July 2009

Аудио-видео тура низ Берлин - јули 2009

Tags: 

Ветив некој текст за Берлин. Излезе аудио-видео микс. Кој има време може да погледа (~50 минути).

Дополнето 21.11.2014: беше достапно на: blip.tv/file/2415930/ но за жал сервисот го избришал видеото во некој момент на промена на условите без да ме извести да го снимам.

Како да извадите „патничко осигурување“ од ФЗОМ и други трикови за справување со државната администрација

Tags: 

По написот во „Нова Македонија“ дека „Плаќаат патничко, за да не шетаат по лекари за бесплатно осигурување“, решив да видам што е работата со ова осигурување и така приказнава започнува.

Постапката за добивање на овој документ не е бесплатна. Без да ги сметаме трошоците за превоз од една до друга државна служба, трошоците се 250 денари за мажи, односно 500 денари за жени за потврда дека општото здравје на пациентот е добро. Потврдата ја издава матичниот лекар, а за жените и матичниот гинеколог. Никаков преглед не се случува.

Вашите лекари најверојатно неволно ќе ви ја издадат таа потврда: „Треба да закажете.“, „Кај да барам сега таков образец?“, и тоа ако воопшто знаат дека таква потврда се издава за ваква цел. Се разбира, потоа нема да имаат никаков проблем да ви наплатат по 250 денари за секоја издадена потврда. Од лекар одете право во фотокопир. Ќе ви треба по една копија плус од секоја потврда. Тоа се значи 5 – 10 денари плус трошоци.

Целата работа можете да ја завршите во еден ден, ако станете доволно рано и ако ги погодите смените на сите лекари. Ако не, треба да се подготвите за рано пристигнување 7:30 – 8:00 ч. во подрачната едница на Фондот за здравствено осигурување која што се наоѓа во Тафталиџе (20-тина метри десно на претпоследната улица на десно кога по Париска одите кон Алумина). Со вас треба да ги носите потврдите, копиите, здравствената книшка и сините картончиња.

Патот ве води во левиот влез или левата барака, не сум сигурен дали тоа е еден објект или два залепени еден до друг. Во секој случај станува збор за неугледна барака. Чекалната е полна со луѓе кои чекаат за прегледи за боледување, а ќе забележите и една полица за оставање здравствени книшки по азбучен ред. Тој ред не е за вас. Поминете низ ходникот и свртете десно. Одете до крај и тропнете на вратата што е во чело на крајот од ходникот. На неа пишува „Второстепена лекарска комисија“ или нешто слично. Шансите се дека вратата ќе биде заклучена. Свртете се на десно и ќе ги видите докторите во соседното сопче како разговараат со утринското кафе и цигара. Пушењето и во ваков неугледен објект е забрането, но што е тука е. Откако ќе ве забележат за кратко време некој доктор ќе ја отвори канцеларијата и вашата авантура продолжува.

Докторот ќе ги прегледа вашите документи и ќе ве праша каде патувате. Постои можност да побара и потврда од стоматолог. Ако тоа се случи, имајте спремен одговор дека стоматолозите не издаваат потврда и дека сте се јавиле во фондот и од таму исто така ви потврдиле дека таква потврда не е потребна. Ако дебатата продолжи останете на ова тврдење и понудете веднаш да се јавите на бесплатната инфо-линија на фондот 080033222.

Преглед повторно не се случува. Докторот ќе ве замоли да излезете и почекате додека сестрата не ве прочита. Додека чекате, докторот ги препишува информациите од потврдите од матичните лекари на нов образец. По 15 – 20 минути сестрата ве повикува и ви ги враќа сите документи плус новиот образец. Продолжувате кон уште една испостава на фондот, овој пат кај Црвен крст во Центар, во местото популарно наречено „социјално“.

На влезот, откако ќе пријавите за која цел доаѓате, обезбедувањето ќе ве упати во соба бр. 6, лево по скалите. Вистинската насока сепак е десно во ходникот до шалтер бр. 2. Затоа воопшто не прашувајте каде треба да одите. На шалтерот ќе побарате барање за осигурување за патување во странство. Ќе ви дадат образец што се однесува на службено патување, но не се збунувајте. Пополнете го и дајте го на истиот шалтер за заверка. Со заверениот образец продолжете кон соба бр. 6.

Во соба бр. 6 се изготува двојазичниот образец кој ќе биде потврда за вашето осигурување. Ќе ве прашаат каде одите, дали туристички или не и колку време, и потоа за неколку минути ќе отпечатат две копии од нов образец со вашите податоци на два јазика, македонски и јазикот на земјата во која патувате. Образецот треба да го однесете на потпис во соба бр. 16, лево во ходникот кога ќе излезете од скалите на соба бр. 6 и потоа да го вратите назад.

На крај една копија задржува фондот и една е за вас и приказната за осигурувањето завршува. Ќе ве советуваат да си направите една фотокопија од образецот. Во случај да треба да го дадете на некој лекар во странство, оригиналот секогаш треба да го задржите за вас.

Дали се исплати? Ми се чини дека најскапото осигурување е 1 евро од ден. Така имате 10 евра за 10 дена летување во најблиската осигурителна куќа или туристичка агенција, наспроти 250 – 500 денари, плус други ситни трошоци, плус 6-7 врати во државни служби на различни локации и шетање под жешкото скопско сонце.

Останува да се провери дали амбасадите воопшто го прифаќаат осигурувањето од ФЗОМ, наместо тоа од осигурителните компании.

Берлин, Германија

ПрилогГолемина
Audio icon tura-berlin-juli-2009.mp33.23 MB

Tags: 

Се вратив од Берлин. Некои пробрани фотографии има на Фликр.

Кројцберг

За оние што сакаат и аудио дожување, на записов закачувам и една аудио снимка од раскажувањето на професионалниот водич кој ги објаснуваше сите главни места низ центарот на градот.

Мојот впечаток е „вау“. Не само градот како место за дружење, журките, пивото и луѓето, туку исто така и контекстот во кој се развива Берлин и целото обмислување што се случува со градењето и симболите со цел да градот да испраќа одредена порака на граѓаните и гостите.

Повеќе за тоа можеби во следното пишување.

Пуста патека на културата

Tags: 

Се сеќавате на ова:

Суперхикс на концерт

Не мислам на концертот, туку на многу извиканиот настан „Реоткривање на патеката културата“, што се одржа во Старата чаршија мината сабота (и каде посетеноста била осум илјади луѓе).

Затоа денес, една недела по тој настан, решив да поминам и да видам што се случи со патекава на културата. Еве ја празна:

Чаршијата - празна

Со мал исклучок веднаш под Св. Спас каде се случува некоја летна скопска шема.

Текст во „Културен живот“

Tags: 

Што ќе ти е блог, ако не се пофалиш на него. :)

Текстот кој со Марија Костовска го пишувавме за Глокал во 2008 г., преведен на македонски, се најде во последниот број 1-2/2009 на „Културен живот“ - списание кое може да се набави во некои книжарници во Скопје.

За оние кои сакаат да прочитаат, текстот го има и на scribd: Мојот блог е моето резиме.