Социологија на здружување II или зошто е важно што прават тие од слободен софтвер

Tags: 

На почетокот софтверот беше слободен. Малку подоцна корпорациите сфатија дека може да прават монопол и го заробија. Тогаш, РМС рече дека ќе направи слободен оперативен систем кој сите луѓе може да го користат.

Ако РМС беше блогер (чиста среќа што тогаш немаше блогови), наместо да прави оперативен систем, веројатно ќе напише: Вие од коропорациите, вие вакви, вие онакви, мамицата...

Да, лабав е примерот. Сите што знаат барем малку кој е и што е РМС знаат и дека немало шанси такво нешто да се случи. Тој човек, кога видел дека не чини, се зафатил за работа за да го направи подобро.

Затоа, денес се прашувам, зошто по ѓаволите ви е важно дали ние од слободен софтвер сме си направиле анти-реклама, сме се закопале самите себе, сме си извршиле самоубиство од заседа или --вметнете го вашиот омилен опис овде--.

Објективно, нема зошто било кој да биде заинтересиран за 2С.мк и луѓето во неа ако тие се арогантни, самобеднисани или --вметнете го вашиот омилен опис овде--. Проста е причината за ова. Не треба никој да се грижи за луѓето, треба да се грижиме за слободата на софтверот.

Па ако 2С.мк е навистина срање, а има толку многу поддржувачи на слободниот/отворен/бесплатен софтвер со слободен/отворен/бесплатен код, кои ние од слободен софтвер не ги земаме ни под разно, зошто тие поддржувачи не се здружат околу идејата која ја делат и направат на пример Слободен софтвер Вистинска или „Сподели знаење, ама како што треба“? Здружувањето во Р. Македонија е дозволоено, ние од слободен софтвер немаме трејдмарк на името, па навистина нема пречки да победи подобрата опција.

Зошто ако 2С.мк е толку срање сите тие подржувачи на слободниот/отворен/бесплатен софтвер со слободен/отворен/бесплатен код одлучуваат да исправаат криви дрини по блогови, наместо да се зафатат со работа?

Мојот одговор e дека да се работи е многу тешко. Треба да се чита досадна документација, долги текстови, да се преведува, кодира итн. Полесно е да се паламуди по блогови од удобната позиција на „независен известувач кој има знаење за темата, но нема никаков интерес за неа“. Така се стекнува популарност и се фаќа добар сеир. Ова ми личи на некаков синдром на мене, но не сум сигурен кој е тој точно.

Не се сложувате со мојот одоговор? Напишете ми порака со вашиот. Ќе го објавам тука веднаш под мојот и ветувам дека на најдобриот ќе му оставам барем еден коментар на неговиот блог, за да му ја зголемам популарноста.