Submitted by Новица on
Tags:
Текстот подолу е одговор на твитот на azazelo:
па уште во СФРЈ важеше„не си АЛБ ако не носиш оруж.“,наместо АЛБ да работаат на менување на оваа лоша традиција
https://twitter.com/azazelo_s/statuses/469127107197796353
и оригинално е објавен на twitlonger. Го додавам и овде заради подобро памтење.
Мислам дека е страшно тоа што го пишуваш „важеше „не си АЛБ ако не носиш оруж.“…“ не само затоа што мислиш така, туку затоа што (ми се чини) сакаш да оставиш впечаток дека многумина мислат така. (ОК, моето искуство со bullies и ножеви секогаш било со Македонци — па можеби затоа сум толку зачуден). Но, да одиме со ред.
Прво, мислам дека одлика на разумни луѓе е да го менуваат своето мислење како што нови информации стануваат достапни. На почеток имавме една приказна во медиумите (тој бил сам, се шетал, го видел точакот, тие биле 3-4, го збуфтале…). Потоа дојде другата приказна, која е и далеку поверодостојна, т.е. дури и таткото признава дека го бркале момчето (а не го вели тоа само МВР, Курир, Фокус или кој и да е спинер). Зарем вакво сознание не треба да го смени нашето мислење за настанот? Зошто е толку тешко да се помисли на самоодбрана? Дали ти мислиш дека ако некој да те брка со возило 20 минути, ќе се чувствуваш како да *не* ти е загрозен животот? Веројатно уште детали ќе излезат во јавност и ако тие се нови и различни ние би требало повторно да ги анализираме и да донесеме поинаков заклучок ако дедукцијата не доведе до таму. На пример, ако на оружјето полицијата најде само едни отпечатоци, тогаш тоа е една приказна, ако најде два пара друга, а и уште 2-3 приказни во зависност од тоа каков е ножот (што ако е кујнски и таму има отпечатоци на мајката што останале од порано?) Дали тоа ќе значи дека таткото и синот тргнале со намера за фатална пресметка со крадецот? Ова се сериозни прашања и јавноста (ние) и секако одбраната имаат право да ги поставуваат. Секако, ако камерите од болницата покажат повеќе од 2-3 лица како се борат, тоа уште повеќе ќе ги смени заклучоците што ги носиме. Можеме да се надеваме дека за сите овие работи ќе има due process и можеме да ликуваме дека никогаш нема да се дознае што се случило (пошто МВР ќе заташка, Грујо и Али ќе се договорат итн.) Но, дури и да се случи тоа, полицајците претходно сигурно ќе ја утврдат вистината. Затоа што единствен начин вистината да се скрие е таа да се знае целосно.
Второ, тоа што родителите молчат за овие факти што до сега се знаат се движи од загрижувачки до одвратно. Веројатно и таткото на Ангел ќе дојде до сличен заклучок штом му помине шокот: Секој родител што не го осудува тоа што татко му дозволил на син да тргне во некаква си потера (имал или немал стереотипи за способноста и наоружаноста на тој по кој што тргнал) треба да си ја чукне главата. За ова нема дебата. Не сум родител и не знам — но ми се чини дека јас да сум во ситуација кога синот ќе беснее да трча по некој што сакал да му украде точак ќе му влепам шамар и добриот ќотек (што ти го спомнуваш) ќе дојде од моја страна кон моето дете затоа што се занесувало да стане некаков си филмски осветник.
Трето, молкот на јавноста кон последователното сценарио кое што очигледно е организирано од партиски центар во соработка со полициски структури е уште повеќе загрижувачки, како што е и самиот чин што тие одлучиле да го прават. Не, немаат право граѓаните на Скопје да дивеат на ваков начин и полицијата не смее да го дозволи тоа. Ако имало кражби и порано не треба да ја запалат населбата. Впрочем, знаеш, кога се искрени протестите и се затоа што јавноста е загрижена — тие се мирни и се како молба, а не се насилни и како закана. Овој молк можеби ќе не` замолчи за долго време. Нема друго што да се рече освен дека стравот сега е многу, многу поголем затоа што теоретското нема кој да те брани од насилници, сега се претвори во практично. Сети се само на легендарната „Ти нема да ми го кршиш Белград“ кога некои навивачи правеа лом кај Мекдоналдс. Деновиве властите рекоа кршете. И веројатно си направија вежба во ЃП место на Криволак. (Ми се чини дека ти не твиташе ништо на оваа тема, и извини што оди ова во одговор кон тебе, но ете имаше и такви твитови, па да го додадам ова пред да стигнам до крајната поента.)
Четврто, и последно, жалам што мислиш дека Албанците се тие што треба да се борат против стереотипите. Ако си го гледала http://www.imdb.com/title/tt0106266/ можеби се сеќаваш на „ако видиш црнец со стерео, тогаш знаеш што прави — краде“. Твоето е буквално така — „ако видиш Албанец тогаш знаеш дека има скриен нож“. Ова е стереотип што го создава доминантната група: „Циганите ќе те украдат“ — му вели мајката на дететео, „Шиптарите ќе те убијат“. Исто како во црно-белите односи во САД и во машко-женските односи (т.е. феминизмот) поголемиот дел (можеби најголемиот дел) од одговорноста за надмиување на разликите меѓу групите паѓа на доминантната група (во нашиот случај на мнозинската група — Македонците). „Ако видиш жена во канцеларија — мора да е секретарка?“ — вака можеби полесно се илустрира ова. Значи, случајов на страна (затоа што како што реков во 1 може се` уште да дознаеме нови работи) тешката работа за надминување на недовербата и стереотипите е кај Македонците. А тие само што гласаа во мнозинство за опција што барем номинално не сака да преговара со другите. Би рекол на крај — во ваква ситуација, господ нека ни е на помош. Ама не сум религиозен. Со тоа толку.