Некои мисли за црквата на плоштадот

Tags: 

(Лична забелешка: Јас сум против градењето на црква на плоштадот и трошење на пари од даноци за црковни/религиозни цели. Сметам дека црквата е еден од главните генератори на поларизацијата на нашето општество и сум pro-brain-drain ако Македонија продолжи да се движи кон средниот век.)

Во моментот кога почнувам да го пишувам ова петицијата на Интернет против градењето на црква на плоштадот во Скопје има 1976 потписи: врска.

Пред некое време слична акција имаше во Загреб: врска. Па првото прашање што ми падна на памет е дали овие луѓе ќе го дадат својот потпис и на хартија доколку иницијативата од Интернет се пресели на улиците (и плоштадот) на Скопје?

Значи треба да видиме дали со градењето на црква со пари од даноци се нарушува некако нашето „право на град“ и дали сето ова има некакви пошироки импликации.

Првото прашање е дали владата треба да дава пари за градење на црквата, а одговорот би требало да е не. Ова вееќе е добро образложено на други места. Сепак, ми се чини дека ако денес има референдум во Скопје или општина Центар за тоа дали треба да се гради црквата со пари од буџетот, ќе победи опцијата „за црквата“. Мислам дека црквата добро си ја врши својата работа во однос на привлекување верници, а соработката со другите конзервативни центри во Македонија дополнително придонесува за нивниот успех. Тажно е што поголемиот дел од поддршката за овие доаѓа од младите граѓани на Македонија, но како и се друго и ова е наопаку во земјава. Толку од изненадувањето.

Второто е поврзано со односот влада-град-општина и дуп, маркичка и сл. Спорниот момент на локацијата на објектот, мислењата на експертите за урбаниазам, архитектите и другите релевантни лица скоро и да не одекнува во јавноста. А и зошто би, кога најголем дел од тие луѓе некогаш биле во некоја општина, влада, комисија и таму пренамениле маркичка и некој Петко и Станко наличиле потоа зграда. Урбана мафија и сето тоа. Па ако може секој со малку повеќе пари да си среди услови за градење на најневеројатните места низ градов, зошто да не може Владата да направи црква (и џамија) на плоштадот (и карши него)? Баш се надевам дека некој од експертите ќе даде одговор на ова прашање.

Ова е точката каде што се гледа дека нашето „право на град“ одамна е нарушено. Секаде се гради без план, новите згради често се вселени а уште немаат фасада, се уриваат и окупираат тротоари и други заеднички површини, се паркира кој каде ќе стигне... итн. Како уште една градба, макар била на плоштадот - до и така спорниот „Лумикс“, ќе смени нешто во целата слика?

Ми се чини дека дебатата за црквата на плоштат набрзо ќе биде стеснета, дури и можеби ќе исчезне од јавноста. Малку има за дискусија кога Македонија веќе подолго време само на хартија е секуларна држава.

Интересно во Загреб, зад барањето на „правото на град“ застанале некои невладини организации. Не можам да видам кои би биле тие што во Скопје би го направиле истото.

Мислам дека на плоштадот на Скопје нема да има потпишување на петиција и протести, туку осветување на црква.

Освен ако Фуере не ни каже дека таа ќе биде пречка за ЕУ.