од даноци за црковни/религиозни цели. Сметам дека црквата е еден од главните генератори на поларизацијата на нашето општество и сум pro-brain-drain ако Македонија продолжи да се движи кон средниот век.)

Во моментот кога почнувам да го пишувам ова петицијата на Интернет против градењето на црква на плоштадот во Скопје има 1976 потписи: врска.

Пред некое време слична акција имаше во Загреб: врска. Па првото прашање што ми падна на памет е дали овие луѓе ќе го дадат својот потпис и на хартија доколку иницијативата од Интернет се пресели на улиците (и плоштадот) на Скопје?

Значи треба да видиме дали со градењето на црква со пари од даноци се нарушува некако нашето „право на град“ и дали сето ова има некакви пошироки импликации.

Првото прашање е дали владата треба да дава пари за градење на црквата, а одговорот би требало да е не. Ова вееќе е добро образложено на други места. Сепак, ми се чини дека ако денес има референдум во Скопје или општина Центар за тоа дали треба да се гради црквата со пари од буџетот, ќе победи опцијата „за црквата“. Мислам дека црквата добро си ја врши својата работа во однос на привлекување верници, а соработката со другите конзервативни центри во Македонија дополнително придонесува за нивниот успех. Тажно е што поголемиот дел од поддршката за овие доаѓа од младите граѓани на Македонија, но како и се друго и ова е наопаку во земјава. Толку од изненадувањето.

Второто е поврзано со односот влада-град-општина и дуп, маркичка и сл. Спорниот момент на локацијата на објектот, мислењата на експертите за урбаниазам, архитектите и другите релевантни лица скоро и да не одекнува во јавноста. А и зошто би, кога најголем дел од тие луѓе некогаш биле во некоја општина, влада, комисија и таму пренамениле маркичка и некој Петко и Станко наличиле потоа зграда. Урбана мафија и сето тоа. Па ако може секој со малку повеќе пари да си среди услови за градење на најневеројатните места низ градов, зошто да не може Владата да направи црква (и џамија) на плоштадот (и карши него)? Баш се надевам дека некој од експертите ќе даде одговор на ова прашање.

Ова е точката каде што се гледа дека нашето „право на град“ одамна е нарушено. Секаде се гради без план, новите згради често се вселени а уште немаат фасада, се уриваат и окупираат тротоари и други заеднички површини, се паркира кој каде ќе стигне... итн. Како уште една градба, макар била на плоштадот - до и така спорниот „Лумикс“, ќе смени нешто во целата слика?

Ми се чини дека дебатата за црквата на плоштат набрзо ќе биде стеснета, дури и можеби ќе исчезне од јавноста. Малку има за дискусија кога Македонија веќе подолго време само на хартија е секуларна држава.

Интересно во Загреб, зад барањето на „правото на град“ застанале некои невладини организации. Не можам да видам кои би биле тие што во Скопје би го направиле истото.

Мислам дека на плоштадот на Скопје нема да има потпишување на петиција и протести, туку осветување на црква.

Освен ако Фуере не ни каже дека таа ќе биде пречка за ЕУ.

Бу-ху пиратеријата е страшна

Tags: 

Бу-ху пиратерија

Демек, пиратските дискови помагале за организиран криминал, трговија со луѓе и дрога (и најверојатно тероризам?)...

За среќа, сега постојат p2p мрежи, па повеќе не мора да се купуваат дискови.

Коментар од GoodBytes: „Штета, требаше Microsoft да ја плати кампањата“.

Новогодишна набавка

Tags: 

Правев некои нарачки од САД, меѓу другото и еден блузон од тинкгик, ама нешто настана утка со броевите.

Пошто би било гњаважа да го враќам назад, вака да пробам да најдам локален
купец.

Еве го: врска.

Тоа што е листан во ladies нема врска, обичен блузон е во прашање. :-)

Големината е XXL. Голем бајаги е значи. :-)

Блузонот е оддиплен само за да го пробам и дефинитивно си потврдам дека е
преголем.

Цената беше $40 + данок и поштенски трошоци. Сега нека биде само $40.

Ако има некој заинтересиран нека пише на адресата за е-пошта.

Who can you trust?

Tags: 

Денес ме израдува сметка за струја со проследен материјал од ЕСМ-ЕВН дека нешто ќе се заебе со струјата ако пројде новиот закон на Владата. Визуелно изразување:

Who can you trust?

На левата страна, ЕСМ-ЕВН, профитна компанија, која нормално се грижи за својот профит. Оттука, нејзините мотиви се транспарентни. Иако не може да се верува во тоа дека „ќе направат се во нивната моќ за да не заштитат нас“, јасно е дека сакаат да си обезбедат што е можно поголема побарувачка, која пак може да се смали ако нараснат цените.

На десната страна, Владата на Р. Македонија, која нормално би требало да се грижи за граѓаните. Но, нејзините мотиви ретко биле транспарентни, и ако нешто е сигурно, тоа е дека до сега Владите во нашата Македонија работеле за разно-разни интереси, а според некои, често и спротивно од интересите на граѓаните.

Па, кому можете да му верувате во новата година?

Секоја чест за битолчани

Tags: 

Денес (пак) бев во Битола. И купувам некои стварчици таму-ваму: мастики, весник, некои колачиња, вообичаени работи што се купуваат во разни дуќанчиња, гранапчиња и сл. Сите продавачи/ки, откако ми дадоа кусур, ми рекоа да почекам да ми дадат и фискална сметка. И сега имам едно 5-6 сметки на 20-50 денари.

Ова во Скопје, во мали дуќанчиња не се случува. Барем мене не ми се случува. Секогаш треба да си ја побарам сметката.

Затоа, пофалба за битолчани.

Запознајте ги идните пратеници

Tags: 

Соња Анѓелковиќ
Горјан Бошковски
Стив Миланов
Марко Даниловски
Михаил Младеновски
Душан Бекриќ
Мартин Горов
Бобан Пашоски

Останува да се види само кој од која политичка партија е.

Имињата ги пронајдов на дел од страниците со вести поврзани со протестите на А1 телевизија.

Bullet in the Head

Tags: 

Полицијата повторно апсела. Утрински весник следново го има на насловна:

Власта повторно ги повика новинарите, телевизиските камери и фоторепортери да го снимаат приведувањето на осомничените, не давајќи пет пари за човековите права и слободи. Се' е во рамките на прописите, тврди полицијата

Па се прашувам, кој е тој што не дава пет пари за човековите права и слободи: полицијата или новинарите? Ако јас знам дека со некој чин ќе се нарушат човековите права и слободи и се грижам за тоа нема да одам да го спроведам тоа. Ако Утрински се грижи за пресумцијата на невиност на приведените лица, тогаш на насловна требаше да има слика од МВР и под тоа текст:

Полицијата го повика Утрински да слика, но ние не отидовме бидејќи сме загрижени за човековите права и слободи.

Колку згодно, песната од Rage Against the Machine се надоврзува на темава:

Just victims of the in-house drive-by
They say jump, you say how high
Just victims of the in-house drive-by
They say jump, you say how high

Checka, checka, check it out
They load the clip in omnicolour
Said they pack the 9, they fire it at prime time
Sleeping gas, every home was like Alcatraz
And mutha fuckas lost their minds

No escape from the mass mind rape
Play it again jack and then rewind the tape
And then play it again and again and again
Until ya mind is locked in
Believin' all the lies that they're tellin' ya
Buyin' all the products that they're sellin' ya
They say jump and ya say how high
Ya brain-dead
Ya gotta fuckin' bullet in ya head

Врска.

Републиката во пламен

Tags: 

Не знам веќе:

  • дали да ми биде смешно што веќе со години ниедна служба во државава не е спремна да ја заврши работата (сетете се на службите за снег кои секоја зима - освен оваа - беа изненадени кога ќе паднеше снег во декември/јануари) и тоа се повторува со пожариве;
  • дали да бидам загрижен што медиумите во Македонија (конечно после долгогодишно гледање на cnn вести) научија да прават сензација, да профитираат на несреќата и да шират паника;
  • дали да се чудам на тоа како јавните претпријатија самите си ги поткопуваат напорите за штедење на вода: кога комунална хигиена собира ѓубре (барем по мојата улица) прави депонија - пола од ѓубрето во камион, пола на улица, и тоа така смелено и смрдливо. Тогаш луѓето го прават она што им доаѓа природно. Го земаат цревото и прскаат за да го соберат и зачистат ѓубрето. Потоа улицата едно пет минути изгледа како ноемвриски дожд да се истурил на нејзе (Водовод извини!);
  • дали да бидам немоќно изнервиран од ситуацијата во која сиромашниот југ најмногу го јаде од глобалното затоплување кое воглавно го предизвикува развиениот север и која е маѓепсан круг бидејќи северов продолжува по старата пракса (добро и Кина);
  • или дали да барам информации како се купува имот на Гренланд или нешто слично.

А да, Републиката во пламен. Баш некако пригодно пред Илинденските празници. :)

Можеби интересно за оние кои се занимваат со род, пол, дискриминација и сл.?

Tags: 

Во Дал Мет Фу ресторанот, кој се наоѓа на плоштадот Македонија во Скопје, ставиле апарат за кондоми.

Апаратот е ставен во машкиот тоалет. Прашањето е: зошто не во заедничкиот простор на тоалетите или пак ако има во машкиот зошто нема и во женскиот?

:)

Коментар од Даниела: Сега по маил да исконемтирам. Мислам дека насекаде во градските кафулиња има ставено апарат за кондоми и тоа во женските тоалети. Сега прво ми текнува на Дел торос, Бастион и сл.

Не знам дали оваа идеја со апаратите со кондоми е дел од натпреварот за бизнис план. Мислам дека типот со ваква идеја влезе во финале. Дали знаеш која фирма ја нуди таа услуга?

Јас не знам која фирма ја нуди таа услуга.

Бојкот за пазарите

Tags: 

Денеска поголем дел од патот акав пешки кон работа. Кога стигнав таму ми кажаа дека блокадите биле затоа што пазарџиите не сакале да стават фискални каси.

Не ги знам деталите (update: ги знам деталите, ги најдов сите вести на http://najdi.org.mk ама ме мрзи да блогирам за тоа), не знам кој е во право, ама преку глава ми е од тоа 15 луѓе да се соберат и да го блокираат цел град за што и да е.

Мислам дека треба да им вратиме. Бојкотирајте ги пазарите. Како што пазарџиите не ни даваат да стигнеме на работа, така ние треба да направиме тие да немаат работа. Купувајте во Веро, Рамстор, Тинекс и сл. Јас денес купив домати од продавница.

П.С. До Владата или кој и да е задолжен за фискализацијата: не им попуштајте!

П.П.С. Кај и да е и зеленчукот од бавча ќе ми созрее. :)

Како да изгубиш клиент во неколку лесни чекори

Tags: 

Викендов на татко ми му цркна мобилниот телефон. Денес тргнавме да купиме нов. Првиот избор беше Космофон. Веќе имам некој share пакет од таму што го делам со брат ми па мислев додавање уште еден број и земање нов телефон ќе биде a walk in the park.

Додавање на нов број во share пакет е полесниот дел од работата. Потешкиот (или да речам поскапиот) е делот со телефонот. Космофон како и Т-Мобиле дава попусти за своите пост-пејд корисници. Но, ценовната дискриминација што се спроведува е прилично нелогична. Share корисниците имаат попуст од 3500 денари за телефони. Новите пост-пејд корисници имаат поголем попуст од 3500 денари за телефони. Правните лица имаат корисници на share имаат 3500 денари плус повластена листа на телефони која за моделите кои се во неа ги изедначува цените со новите физички пост-пејд корисници.

Во основа, ако сакате да купите Sony Ericsson K750i како нов физички пост-пејд корисник цената за договор од 24 месеци е 4.990 денари. Ако сте правно лице со share модели и сакате да додадете уште еден број, цената е исто така 4.990 денари. Но ако сте физичко лице со share и сакате да додадете уште еден број, тогаш цената е 7.590 денари. Оваа ценовна дискриминација мене не ми е јасна.

Затечен во последната група на корисници одлучив да купам обичен нов пост-пејд пакет за татко ми. Но, тогаш Космофон ме изненади со уште една дискриминација: тековните корисници на share не можат да земат уште еден, но различен модел на свое име.

Ова во суштина ги изедначува условите за купување на нов телефон помеѓу двата оператори. И во двата случаја треба да се поминува нова бирократска процедура: потврда од работа, сметки, ова-она. Немам краток пат до ова како корисник на услугите од едниот оператор. Исто така цените не се пресуден фактор. Цените на телефони се еднакви, а тарифите за разговор секако се пресложени за споредување, па претпоставувам дека горе-доле исто се фаќа.

Но, сега во игра влегуваат и други фактори. Во случајот на татко ми тоа е фактот што најголем број од луѓето со кои контактира се на Т-Мобиле. Исто така, користел Т-Мобиле при-пејд, па знае што може да очекува. Се на се, во вакви услови неговиот избор сега никако не може да биде Космофон.

Сакав да им пишам за ова на Космофон, ама не успеав да најдам е-пошта за контакт на нивната веб страница: http://cosmofon.com.mk. Чомбе, ти работиш таму, кажи им на шефовите.

Тоа е (за) Космофон. А баш сакав да ги пофалам за таа една нова реклама што ја гледав.

Во Македонија соништата (сепак) се остваруваат

Tags: 

Веста што особено ме израдува оваа недела е дека во Скопје излегол нов магазин - Авангарда (avantgarde), чиј уредник е Зоран Зафировски.

Издавањето на магазин е дамнешна идеја на Зоран. Почетоците се уште во студентските денови, кога и јас му помагав. Тесктот за Вилијам Гибсон кој ми стои на блогов беше наменет за тогашниот прв број. Тогаш тој проект не се реализираше воглавно заради недостатокот на пари, што беше и поприлично разорачување бидејќи и јас, како и Зоран, бев gung-ho за идејата.

Така, денес ми е многу мило што Зоран никогаш не се откажа од својот сон да издаде нов магазин во Македонија. Се надевам дека овој пат проектот ќе биде успешен. Честитки!

Среќа што сум во Белград кога ќе штрајкуваат овие од ЈСП

Tags: 

Повеќе медиуми известија за планот на ЈСП за штрајк на 4-ти април, како и нивните барања откако им е блокирана сметката заради долг: врска (Утрински).

Јас мислам:

1. Кретени;

2. Градот/Владата (кој и да е) да го продаде ЈСП, макар и да ги загуби парите;

3. Градот да определи минимални услови кои возилата треба да ги исполнуваат за да возат на улица (да, и „приватниците“ ќе мора да си купат нови автобуси);

4. Градот да определи возен ред за сите линии: годишно време, месец, ден, час, минута...;

5. Градот да пресмета колку автобуси се потребни за да се почитува тој возен ред;

6. Градот да издаде точно толку лиценци (и ниту една повеќе) и да ги продаде на било кој што сака да ги купи (парите од лиценци да ги искористи за правење на тоа автоматско/електронско следење на автобусите;

7. Градот да определи максимална цена за билет;

8. Градот да определи единствен изглед на сите автобуски билети - сите да можат секаде да се користат;

9. Градот да обезбеди механички поништувачи на билети (види Белград).

Јас знам: нема шанси ништо од ова да се случи. Ако е убаво времето, спремете си го велосипедот за да стигнете на време кај и да одите на 4-ти април.

On the Road

Tags: 

„On the Road“ или „На пат“ е една од моите омилени книги. Најлесното читање на книгата е тоа дека некои луѓе од САД одлучуваат да се качат во автомобил и да возат coast-to-coast и нагоре-надолу низ САД (и Мексико) и да се забавуаат.

Сега, замислете книгата да се случува на територијата на Балканот. Таман тргнаа ликовите и оп - граница! Не можат ни да нагазат на гасот, да го исцедат моторот. Тоа е Балканот. Отприлика така изгледаше и нашето патување до Сараево (и назад).

Патот кој во некои нормални и разумни услови би требало да се вози е долг 500 км и би требало да се помине за 8 часа. Слика од viamichelin.com:

Сепак, ние патувавме околу 18 часа, застанувајќи на многу места низ Србија и БиХ, за на крај да стигнеме во Источно Сараево.

Добрата работа од ова е тоа што имам слики од автобуските станици во Србија (до Ниш, бидејќи до таму беше колку-толку ден и бевме будни), па можам слободно да речам дека на нашата нова станица (во Скопје) сериозно и конкурира таа во Лесковац за најдобра станица во Јужен Западен Балкан.

Лесковац

Македонија не сака во ЕУ

Tags: 

Секогаш кога патувам кон Србија* гледам дека имаме се подобар и подобар граничен премин. Нови зградички, огради, куќарки... се инвестира на големо. И така, по последново патување ми дојде да се запрашам зошто толку инвестирање во нешто што „кај и да е“ нема да ни треба, бидејќи нели „сите одиме кон ЕУ“.

Чуму толку модерни премини кои ќе зјаат празни за пар години? Па, си мислам... веројатно нема да бидат во прашање пар години. :)

Балканов и така не е некое популарно место. А сега, кога уште ние од „западен балкан“ не сме во ЕУ, колку и да биде пократко од кај нас, србите и хрватите, сите патишта ќе одат низ безграничниот простор. Никој нормален не би се шлаел со џандари и цариници на 3 држави, па макар тоа му заштедило 500 км.

Гњаважата што треба да се претрпи на нашите граници зачудува особено кога се знае дека вистинскиот шверц и слични срања не се случуваат баш на официјалните гранични премини, исто како што се знае дека разни крими линии главниот тек го имаат низ „нашиве млади демократии“.

И се прашувам како тоа кога со маки стекнатите надлежности и права конечно и славно ќе ги предадаме во Брисел, сите сомнежи во врска со патувањата на обичните луѓе ќе исчезнат, па нема да се проверуваат ни пасоши ни бутур...

И пак заради тоа ми се чини дека Македонија (и некои нејзини соседи) не сака баш да оди во ЕУ. Инаку зошто толку би си ги малтретирале граѓаните?

*Опасно добра финта е тоа што иако најчесто патувам до нашиот северен сосед, излегува дека во последниве години всушност сум посетил 3 држави: СР Југославија, Србија и Црна Гора, и сега Република Србија. Топ! :)

*Моите* пари

Tags: 

Прилично често ми паѓаат во очи пишувањата во весниците за тоа дека работодавците не плаќаат придонеси или други давачки. Исто така, неизбежни, посебно помеѓу младите, се муабетите за тоа дали да се работи за 10 или 20 илјади и „дали ќе ме пријави газдата“.

Оваа заебана перцепција всушност прави голем проблем во целото држ - не дај прашање за платата која вработените ја земаат.

Така, ако човек добива на рака/сметка 10.000,00 денари плата месечно, неговата плата всушност е 16.097,00 денари од кои 10.000,00 денари му остануваат да ги троши во месецот, а останатите 6097,00 денари ги дава за данок (946,00 денари) и придонеси (5151,00 денари)*.

Значи овие пари не се на работодавачот, па тој да ги плаќа или да не ги плаќа. Тоа се пари на работникот кои одат за неговото здравствено осигурување и за неговата пензија. Во нашиот систем само заради некои причини (и се надевам дека има такви) направено е работодавачите да ги плаќаат тие пари на државните служби.

Всушност, не гледам некој посебен проблем да си ја добијам целата плата од 16.097,00 денари и потоа сам тие пари да ги уплатам на соодветните жиро-сметки во ФПИОМ, УЈП и сл. Ќе биде тоа една обврска повеќе, но барем ќе знам дека тоа се мои пари на кои јас плаќам данок и од кои уплаќам за мојата пензија и за моето осигурување.

Владата, покрај онаа „каде се трошат моите пари“ за даноците, може да воведе и „колку вкупно се моите пари“ за конечно да се расчисти оваа збрка со платите.

* Бројките се со заокружени дени. Не знам зошто не ги укинаа тие дените до сега?

П.С. Еве зошто е важно да се знае бруто платата и договорите да се прават со неа:

Само што прочитав дека Владата размислува за намалување на придонесот и воведување на „здравствен данок“. И А. Салтировска во Вест си напишала:

По воведувањето на рамниот данок како мерка за растоварување на работодавците, во реформата на придонесите се планира и преполовување на придонесот за здравствено осигурување, кој паѓа на товар на газдите на фирмите.

Мене веќе ми личи дека ако ова се спроведе, ќе се случи оној трик како со ДДВ-то за земјоделците кое требаше, но како што пишуваа весниците, не ги намали цените на земјоделските репроматеријали. Овде, ќе испадне повеќе кеш за работодавците, а работниците ќе имаат уште поскапа потрошувачка заради повисоки (нови) даноци.

Значи, ако придонесот за здравство се намалува за 50%, тие пари треба да си ги добие работникот, т.е. неговата нето плата да се зголеми.

Уште вести за Скопје

Tags: 

Во Шпиц прочитав (мртва врска) дека:

Санос“ нуди проект според кој старите возила во јавниот сообраќај би се заменувале сукцесивно во наредните две години со месечно повлекување на 15 дотраени автобуси, а би се вовеле и нови линии за кои има потреба, но досега биле оценувани како нерентабилни.

Јас сакам нови автобуси во Скопје.

ЈСП...

Tags: 

Сакав да го насловам записов „Кој мава рекет во автобусите на ЈСП?“, ама си велам, ај да не звучам како А1 вести.

Се разбира ја следев дебатата за инцидентот во ЈСП со фискалните, контролата и полицијата.

И неколку дена после тоа, јас си се возам лежерно во 24-ка. Кога оп, на Рекорд се качуваат некои типци, онакви тепачки фаци, бараат билети, мафтаат со некои бели ливчиња демек биле контрола.

Едниот мене: Дечко билет.

Јас: Ама вашата легитимација не е како таа на соопштението. (Белешка за неупатените: во автобусите на ЈСП има залепени некои ливчиња на кои пишува како изгледа легитимација на контролор - за жал не успеав да сликам.)

Едниот: Дај бе билет.

Јас: ----- || -----

Едниот: Што мислиш ова дека е фалсификат. (И ми се испречи пред врата, а јас немав време за расправање - морав да се симнам на Градска, па покажав карта и се симнав.)

А-у, тече денот се качувам во некоја 15-ка мислам беше, кога после две-три станици (се возам од Центар кон Карпош) се качуваат пак 2-ца типци, мафтаат пак со некои безвезни ливчиња. До мене во автобусот стои еден момак од Комета или некоја таква служба. Доаѓаат прво до него и бараат билет. Овој не ги рецка ни 2%. После неколку прашања кон типов, јас прашувам зошто немаат картички како тие на сликата. „Контролорот“ ми се врти и ми вели да си прашам тоа во градот, тој само си вршел работа, и сега да му покажам билет. После овие се симнаа со тој од Комета (или од кај и да беше), а јас се упатив дома да се јавам „во градот“.

За оние кои не знаат ЈСП има свој (бесплатен) hot-line. Па вртам прво таму: 0800-15-115, ама тоа работело само до 16h и ми се јави говорна пошта или така нешто, па си реков батали телефон ај мејл да пишам.

Пак за оние кои не знаат ЈСП има своја страница на Интернет: http://www.jsp.com.mk и таму може да се види возен ред, што (понекогаш) е корисно. Било како било, пишав мејл до правната служба таму, бидејќи ми се чини таа ареса беше без име и презиме, па си реков можеби другите се стари, кој знае дали воопшто редовно ја одржуваат страницата... Пораката ја пратив на 19 декември, и како што очекував не добив одговор еве до 23 декември.

Сепак, бидејќи очекувано беше тоа дека нема да добијам електронски одговор, во петокот сабајлечки вртев на 0800 и таму ги запознав со моите случки. Службеничката која разговараше ме извести дека разговорот се снима (заради контрола на квалитет на услуга - веројатно) и ќе биде евидентиран, ама јас за секој случај да сум се јавел во Внатрешна контрола на ЈСП која можам да ја добијам на 3174264.

Па после некое време успеав да ја добијам службата на тој број, и таму убаво ми објаснија дека легитимациите на контролорите се тие што се залепни во автобусите, жолти, со слика, со логото на ЈСП и дека тие се единствените валидни. Логично овие луѓе што се качуваа по автобусите - не биле контрола на ЈСП. Не знам дали некој друг има право да контролира автобуси на ЈСП.

Вака ми се чини останува тоа дека секои двајца-тројца тепачи можат да влетаат во автобус и да се надеваат дека од сите патници ќе начекаат некој без карта и со 200 денари во џеб кои ќе си ги приберат од уплашениот и под закана од тепање патник. Полесна заработувачка - здравје! Кој знае дали возачите воопшто можат да интервенираат, ама со оглед на тоа дека не можат да ги смират средношколците од кршење на автобусот, тешко дека ќе се спротистават на 2-3 насилници.

Ми текнува сега и теорија на заговор, дека можеби овие што влетуваат се знаат со возачите... ама ај да не одам натаму.

Кој тргува со информации?!?

Tags: 

Денес се приклучив на групата луѓе кои ги познавам и кои добиле изненадувачки повици од некое од пензиските друштва.

Ми ѕвони телефон, ме бараат од КБ.

Прашање: од каде луѓето од КБ ППД знаат каде работам јас, за да ме побараат и да ме прашаат дали сакам да се приклучам во тој фонд?

Можни одговори: Фонд за здравствено или пензиско, завод за вработување?!?

Урбани гомна

Tags: 

Во топлите месеци во мое маало транзитираат запрежни коли од типот „Старо купујем“ и „Бостан благ“. Вториве се особено корисни за човек да не ака до пазар по лубеница. Лошата страна на коливе е што коњот што ги влече знае да направи куп гомна на улицата. Така, во лето на пример, пожелно е човек кога оди, комотен во влечки, често да гледа кон земјата, за да не се зашлапа во коњски измет. Ова особено важи пред оние комшиски дворови чии газди не се заинтересирани за тоа што смрди од улица.

За да стигнам на работа се симнувам на Ким. После низ зградите кај Бизар, до булевар и надоле (или нагоре) кон театар Центар. Вчера имаше гужва и автобусот застана кај пешачкиот премин. Се симнав и продолжив право по тротоарот, покрај Амбасадата/Канцеларијата на Р. Грција.

И така си одам, и во еден момент погледнувам надолу и пред мене куп гомна - пред големата црна грчка врата. Ако ја исклучам можноста коњ да шетал пред зградата ноќта, тогаш ако било куче, било некое куче големо колку Скуби-ду. За други опции воопшто не ми се зборува.

Рамстор рулз!

Tags: 

Се сеќавате на приказната што беше на Он.нет за писоарите што имаат нацртана мува на нив, за припадниците на машкиот пол да се занимаваат (т.е. да не прават беља) додека уринираат? Епа, такви писоари има во Рамстор. Што да пишувам уште? Одете на мо***е. :)

Зошто не го сакам Скопје?

Tags: 

Денес (т.е. вчера) бев на концерт на Т.Б. Трачери на програма на Скопско лето. Цената на билетот беше 150 денари. Стигам пред врата и таму некој тип бара дали е на список. Не е на список. Типот се оддалечува, ѕвони на мобилен и моли некого таму да го стават на список.

Почнува концерот, озвучувањето (пак) е срање. Ова чувство особено ми се засилува вака после Exit. Едноставно не ми е јасно како во толку години „независна Македонија“ никој во земјава не научи да поставува асално озвучување. Публиката мртва, ја мрзи да аплаудира. Трачери не знаат асално да го измешаат репертоарот и мрчат што публиката е мртва. Негде кон крајот озвучувањето тотално се заебува. Општа оцена од 1 до 5, 3 на стаклени нозе.

Во центарот на градот пак, е општа калакурница. Тие луѓето до кафаните (кафулињата) дури и клупите ги разместиле за да стават маси. Она што е особено интересно овде е што масите, зафаќајќи ја улицата, зафаќаат дел од шахтите. Шахтите, логично, мирисаат лошо (смрдат!). А луѓево сепак седат во кафаниве и плаќаат фини пари за пијачка.

Ај доста е. Ако продолжам да пишувам ептен ќе се изнервирам.

Страници