дебати

Undefined

За името

Tags: 

Еве нешто за вредните политиколози на македонската блогосфера.

Читајќи службени весници најдов нешто што ми се чинеше интересно. Ако го видите случајниот избор на закони подолу (од тоа што го има на Интернет) ќе видите дека во времето на СФРЈ претседателот се потпишувал како Претседател на Републиката, додека во времето на Р. Македонија, додадено е и името Македонија.

Случајни претседателски укази

Се прашувам зошто е ова вака? Дали е случајно? Дали има некакво поинакво значење кога ќе се каже Претседател на Републиката наместо Претседател на Република Македонија? (Лесиг, на пример, во своите предавања најчесто кога зборува за САД вели Републиката.) Дали Република е поважен дел од Македонија во името Република Македонија? Дали Македонија навистина е Република или само се вика Република Македонија?

Коментари (ако некој баш сака тука).

Ново: Киберкотлето ја свари чорбата: врска. Ги чекам Шепард и Владо. :-)

Нелсон Мандела

Tags: 

Притворањето на Владо Бучковски покрена многу прашања. Жарко прибележа некои од нив: врска. Во целата приказна јас, под влијание на приказните за американскиот устав, сум заинтересиран за вредностите кои нашиот устав ги промовира. Исто така загрижен сум што прашањето за правата на граѓаните се појавува во медиумите со апсења на познати личности, додека правата на анонимните граѓани ги газеле сите влади до сега, а за тоа никој не реагирал. За жал сите граѓани не си ги знаат своите права. Ова се важни теми за дискусија, но сакам да се вратам на насловот.

Нелсон Мандела го запознав пред многу години во реклама за The Economist како објаснува дека научил многу работи читајќи го весникот во затвор. Демек, чуварите му го давале, а не знаеле дека му даваат моќна образовна алатка... реклама. Нема да го цитирам текстот за Мандела во Википедија. Она што сите веројатно го знаат е дека неправедната репресивна бела влада во црната држава го има стрпано во затвор. Тој таму лежи триесетина години, излегува и станува претседател... се дружи со Боно, добива Нобелова награда... итн.

Размислете за нашава ситуација. Можеби нашата влада е неправедна и репсресивна. Сака да им се свети на политичките противници, да прави медиумски спектакли. Владо Бучковски е невин и сето ова е местенка. Но, Владо Бучковски не е било кој. Тој е професор и поранешен премиер и претседател на политичка партија. Тешкаш во својата категорија. Секако, на обичниот човек Владо Бучковски треба да му биде непријатно и лошо од самата идеја што неговата држава станала таква и што го бута во затвор, ама на политичарот Владо Бучковски треба ова да му биде повод (под претпоставка дека причините веќе ги има доволно на број) за отварање на широк фронт за борба за подобра Македонија. Од затворот. Без имунитетот. Бидејќи како што вели Henry David Thoreau:

Under a government which imprisons any unjustly, the true place for a just man is also a prison... the only house in a slave State in which a free man can abide with honor.

Но мислам дека на сите ни е јасно дека во Македонија нема политичари од ковот на Нелсон Мендела. Нема ни од ковот на блискиот Методија Андонов Ченто со кој во последно време многумина од нив се маваат во гради. Да завршам со уште еден цитат, овој пат од популарната кулутра:

You fight the fights you can win? You fight the fights that need fighting!

За жал во Македонија се водат само битките кои може да се победат. И тоа била доминантна одлика на сите досегашни влади и опозиции во нашата држава.

Социологија на здружувањето III или неколку начини како да станете дел од заедницата и зошто нема да го направите тоа

Tags: 

Забелешка: Почнав да го пишувам текстов утринава. Во меѓувреме се случија некои други работи поврзани со оваа тема како на пример дискусијата на листа и http://wiki.lugola.net/За_заедницата. Овој текст не е одговор на тоа.

До сега пишував за тоа дека придружувањето во заедницата на корисници на слободен софтвер не е така лесна работа, како што вели поговорката не е „брцни прачка, пиј вино“. Има некои правила како сето тоа функционира без разлика како тоа може да му изгледа на некој од надвор. Исто така, пишував за тоа дека ако некој не е задоволен од тоа како (изгледа дека) функционираат работите, а силно верува во слободниот софтвер, може да отпочне свој потфат кој, ако се покаже како подобар, ќе ја помножи со нула сегашната нездрава пракса на заедницата.

Овој текст (сите три всушност) не се за оние кои навистина сакаат да помогнат (тие веќе тоа и го прават и не чекаат покана) и да станат дел од заедницата (тие веќе се дел). Овој текст е за другите.

Можете да почнете со тоа што ќе ја промените лиценцата на вашиот блог или друга содржина на Интернет. Ако за содржините на вашиот блог сите права ви се задржани или пак користите некоја неслободна лиценца (како на пример http://creativecommons.org.mk - cc-nc-nd), тогаш тешко ќе и пристапите на заедницата која користи слободен софтвер и се залага за слободна култура. Ако се сложувате со ова и ви требаат повеќе информации тогаш посетете ја http://freedomdefined.org/ и видете детали за лиценците.

Втората работа што можете да ја направите е баш нешто да сработите: на пример, ни требаат ловци на бубачки. Ако ви е тешко да сфатите како функционира системот кој го користиме и таму да ги пријавиме грешките, еве, пишете ми мене со грешките кои сте ги пронашле и јас ќе ги пратам до местото кај што треба.

Ако сепак барањето на грешки во преводите не е баш она што ве интересира, пријавете се да одржувате некој превод. Тогаш ќе се најде некој друг да пријавува грешки кај вас.

Still not your cup of tea? Погледајте ја листата со работи што треба да се направат. Има таму за секого по нешто. Сигурен сум дека барем едно ќе ви фати око.

Сигурно нема да направите ниту една од вие работи, бидејќи едноствано не ви е гајле. И јас сум ОК со тоа. Што е - тука е.

Голем поздрав до сите! :)

Социологија на здружување II или зошто е важно што прават тие од слободен софтвер

Tags: 

На почетокот софтверот беше слободен. Малку подоцна корпорациите сфатија дека може да прават монопол и го заробија. Тогаш, РМС рече дека ќе направи слободен оперативен систем кој сите луѓе може да го користат.

Ако РМС беше блогер (чиста среќа што тогаш немаше блогови), наместо да прави оперативен систем, веројатно ќе напише: Вие од коропорациите, вие вакви, вие онакви, мамицата...

Да, лабав е примерот. Сите што знаат барем малку кој е и што е РМС знаат и дека немало шанси такво нешто да се случи. Тој човек, кога видел дека не чини, се зафатил за работа за да го направи подобро.

Затоа, денес се прашувам, зошто по ѓаволите ви е важно дали ние од слободен софтвер сме си направиле анти-реклама, сме се закопале самите себе, сме си извршиле самоубиство од заседа или --вметнете го вашиот омилен опис овде--.

Објективно, нема зошто било кој да биде заинтересиран за 2С.мк и луѓето во неа ако тие се арогантни, самобеднисани или --вметнете го вашиот омилен опис овде--. Проста е причината за ова. Не треба никој да се грижи за луѓето, треба да се грижиме за слободата на софтверот.

Па ако 2С.мк е навистина срање, а има толку многу поддржувачи на слободниот/отворен/бесплатен софтвер со слободен/отворен/бесплатен код, кои ние од слободен софтвер не ги земаме ни под разно, зошто тие поддржувачи не се здружат околу идејата која ја делат и направат на пример Слободен софтвер Вистинска или „Сподели знаење, ама како што треба“? Здружувањето во Р. Македонија е дозволоено, ние од слободен софтвер немаме трејдмарк на името, па навистина нема пречки да победи подобрата опција.

Зошто ако 2С.мк е толку срање сите тие подржувачи на слободниот/отворен/бесплатен софтвер со слободен/отворен/бесплатен код одлучуваат да исправаат криви дрини по блогови, наместо да се зафатат со работа?

Мојот одговор e дека да се работи е многу тешко. Треба да се чита досадна документација, долги текстови, да се преведува, кодира итн. Полесно е да се паламуди по блогови од удобната позиција на „независен известувач кој има знаење за темата, но нема никаков интерес за неа“. Така се стекнува популарност и се фаќа добар сеир. Ова ми личи на некаков синдром на мене, но не сум сигурен кој е тој точно.

Не се сложувате со мојот одоговор? Напишете ми порака со вашиот. Ќе го објавам тука веднаш под мојот и ветувам дека на најдобриот ќе му оставам барем еден коментар на неговиот блог, за да му ја зголемам популарноста.

Социологија на здружување или што да правите со вашите пријатели од слободен софтвер

Tags: 

Пред 3-4 години кога истражував како да се преведе Мозилата (верувајте прилично заебано се преведува) наидов на една страница за проектот Феникс, зачетокот на Firefox. И читам на страницава нешто таму, им требале луѓе, кодери, а-у, во смисла: ако сакате да помогнете, помогнете, приклучете се, ете ви го кодот, снајдете се, ако не фак оф. Имаме многу работа, не можеме да ве држиме за рака како дете. И толку. За Firefox. Ова е добар пример, запаметете го.

Имавме flame war. За тие што не знаат: Flaming is the act of sending or posting messages that are deliberately hostile and insulting, usually in the social context of a discussion board on the Internet. Such messages are called flames, and are sometimes posted in response to flamebait. (http://en.wikipedia.org/wiki/Flame_war). Додека: Flamebait is a message posted to a public Internet discussion group, such as a forum, newsgroup or mailing list, with the intent of provoking an angry response (a "flame") or argument over a topic the troll often has no real interest in. (http://en.wikipedia.org/wiki/Flamebait). Кај нас во игра беа блоговите, но тоа суштински не менува ништо.

Понатаму: Flaming is said by some to be one of a class of economic problems known as The Tragedy of the Commons, when a group holds a resource (in this case, communal attention), but each of the individual members has an incentive to overuse it. Flamers usually call their flames justified attacks. Тоа што општото (communal) внимание беше затрупано со срање, предизвика некои важни теми да останат на страна, незабележани. На пример: http://kiberkotle.net/2007/06/letter-to-cc-mk. И тоа е башка тема за дискусија. Исто така, благодарение на флејмот, одлучив да си додадам ЧПП на блогов. :)

Е сега, има едвај две работи за кои што јас мислам дека треба да се дискутира, а кои се провлекоа низ срањето. Едната е замислата за „македонскиот синдром“. Искрено не се сеќавам кај го прочитав тоа, но инстиктот ми кажува дека тука има една мала, но добра приказна. Сепак, нема сега да се занимавам со неа. Некако времето не и е дојдено. Ќе почекам додека соберам соодветни податоци.

Втората е прашњето за заедницата, или како што вели Би: „За џабе вие зборувате за споделување, слобода и соработка кога вашето комјунити за другите луѓе изгледа затворено за соработка, самобендисано и арогантно“.

За мојов експеримент ќе ја земам реченицава само со неколку празни места: За џабе вие зборувате за xxxxx, кога вашата заедница за другите луѓе изгледа xxxxx“.

Прилично сум убеден дека оваа реченица може да важи за секоја социјална група. Веројатно има заебани теории во социологијата за тоа како фунцкионираат заедниците и како некој станува дел од некоја заедница, како се приклучува, како се исклучува и сл. А она во што сум сигурен е дека можам реченицава да ја искористам за, на пример, да ги критикувам блогерите: За џабе вие зборувате за интернет новинарство, блогирање и информирање на јавноста, кога вашата заедница за другите луѓе изгледа аматерска, полна со детски теми и несериозна.

Исто така можам да ја искористам за да ги критикувам сите корисници на Интернет: За чабе вие зборувате за слободен проток на информации, p2p и размена на култури, вашата заедница за другите луѓе изгледа на друштво на пирати, сурфери на порно и луѓе кои денгубат по форуми.

Можеме да дебатираме зошто различните заедници изгледаат така и да спориме дали се или не се такви. Но, можеме и да го прифатиме тоа и да продолжиме понатаму. Кога блогерите имаат собир и кога јас ќе дојдам (а јас не се чувствувам баш како блогер и како дел од таа заедница - Дарко може да потврди), мене таа група, заедница „ми изгледа некако“. Исто, „некако ми изгледа“ и НМП на нивниот собир, иако повеќе луѓе од таму ми се добри пријатели и сум член на нивната поштенска листа. Слично е и со мк.Википедија, иако таму сум придонесувал содржини.

Значи мора да постои еден чекор плус што треба да го направи за да стане член на некоја заедница. Јас сакам да кажам дека сите кои користат слободен софтвер се дел од заедницата, но тоа не е баш така. Жалам навистина. Работите не функционираат така. Не е дека „ние од слободен софтвер“ така сакаме. Едноставно општеството така вели. Јас би сакал тоа да се смени, но веќе имам една општествена револуција со која се занимавам, па ова ќе мора некој друг да го прави.

И што да правиме сега? Сакате да бидете „дел од заедницата“? Ќе мора да направите нешто повеќе. 2-3 текста за слободен/отворен/бесплатен софтвер на вашиот блог не се доволни. Не е доволно ни да користите Firefox или Ubuntu. Ако сакате навистина да станете препознатлив дел или почитуван член од заедницата ќе морате да направите уште некој чекор.

Ако не сакате, тогаш првата опција е да си ќутите. Така правам јас кога не ми е премногу важно дали сум или не, на пример, дел од „блогерите“. Не ги изнесувам моите или туѓите предрасуди за тоа „како изгледаат тие“. Втората опција е да мрчите, дека „тие од слободен софтвер се вакви или онакви“. Тогаш правите flamebait и се случува срање.

Три месеци Авангарда

Tags: 

Вчера го купив најновиот број од магазинот Авангарда. Ова е третиот број. Првиот го купив дека е прв, вториот за да му дадам поддршка на Зоран, третиот за да видам дали ќе продолжам да го купувам.

И навистина, првиот број пријатно ме изненади со убавиот изглед. Она што веднаш може да се види е дека тимот кој работи за Авангарда посветува големо внимание и вложува многу труд во дизајнирањето и изгледот на списанието.

Јас не сум некој експерт за брендови, но ми се чини дека тоа што одбрале (барем до сега) да имаат исти насловни страници (со половина од женски лик), е добар трик. Списанието добива препознатлив изглед.

Она што некако ме разочара во првите два броја беше содржината. Едноставно не најдов нешто што можам да прочитам, што доволно ќе ме заинтересира. Во третиот број го барав токму тоа. Но, ново изненадување при првото фаќање на списанието во рака. Последниот број е значително потенок од претходните, што со оглед на истиот броја на страници значи помалку квалитетна хартија. Не дека хартијата е пресудна за успехот на еден печатен медиум, но ми се чини дека промената од повисок кон понизок квалитет на хартија може да биде знак на финансиски потешкотии. Ако тоа не е случај, тогаш прилично е глупаво да ја менуваш хартијата после 2 броја.

Во однос на содржината - еве некако се фатив како прочитав повеќе страници од списанието. Сепак ми останува чувството дека тоа не е тоа. Во основа имам два проблема со содржината (не броејќи ги страниците посветени на фотографии од храна и сл.): 1. најголем број од текстовите може да се прочитаат и во други печатени медиуми во даден момент. Не сум гледал телевизија одамна но знам дека САФ имаат некоја нова емисија и спремаат албум. Сигурно оваа тема ќе ја покрие и Теа и додатоците како Антена или Викенд. А да бидеме реални нема некои посебно спектакуларни прашања што Авангарда може да ги постави, а Теа или другите не можат; и 2. (како што разговарав со моите пријатели) списанието на поставува прашања. Некако недостасува оштрица која ќе сече таму-ваму.

Навистина не знам која е мисијата на списанието и не знам која е целната публикаа, а ми се чини дека јас не сум дел од неа. Повеќето работи што се внатре, сум ги видел, прочитал, разгледал на Интернет. Она што го сакам од печатено списание од ваков калибар е некаков поинаков поглед, поставени прашања, критички осврт на тоа што ни е достапно. На пример, читајќи го текстот на Дарко за МајСпејс во бр. 2
некако ми дојде да допишам пасус-два за општествените импликации на МајСпејс и другите места за социјално вмрежување.

Па, дали ќе продолжам да го купувам магазинот? Веројанто ќе му дадам уште една шанса на есен.

Хеј... додека го допишувам ова почна Бушава азбука на МТВ1. Секоја чест. :)

Во СССР листата се претплатува на тебе

Tags: 

Размислував долго за тоа дали да напишам уште еден follow-up а случајот
„поштенски листи“ - и очигледно одлучив да напишам. Пред тоа сепак неколку
пати ги прочитав претходните записи: мојот и тој на Филип.

Мене ми се чини дека прашањето што е пред нас е: небарана/несакана пошта или спам (ако грешам, поправете ме). Накратко, Филип во порака на листа чија архива веќе не е достапна за оние кои не се претплатници спорел за тоа дали некој смее да го претплатува на листа без негово знаење. Јас го искористив тоа за да потенцирам дека истото мене ми се случило со претплата на поштенска листа на организацијата каде што работи Филип. Тој потоа одговори со запис кој многу малку го третира ова прашање, туку повеќе се занимава со некои други работи (што може да биде тема за некое друго пишување).

Сепак, она што сепак може да се прочита од записот на Филип, а што е релевантно за дискусијата е дека постоела листа:

На таа мејлинг листа „на времето“ (далечната 2005 година)...

- за што нема ништо спорно (и јас ја чувам архивата).

Потоа дека листата била неактивна:

Мејлинг-листата во меѓувреме беше неактивна и никој од Метаморфозис не ја употребувал.

- за што исто нема ништо спорно (не сум добил нова порака од 10.01.2006 година).

Дека провајдерот правел надградба на софтверот:

Интернет-провајдерот каде што е хостирана мејлинг-листата баш денес инсталира/реконфигурира нови системи за е-пошта, што е веројатно причината за реактивација на листата - со автоматска порака.

Тезата на Филип е дека пораките кои што стигнаа во моето сандаче (важно бидејќи претходно никаде не пишувам дека стигнале на било кое друго место, како што тврди Филип во својот запис), се од истата таа поштенска листа, која постоеше 2005/2006 година, а која тој суден ден била надоградена од интернет провајдерот каде е хостирана.

Ова е тоа со кое што јас не се сложувам. Пораката што ја добив на 27.03.2007 год. е од друга поштенска листа (која можеби само во дел го преземала името од претходната). Како знам? Филтрите за е-пошта што ги имам ми кажаа - не ја ставија новата порака во иста папка со претходните (оние на кои се повикува Филип). Хедерите на пораките не се исти: пораките не доаѓаат од ист сервер (старите се од wsmg.sonet.com.mk [212.120.1.60], а новите од hamurabid.sonet.com.mk [212.120.16.70]. Софтверот на кој работи листата не е ист: стариот не ми е познат, а новиот е Mailman (X-Mailman-Version: 2.1.5), и колку што знам не е возможна некаква автоматска миграција од еден на друг ваков софтвер.

Значи, човечка рака веројатно била вклучена: некој ги земал адресите од едната листа и ги ставил во другата листа и некаде кликнал на „YES“ или „OK“ за да биде испратена автоматската порака. Ако тоа биле луѓе од Метаморфозис, тогаш да го цитирам пак Филип од неговата порака на НМП листата:

5. Тоа што мојата адреса е објавена на мојот блог или на официјалниот ми веб-сајт , не значи дека може да се приклучува во мејлиг-листи без моја согласност. Капиш?

Се надевам овде може да се додаде и тоа дека тоа што адресата е на една листа, не значи дека автоматски може да биде на друга листа.

Ако не биле луѓе од Метаморфозис, тогаш да не зборувам за тоа што јас адресата сум ја дал тогаш (во 2005) на Метаморфозис, а не на интернет провајдер кој ги хостира нивните листи (ама, признавам не знам дали и како ова е решено со Закон или што).

На крај, дури и да го прифатам тоа што Филип го вели - дека тоа е една иста листа само надградена, сепак мислам дека во рамките на некаков бон-тон е да се известат претплатниците во врска со тоа. Така направивме ние (Слободен софтвер Македонија, заедницата на корисници на слободен софтвер) на времето (во 2003 година) кога старата LUG листа (која веќе не е на Интернет - но и тие архиви ги чувам, па еве можам да проверам), поради технички причини ја заменивме со новата ossm-members листа.

Се друго е шум.

П.С. Можеби му должам извинување на Филип поради тоа што ја употребив неговата порака на НМП листата за да ги критикувам активностите организацијата каде што тој работи, но мислам дека тоа (заедно со насловот на мојот претходен запис кој може да предизвика мала забуна) беше важно за да им се даде контекст на работите. Се разбира, јасно ми е дека личните ставови на еден човек може да не бидат во согласност со ставовите на организацијата каде што истиот тој работи, иако веројатно може да се спори колку тоа е дел од приказната на непрофитниот сектор... но, сето тоа е надвор од темата (и можеби ќе биде згодно за некој друг запис). Впрочем јас никаде не велам дека Филип земал учество во оваа приказна со поштенските листи, така што - тоа е тоа.

Eat your own dogfood

Tags: 

Насловот на записов е чест во светот на софтверот. Во основа значи дека програмерите на некој софтвер и самите го користат софтверот што го развиваат.

И Википедија вели: „To say that a company "eats its own dog food" means that it uses the products that it makes.“ (Врска.)

Во нашата традиција веројатно попозната е една поговорка што ми се чини воглавно се однесува на поповите: „Не гледај што правам, слушај што зборувам.“, и што очигледно е со спротивно значење од оваа англискава.

Така, пред некое време Филип му зборувал на Дамјан за некој инцидент со некоја поштенска листа. Приказната, да не ја раскажувам, ја има на Интеренет (врска - update: 28.03.2007 - архивата на НМП листата веќе не е достапна јавно, т.е. достапна е само за претплатници на листата.), прочитајте ја. Станува збор за листата на link НМП на која Филип бил претплатен без да сака/знае. Цитат:

(...)

2. Мејлинг листи со опт-аут функција каква што сакаш да воведеш, не се препорачани од ЕУ. ЕУ препорачува опт-ин листи: членовите сами да изберат да влезат, а не некој да го направи тој избор за нив, па потоа да молат да излезат. Неследењето на препораките преточени во национални закони повлекува парични и затворски казни. Корисен линк <http://www.spamlaws.com>.

(...)

5. Тоа што мојата адреса е објавена на мојот блог <http://razvigormk.blogspot.com> или на официјалниот ми веб-сајт <http://filip.stir.org>, не значи дека може да се приклучува во мејлиг-листи без моја согласност. Капиш?

Дури ни на мајлинг листи од сајтови за кои сум се изразил пофално јавно, на пример во рецензија на „Сајт на денот" и слично.

Благодарам на вниманието,
Филип Стојановски
(своерачно)

Овие ми се двете поинтересни точки. :)

И, да се вратам во денешно време... палам компјутер денес и гледам сум добил порака од некоја нова поштенска листа:

Welcome to the Lokalizacija_metamorphosis@metamorphosis.org.mk mailing list!

To post to this list, send your email to:

lokalizacija_metamorphosis@metamorphosis.org.mk

General information about the mailing list is at:
http://mail.metamorphosis.org.mk/cgi-bin/mailman/listinfo/lokalizacija_m...

...итн.

Јас не сум се претплатил сам на листава која ја води Метаморфозис, организацијата каде што работи Филип. Претплата ми траеше неколку часа. Набрзо откако ја видов пораката ја откажав претплатата.

Сега размислувам за тужба против Метаморфозис, но си мислам и да им дадам неколку дена да одговорат со понуда за вонсудска спогодба. А за Филип, не знам зошто тој како свесен и одговорен граѓанин, но и како еден од поглавните луѓе во Метаморфозис, не обратил поголемо внимание на активностите на неговата организација и/или неговите колеги. Се надевам само дека тој лично не е вмешан во овие активности на Метаморфозис.

Update: одговорот на Филип.

Pages