дебати

Undefined

Чекајќи... и така.

Tags: 

Коља има некој текст денес во Утрински (врска). Во принцип не сакам да гњавам за вавки работи на блог, ама испадна го прочитав, па нешто ми текна и така...

Вака почнува текстот:
Животот овде ни минува во чекање на подобри денови.

И потоа продолжува за тоа како сите влади имале милион причини зошто не тргала работата на поарно. (Ќе прочитате впрочем - ако ве интересира.)

Што ми беше мене зборот? Кога човек чека автобус, а автобусот никако да дојде, а човеков сака да стигне некаде, на крајот ќе види ќе не види, ќе трнге пешки, ќе фати такси, ќе стопира... зошто тоа не го прават луѓето, наместо бесконечно да ја чекаат владата?

Се сложувам, сите влади требало и треба да направат некои (помалку или повеќе) важни работи. Некои прават и глупости, наместо да прават нешто корисно и виновни се за полно работи. (Ќе се воздржам од давање примери.)

Она со што не можам да се сложам е ова чекањево. Кој се тие луѓе што цело време чекаат и зошто?

Секако, може да се обвинуваат владите (а и други фактори) за разни работи, но голем дел од проблемите во Македонија се предизвикани од... граѓаните дома и на работното место. Уништеното здравство, образование, култура, медиуми, јавни служби... не е (нити може да биде) исклучиво дело на владеачките гарнитури.

Пример, комплетно сјебаното високо образование (корупција + не во тек со остатокот од светот) нема врска со ниедна влада. Комплетно растурените амбуланти, искршени, исшкртани, валкани исто така нема врска со ниедна влада (забележете како и постари стоматолошки столови во приватни ординации изгледаат попристојно од некои понови на клиника). Доволни се овие примери ми се чини.

Ете тоа ми падна на памет и сега ми останува уште да завршам со некоја шизичка мисла како Коља кој на крајот го цитирал Конески. Еве, така послободно ќе го цитирам Вадим Левитин (еден американец кој беше дојден со албанците кога ги правевме тие работилниците):

Владата (за Владата на САД говореше Вадим) е неспособна било што да направи. Им дозволивме војна да водат, но ни тоа не знаат да го направат како што треба. Од Владата сакам само да не ми стои на патот. Тоа е се.

Кратка историја на идеалното женско тело

Tags: 

Врската до записот за женското тело ми се чини ја собрав од BoingBoing. Не е толку интересен оригиналниот запис колку што се забавни коментарите.

Авторот, меѓу другите, закачил и две слики со голи жени од Рубенс и Реноа и сака да направи поента (или барем споредба) за тоа како се изменил идеалот за женското тело.

(Ај да не ги врзувам сликите за блогов.)

И некој лик одлучил да искоментира:

First of all, you have no proof on whether the Rubens and Renoir represent “ideal” female form of the time, or if they were merely the only women they were able to get to pose nude

Ретко добар текст во mainstream медиумите кај нас

Tags: 

Дијалог е реципрочен разговор помеѓу две или повеќе лица.

Ивица Боцевски веќе изблогирал за неговиот најнов текст во Утринскски весник.

Чекајќи ја новата Влада

Tags: 

Ние сме прдеж држава - ми вели. Чмаеме во утробата на еден голем и сложен систем. Понекогаш предизвикуваме тегоби, понекогаш не. На излегување, пред смртта, ќе привлечеме внимание. Сигурно ќе смрди, а можеби ќе има и бука. Но, само кратко - завршува, неколку минути потоа ќе исчезнеме во заборав.

Но, добриот ручек можебо ќе се памети - одговарам.

Баш и не ми текнува наслов

Tags: 

Човек оди офлајн и почнуваат на Интернет (добро де, и по весници) манифести некакви да се пишуваат... гад-дем.

Дамјан ми раскажува опасна калакурница се десила во блогосферата.

Тоа ме натера да се потсетам на една стара порака, испратена на nettime-l, како одговор на еден манифест испратен таму:

The truth is, no one really gives a fuck about manifesting on nettime. Publishing here is free and gives you near-zero stature. Don't waste your time and my time pretending that you're publishing in highbrow magazine with "influence". If I want to read that I'll buy one.

Nettime used to have a good "have something to say/pathological impulse to publish" ratio. Generic "capitalism bad something else good" essays are FUCKING BORING. NO ONE READS THAT. MAKES YOU LOOK DUMB AND NOT BEING LAID IN MONTHS.

Заменете, nettime so блогови - и нешто друго ако треба. :)

П.С. Начекав интернет и се распишав малку изгледа...

Внимание, молам! :)

Tags: 

Сакав да додадам една референца кон два блогерски записа на blog.com.mk:

1. Оној на Ивана, во кој се жали за недостатоткот на публика (популарност на блогот?);

2. Оној на GoodBytes, во кој тој нуди некои совети за како до подобар (почитан?) блог.

Ова беше пред колку таму? Јуху, 7 дена... знам дека каснам со коментаров, во Интернет време веројатно многу повеќе од 7 дена, ама и текстов на кој што сакам да ве насочам е стар (1997), а и состојбата со Интернет во Македонија веројатно е полоша од онаа во САД во 1997, па на крајот на краиштата, може се погодени работите. :)

Било како било, тесктов се вика The Attention Economy: The Natural Economy of the Net, автор е Michael H. Goldhaber и топло ви препорачувам да го прочитате во целост. За оние мрзливите накратко станува збор за тоа зошто економијата на информации е невозможна и што е тоа што е важно на Интернет каде всушност информации има на претек. Одговорот на последново, според авторот, е еден збор: внимание.

Во продолжение на мојов блог запис, за оние средно мрзливите :), има превод на некои поинтересни моменти од текстот.

(...)

Сепак, информациите се невозможна основа за економија, заради една простапричина: економиите бидуваат управувани од она што е ретко, а информациите, особено на Интернет, ги има во огромни количества.

(...)

Уште повеќе, ако имате некаква посебна информација на мрежата, можете лесно да ја споделите со било кој што би ја сакал. Таа на никој начин не е ретка и затоа она кон што се движиме не е информациона економија. Што е поттикот во нашите животи поради кој даваме повеќе информации кога веќе и има премногу информации?

Па, насловот го издава одговорот. Има нешто друго што се движи низ мрежата, во спротивен правец од информациите. Тоа е вниманието. Значи барањето внимание може да биде поттикот кој го бараме.

(...)

Вниманието, барем она кое ни е важно, е само по себе редок ресурс.

(...)

Земете предвид еден обичен разговор. Можете да го опишете како размена на информации, но тоа освен во крајно техничка смисла, ретко е точен опис на тоа што се случува. Разговорот примарно е разменана внимание. Кога на пример велите „како си?“, по правило не сакате навистина да знаете, но ако тој/таа што го/ја прашувате одлучи да ви одговори, тоа е повеќе за да добие внимание од вас, отколку да пренесе информации. Дури и ако таа личност навистина мисли дека сакате да знаете за нејзиното здравје, со одговарањето таа се обидува да ви посвети внимание вам. И дури и ако вие навистина сакате да знаете, сепак вообичаената причина е да и посветите внимание на другата личност.

(...)

Ако она што го зборувам денес ви остави било каков впечаток, ќе ме паметите мене и можеби некоја порака некое време, а можеби и до крајот на животот. Дури и ако мислите дека тоа што го зборувам е глупаво, многу полесно ќе можете да ме следите следниот пат кога ќе ви се најдам пред очи, како и да се случи тоа. Значи, добивањето внимание не е моментална работа. Секој нареден пат додавате кон количината што ја имате и колку што е ви е поголема публиката денес, толку може да биде и поголема идната потенцијална публика.

(...)

Да речеме дека сте добиле внимание преку некој текст кој сте го испратиле на Интернет. Дали би сакале вашата публика да го копира овој текст и да го сподели со други кои можат за возврат да ви дадат внимание? Секако дека да. Би било лудо да сакате да стопирате или ограничите такво копирање бидејќи тоа ќе ве лиши од многу внимание кое можете да го добиете. Очигледно ова е област е местото каде се завојувани старата и новата економија. Така битката за интелектуална сопственост и правата за правење копии е всушност битка помеѓу изгледите на новата економија и старата, причина зошто тие двете не можат да коегзистираат за секогаш и белег на периодот на транзиција од старото кон новото.

Па, кој добива највеќе внимание на македонскиот Интернет?

Благодарам мт.ком и он.нет

Tags: 

Ова време минатата година се откажав од дајл-ап интернет. Се вратив, очигледно, заради некои е-обврски, ама еве сега пак размислувам за вадење на модемот. Цела година ништо позначајно не се смени во врска со прашањето за Интернет, цени, можности за поврзување и сл.

Ова време минатата година исто така пишував еден текст за Интернет во државава. Лајт мотивот ми беше една мисла од Тимоти Лири:

Дали не е точно дека слободата во било која земја префектно се мери со процентот на персонални компјутери во рацете на поединците?

Оваа реченица е од стар текст, од 1986 година. Сигурен сум дека ако Лири беше жив денеска ќе го речеше истото само наместо персонални компјутери ќе речеше Интернет.

Поентата која сакав да ја направам тогаш е многу едноставна: На моќниците во нашата држава (владата, големите компании, политичките партии...) им одговара низок процент на пенетрација на Интернет, (а земајќи ги предвид високите давачки за хардвер, и (релативно) низок процент на персонални компјутери во земјава) од едноставна причина што тоа значи помалку слобода за граѓаните.

Интернет е свет на краеви. И во ситуација кога средствата за комуникација внатре во земјава (не можете да отидете никаде со воз, јавниот превоз не чини, бензинот е скап), а и на релација дома-странство се никакви (визи за сегде, а често забранети влез и во земји за кои не треба виза (види Хрватска)), Интернет може да биде нашата дупка за влез во чудесниот свет на... сè. Исто така, мрежата можеме да ја користиме за соработка. Ако веќе не можам да патувам низ земјава, едно WikiWiki на Интернет може да биде одлу(и)чен дом за сеќавање на нови луѓе и мислења и остварување на соработка, соработка која (и сега ќе бидам малку оптимист) можеби ќе вроди со нешто што ќе ја турне земјава кон подобро, притоа земајќи дел од моќта на пашите. И овде не мислам на некаква политичка револуција бла бла бла, туку баш на избегнување на тие работи и креирање вредност која ќе донесе дополнителен квалитет во нашето секојдневие. Нешто во смисла на она што еднаш го имам прочитано од Линус Торвалдс, дека тој (со развојот на Линукс) нема намера да го уништи Мајкрософт - тоа би бил само ненамерен спореден ефект (цело интервју, NYT).

Значи уверен сум дека тоа што немаме доволно Интернет е свесна одлука.

И сега назад на Тимоти Лири. Човеков има пишувано многу за слободата, авторитарните режими, мислење со своја глава итн. Цитат, 1990 година:

Горбачов беше вчудоневиден кога дозна дека голем дел од советската младина, по добивањето на слобода на печатот, повеќе беше заинтересирана за НЛО-и, панк-рок, астрологија и хашиш одошто за политички прашања.

Не знам што се случило подоцна со советската (сега руска, украинска... итн.) младина, ама прилично сум сигурен дека употребата на Интернет во земјава е отприлика на ова ниво. Дури и моментално жешките места изобилуваат со работи кои се sidestepping од политичките прашања. Општиот квалитет можеби не е нешто посебно висок, но може да се најдат и некои корисни дискусии, како и иницијативи за остварување на некои повисоки цели (кои не ми се допаѓаат многу-многу). Но, сè на сè, мислам дека добри работи се случуваат на македонскиот Интернет, земајќи ги предвид ограничувањата.

Прашањето што останува е кога ќе имаме малку повеќе слобода? Викендов е викенд на бесплатен дајл-ап Интернет и заради тоа им благодарам на мт.ком и он.нет. (Секако јасно ми е дека тие ова го прават од чисти бизнис побуди.) После долго време успеав на раат да искликам повеќе хипер-врски од вообичаено, да направам catch-up, да видам што се случува - и богами има што да се види, полно работи се случуваат. Но, ова завршува денес на полноќ и се враќа стандардната шема на мала/ограничена слобода. Така, до крајот на месецов најверојатно ќе го извадам модемот, а за да останам во тек, ќе нарачам некои книги, ќе читам така офлајн и ќе чекам некој да даде одговор на горното прашање.

На крај оставам уште една мисла за македонската блогерска заедница (која сака да порасне и да се надрасне) и другите чинители на нашиов Интернет. Повторно веќе цитираниот чичко:

If you write stoned, edit straight. If you write straigth, edit stoned.

RE: To copy-protect, or not to copy-protect?

Tags: 

Сакав да напишам збор два за судската потврда на Creative Commons лиценца во Холандија, ама вниманието ми го одвлече еден запис (мртва врска) на блогот tb.polygonized.com (стигнав до таму преку Реф).

Имам два проблеми со овој запис.

1. Човекот зборува за пиратски софтвер. Денес јас и Дамјан потрошивме пола час во објаснување дека зборот „пират“ и неговите деривати се однесуваат на напаѓање на бродови на отворено море, а не на споделување софтвер со пријателите. Не го користете зборот „пират“ во контекст на софтвер.

2. Системите за заштита на копирање често знаат да бидат над Законот за авторски права. Некои од овие системи ја спречуваат и фер употребата на авторски дела. Лоренс Лесиг има зборувано многу за ова и тоа токму за Сони Аибо кученцата споменати кај Реф.

Мојот совет за индустријата на игри: време е да се приклучите на FLOSS кампот.

Ебен Моглен за софтверските патенти

Tags: 

Во интервју за zdnet (мртва врска), од 15 март 2006, Ебен Моглен, главниот правник на FSF објаснува што точно не е во ред со софтверските патенти:

Патентите, за разлика од авторските права, ги контролираат идеите, а не изразувањето. Душтата на движењето за слободен софтвер е повторна имплементација на фини работи кои ни текнале, без разлика како сме ги научиле или каде сме ги пронашле; и во светот на авторските права нема ништо лошо во ова. Можете повторно да имплементирате, опишете или изразите сè што сакате како што сакате. Кога пишувате сторија за весници или сторија за некоја веб страница, прашањето не е: Дали известувате за нечии туѓи вести? Прашањето е: Дали напишавте сопствена приказна?

Замислете свет во кој вестите се поседуваат на таков начин што, штом еден човек ќе извести за нешто никој друг не може да извести за истото во наредните 20 години бидејќи првиот човек кој известил ги поседува вестите. Ова е проблемот кој законот за патенти му го наметнува на софтверот.

Мухамед и планината

Tags: 

Денес (14.03.2006) јас и Дамјан требаше да одржиме предавање на тема слободен софтвер and beyond на Правниот факултет за студентите од прва година студии по новинарство. Нашето предавање беше одложено. Причината беа двајца гости од САД, новинари кои зборуваа за слободата на говор и одговорноста на медиумите. Ние се сложивме да го преместиме предавањето за идниот вторник и отидовме да видиме што Рене Каплан од CNN и Том Дауни од NYTimes и Rollingstone имаат да кажат. По „службена должност“ на предавањето дојдоа и сите студенти кои требаше нас да не слушаат.

Американциве беа кратки. Зборуваа по околу 5 минути и потоа се надеваа на прашања од публиката - а тоа баш и не се случи. Јас си мислев дека младиве новинари ќе ги посипат со прашања луѓево. Дошле искусни новинари од странство, знаат полно работи за тоа како функционира тој бизнис, работеле сериозни работи и во влијателни медиуми - човек ќе си рече прилично добра прилика за да се ќари нешто повеќе знаење. Но, џагорот од публиката и фактот што јас, Дамјан и нашиот домаќин Миша поставивме 90% од прашањата (и ја спасивме дискусијата :)) некако ми ја потврди тезата дека најголем број од студентите и не се заинтересирани за студиите на кои се запишани.

Попладнево, ние тројца плус Игор млатевме прилично празна слама на темава: зошто луѓето одат на факултет, дали се добри студиите, дали електронската евиденција е оправдана, која е улогата на професорите и родителите итн. (и може некој од нив ќе блогува нешто околу ова).

Но, она што ме мотивираше мене за овој (по се изгледа долг) блогерски запис е коментарот/прашањето на една студентка кој откри некаков анти-американизам, ксенофобија, национализам или нешто слично и кој наиде на одобрување (аплауз) од публиката (или оној нејзин дел кој не си играше со мобилните телефони).

И мислам за ова последниве неколку часа колку што сум дома. Прво не се сеќавам дека на тие години (19) јас сум имал слични ставови (предрасуди?) за американци (или било кои други) иако секојдневието ми било веројатно подеднакво исполитизирано. Второ не можам да поверувам во прикажаната игнорантност и тоа на возраст кога љубопитноста би требала да биде на највисоко ниво. Трето, ова се идните новинари, на некој начин идните „opinion makers“. Каква иднина не чека тогаш?

Еве сме. Дрндаме по блогови, мафтаме со национални стратегии за е-ова и е-она, грабаме кон ЕУ и немаме поим што се случува во главите на нашите тинејџери затворени во плитката бара - македонското општество.

Како кец на десетка ми доаѓа една приказна која ја чув пред некое време. Во неврзан разговор еден ром жали за распадот на СФРЈ. Причината поради која тој жали е отсуството на војници од ЈНА од другите републики на нашава територија. Имено, вели човеков, кога тие биле тука во војска и кога ќе дошле до прашањето секс, изборот често паѓал на девојки од ромско потекло. Ова често водело до (веројатно несакана) бременост, но исходот и не бил така лош. Се мешале и се раѓале побелени деца вели човекот. Сега таа морфолошка карактеристика, очигледно значајна за носталгичниот ром, се изгубила.

Па, прашувам: кој е крив што граѓаните на Македонија седат затворени и не можат да се мешаат никако и со никого?

Не можеме да патуваме (ете, Дамјан ќе потврди дека не можеме ни до Хрватска да одиме). Но, зошто да не повикаме луѓе да дојдат овде? Сите земји имаат визи за нас? Зошто ние да не им возвратиме со укинување на нашите визи за нив? По секоја мерка сме премногу малечки и никако не можеме да си го дозволиме луксузот на самодоволност. И ова можеби е најдобрата причина зошто ни треба (ефтин) интернет и (ефтини) компјутери. Не за е-влада, не за е-услуги, туку за идеи, за проток на информации, за отварање на очите и ширење на перспективите.

Слично како поговорката со Мухамед и планината. Ако веќе не можеме да одиме никаде (од политички, економски или други причини), барем да работиме на тоа светот да доаѓа кај нас (сеедно дали преку влез на луѓе од сите страни или бајти од сите страни), и кога ќе дојде да зборуваме, да мислиме, да прашуваме - бидејќи вака, сами, дефинитивно ќе се изгубиме.

Pages